Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Георги Поп Христов

II

Даме Груев и Тошев во Прилеп, во 1892 година. Георги П. Христов во Леринско. Првите организациски начела. Христов се враќа во Битола. Првите чети

Груев прво бил учител во Прилеп уште пред 1892 година, заедно со Пере Тошев и таму се родила идејата за ослободување. Оттаму тој доаѓа во Бугарија, се сретнува со Китанчев и други. Идејата во него зрее. Потоа се враќа во Битола, се сретнува со Пере Тошев и Григор Попев и во текот на распустот ги формираат првите комитети во Прилеп, Битола и Ресен. По ова, Груев оди во Солун, а Пере Тошев во Скопје, заедно со Матов и делото натаму побрзо се развива.

Работата продолжи по стариот ред. Почнавме да собираме пари за оружје, но тоа тешко се набавуваше. Кругот на Организацијата се ширеше по прилепските села. Ченков и Гавазов беа дојдени во Прилеп со цел да организираат терористичка чета. Тие се самоубија на 24 мај во една куќа, предадени на Турците од еден шпион. Следниот распуст го поминав во Прилеп, а на 18 август се вратив во селото. Бев препорачан за работник во Леринско и затоа бев назначен за секретар на Охридското архиерејско намесништво кое се наоѓаше во Лерин. Владиката Методиј беше личен пријател на Дамјан Груев. Световното име му беше Методиј Штерев; беше родум од Зарово, Солунска околија. Јас работев бесплатно. Одев за секретар и едновремено и инспектор во училиштата во Леринско. Првата работа беше да органнзираме комитет во Лерин, кај што имаше веќе неколку упатени работници: Течо Киров, учител родум од Лерин, беше назначен за раководител; Христо Спиров, учител и некои граѓани. Се организира комитетот. При секоја посета на селата агитирав и формирав комитети. До крајот на годината успеавме да формираме организациска мрежа во бугарските села на целиот лерински реон, во кого има околу 50 села. Во секое село се формираа благајна, раководно тело, архива и курирска служба. Чети немаше. Од парите од селските благајни 1/3 одеше во Централната благајна во Лерин а оттаму 1/3 во окружната благајна. Од окружната се испраќаа пари во благајната на Централниот камитет. Првпат во Леринско и Костурско се формира чета, и тоа од доброволци, во летото 1900 година. Броеше 8 души. Првиот војвода беше Георги Иванов, под псевдоним Марко. Тој беше бивш унтерофицер во Бугарија, родум од Серско. Во четата влегоа и Коте (сега премина во разбојник) и Лечо Настев, учител. Тој беше моралната сила, помошник на Марко. Откако се формира првата чета, работата му ја доверив на Филип Георгиев, интерниран учител од село Бојница, Гевгелиско, и отидов во Битола по повик од Дамјан Груев. Тогаш го интернираа Груев во неговото родно село, Смилево. Еден ден пред да тргне тој успеа да ми ја довери својата работа во Битола. Во исто време јас станав учител во Битола, препорачан од комитетот на училишниот одбор.

Владиката Григориј многу се бунеше, но не можеше ништо да направи. Ја работев работата со другарите Аце Дорев, книжар, кој беше и благајник и советниците - Георга Пешков, занаетчија-ортомар и Неделко Дамјанов, фурнаџија. Претседател беше Васил Пасков, имаше завршено вишо училиште во Софија, учител во битолската гимназија (родум од Серско). Наскоро и Пасков го интернираа во родното место по повод убиството на поп Ставре. Му беше предложено да ги даде парите со потврда „патритски влог". Не само што не сакаше да даде, туку и го предаде на полицијата момчето. Се направи проблем, а по аферата, на 18 август 1900 годииа, го затворија Дамјана Груев, а Пасков и Пешков ги интернираа. Пешков избега. Една година продолживме сами, а работата релативно добро одеше.

Групите, по оваа афера, се организираа одново, се доплнија празните места, агитацијата се обнови и воопшто до есента се засили работата. Пешков се врати. Уште додека бев во Лерин, од Грција почна да се купува оружје за секое село. Селаните си купуваа преку некои луѓе, во вид на трговија. Купуваа од Турци-трговци - селани. Тие во почетокот продаваа пушки гра, земени од Грците во грчко-турската војна. а откако нив ги потрошија, почнаа за печалба да набавуваат од истите пушки директно од Грција. Уште додека бев во Битола се собираа пари и им се делеа пушки на работниците по селата, кај што се криеја во специјално направени скривници во куќите. Кога се вратив во Битола, во Прилепско веќе имаше чета на чело со Мирче војвода, родум од Прилеп, како и во Демирхисарско со војводата Јордан Пиперката, родум од село Козица, Кичевско. Тие чети се нарекуваа „ајдучки", зашто беа составени од неписмени селани кои не можат да пропагираат, туку само ги обиколуваа селата, колку да го окуражат народот и да им се заканат на зулумџиите бегови, ќаи и полјаци. Во текот на зимата двете прилепски чети се распуштија: остана само Пиперката со еден другар; тие како терористи се криеја по селата. Во Леринско остана Марковата чета. Тоа беше чета од најнов тип, „организаторска чета". Таа организираше, посветуваше, набавуваше оружје и сл.

По истиот тип, како самостојна, од Леринско-костурската, се одвои Костурската чета под војводство на Атанас Петров (родум од село Шестеово, Костурско). Коте се отцепи од Марко и поведе своја чета, независна од Организацијата.

Тоа се случуваше во зимата, 1900-1901 година. Во текот на пролетга, бидејќи се зголеми бројот на терористичките групи, од нив се формвраа месни чети. Од нив, од месните чети, во почетокот на пролетта се формираа постојаните горски чети. Во почетокот секое село имаше терористичка група, како и во секој град; подоцна се преобразуваа во месни чети, а од нив се формираа горските чети. Тоа не се случи според претходен план, туку така се разви природно.

Летото 1901 година, веќе имаше горски чети. Горска чета организиравме и во Демирхисарско, под раководство на Никола Петров, кој беше социјалист, родум од Велес, а по занает - дограмаџија. Подоцна го поправивме, па стана револуционер, како нас. Социјалист беше станал во Бугарија. Во почетокот тој бил четник со Делчев, потоа станал работник во Организацијата и дојде во Битола. Имаше желба да води чета. На ист начин се организира и Крушевската чета со војвода Велко; Охридската, на чело со Горанов (псевдоним, а вистинското име му беше Тале, бојаџија од Прилеп) Се формира и Ресенска чета со војвода Петров - од Костурско; Прилепска, со војвода Марко Лозов. Само Битолско остана без чета. Тие чети одеа по горите и селата и осганаа сe до Илинденското востание.

Во зимата 1901 година, околу 20 ноември, дојде Делчев како ревизор, го обиколи целиот реон, главно центрите, во градовите и со своите говори многу ја оживеа Организацијата.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik