Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Пандо Кљашев

XII.

Голема афера во Леринско. Откривање на оружјето

Во мај, аскерот барајќи разбојници во Трсје (Леринско), случајно го открива компромитираниот Геле и го подбркува. Двајца другари паднале убиени, а тој ранет, ја испуштил чантата со архивата со писма, во кои биле запишани луѓето кои имале пушки, а биле запишани дури и броевите на пушките. Штом го прочитале списокот во Лерин, тргна војска во Трсје да ги фати луѓето и да им ги земе пушките. Јас и Чакаларов, случајно бевме во Трсје. Дојде и Марко со четата, заради аферата со Геле. Ние сакавме со него да се договориме пак за Коте. Утрото бевме изненадени од аскерот. Беше недела. Аскерот ги фати и ги врза сите селани кои беа дојдени в црква. Ние бевме затворени во три куќи и чекавме да не нападнат. Турците наближија, ги скршија вратите. Тие не знаеја дека сме внатре, туку одеа по списокот, а според него во куќата има пушки. Отворивме оган од сите куќи. Турците викнаа помош од Лерин, ние побаравме од соседните села. Нашата чета собрала 50 души и доаѓаше од Турија. Но, пред да стаса помошта ние решивме да се пробиеме, зашто Турците сакаа да ја запалат куќата. Турците веќе имаа 12 мртви. Скокнавме низ еден прозорец, па низ една друга куќа, по едно долче, прикривани од жените, излеговме над селото од другата страна токму кога аскерот од Лерин пристигна во голем број. Турците ги натераа врзаните селани први да влезат во куќите, но ништо не најдоа, освен нашите гуни. Во Лерин беа однесени 120 души. Беа измачувани, та околу 90 пушки беа предадени. Доне, коџабашијата од Трсје беше страшно измачуван, но не ја предаде пушката. Сe негирал, па најпосле го пуштија порано. Дел од селаните останаа в затвор неколку месеци, а еден дел до амнестијата. Случката во Трсје беше на 19 мај 1902 година. Тогаш имаше две свадби во селото и точно кога требаше двете невести да одат в црква. Турците го фатија момчето на едната невеста, а другото избега, па двете си останаа дома.

Оваа случка многу лошо се одрази врз Марко; тој ја сметаше за свој пораз, го фати меланхолија, очај, се измени и се подготвуваше за одмазда, да ги гори турските села, да го нападне Лерин, да загине, само да ја исчисти дамката од својот реон.

Потоа се разделивме со него.

Тогаш во Петеле во една случка Марко загина. Блиску до селото потерата отепала еден четник по име Кице (Крсте). Тој пред тоа сретнал на патот еден лош Турчин (Арнаутин), Гега. Не успеал да го убие, а тој им јавил на Турците во Петеле кои дошле и го отепале. И по повод ова убиство беа предадени пушки во Петеле и во околните села и тоа - околу 300. Тоа го натера Марко да оди во Петеле и да го казни главниот иницијатор за предавањето на пушките. Таму беше убиен.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik