Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Иван Анастасов Грчето

III.

Анастасов поминува вo агитација по селата вo Демирхисарско и Серско до пролетта 1902 г. – Се вратил во Софија, се среќава пак со Делчев и се враќа по нова година (1903) со голема чета на чело со Делчев. - Во Серско се собираат реонските чети за да обмислат, како ќе се дејствува за време на претстоечкото востание. - Анастасов по смртта на Делчев ја продолжува подготовката за востанието. - Анастасов станува водач на драмската чета. - Во една борба кај с. Калапот турците ја убиваат четата. - Анастасов се спасува во Бугарија.

Ние се чудевме, каде да одиме; се повлековме на Беласица, скитавме три дена жедни и деморализирани. Почнавме да се пентериме и скитаме напразно по таа долга планина и се се вртиме во Петричко, а снег голем. Спиевме; помогнаа и турските шинели. Ја поминавме Струма и дојдовме во с. Рупел, во Демирхисар и одморивме. Тогаш една чета се оддели од Дедо Илија под водството на војвода Георги Радев - „Радо" (другар на Дедо Илија, род. од с. Броди) и се нарече „Серска чета." Јас и бев секретар. Кирлиев од гр. Кукуш остана кај Дедо Илија, кој остана во Демирхисарско. Одевме по селата до пролетта, после дојдовме во Бугарија на 1-2 мај, главно за да го разберам подобро прашањето со врховистите. Тука токму беше дошол Делчев. Останав во Софија 9 месеци и тогаш тргнав за внатре заедно со Делчев спроти Иванден 1903 год.

Тргнавме повеќе од 40 души, меѓу кои беше и Јаворов. Поминавме преку Самоковско во Банско. Во Банско остана една чета, “Банска", под војводството на Јонко Вапцарчето (од Банско), а останатите, околу 30-35 души, го продолживме патот преку Неврокопско за Серско. Застанавме во с. Каракој, каде што Делчев издаде окружно за да се соберат во тоа село реонските чети. Дојдоа четата на Сандански од Мелничко (7-8 души), четата на Дедо Илија, на Гуштанов (драмска чета), на Атанас Пашовалијата (неврокопска чета) и др. Целта беше да се сретнат и да разменат мисли. Теравме четири товари динамит, бомби, електрични машини. Делчев покажа, како се работи со динамит; со 3 фишеци се направија обиди. Почна да се издава хектографиран весник. Го уредуваа Јаворов и Кирлиев, кои повеќе беа во с. Крушево и Лехово. Се фотографиравме кај пештерата „Капе" кај с. Крушево (Серско). Дојде фотограф од с. Зрнево. Тоа беше кон крајот на јануари 1903 г. Се распределија четите. Куслев замина за Поројско, Сандански за Малешевско итн. Јас попаднав кај Дедо Илија како секретар. Цело време бевме со Делчев. Делчев задржа за свои другари 11 души и формира своја, „ревизорска чета". Дедо Илија и јас останавме со него. Заминавме да го разгледаме мостот на Струма кај Демирхисар; се мислеше да се отпочне акција, но се виде дека има многу аскер и општо земено беше тешко па се откажавме од таа намера.

Наскоро во с. Балдево беше предаден на турците Георги Радев со четата (8 души), па настана борба во селото и изгореа до 20 куќи, плевни; внатре изгоре и еден старец, а четата се спаси вечерта со само еден лесно ранет. Од Драмско доаѓа Атанас Пашалијата и соопшти, дека мостот кај Анџиста, кој тој отишол да го разгледа, можел да се нападне. Тргнавме со Делчев во Драмско и заедно со Атанас отидовме 28 души во с. Горенци. Успеавме да го разрушиме мостот и еден дел од тунелот. Планот беше распределен. Се вративме во с. Меглен и с. Дреново па преку планината во серски Боздаг. Делчев требаше да замине со серскиот раководител Лазаров за Солун, пак на конгрес за да решат подробности за востанието.

Делчев си беше против масовно востание. Ние се повлековме во Демирхисарско. Во тоа време се откри афера во Балдево (Неврокопско). Делчев од Солун се враќа преку с. Баница и таму се среќава со Гуштанов и со неговата чета и со дел од серската чета. Ние бевме на врвот на Пирин, во крајот на Неврокопско, кога дојде писмо да одмаздиме за Балдево. Заповедтта беше од околискиот раководител. Ние расудивме, дека тоа не е добро, дека може да ги натера турците да запалат друго село. Во тоа време излезе окружно да се соберат сите раководители во с. Ловча (Неврокопско).

За таму тргнал и Јаворов со Кирлиев, со банската чета. Ги забележале турци и отвораат оган. Ние се најдовме таму блиску (до с. Голешово), притековме на помош па успеаја да се извлечат без жртви. Отидовме во Ловча и таму на 24 април дознавме, дека Делчев е убиен на 19 април. Сандански не беше таму, раководители немаше и се осуети конгресот.

Останав пак со Дедо Илија, се одделив со неколку другари и после во почетокот на јуни бев накај Драмско. Дојде и Сандански со четата. Испратија посебни чети за Драмско под војводството на Мирчо (од Мехомија) и јас се присоединив кон таа чета. Подготвувавме пексимит за востанието и собиравме пари за пушки, но не успеавме да купиме. Во почетокот на септември се свика конгрес во Пиринско за да се крене востание на 14 септември. Имаше планови, што да се прави во Драмско, да ги запалиме куќите во селото Еридере на двајца шпиони гркомани и за други атентати по железницата. На 14 септември Мирчо од заседа го убиваат турците. Јас го зазедов неговото место, - водач на драмската чета. Можеа да излезат на 14-ти до 70 души селани од Калапот, но поради неуспесите по другите села луѓето се оладија и одбија да дадат момчиња, затоа што се плашеа турците да не го изгорат нивното село. Турците не насетија и селаните не предадоа. Имаше борба кај с. Калапот во една дабова горичка, каде што паднаа двајца турци; тројца од нашите се предадоа. Ја опколија горичката, а селаните им предлагаат на четворицата останати да ги закопаат во шумата, - ја испотепаа целата чета. Ги предадоа и пушките и пексимитот. Јас избегав во Неврокопско и по 7-8 дена дојдов тука.

Почеток | <<Назад | Содржина

granicnik