Спомени - Христо Чернопеев | ||||||||
Јас во сите свои писма сум настојувал да се свика конгрес и да се види, ако може да се крене востание, да се крене, или пак да се подготвиме да им се противставиме на врховистите и да не правиме востание во текот на пролетта. На солунскиот конгрес од Битолско имало само еден делегат - Лозанчев. Сите, и струмичкиот делегат Иван Поп Арсов и Ингилизов, и тир биле за востание, и покрај тоа што во Струмичко имаше само до 200 пушки, во Мелничко до 300 - вкупно до 500 пушки. Кога ми го соопштија тоа, јас се полудив. Делегатот не бше и за делегат, ама него го нашле и него го повикале. Му кажале дека за Струмичко ќе дојдат уште 300 пушки од Солун. Јас, бидејќи не верував многу во тоа, отидов во Солун со две момчиња да видам дали има пушки. Таму остана Крсто Асенов. Кога дојдов тука, немаше пушки дури и за четата, којашто сакав да ја поведам. Си наумив, кога ја видов таа жалосна состојба, да направам некој атентат по железницата или др., но не залудно да го креваме народот. Тука собрав 60 души момчиња, вооружени со манлихерки и берданки а зедовме и динамит. Во Софија дојдов во февруари а границата ја преминавме на 24 март 1903 год. Бевме околу 190 души. Со нас имаше чети за Радовишко - со војвода Коста Мазников; за Велешко - војвода Ник. Дечев; за Тиквешко - војвода Тимо Ангелов (убиен со експлозија во Битолско); за Битолско - војвода Кондов; за Кичевско - Ванчо Мицков. Во февруари Сарафов замина со околу 70 души за Битолско. Се разминавме во Малешевско. Имаше силно гонење од Бугарија против мене и другите па границата ја поминавме дење на Саса горе во Ќустендилско. Не осетија од турск0а страна. Стоевме под Саса во колиби четири дена, додека се поправи времето. Битолчани тргнаа по еден пат за Битолско, а пак ние со Дечев, Мазников и Тимо за Струмичко, од каде што требаше да се разделиме. На велики вторник се сместивме кај с. Лески во шумата (во Кочанско); не придружуваше и Кочанската чета предводена од Делчо Коцев па бевме до 130 души. Не открија ловци и преку денот се боревме цел ден. Дојде војска од Кочани. Стражата отвори оган по ловците, го убија едниот, другите избегаа. Во близина имало аскер. Лески е во падините на планината Плачковица. Аскерот ни го пресече патот и ние речиси на напад го избркавме од две чуки, но највисоката чука остана во турски раце. Пристигна аскер од Кочани и Виница и се боревме цел ден, останувајќи на тие две чуки. Изгубивме, убиени Велко Ников, родум од Кула (Блоградчишко) и уште тројца души и еден ранет - Иван, од с. Смол (Гевгелиско). Во текот на ноќта се повлековме, откако уште преку денот се разделивме па тргнавме во два правци. Одевме три-четири дена гладни, затоа што насекаде турците поставиле заседи. На велики петок најдовме во две воденици брашно, направивме качамак и момчињата закрепнаа. Дечев и Мазников тргнаа во друг правец, а пак јас - преку Малешевско за Струмичко. На 1 април, велигден, пристигнавме во Малешевско и испративме да ни донесат храна. И Дечев и Мазников, бидејќи биле откриени по патот од турците, тие исто така дошле во Малешевско и аскерот по нивните траги. На голема сабота дознавме дека се блиску до нас. На велигден аскерот нападна на нив. Бевме на 1 1/3 час растојание од нив. Со еден дел јас притекнав на помош со околу 30 души, а другиот го оставив да ни го пази тилот. Во близина бил и Лефтеров па и тој дојде на помош (тој беше човек на Цончев). Го удривме аскерот во грбот и ги ослободивме нашите, коишто дадоа 5-6 жртви. Но додека да се повлече аскерот, друг аскер удри на Лефтеров во грбот а истовремено слушнав пушки и кај нашите момчиња, оставени да ни го пазат тилот. Тогаш се вратив на помош кај нив и додека да пристигнам видов дека сме загубиле до 7 момчиња, нападнати во тилот. Меѓутоа Лефтеровата чета се разбива на две групи, едните дојдоа кај нас (13 души), самиот Лефтеров со два-тројца отишол на страна, а другите биле испотепани. Лефтеровата чета настрада најмногу, паднаа 11 души од неговата чета. Се боревме до вечерта и се повлековме накај Струмичко. Во с. Нивичене најдовме приготвен леб, сланина и др. па закрепнавме. Со нас беше и еден чех по име Климент. Во Струмичко, во с. Нивичене, одморивме една недела. Еден мал дел од четата, поистоштените момчиња, до десетина души, се вратија во Бугарија. Ние останатите ги обиколивме селата. Динамитот се расипа од дождовите, а патроните ни останаа по малку. По солунскиот атентат излезе еден предавник во Радовишко, каде што беше Мазников, некој си Михал, од с. Всеславци, па избегаа околу 200 души селани во шумата, кој каква пушка имал - кримичарки и др., и сакаа побргу да кренат востание. Јас ги наговорив да мируваат, затоа што по солунскиот атентат просто турците ќе ги исколат. После едни се вратија во своите села, а други избегаа во Бугарија. Јас пак се вратив во Струмичко и решив да се вратам во Џумајско за да набавам патрони. По солунскиот атентат бев убеден дека ништо не може да се случи во тој крај, затоа што немаше оружје. И дојдов во Софија заедно со еден дел од четата, а другиот го оставив во Струмичко, разделен на две групи под војводството на месни луѓе; тој дел и сега таму е разделен на две групи. Тука, во Софија, пристигнав кон крајот на јуни месец и тргнав назад кај четата кон крајот на август, којашто беше од 250 души, со намера пак да се разделиме, едни за Радовишко и за Тиквешко. Со мене беше Петар Самарџиев, а за Радовишко - Никола Жеков. Дечев и Тимо по борбата во Малешевско се вратија во Бугарија и само Мазников успеа да отиде во Радовишко каде што го убија во јули месец. Со мене беше и капетан Тренев и студентот Прличев, кои сакаа да заминат за Воденско со 30 души. Имаше и чета од 50 души на Делчо Кочев за Кочанско, па вкупно бевме 250 души. Студентите Стоилов, Марков, Соколов и Лазаров беа со Самарџиев. Четата помина пак преку Саса. Пет дена се движевме низ Кочанско, одевме по малку и не не открија. На шестиот ден застанавме кај Брегалница да престоиме преку денот и вечерта преку реката да фатиме за Плачковица. Се запревме во трлата. Случајно идат турци, кои имаат говеда и свињи во тоа маало. Ние ги забележавме од далеку и им поставивме заседа, во случај да дојдат во куќите. Тие влегоа, 6 души турци и двајца заптии Бугари. Турците не мерачеа да се предадат па ги истепавме; еден од бугарите се рани, а другиот се предаде. Тоа беше рано и местото не погодуваше за борба, па се повлековме назад по обратен пат, околу еден час растојание и зазедовме позиција. Се слушнаа грмежи и турците - аскери башибозук - излегоа од блиското село Оризарци (турско). По 1-2 часа дојде аскерот и изгоре колиби и куќи каде што помина. И селаните избегаа со нас. После во текот на ноќта пак се повлековме на друга позиција, поназад и преку денот дојде многу аскер, но не дадовме жртви: се окопавме, имаше и готови окопи од турците. Вечерта се собравме, се преброивме - сите здрави и читави. Тргнавме за “Китка", да заземеме позиција за да се бориме таму и другиот ден. Едвај поминавме еден час пат, заврна, - бура, магла, момчињата зедоа да се губат, да викаат - врева. Се собиравме на неколку пати, но најнакрај едно момче, уморено, седнало на патот, па седнале и други мислејќи дека и ние напред сме седнати да одмараме. Така се одвоија до 70 души, меѓу нив и капетан Тренев (од Петричките села) и Стефан Мандалов (од с. Стојаково, Гевгелиско). Ние по неекое време излеговме го фативме патот, гледаме пред нас до 200 души аскер – се сместиле на патот, наклале огнови и заспале. Требаше да ги заобиколиме, за да заземеме позиција и после да одиме да ги нападнеме. Тогаш видовме дека многумина недостасуваат. Го оставивме планот да го нападнеме заспаниот аскер и се погриживме за останатите назад. Испративме курир од месните луѓе, за да ги најдат. Само што се одделија тие од нас, припукаа пушки. Меѓутоа, останатите назад, и тоа Тренев и Мандалов, кога виделе по некое време дека се одвоиле, тргнале по нас и нагазиле на аскерот на патот. Тренев сакал да го заобиколи, а Стефан Мандалов (“докторот" - бил аптекар едно време) бил на мислење да го нападнат, затоа што сметал дека и така и така се изгубени. Отвораат оган, но бидејќи не биле сите согласни, повеќето се распрснале. Стефанов, најискусниот, паѓа убиен и другите останалe сосем без глава, се распрснале. Тенев со 76 момчиња успеал да се извлече и после попаднал на друга заседа, па се распрснале во разни правци и останал сам и навистина сам се врати. Ние, кога слушнавме дека пукаат, застанавме на штрек и гледавме да отстапиме, да заземеме позиција и тргнавме во насока преку шумата, јас тргнав без пат и кажав да одат. Некои од момчињата беа заспале и се разбудиле од грмежите; секој се стремеше да оди напред, трча и туку се собираат на некое место повеќе и пак се одвојуваат во друг правец па и тој дел се распарчува на неколку делови. Изутрината осамна, слушаме пушките пукаат насекаде во таа месност, во шумата. Момчињата, коишто беа со Тренев, се распрскале, некои фатиле обратен правец и изутрината нагазуваат по 5-6 души на турци и така многу момчиња беа испотепани. Точно не може да се каже колку се испотепани, но не повеќе од 40 души. Се вратив во Софија. По востанието во Разлошко делегатите организирале една чета кај Рибните езера во Рила и ми предложија да одам со неа, како поискусен, за да нападнеме некое турско село. Во таа чета беа и Симеон Молеров и Димитар Стефанов (завршил право во Русија, родум од Бесарабија, директор на битолската гимназија, делегат на Ц. К.). Отидов со таа чета, го минав Разлог и требаше да го нападнеме турското село Курудере за да се одмаздиме, затоа што оделе по пљачкосување и го измачувале нашето население во с. Белица. Во селото не пречека аскер оддалеку со оган, па не можевме да направиме ништо сериозно. Леб имавме за три дена. Се вративме за леб. Само што се сместивме на бугарска територија до границата, некои момчиња одат да си ги земат раниците, оставени на другата страна. Турците им го преградуваат патот и ние станавме па се судривме и паднаа до 6 момчиња, а од турците паднаа многумина. Турците беа преминати на бугарска територија. Со тоа се заврши. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||