Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Борис Сарафов

VIII

Сарафов го продолжува патот накај Битолско. - Неговата средба со битолското раководство. - Советувања, како да почне востанието. - Обиколка низ реоните пред конгресот во Смилево. – Сарафов држи охрабрувачки речи низ селата. - Пристигнување во Смилево.

Слегнав во Радовишко, во с. Смилјанци. И тука беше достасал малешевскиот гнилеж. Раководителот „Гогицата“, писмен селанец, ортак со јусбашијата и ограбувач на населението, тој ги пречекува, тој ги испраќа четите. Туку сепак разбрав дека во градот Радовиш сепак има некое раководно тело, што може да ми услужи. Преку Гогицата порачав до раководителот Варналиев да ни испрати ова - она. Го запрашав да ми каже со што ние можеме да им услужиме. Тој ми закажа средба во с. Воиславци. Тоа стана уште во февруари. Узнав дека од Гарванова имало писмо, во кое се велело оти по еден месец јас треба да одам во Битолско. Му напишав на Гарванов дека сум решил веднаш да заминам за Битолско, каде ќе можам да земам учество во организирањето на востанието. Му опишав каква е положбата во Малешевско, и дека тука ќе биде потребна строгост и др., за да се дисциплинира населението. И сите момчиња сакаа да поминеме преку Вардар. Го испратив Дечев во с. Нивичани кај Сава, за да ми го донесе оттаму мојот дел од динамитот, околу 150 килограми, (секој комита носеше по една бомба). Сава ми испрати само 60-70 килограми, а останатото го беше задржал. Оттаму отидовме во селото Дедино. Таму месниот војвода Стамен, со двајца другари, формирал чета. За малу само аскерот да не опколиса. Што туку зазори излеговме од селото, а аскерот влезе. Со Стамена одевме низ селата во Радовишко. Кога стаса Дечев со динамитот, од селото Дедино се префрливме во с. Скоруша, преденувавме тука, па потем отидовме во с. Липа во подножјето на Градешница.

Од Неготино веќе нe чекаа. Вардар го поминавме со сплавови на 1 март 1903 г.. Во Неготино имаше месен комитет, па убаво поминавме. Една оригинална работа: тука раководител беше најумниот човек, дедо Ѓорги Слепиот (човек на 55 г.). Тој излезе далеку надвор од градот да не пречека. Оттука удривме на с. Шивец. Тука ме пречекаа раководителите од Кавадарци да ме распрашаат за оружје. Ги посоветував да отидат во Бугарија и да си купат оружје, што ќе си го пренесат сами. Така и сторија. Кога ја поминавме Црна, излеговме на с. Фариш. Се движевме по патот ноќе. Од Фариш - во с. Никодим. Тука се сретнавме со Петар Ацев. Потем на Ореовец - Плетвар, каде дојдоа градските раководители од Прилеп: Петар Талев, Каранџулов и Тренков. Каранџулов беше вонреден човек, прекрасен раководител. А Петар Ацев се покажа како човек со разнишани нерви, нервозен. Народот тука е добар, нерасипан, чист во планинскиот дел на Прилепско. Но раководителите не соумеале да станат популарни.

Потем од Плетвар го фативме патот накај Кокра во Мариовско (во Селечката Планина). Насекаде помагавме во агитацијата на Петар Ацев, ги бодревме селаните. Тие не пречекуваа добро. Јас насекаде. по целиот пат, поминував под псеудонимот „Круме“. Оттука испративме писмо до Битола - ни јавија дека ќе се сретнеме во с. Паралово. Се упативме преку еден чифлик, и на 9 март стасавме во Паралово. Тука дојдоа Лозанчев и Пешков - битолското окружно раководство. Не прифатија љубезно. Давидов не беше убаво препорачал. Почнавме да ја разгледуваме идната акција. Им реков дека не сум забележал народот во Прилепско да сака востание. Зборувавме за начинот како да се крене востанието. Моја мисла беше, ако можеме со десетина илјади души да удриме ненадејно, и да ја нападнеме Битола, да ги заземеме складовите, топовите, да отвориме оган по касарните. Имавме доста динамит. Во Плетвар во Прилепско пристигна една чета со Силјан Пардов на чело, што се состоеше од 35-мина демирхисарци, тие носеа со себеси 100-тина килограми динамит за Битолско. Овој динамит се испрати во Битола, а заедно со нив отидоа Васил Попов и Ив. Наумов. Динамитот му го предадоа во Плетвар на прилепското начелство, а овие потем го препратиле во Битола. Четата на Силјан Пардов со Попова н Наумова преку Селце отиде во Демирхисарско и Крушевско. А динамитот што го носев јас, го оставив во Екшису, да се најде за минирање на пругата.

Видов дека Лозанчев и другите не се чувствуваат достатно силни за една таква акција врз Битола, каква што предлагав јас. Тие ми рекоа дека со Давидов зборувале Битолско да се подели на 5 востанички реони; секој реон, според месните географски услови, да дејствува одделно, а по потреба здружено. Тогаш јас изнесов мислење да се свика конгрес, откако ќе довршам со обиколките низ реоните, за да се уверам каква е подготовката, духот и слично, па да се знае на што можеме да сметаме. Излезе дека и тие се решиле на таква идеја за конгрес. Лозанчев беше дури на мислење да се пристапи кон делото - востанието најдоцна во април или мај. Се разделивме.

