Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Македонија Швајцарија на Балканот

БЕЛЕШКИ

Пред триесет години со голем восторг и возбуда беа пречекани 14-те точки на претседателот Вилсон за уредувањето на светот. По благата вест на Христос, којзнае дали друго послание побудило толку надеж. Тоа покажуваше дека довербата на човештвото во современиот политички систем и практика е силно разнишана.

Од тој момент наваму работите не само што не се подобрија, туку во многу нешта дури се влошија. По разурнувањата на Втората светска војна и појавата на големи разочарувања, општественоста мора да има поточни оцени, посебно во врска со несовршенството на европската политика и дипломатија. Ако не друго, овие разурнувања и жртви барем треба да поттикнуваат кон размислувања и барање на безбедни патишта за идните денови. Дали постои сомнение дека до таквиот хаос не дојде, пред сe, поради политички грешки?

Кога народите ќе ја изгубат својата верба во една политика, повеќе од јасно е дека таа го доживеала својот банкрот. Во таков случај само дела би им ја вратиле одново вербата во неа.

Овде се зборува за една од големите грешки што се сторени на Балканот - грешката во врска со Македонија. Оваа земја е мала, но нејзиното прашање е познато уште од древнина. Притоа, современата општествена заедница знае за Македонија, пред сe, поради нејзината ослободителна борба.

За суштината на таа борба, за вистинските стремежи на македонското население, меѓутоа, цивилизираното општество знае сосем малку; а и многу работи ги знае изопачено. Најчесто не се зема во предвид, не се забележува токму тоа што е најважно, трајно и спасително во македонското движење - неговото становиште за независност на земјата, помирлива формула за балканските народи.

Идејата за слободна и независна Македонија е толку голема; правдата. за којашто македонското население се бори, така очигледна; самата борба така сеоддајна и идеалистички водена; објективните странски познавачи на вистината за Македонија толку авгоритетни и многубројни што за секој чесен човек е лесно да ја разбере таа вистина, а заедно со тоа и големината на непријателските аспирации кон Македонија.

Ние длабоко веруваме дека балканското братство ќе се оствари. Најмногу жртви за него даде храброто население на Македонија. И денес тоа, можеби повеќе отколку никогаш досега, со возбуда очекува да триумфираат прокламираните од големите западни сили принципи, кои потполно совпаѓаат со македонските стремежи. Најдревната држава на Балканот - Македонија, без сомнение, ќе воскресне одново. Нејзиното население не може да биде оставено и натаму бездомно во сопствениот дом. Неговата волја за живот и делување не само што не е умртвена поради незгодите, туку обратно - таа е засилена. Сите жители на Македонија, како и прогонетите нејзини синови во туѓина, веруваат дека се ближи денот, кога општестеените заедници конечно ќе бидат поставени врз хумани основи при што само во животинското царство ќе останат примери за тоа како посилните ги јадат послабите. Не стане ли така, тажните борби меѓу луѓето ќе продолжат. Притоа, тие ќе станат уште поопасни, кога, во блиска иднина, на дофат на обичниот граѓанин биде некој атомски пиштол наместо денешниот.

Ние сме уверени дека сите неразрешени или лошо решени прашања, отворено ќе се постават за разрешување. Во врска со прашањвто за Македонија, балканските политичари, исто така, не ќе можат и натаму да ги закопуваат своите глави во песокот како што тоа го прави нојот. На овој одживеан метод на бегање од стварноста, сe уште се заробеници некои од нив. Со сколастика и недоречености проблеми не се разрешуваат, ниту народ може да се задоволи, ниту пак единство да се постигне; ќе остане поделбата - најдобриот сојузник на секој злонамерен фактор. Балканските народи мора да го победат сопственото разединување. Тоа ќе се постигне единствено преку справедливост и меѓусебно почитување.

Најзначајниот напор за едно балканско помирување -тоа е слободата и независноста на Македонија.

Авторот

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik