Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Анастас Лозанчев

VII

Софија, 1930 год.

Се донесе решение за распуштање на четите, а пред тоа да се прибере оружјето. Решението се донесе од нас тројцата: Дамјан Груев, Борис Сарафов и мене. Сарафов замина за Преспа, а оттаму за Мориово, од каде требаше да се упати за наваму. По извесно време, јас заедно со Јонче касапот (Галабов) заминавме за Битола, а претходно средивме да не чекаат во битолските бавчи. Но кога стигнавме на договореното место, не најдовме никого и цел ден требаше да поминеме во една колиба. По едно време не забележаа работнички, кои многу се исплашија. Се плашевме да не не издадат, но тоа не се случи и вечерта се прибравме успешно во Битола. Во градот се местев од куќа во куќа и тоа продолжи доста време. Поначесто прикриено навраќав и дома. По едно време во Битола слегоја Даме и некои Сугареви четници, кои не се демобилизираа. Сите живеевме нелегално. Започнавме да издаваме весник, кој го литографиравме. Подоцна во Битола пристигнаа Ѓорче Петров и Пере Тошов и со нив поминав доста време.

Ме притисна силно главоболие. Во текот на последната борба јас многу настинав, бидејќи денови по ред поминав на дожд и снег, недобро облечен. А пак си бев и доста слаб. Па кажувам – ме притисна силно главоболие од настинка и здравјето наполно ми се разниша. После започна да се бунтува и мојата совест, кога почесто си го задавав прашањето - што направивме? Си давав отчет за настанатото и за она, кое што претстоеше да се прави. Долготрајни разговори водев особено со Пере, со кого што бев поинтимен и со него можев да ги споделувам моите мисли и тој своите со мене. И така поголемиот дел од зимата го поминавме заедно. Потоа, не знам во кое време, другарите отидоа на Прилепскиот конгрес. На конгресот не отидов затоа што, како што кажав, бев болен. Меѓутоа тоа, кое што имав да го предложам, му го предадов на Пере, кој исто така не беше согласен со мене. Кое беше моето становиште, нема да го кажам.

Во Битола останав до првите денови на мај 1904 г. После заминав за Смилево. Сега веќе одново започнаа да се формираат чети. Уште на првиот ден од моето излегување од градот, за време на спиењето, бев каснат од нешто, од кое што носам белег и сега на моето чело и во продолжение на еден месец ослепив наполно. Се движев со разни чети и преку Охридско стигнав во дебарските села Луково и Нерези, каде што престојував близу два месеци. Започнав по малку да прогледувам и во првите денови на септември 1904 г. заедно со војводата Марко од Луково заминавме преку Албанија за Црна гора. Тука се сретнав со Димитар Ризов и со негова помош заминав за Фиуме, а оттаму за Абација, каде што го сретнав, рускиот општественик П. Милјуков, кој тука беше на летување. Со него водев разговор за нашите работи. Неговиот совет беше да прекинеме секаква борба. На истото мислење бев и јас. Од Абација, под туѓо име минав преку Белград и успешно пристигнав во Софија.

Тука се сретнав со многумина од другарите. Наидов на голема декаденција. Собраната помош беше непотребно истрошена и бев принуден да го молам вујко ми да ми купи за 30-40 лева костум. Сакав да се зафатам за работа, но Христо Матов, кој дотогаш влегуваше во претставништвото, ми кажа да не го правам тоа, затоа што "ќе направело лош впечаток". Станав продавач, затоа што не се согласував да се хранам на сметка на организацијата. Поради таа причина се зафатив со полезна работа, го научив сарачлакот и по цели денови шиев патрондаши, кобури за револвери и 1904 г. до 1905 г. се занимавав со таа работа. Потоа стапив на служба во дирекцијата за статистика.

Ме притисна меланхолија, која што за малку можеше да ме отера таму, каде што го отера Христо Матов - до лудост. Денови по ред не можев да спијам, ниту да се хранам и бев во многу тешка положба. Но службата во статистиката малку ме забавуваше, затоа стапив на работа во железницата во Земен. Избегнував средби со луѓе, можеа да ме тревожат. Разговори, особено за нашите работи, не можев да поднесувам. Не читав и весници. Таа состојба продолжи околу две години.

По Хуриетот заминав за Битола, каде што се установив на приватна работа и таму останав до 1913 г. потоа се преселив одново во Бугарија.

Ниту тогаш, ниту пак сега (1930 г.) сум согласен со методите на организацијата. Една од нашите грешки беше, што ги советувавме нашите луѓе да ја избегнуваат власта, а други ја искористуваа. Ние не ги советувавме нашите луѓе да стануваат чиновници. Не еднаш во разговори со Пере и Ѓорче го застапував становиштето нашите луѓе да заземаат служби, да стануваат чиновници на турската држава. Но тие ми одговараа: "Не. Ние тоа не можеме да го препорачуваме: ние не можеме со тоа да се согласиме, за нас власта расипува." Меѓутоа подоцна ние требаше да ги бараме услугите на покварениот смилевец, на име Георги, кој по своја волја станал турски полицаец.

Ние никогаш не умеевме да ја водиме борбата на етапи. Ние бевме или за автономија на Македонија, или не знам за што. Направивме големи грешки. Меѓутоа во 1913 година, Бугарија ја направи најголемата грешка.

Почеток | <<Назад | Содржина

granicnik