Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Иван Анастасов Грчето

II.

Анастасов тргнува со четата на Михал Поројлијата.- Во Струмичко Анастасов се среќава со Делчев, кој го зема под закрила. - Целите на Внатрешната организација, како што ги објаснувал Делчев. Карактеристика на Делчев како човек и агитатор. - Анастасов продолжува да дејствува согласно со идеите на Делчев. - Агитација по селата во Поројско и Демирхисарско. - Борба со војводата Дончо и врховистите. - Борба со турска војска.

Во Дупница бев месец и половина. Дојде четата (3 души) на Михал Поројлијата (од с. Горни Порој, Демирхисарско) за да се вооружи, да се одмори и пак да се врати. И јас тргнав со неа со согласноста на Малешевски. Со мене четата беше четири души. Во Ново село (Струмичко) придојдоа уште двајца, раководители од Радовишко, и после во с. Монастирово (Струмичко) по патот се сретнав со Делчев. Тој ме разбра, кој сум, и ме зеде под своја закрила. Тој за прв пат подобро ме упати по делото. До тогаш бев во магла. Тргнав со четата, ама што ќе правам, право не знаев. До тогаш мислев, дека револуцијата е лесна работа, само да се внесат нешто пушки и др. Делчев објасни: не може да се надеваме на туѓа помош, да не чекаме помош од Бугарија ни од која да е друга сила, туку треба да се подготвиме од внатре - во душата, секој селанец да се вдахнови од таа идеја, се да се подготви и тогаш да се крене масовно востание. До тогаш никој од надвор да не се меша во нашата работа итн. Делчев агитираше да им проповедваме на селаните да не одат по турските судови, кои само ги дерат, туку да си основаат селски судови и се сами да си средуваат; да се пропагира идејата на слободата, да се посочува, како живеат луѓето во други слободни земји; да им се објаснува на населението, како настанувале револуциите, кои им ја дадоа слободата на соседните земји - Влашко, Србија, Грција, Крит; да се дејствува да се избираат раководни тела по селата, да се постават курири. Делчев тогаш беше нешто како ревизор и ги повика тамошните чети, кои беа дојдени на Малешевската гора, за да му дадат отчет и да добијат совети од него. Делчев секогаш одеше сам, со куса манлихерка, преправен како трговец во потури, антерија, џамадан, со два револвера (едниот му го даваше на курирот). Тој секогаш одеше со курир, затоа што не ги знаеше месностите. Тој самиот ги изодил сите села. Првиот впечаток од Делчев беше, дека тој е чист и беспрекорен, а притоа решителенъ човек. Тој говореше доста литературно па не го разбираа сите. Луѓето се прашуваа: аџаба убаво зборува, но што не можевме се да разбереме. Михал Поројлијата се оддели и отиде во Порој сам и за војвода остана Алексо Поројлијата (од Долни Порој); секретар му беше Милан Поп Јорданов, од Велес, кој сетне се самоуби во Велес. Поодевме само неколку дена по селата. Не бевме задоволни од Алексо, и при првата средба со Делчев, кому писмено се пожаливме, тој го смени Алексо и за војвода го назначи Милан Поп Јорданов. Поминавме во Поројско. Бидејќи Алексо не се согласуваше да остане обичен четник, излезе од четата и отиде во четата на Иван Савов (петричкиот околиски војвода). Тоа беше во зимата 1900 година.

Ја продолжувавме агитацијата во духот на Делчев. Ја собиравме таксата од селата. Кој ја определуваше таксата? - Отпрвин ја определуваше околискиот раководител (според состојбата на секого) во спогодба со Серскиот раководител. Овој последниот често постапувал и пристрастно (спрема роднини и пријатели). Се земаше 2 до 10 лири „патриотски такса" од човек. Членски влог се земаше месечно од 2 до 5 гроша. Воопшто од сиромасите ништо не се земаше. Такса се земаше само од „покрстените". Страшен џамбазлак беше: дека сум сиромав, дека доста две лири и др., а ние убедуваме, дека треба, дека еден дел оди за оружје итн.. Лошо беше, што веднаш по покрстувањето се бараа пари. Беше непријатно. Парите се внесуваа во околиската каса. Поројскиот реон тогаш за раководител го имаше Стојан Филипов, родум од с. Старчишта (Неврокопска околија). Нему му се предаваа парите, а тој ги препраќаше во Сер на окружниот раководител. Еден дел се запираше за потребите на реонот. Од околиската каса се плаќаа алиштата на четата, а често и за храна. Се воведе да се носат арнаутски, - турски алишта, за да не се разликуваме многу од турците. Имаше веќе строги морални правила за четниците. Во Поројско поминавме 3-4 месеци. Изодивме многу села. Кон јуни целата чета броеше 5-6 души. Пред тоа излезе смртна пресуда против Михал Поројлијата, главно затоа што тој почнал дрско да се води спрема раководителите, убивал многу власи (негова манија беше да убива власи, а на Алекси Поројлијата да убива турци) па со тоа има многу незадоволни итн. Пресудата ја извршија на планината Беласица со по едно пукање. Јас и уште еден му тргнавме по еден куршум.

Во Бугарија престојував два месеци, главно да се снабдиме со пушки манлихерки, а зедовме и бомби (во 1901 г.). Се вративме во Демирхисарско (Мелничко, Серско и Демирхисарско тогаш составуваа еден револуционерен реон). Тогаш се вративме малкумина, но од Банско се одделивме јас и Стојко Хаџиев (од с. Голешево, Демирхисарско) и отидовме во четата на Дедо Илија на Пирин. Неговата чета тогаш ги гонеше ајдуците Дончо и Касапчето. Дончо го раниле и тој заминал за Бугарија, па ги гонеа Касапчето и Ангел Спанчовалијата (од с. Спанчево, Мелничко). Во интереса на делото беше да се очисти реонот од тие разбојници. Тогаш ние влеговме во четата на Дедо Илија. Во текот на есента Дедо Илија успеа да ги удри и тие се разбегаа, оставајќи си дел од оружјето.

После тоа почна агитацијата во тој реон. И пак тргнавме по селата. Откако ние влеговме во четата, отпочнавме поправилна агитација во духот на Делчев. И порано Дедо Илија агитирал, но не бил во состојба добро да ги разбере основните идеи на Делчев и на организацијата, особено тоа, што треба да се подготвиме сами на свои плеќи да ја изнесеме револуцијата (Дедо Илија на тоа поле си е прост, неграмотен). Обично се разделувавме на две групи, јас одев со Дедо Илија, а Стојко со некој друг од другарите, или обратно. Многу села убедивме. Меѓутоа на Дончо му било страв и во Бугарија да не го убијат внатрешните, а од друга страна внатре зиме не може да се презимува лесно, па започнал преку поп Давчо, раководител во с. Палат, да дејствува да го примиме во организацијата. Таа не се согласила со мотив, дека порано, кога неколку пати му било предлагано, не прифатил, а сега организацијата нема потреба да прима такви расипани елементи. Откако не го прими организацијата, Дончо ги понудил своите услуги на цончевистите, и влезе во Македонија како агент на Цончев уште пред коледе. Ние требаше да ги напуштиме организационите работи и да одиме да го гониме Дончо. Целата чета со Дедо Илија (7 души) беше зафатена со тоа. Серски раководител беше Ников Анастас, книжар (од с. Броди, Серско). Тој не беше главен, ама постојан и влијателен. Не ни објаснуваа добро. Мислевме, дека ќе имаме работа само со еден Дончо, а то се укажа, дека тој успеал да го придобие на своја страна речиси цело Петричко, кажувајќи им, дека Бугарија и Русија ќе помогнат. Тоа многу и наштети на Внатрешната организација, затоа што таа собираше пари за пушки, а од друга страна не можеше да ги доставува на време. Врховистите напротив агитираа, дека не треба да се даваат пари за пушки, туку само секој да каже, каква пушка сака и самиот да дојде до границата, да му се предаде. “Оставете ги оние (внатрешните) - тие не мислат за вашата слобода" - кажуваа врховистичките агитатори. И навистина врховистите пари за пушки не собираа, но Дончо собирал, судејќи им на луѓето како судија, особено за кражби, кои се чести во петричките шопи. Тие обично не се судат, туку за кражба со кражба си враќаат. Дончо на тој начин за себеси лично собрал многу пари.

