Спомени - Пандо Кљашев | ||||||||
Кога дојдоа војводите Папанчев и Никола Андреев, Чакаларов со четата на Митре Влашето отиде во Нестрамско, да ги среди организациските работи, затоа што таму Организацијата сe уште не беше поставена како што треба. Јас останав во Д'мбени и Смрдеш. Во Нестрам селаните по аферата со Иванчо беше се измениле и не го примија добро Чакаларов. Дури и учителот Паскал Павлов, поранешен секретар на селскиот комитет, не сакал да се сретне со Чакаларов. Налутен, Чакаларов дење оди со четата да го фати учителот. Турците-полјаци од селото го виделе. Момчињата фатиле еден полјак, го врзале и отишле кај учителот. Тој плачел, молел. Чакаларов му простил, го искарал и го оставил. Наближила потерата. Чакаларов божем однесол неколку души в планина, за да кажат дека биле арамии, а не комити. Аскерот не ги бркал, но 12 души од Нестрам биле фрлени в затвор во Корча. Чакаларов отиде во Костенарија кај што прв формираше комитет. Таму владееше гркоманство - немаше егзархисти. Простотијата беше голема. Повеќето се воденичари. Идејата на Организацијата тука пат може да си пробие со големи тешкотии. Сите падари беа Турци. Без нив ништо не се случувало. Затоа при секое покрстување, многу се плашеле да не разберат падарите. Чакаларов се врати, а Митре успеа да го отепа најопасниот полјак, Мехмед, во селото Жужелци. Другите полјаци се подисплашија, па селаните ја почувствуваа силата на Комитетот. Пушките кои беа донесени од Грција, оние скриените како и новокупените, се делеа по селата врз основа на парите кои Павел ги беше собрал за оружје, но ги потрошил за други потреби. Само 28 пушки се продадоа по 210 гроша и парите отидоа во касата на комитетот. Им останавме должни на некои луѓе по селата и одвај подоцна, во текот на востанието се оддолживме било со пари било со пушки, а на некои сe уште им должиме. Од синовите на Касим на Велигден добивме 100 лири, откако претходно им испративме потврда. Го пративме Циле Кономладски, претседател на раководното тело во Кономлади. Синовите на Касим имаа имот во Брезница (една воденица, кула) и се плашеа да не ја запалиме. Москов отиде во Пополе и таму за првпат се сретна со војводата Никола Андреев, а пак јас во Смрдешка Планина се сретнав со Георги Папанчев. Војводата Никола Андреев е родум од Мокрени, Костурско. Заедно учевме до трети клас, потоа тој отиде во Варна. Таму станал новинар, потоа агент на Македонскиот комитет во времето кога Сарафов беше во Варна, потоа немајќи што да работи отишол во војска, го навредил началството, па требало да биде во дисциплинската чета. Се криел во Софија. Точно тоа време Делчев и Поп Трајков барале соодветни лица за војводи и го испратија кај нас, во Костурско. Москов во Пополе ја подели четата на два дела за да му ја подолесни работата на Никола Мокренски. Едниот дел му го дал на Никола, кому за помошник му го одреди Хр. Силјанов. Тој дојде на одмор од Леринско заедно со остатоците од Марковата и од својата чета, која ја водеше Дедо Андре. Беа организирани така што едната половина со Кољо Мокренски и Силјанов влегуваа во селата и агитираа, а Дедо Андре со другата половина од четата стоеше надвор од селото, за да удри од надвор во случај на опасност. Тоа се практикуваше сe до востанието со исклучок кога имаше големи студови, или силни дождови, кога беа премногу заморени или кога две села беа многу блиску, па едната чета влегуваше во едното село, а другата во другото и доколку се укажеше потреба можеа брзо да си пружат помош. Москов ја остави четата и дојде кај мене во Дреновеви да формираме нова чета за Папанчев. Бидејќи нова чета не се прави брзо, неколку дена, ние петмината, поминавме заедно, додека се сретнеме со Чакаларов. На 20 јули, преоблечен во селска облека, отидов во Битола, кај што се сретнав со Лозанчев за да прашам како да се однесуваме во Костурско, доколку Леринската афера, во Петеле, се префрли и во нашиот реон. Имено - дали да бегаме в планина, да се предаваме или да се бориме. Лозанчев сметаше дека селаните треба да избегаат в планина. Натаму ме извести дека тие испратиле писмо до Ц. Комитет за инструкции, барајќи мислење дали уште ова лето ќе има востание, или ќе оставиме сe да пропадне. Толку тешко се одрази Леринската афера поради која беа предадени 300 пушки. Според Лозанчев, треба сe да задржиме барем уште 2 месеца, за секој случај. Ми порача да настојувам луѓето да не одат во туѓина. Се вратив во Битола со мислата дека може да има востание. На средбата со Чакаларов и Москов разговаравме за вкупната состојба и тогаш првпат дојдовме на идеја да ги организираме вооружените луѓе по селата во селски чети, и тоа поодбраните од нив - во секое село по една со одбран селски војвода, потчинет на раководното тело. Оваа идеја Чакаларов ја примени во Вишени на 13 август. Војвода на првата селска чета беше Спасо Гергевски, родум од Вишени. Потоа истото продолжи и по другите села. Првата задача на селската чета беше на помош да доаѓа организирано кога ќе има потреба, во содејство со другите оружени сили при извршувањето на некои задачи, на пр.: ликвидирање на некој Турчин-шпион, казнување на некој селанец кој и по повеќе опомени уште не купил пушка иако има можности да си купи итн. Од Жупаништа се упативме во кономладските села и во Кономлади. Тука го најдовме учителот Геле од Трсје. Се криеше во една куќа со жена си и ќерка си. Тој уште Марко кога беше жив одбиваше да даде сметка за парите што му беа дадени за купување пушки. Затоа Марко, пред извесно време, ни јави да не го пуштаме Гелета во Грција, кај што сакал да избега. Сега кога го најдовме, го фативме и му рековме да ни помогне да се ослободиме од Коте. Но, наместо тоа, тој се здружи со Коте. Тоа се случи на 2 август, 1902 година. Четата на Чакаларов му ја поверивме на Папанчев да ја води како војвода. Москов сакаше да оди во Вишени. На стемнување, кога приврши предавањето на четата, дојде писмо од Битола со наредба Москов и јас да се сретнеме со Силјанов и со другите за да се договориме за мерките што треба да се преземат во Леринско и Костурско. Писмото го изнервира Москов и тој се упати во Вишени, иако сите го задржувавме. Таму се сретнал со Кољо Вишенски и Типо и наместо да останат в планина, тие влегле во селото, кај што имало 30-тина Турци, заедно со спахиите. Имало месечина при влегувањето во селото, кучињата залајале, па Турците ги забележале, без тие да забележат дека се откриени. Утредента неколку Турци го фатиле домаќииот Типо и му рекле „Ќе дојдеме кај тебе да претресеме". Типо дошол до вратата и бидејќи не се решавал да отвори, Турците го отепале." Москов и Кољо почнале да пукаат од внатре, а Турците пратиле абер во Костур за засилување. Москов бил уверен дека четите од околните села ќе им дојдат напомош. Писмата што му ги дале, поп Христов ги искинал, наместо да ги испрати. Аскерот дошол, ги опколил, ја запалил куќата. Москов и Кољо слегле долу, но пожарот се ширел сe повеќе. Огнот зафатил уште 6 куќи. Околу 2 часот на пладне, кога виделе дека живи ќе изгорат, излегле на јуриш. Прв истрчал Москов кого го раниле во пета, но успеал да влезе во една врата и оттаму продолжил да пука. Турците го чекале до стемнување и кога сакале да ја запалат и таа куќа, Москов се самоубил. Една старица го извадила од куќата пред Турците. Кољо Вишенски бил без пушка и кога истрчал едната рака му била изгорена. Тој веднаш бил убиен. Москов, додека Турците чекале помош, напишал проштално писмо. Писмото е кај мене. Во текот на престрелката Турците отепале еден старец, една млада невеста и еден вол. Целото село избегало. На Кољо му ги ископале очите и го дупеле со ками. Него го знаеја, тој беше јан кесеџија, ландокрвен, како терорист многу души имаше пратено на оној свет. Москов е родум од Д'мбени, гимназија заврши во Битола, беше добар ученнк, син-едннец. Беше скромен, селаните го почитуваа, чесен во секој поглед, размислуваше со своја глава, сакан од сите, самопожртвуван. Москов загина на 3 август 1902 година. Во саботата, на 19 август, над селото Оштима, ја сретнавме четата на Коте. Ја опколивме и по 8-часовна битка двајца отепавме, еден ранивме и двајца се предадоа. Коте не беше со четата. Еден од предадените беше и Никола Митрев, подоцна војвода во Охридско. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||