ПРЕДГОВОР
Во спомените на Иван Анастасов Грчето, родум од Мелник, посебен интерес претставува несекојдневниот факт, што еден младич по народност грк толку се сродува со ослободителната македонска идеја, што поднесува големи душевни и физички страдања, само затоа што е под сомнеж дека е шпион, од луѓето на организацијата со кои работи за делото, и при сето тоа, откако поради истата, во случајот неаргументирана подозривост, го убиваат и неговиот брат кој тргнал со него како четник, пак останува верен приврзаник на организацијата до крајот на востанието. Од таа страна Иван Анастасов е редок пример на благороден карактер и заслужува голема почит од наша страна. За неговата искрена приврзаност кон нашето ослободително дело најголема причина е што Анастасов во детинските години добил образование во бугарското трикласно училиште во Мелник и Сер и во серското бугарско педагошко училиште, по што станал и бугарски учител во Петричко. Но за да ги издржи сите прогони од страна на организационите власти, од кои бил тајно осуден на смрт, без да ја изневери клетвата, се должи на личноста на Делчев, со кого што Анастасов во најкритичниот момент случајно се сретнал и шармот, кој го применувал врз такви чесни и сочувствени дејци, каков што бил и Анастасов. Делчев веднаш ја прозрел невиноста на Анастасов, којашто после и фактички се докажува, го зел под своја закрила и така спасил еден способен и верен работник за организацијата, посветувајќи го како што треба и врз целите на организацијата. Карактеристиката на Делчевата личност, којашто ја содржат спомените на Анастасов, е корисен придонес кон биографијата на Делчев.
Иван Анастасов после успешно дејствува во Поројско и Демирхисарско, вршејќи револуционерна агитација по селата “во духот на Делчев", како што кажува самиот. Анастасов зема учество и во судирот со врховистите, главно во гонењето на војводата Дончо. Најпосле Анастасов, се враќа во Бугарија и во почетокот на 1903 г. заедно со Делчев тргнува за Македонија со голема чета, во којашто меѓу другите бил и П. Јаворов. По смртта на Делчев Анастасов содејствува да се подготви востанието, но во недостаток на оружје требало да се ограничи со планови само за ситни терористички акции. По востанието Анастасов беше дојден во Софија па можев да го видам и да го распрашам за неговата четничка дејност.