Спомени - Лазар Димитров | ||||||||
На 9 август утрото, подвојводата Коста Иванов, со 43 души четници и со мраморечката чета, составена од 36 души, беа разместени околу Мраморец. Во меѓувреме пристигнаа 4500 души аскер. Четите аскерот го нападнаа од две страни. Битката траеше само еден час. Четите отстапија кон Турје. Од нашите паднаа само двајца, како и петмина невооружени селани и две жени. Во оваа битка загина и селскиот учител Нико. Мраморечката чета се повлече кон Кичевско. Откако го ограби и запали Мраморец, аскерот се упати кон Турје. Четата која се повлече кон ова село, заедно со турјенската и со четата на Тасе Христов, вторпат отвори оган, започнаа битка која траеше два часа. Аскерот успеа да го запали селото, а потоа отиде во Сливово. Го изгоре и ова село, а селската чета не отвори оган поради многубројноста на војската. Во Турје загинаа околу 11 души од аскерот, а од нашите еден маж и една жена, невини жртви. И во оваа битка аскерот користеше топови. На 19 август утрото, околу пет-илјадна војска тргна од Издеглавје кон Кичево. Мина низ Турје и продолжи кон Мраморец. Околу овие места имаше 57 четници, под раководство на Наум Илиев од Издеглавје. Тие не отворија оган за да не ги повредат селските семејства кои беа скриени во еден дол, над селото Козица (Кичевско). Оган отвори само четата од Мраморец, околу 3 часа. Аскерот штом се качи на ридот, почна да пука во четите со три топа. Испука 4 гранати. Фати и една девојка, ќерка на Сотир Мраморчанец која ја обесчестија околу 50 души, а потоа ја отепаа. Освен тоа, ранија едно 6-годишно детенце, еден старец, а едно 4-годишно детенце фатија живо. Фатија уште 34 жени, ги однесоа во Белица, потоа ги вратија назад и ги пуштија по нивните села. Детето е во Кнчево, кај бугарскиот владика. Жените биле од Арбино. По наредба на пашата од Белица, седум од вратените жени отидоа кај мудурот во Издеглавје да му кажат дека се враќаат во селото. Мудурот ги посоветувал да се вратат тие и другите жени, како и старците. Им дал еден заптија да ги испрати. Заптијата се вратил, а жените ги пречекале двајца војници и почнале да ги бркаат. Пет од нив избегале, две ги фатиле и откако ги обесчестиле, ги пуштиле. Другиот ден, сите жени повторно избегаа в планина. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||