Спомени - Георги Поп Христов | ||||||||
Роден сум 1876 година во Крстофор („Христовор"), кое се наоѓа на 1 час од Битола. Татко ми, поп Христо, тука беше свештеник. Најнапред учев основно училиште во селото, една година учев во Буково (гркоманско село) на грчки. Од прв до четврти клас, одев во прогимназија во Битола (1888-92). Кога бев во трет-четврт клас почнав да разбирам дека тајно се работи за ослободување на Македонија, но уште бев малечок и не знаев ништо подетално. Сфаќав дека идејата се состои главно во будењето на бугарштината и затоа и самиот агитирав во тој дух по околните гркомански села, на пример во Буково. Откако го завршив четвртиот клас во текот на 1892/3 година, станав учител во своето село. Бев сам; училиштето беше егзархиско. Ништо уште не работев за ослободувањето, но чувствував дека има потреба од подготовки, зашто и во нашата околија беснееше Абдул ага Шебединчето, бег, кој го имаше селото Кравари и чифлик во Крстофор. Беше спахија, земаше десетина од 5-6 села, сите околу Битола. Освен што економски ги угнетуваше луѓето, правеше и ѕверства. Господари на околијата беа тој и Шефкија (Шефки бег). Тој ја држеше Могила и околните села во Карабаџак, а Абдул-ага Добрушово со околните села. Освен овие, кои беа главни крвопијци, имаше и второстепени, ќаи и полјаци, кои го измачуваа населението. Учителствував една година, а потоа отидов на педагошкото училиште во Солун, кое го завршив во текот на 1895/96 година (имаше два курса). Во 1893/94 година се случи Ерменското востание и колежот по него. Точно тој настан ми ја даде идејата за востание. Во Солун веќе имаше тајна организација. Од Бугарија тајно се добиваа весниците: „Право", „Глас македонски". Темелите на Внатрешната организација беа ставени во 1893/94 година. Кога дојдов во Солун веќе имаше тајни градски комитети во Охрид, Ресен и др. И во Солун имаше комитет, но се чуваше во тајност и ние само наслутувавме дека постои. Во текот на втората година во училиштето точно разбрав кои се во солунскиот комитет. На чело беше Дамјан Груев (првата година тој беше коректор во Самарџиевата книжарница, а втората училишен инспектор). Членови беа: Хаџи Николов (книжар) и д-р Хр. Татарчев. Беа опфатени ученици од горните класови - од седмиот клас на гимназијата и од вториот курс на педагошкото училиште. Завршив во 1895/6 година и бев назначен за учител во с. Кавадарци, кај што имаше училиште до втор клас. Другари ми беа - Никола Хрлев, главен учител во селото Горно Броди, потоа Јанаки Илиев, Атанас Бошков, Иванче Минчев, сите родум од Кавадарци. Имаше и учителки. Тогаш влегов во делото. Во него најдобро ме упати Хрлев, кој се вклучил уште додека бил во Скопје. Дадов кдетва - и тоа само пред него. Клетвата гласеше вака: „Те (ве) заколнувам, во името на чесноста, на Бога и на верата (3 пати), дека отсега натаму до последната капка крв ќе работиш за браќата во Македонија и Одринско; те (ве) заколнувам дека ќе бидеш послушен и дека нема да издадеш ништо од тајната која сега ти се доверува ниту со мисла ниту со дело; во спротивно, ако издадеш било со мисла или со дело, ќе бидеш убиен од твоите браќа со кама или со револвер, кои ги бакнуваш". (Се бакнуваат камата и револверот). Така се станува член-работник на Организацијата. Во почетокот бев обичен работник. Веднаш по клетвата самиот си го определуваш членскиот влог. Во текот на следниот распуст - точно во времето на грчко-турската војна - отидов во своето село и од Хрлев бев препорачан во тамошниот комитет. Раководител беше Ченков, заедно со Лозанчев и Пешков. Георги Ченков подоцна беше отепан во Прилеп. Во текот на распустот, Ченков ме задолжи да агитирам во своето и во околните села, да го придобиеме народот, да „ја разработуваме почвата". Ченков ми даде усни инструкции. Во Кавадарци, по клетвата, ми дадоа само да ги прочитам уставот и правилникот на Организацијата. Идејата на Организацијата беше да се агитира меѓу народот, за да се подигне неговиот дух и да се подготви терен за масовна народна револуција, за да се добие слобода. Во почетокот под зборот - слобода подразбирав апсолутна слобода, каква што царува во Бугарија, Србија, Грција и сл. Сe уште не се размислуваше како натаму ќе се реализира, дали Македонија ќе биде одделно кнежевство или не, дали ќе се соедини со Бугарија и сл. Во текот на распустот работев само меѓу селаните. Во почетокот тие беа љубопитни и сакаа да слушаат што им се раскажува и да им се читаат весници, но самите не се одлучуваа да се вклучат, се плашеа. Кога им велев дека ќе дејствуваме самостојво, одговараа: „Што можеме ние сами да направиме?" Зборував во црквата, со примери од евангелието им докажував дека треба да се жртвуваме за верата како што се жртвувал и Исус Христос. Одделно разговарав само со некои луѓе. Како учител продолжив да работам во селото Варош, до Прилеп. Таму станав десетник. Во Прилеп беше организиран градски комитет со раководно тело, со десетници и сл. Раководители беа учителите Атанас Иванов од Прилеп и Јордан Поп Константинов и поп Георги и Петре Свеќар. Тие го образуваа раководното тело. Негов претседател беше главниот учител Калејчев, од Воден. Како десетник имав работници кои ми беа доверени, со кои требаше да раководам - да ја собирам од нив членарината, да се собираат пари за да се купи оружје и да се воспитуваат револуционерно, за да привлечат нови членови и со тоа да се зголемува мојата десетничка група - „групата". Тогаш имаше 5-6 десетници, односно 5-6 „групи". Десетниците меѓу себе се знаеја, а групите не. По 2-3 десетници беа раководени од еден раководител. Нему секоја недела му се даваа пари со потврда и отчет за состојбата и развојот на групата. Отчетот се кажуваше усно. Тоа се правеше преку шифра. Имаше и мрежа, поврзана со другите центри и канали за курирска служба. По неа ни доаѓаа весници од Бугарија. Тоа беше во 1897/8 година. Во зимата, пред Божик, се случи Виничката афера и мрежата привремено беше во прекин, а половина година организацијата беше во целосен застој. Повеќето раководители избегаа во Бугарија. Од прилепските остана само Јордан Поп Константинов. Тој сам не можеше ништо да направи. Дури другата година повторно се вратив во селото и продолжив со старата агитација. Почнав дури и да им давам заклетва на некои подготвени селски момчиња. Заедно со постарите работници од селото и од градот почнавме да правиме план како да го средиме Шебединчето. Се распрашавме, го пресретнавме кога се враќаше од чифликот во Кравари. Тој брзо помина покрај нас и иие ништо не направивме. Почнавме да ги фаќаме шпионите. И во моето село имаше шпион, еден коџабашија. Следната, 1898/99 година, учителствував во Прилеп. Организацијата се созеде, се подготви, зашто Дамјан Груев се премести од Солун во Битола. Тој тука стана раководител. Дојде и во Прилеп. Јас со него се знаев од Солун. Имавме тајно собрание од сите десетници и раководители. Груев ни разјасни многу работи кои за нас беа непознати за Организацијата, нe окуражи, ја стегна Организацијата. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||