Фативме на Брод на р.Црна и тргнав за Леринско. Брод е гркоманско село. Тука беше еден од леринските војводи, некојси Тане. Мојата чета имаше околу 25-мина. Во Паралово ги оставив некои од моите луѓе од пописмените: Сипков отиде во Охридско, со војводата Тане тргнавме за во неговиот реон. Стасавме во с. Сетине, гркоманско село. Беше забележливо незадоволството од првенците - гркомани и од поповите од сета наша работа. Ги собрав селаните во црквата, им одржав реч. Обично на вакви собири најпрвин говореше месниот војвода. Обично ќе речеше: „Досега работевме ние, а ете сега дојде и нашиот началник („Круме“), па слушнете самите од неговата уста што треба и сл.“. Ќе се слушнеше одговор: „Море ние знаеме оти од него нема поголем“. На 11 март бевме во Сетине, на 12 во с. Баница. Во Сетине дојдоа раководителите од с. Вошчарани. Имаше една учителка, една мошне пргава; само да ја види човек како бодро врвеше со четата! Не допрати до Баница. Вошчаренското раководство, заедно со она од Екшису беа централни раководни тела, и го заменуваа и околиското - леринското, што беше растурено, бидејќи беа уапсени учителите. Во с. Баница - истото тоа: пак беа повикани од б-7 околни села раководните тела, и пак говор во црквата. Во своите говори јас главно навлегував на тоа: Слободата не се дава, туку се зема, тоа не е една ока леб да си го купиш. Оној што ќе ти ја даде, ти ја дава колку сака и до кога сака. Нема ништо полесно одошто да си ја земеш слободата: треба само да кажеш „или ќе бидам слободен, или ќе умрам!“ Па и ако сакаме други да ни помогнат, да ни се даде слобода, треба да покажеме дека сме достојни за неа. Треба да покажеме дека се возмутуваме од турската тиранија. Грешни луѓе сме, сме народиле толку деца, па барем за децата да направиме нешто. Им ја опишував положбата на Турција - финансиска и слично. Ние им ја одзедовме ноќта, преостанува уште да им го земеме денот, и слично. Ги предупредував дека Турците ќе палат, ќе горат, но тоа да не ги обескуражува: над тие колиби ќе се извишат поубави куќи, во кои ќе нема плачење и лелекање, туку веселба. „Треба да ги витосате тие живеалишта, што потсетуваат на ропството. И онака куќите не ви се убави, - на многу места живеете со добитокот заедно, не ве оставале да си направите поубави куќи, и слично“. Ние не сме сами што во Турција се борат за слобода, има и Ерменци, има и Турци што се борат - во Јемен. И му кажував на примерот на Крит, кој толкупати веќе востанувал, дека никоја држава - Србија, Бугарија, Грција - не се здобила со слобода без востанија. Срамно е, чуму ни е ваква живеачка! И свети Ѓоргија ќе ве утепа поради ваквата заспаност итн. итн.

Со покојниот Папанчев се сретнав во Баница. Од Баница поминавме во Екшису, каде раководител беше Михаил Чеков. Истата историја. Овде-онде се разгледуваше по некој судски случај. Некој богаташ не дал пари, сега даваше, како што беше случај со Бане Граматиков од Екшису. Тој беше присутен на собирот - што беше импресивен - и тој извади и даде 40 лири, и јас му ги дадов на Чеков. Тука го оставив динамитот. Дако Горгиев, подофицер (од Разградско) и Ѓорги Чакаров (од Разлог), беше војник, и двајцата минери, имаа разбирање како се дејствува со динамит. На Дако му нарачав да се преоблече како селанец, да го прегледа мостот, за да може да биде кренат во воздух за време на востанието. Оставив 60 кгр. динамит, и 20-30 килограми ги предадов во Костурско. Дојдовме во с. Мокрени, (Костурско), каде беше Никола Андреев. Пак истото тоа. Потем - во с. Бобишта и Черешница. Тука на 17 март се сретнав со Чакаларов. Потем во бугарското село Блаца, по него Тихолишта. Насекаде одржувавме централни собранија по црквите. Оттука во Габреш, Смрдеш и Косинец. „Еве го нашиот началник“ - му велеа на народот Кљашев и Чакаларов. - „Зошто не ви велиме ништо против него, како против Јанкова?“

На 28. во Смрдеш дојде до борба, која, како што велите подробно ви е опишана од Кљашев. Убава борба! Имаше само еден ранет. Излеговме од Смрдеш, поминавме по планината В`мбел, и се вративме пак во Смрдеш на 30 март вечерта, за да ги охрабриме селаните, и да ги пратиме пак да се оплакуваат. Од Смрдеш го фативме патот за Кономлади.

Во тоа време добив писмо од Лозанчев со кое ми јавуваше дека загинал Давидов. За мене тоа претставуваше голем удар. Лозанчев ме повикуваше да тргнам за Смилево, за конгресот, заедно со Пандо Кљашев и со Чакаларов. Отидовме во с. Арменско, - и таму одржавме собрание. Преку с. Буф на прв ден Велигден дојдовме во с. Герман (Горна Преспа.) Го бев повикал војводата Коте да се сретнеме, а тој не предаде. Со време се извлековме во с. Љубојно. Оттука - во с. Златари, каде се видов со Панајотов. Со Арсова не се најдов, отишол по пушки долу кај езерото, заедно со Сотир Олчев. И тука пак направивме воена вежба: вооружени златарци дејствуваа против смилевци. На 9 април во Смилево излезе сето село да не пречека. Груев го немаше уште. По 4-5 дена дојде и тој. На 13-14 април пристигнаа Лозанчев, Пешков, Ѓорги поп Христов, Сугарев и други.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik