Спомени - Иван Анастасов Грчето | ||||||||
Роден сум во градот Мелник, во 1880 година. Најнапред учев во својот роден град, каде што завршив 3-класно грчко училиште. Потоа татко ми ме испрати во бугарското класно училиште во Мелник - во први клас, а втори и трети клас продолжив во бугарското училиште во Сер. После пристапив во бугарското педагошко училиште во истиот град. По завршувањето на вториот педагошки курс, 1899/1900 учебна година (дури допрва се отвори и трети курс), станав бугарски учител во с. Егуменец во Петричко, назначен од петричкиот претседател на црковната општина. Во тоа село имаше и друго училиште со учителот Стојко Бакалчето, родум од истото село. Тој бил посветен од порано во македонското револуционерно дело како раководител на Внатрешната организација. Од мене тој криеше, и јас само надушував, затоа што забележав, дека престанаа случаите од разбојнички фаќања на трговци за откуп. Порано секоја година се случуваше, разбојниците да фатат барем по тројца-четворица трговци, главно Грци, затоа што во Мелничко тргуваа повеќе Грци. Од тој вид разбојници беше познат Дончо; тој е познат во Мелничко и Петричко како ајдук од 19 години наваму. Таков беше и Ангел војвода Сугаревлијата, ајдук, од с. Сугарево (Мелн. окр.), убиен во Врања од Михал Капотовлијата, од с. Капотово (Мелничко). Разбрав, дека разбојниците се откажале од својот занает и дека се зафатиле да дејствуваат поинаку. Подоцна во училиштето повремено доаѓаше по некој весник од Бугарија, пр. в. „Бунтовник", од кој разбрав доста нејасно, дека се подготвува нешто за да се ослободи Македонија и тоа со помош на Бугарија. Во тоа време во селото доаѓаше една самонаречена полуајдучка чета, којашто под превезот на комитетското знаме гледаше да ја помине зимата. Војвода беше Костадин Зелников, од с. Русиново (Малешевско). Случајно попаднал во една куќа, каде што така се криеше четата, којашто после, во текот на пролетта, пак си го фати ајдучкиот занает. Зелников ме посвети во некои работи па од него дознав, дека суштествува комитет во Македонија, дека се пренесуваат пушки од Бугарија и дека се подготвува востание. После тоа случајно попаднав, обиколувајќи по некои куќи од една маало во друга, на една случка помеѓу Зелников и еден човек, бугарин, кого што Зелников го сретна по патот и зеде да го обвинува, дека нешто изнесувал, пари и др. и на третото прашање го уби со пушка. Јас тогаш помислив навистина, дека го уби заради шпионажа, а после дознав, дека всушност тоа било заради некои лични сметки за неговите ајдучки дела. Бидејќи неволно присуствував на тоа убиство, и затоа што имав високо мислење за патриотските задачи на Зелников, а за да не потпаднам под одговорност пред властите заради убиството, уште истата вечер влегов во неговата чета. Тоа беше во 1900 година во март месец. Одев неколку дена без пушка, а после ми дадоа пушка. Заедно со Зелников одевме по селата и тој проповедаше се едно исто, дека треба да се крене востание, дека Бугарија ќе помогне и др. Во тоа време околискиот раководител во гр. Петрич, Димитар Атанасов Гуштанов, тогаш главен учител (родум од с. Крушево, Демирхисарско, Сер. окр.), дознава дека и јас сум посветен во комитетските работи и дека сум тргнал веќе да дејствувам па доаѓа намерно во с. Долна-Рибница (Петрич, окр.) и се среќава со мене и Зелников. Тој сакаше да ме разубеди пак да се вратам како учител во селото за да не настрада и селото. Кажа уште, дека некој друг ден, по испитите, ќе можам пак да пристапам во чета, бегајќи од Мелник. Јас го послушав, се вратив во селото, им дадов испит на децата и се вратив во Мелник. На панаѓурот во Мелник, на св. Троица, дојде еден од Рибница и ме покани да одам на работа кај Зелников. Тогаш и мојот постар брат, Димитар, терзија (само две години постар), и тој заедно сo мене отиде во четата на Зелников. Тогаш откако поодивме неколку дена, разбравме, дека Зелников е ајдук. Во тоа време некој си Костадинов Стефан, окружен раководител и учител во Сер (род. од с. Хотово, Мелничко), издал некаква смртна пресуда против мене и брат ми, мислејќи, дека ние сме поставени од поп Стојан, претседател на црковниот одбор во Мелник, со кого што Гуштанов бил во лоши односи поради делото, за да дознаеме, како Грци, за комитетските работи и да издаваме на поп Стојан. Смртната пресуда требало да ја изврши војводата Зелников, кого што тие го сметале за свој. Брат ми осети, дека Зелников почна да се однесува ладно кон нас, а некои од другарите нешто префрлуваа. Брат ми, како постар и макар што малку го владееше бугарскиот јазик, бидејќи заврши грчко III-класно училиште, повеќе ја свати работата и ми предложи да избегаме. Тогаш носев кримка со четири патрони, а брат ми имаше турска капаклија со пет патрони. Јас не се согласував, и при едно преместување во шумата од едно место на друго брат ми исчезна, а јас си останав. Изедов еден ќотек од војводата Зелников, дури сакаше да ме убиве, но другарите се застапија за мене, фрлајќи ја целата вина врз брат ми. Тогаш Зелников зеде на една полјанка да ме распрашува, потпирајќи ја пушката до моите гради: „Ти не ли си грк? Ти не ли си добил 100 лири од мелничкиот кајмакам за да ме убиеш мене? Да го оставиме тоа; за тебе е издадена смртна пресуда како за предавник и грк, но јас не верувам во тие работи. Важното е да ми кажеш, каде сте се договориле со брат ти да се сретнете. И ти си сакал да избегаш, но не си можел. Кажи каде? Едно-две!" – Ја допре пушката. - “Кажи, или ќе те убијам!" - „Ќе ти кажам", одговорив. Помислив, дека ќе ме убие, ако откажам, како што го уби и оној во Егуменец. И му кажав едно место, така, измислено. Брат ми навистина ми кажа едно друго место. Тој побара да го одведам на тоа место, заканувајќи се дека таму ќе ме убие, ако сум лажел. Јас отидов таму. Се крие тој во една драчка, а мене ме остави на отворено место, за да викам да излезе брат ми. Бидејќи виде, дека брат ми го нема, ја сврти колата, зеде да се извинува, што ме тепал и др. Во суштина се уплаши, кога виде, дека не може да го убие и брат ми, па овај после да не се одмазди за мене. Ме остави кај еден овчар со намера да се врати по два дена. Отиде да си најде опинци божем, па потоа мене и брата ми сакал да не одведе до бугарската граница за да си побараме работа во Бугарија, бидејќи не можеме да дејствуваме во четата, штом има смртни пресуди против нас. Откако си отиде тој, другиот ден се најдовме со мојот брат. Брат ми свати, дека Зелников сака и нас двајцата да не сотре. Тргнавме од Игуменската планина за селото Палат по течението на р. Лебница, според упатувањето на овчарчето, кое што ни кажа, дека ќе поминеме покрај село Никодим за 3-4 часа до Палат. Одевме цела ноќ и не стигнавме до Никодим; сме го згрешиле патот. Другата вечер пак тргнавме и околу полноќ стигнавме во Никодим, слушнавме кучешко лаење и помисливме, дека реката тече сред село и тргнавме во селото. На првата воденица тропнавме на вратата и го замоливме воденичарот за некоја пара да не одведе вон од селото. Да, се случи свадба во селото и ние да поминеме покрај куќата, каде што е свадбата, а таму бил падарот, турски арнаутин. Тој, кога чул кучешко лаење, излегол на тремот да види, кој ќе помине. А ние од таму треба да поминеме. Кога поминавме покрај него, воденичарот се запира и му кажува да ни најди тој човек да не одведе. Тој скокна, го фати за рака брата ми и зеде да не испитува, кои сме. Таму при распрашувањето јас избегав и го оставив мојот брат, скитав два дена и се сретнав со учителот Бакалчето, кој, компромитиран, повел неколку другари, мала чета од 7-8 души, меѓу кои беше Попов Костадин од с. Егуменец. Ми дадоа пушка и тргнав со нив. Меѓутоа брат ми се спасил со 40 гроша, кога докажал, дека е од Мелник. Доаѓа во с. Палат, после тргнал да ме бара во с. Д. Рибница и таму, другарите на Зелников, кои ја напуштиле неговата чета, го среќаваат брата ми и ја извршуваат пресудата – го убиваат. Од мене тоа го криеја другарите во четата на Бакалчето, плашејќи се, јас да не се одмаздам, откако ќе разберам за неговата смрт, па решиле да ме убијат и мене. Но пошто другарите не сакале да ја извршат старата пресуда, ми соопштуваат дека јас повеќе не сум за чета, баш како грк, во кого што многумина се сомневаат, па ми кажаа, дека со едно шифровано препорачливо ќе ме допратат до границата на Бугарија, а всушност мислеле да ме убијат по патот, на друго место. Стигнав во с. Горем, Петричко. Тука требало да се изврши пресудата. Јас насетив и не ја дадов препораката, туку побарав да го отворат каналот, за да ме преведат натаму до Бугарија. Таму престојував 6-7 дена. Пристигнаа другари од Бакалчето, и од нив дознав, дека брат ми е убиен, а еден директно ми кажа, дека и мене ме сомничат како шпион и побара да види, какви документи имам. Горемскиот раководител ги повика на советување, а кај мене остави едно простодушно момче да ме варди. И тоа ми откри се, дека отишле да се советуваат како да ме убијат. Ми предложи, да бегам. Јас тргнав со едни горемлии, кои одеа за Св. Врач (Мелничко) и после отидов во Хотово и од таму напишав на мелничкиот околиски раководител, Симон Чушков, учител. Всушност Симон не му беше негово име. Му се пожалив за се, протестирв против се. Тој најпосле, по 20 дена, прифати да даде една препорака, за да заминам за Бугарија. Божем во с. Влахи сакаа да ми дадат препорака, и дадоа, ама пак со тајна смртна пресуда: натеран бил дедо Илија (од Крчево, Демирхисарско, тогаш четник) да ја изврши, но тој случајно си имал работа. Јас стигнав до с. Градево, и друга пресуда доаѓа по мене до Градево и ја запира Петар Цветанов, раководител и учител, додека ја преминав границата. Стигнав во Дупница на 8 септември 1900 година. И тука сакале да ме убијат, ме осудиле на смрт. Малешевски ме осудил, но пак не се извршила. Останав во Дупница, и во тоа време доаѓа писмо од Чушков до Малешевски, во кое што соопштил, дека ја испитал работата и открил дека е се неосновано, што било изнесено против мене. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||