Ние, не знаејќи ја силата на Донча во Петричко, стигнавме во с. Палат, каде што можевме да бидеме испотепани од него. Поп Давчо станал човек на Дончо и за малку не попаднавме во заседа организирана од Дончо со согласноста на попот. Поп Давчо после тоа ни предложи брзо да се тргниме од Петричко, затоа што Дончо се заканил, дека во спротивен случај ќе не испотепа. Ние немаше каде да одиме. Некое време стоевме во селото Елешница и чекавме помош од Внатрешната организација. Најпосле дојде кукушката чета под водството на Григор Иванов (од Гевгелиско) со 9 души па станавме 15 души. Отидовме во Долна Рибница, почнавме нова агитација, ново покрстување. Сите мажи на два пати се покрстија; по 100 души - во црквата. Таму  им расправавме, Григор Иванов им кажуваше, да не се повлекуваат по еден Дончо, ајдутин, дека тој гони други цели, дека Бугарија сака да ја присоедини Македонија, дека тоа е политика на кнезот, дека не треба само заради едни титули на кнезот населението да ризикува да се упропасти и сл. Им објаснувавме, што се направи во 1895 год. со обидот да се дигне божем востание итн. Вон од црквата стоеја 10 души стражари, а внатре беа другите. Селаните божем се наговараа. Окружниот комитет реши да се отепаат раководителите: поп Давчо во Палат, Цоне во Горем (учител “од старата мода"), Бакалчето, кој се одметнал и кој беше најглавниот и поп Иван од Рибница. Овој сам се јави, зеде да се оправдува, дека од страв пред Дончо отстапил итн. И ние не ја извршивме пресудата, го оставивме, а до другите не можевме да се доближиме.

Од таму отидовме во с. Чуричени. Дончо, кога видел, дека ние ги разубедуваме селаните, се уплашил од тоа и ги наговарал селаните да бегаат од нас, кога ќе влеземе во селото. Во с. Чуричени Дончо сакаше да не нападне; ние осетивме, излеговме и зазедовме позиција, и тој се повлече. Дојде писмо од Рибница, во кое што се кажуваше да бегаме во Елешница, затоа што Дончо ќе не предаде на турците, штом не може да не удри. Се улови писмо пак од поп Иван од Рибница до Дончо, во кое што го советува да не предаде на турците. Пак се вративме во Елешница и пак баравме помош од петричкиот раководител Донев (род. од Дојран, учител во Петрич), бидејќи бевме малку. Најпосле дојде Атанас Тешовалијата, неврокопски војвода, со тројца другари и со 32 души доброволци, собрани од разни села (во Серско, Мелничко, Демирхисарско и Неврокопско). Доаѓаат и тие, а ние во тоа време бевме разочарани, затоа што само ни кажуваа дека ќе дојдат на помош и Сандански и Чернопеев, а никој не доаѓаше. Кога дојде Атанасов, решивме да направиме уште еден обид. Бевме 52 души во с. Долня Рибница. Во тоа време се за јадење си плаќавме на населението. Видовме дека неискусните другари, доброволците, не можат многу да ни послужат па распуштивме 20-тина души а оружјето го складиравме. Да забележам, дека уште пред ние да дојдеме во Петричко, Алексо го уби Кецкаров, војвода на петричката чета, кој се доверил да оди кај нив, врховистите Алексо и Дончо, за да ги разубедува. Сакавме да го фатиме Бакалчето во с. Игуменец. Но не успеавме, Бакалчето после ни напиша да си одиме од неговиот реон, затоа што не предал на турците; неговиот реон можел да се вооружи сам без помош на внатрешнитеи, а кога ќе правиме востание,  тој сакал да биде со нас. Ние немаше каде да одиме. Тоа беше во почетокот на јануари 1902 год. И навистина турците со голема сила дојдоа од кај Струмица, Петрич. - до 600-700 души. Излеговме и зазедовме добри позиции по чуките и се боревме 5-6 часа, од утрото 9 часот до негде 3 ч. попладе. Од турците паднаа до 15 души. Престрелката се водеше најблиску, од 400 чекори до 200. Ние бевме распрснати на големи растојаниија по двајца, по тројца. Турците отстапија. Оставија едрн коњ со 33 шинела. Од наша страна немаше жртви.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik