Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Пандо Кљашев

XIV.

Полковник Јанков во Костурско сака да дига востание

Околу 30 август 1902 година добивме известување дека дошол полковшк Јанков. Патувал низ Леринско, преку планината Вич. Во Леринско не се задржал. Напиша три писма - едно за Силјанов, потоа за Митре Влашето и за Коте. Им напишал и на раководните тела на околните села со кои ги покануваше на средба со него за да им ја објасни целта на своето доаѓање. Се потпишуваше како: „Полковник Анастас Јанков; аѓутант Јанаки Москов; Началник на II воен округ". Јанков дојде во Загоричани кај што неговите момчиња, околу 58 души, повеќето од Костурско, Преспанско, а некои и од Кнежевстото, се преоблекоа. Јанков брзаше да се сретне со „воените сили". И покрај тоа што ЦК нй нареди да го разоружаме, ние не го направивме тоа, надевајќи се дека ќе се смириме. Јас воопшто не го познавав, Чакаларов малку, а Папанчев и Андреев го знаеја и велеа дека е невозможно помирувањето со него. Место за средба беше Блаца, но вечерта тој не дојде. Не веруваше. Утредента се видовме одблиску. Со Јанков, од Загоричани беше дојден и Михаил Николов (траеше распустот). Од наша страна на средбата отидовме јас, Чакаларов, Силјанов и двајца четници. Ние имавме доверба. Подоцна се дозна дека Јанков имал намера да нe разоружа, но му се спротиставиле момчињата. Само што почнавме да се запознаваме, се покажа една потера од 200-300 души, која „го чешлаше" теренот. Потерата беше на 200 чекори од нас. Ние ги знаевме патиштата и се провлековме со Јанков, вкупно бевме 100-тина души, покрај Турците. Нe пресретнаа нашите четници кои останаа да нe чекаат додека ние бевме кај Јанков. Средбата беше на 1 септември, во недела. На Шестеовскиот Врв застанавме, зашто доволно се оддалечивме од аскерот. Направивме логор. Јанков го тргна на страна Чакаларов. Му зборувал дека - ние многу сме направиле, дека народот долго ќе ни отплатувал, дека нашиот труд ќе се овенча со успех, основата која сме ја направиле никогаш нема да била заборавена и слично, сe ласкање. На крајот му кажал дека дошол да дига востание, дека секаде кај што минал е организирано и дека е договорено востанието да почне на 7 септември со биење на камбаните. Јанков велеше дека било доволно востанието да трае - три дена. Тој гарантирал дека по две недели Македонија ќе биде слободна, зашто руските генерали од Шипка, заедно со Цончев ќе ја поведат бугарската војска. Чакаларов рекол дека тоа му е чудно, зашто такво нешто не ни соопштило битолското раководство, кое ни довери цел реон. Но ако е вистина дека сите се подготвени, тогаш и ние ќе го исполниме нашиот долг. Чакаларов уште рекол дека тој има другари и дека и тие ќе треба да се информираат. Нe викнаа - мене, Силјанов, Никола Мокренски, Папанчев, Митре Влашето, Дедо Андреја Јанков. Полковникот и пред нас го повтори истото. Јас се спротиставив, реков дека ако е тоа вистина сигурно ќе бевме информирани од своето раководство и дека додека не ни испратат писмо или човек - нема да веруваме, ниту да дејствуваме. А ако се потврди тоа што го кажа Јанков, тогаш ќе ги распоредиме силите и ќе ја почнеме борбата. Јанков се фати за последните зборови - дека ќе дејствуваме. „Значи согласни сте да дејствуваме". Но, и тој требаше да се согласи да се испрати курир во Битола за да се увериме. Така мина првиот ден.

На 2 септември се преместивме на Поздивската Планина, на врвот Рушиб. Таму доаѓаа селани да го видат Јанков и да разговараат со него. Тој беше облечен во војничка униформа. Ние го замоливме да не раскажува за целта на неговото доаѓање додека не добиеме одговор од Битола. Тој вети, но не го одржа ветувањето. На луѓето кои доаѓаа кај него им дробеше сe и сешто. Го замоливме да прекине, зашто не беше во интерес на делото. Тој почна да вика: „Како можете да ми забранувате да се гледам со луѓето и да зборувам со нив?" - „Не, господине Јанков, одговаравме, но претпоставете дека од Битола ќе одговорат дека се согласуваат, а кога вие зборувате толку јавно, нема ли Турците да разберат предвреме?" И тој повторно ветуваше дека ќе молчи. Третиот ден бевме во Кономладската шума, во месноста Пеливор. Јанков со неговата чета беше подолу, а ние се качивме погоре. Во текот на денот некои од нашите момчиња се доближиле до неговите и слушнале како тој им зборувал дека ние не сме се согласувале за востанието, дека сме коцкари, вагабонти и сл. и дека тие не треба да чекаат, но врз основа на дадената клетва (се заколнале негде патем) треба веднаш самостојно да дејствуваат, да се разделат и да почнат со агитацијата. Момчињата ни кажаа за неговиот говор. Чакаларов рече да одам и да му кажам да не брза зашто писмото од Битола не е стигнато. Јас не сакав да одам кај него. Чакаларов отиде сам. Јанков одговорил дека тој гледал оти ние не брзаме, а тој треба да се подготви, а кога ќе дојде писмото од Битола ќе видиме и сл. и дека ќе го викнел и Коте. Чакаларов му одговорил дека не е добро да го вика Коте, а Јанков рекол дека и Турчин да е, ако сака да помогне ќе го викне. Кога видел како стојат работите, Чакаларов им се обратил на луѓето на Јанков, објаснувајќи им ја состојбата во реонот, дека не се подготвени за востание итн. Луѓето на Јанков одговорија дека и тие не се согласуваат да го изложат нашиот крај на оган штом другите не се подготвени, дека претпочитаат да го убијат Коте отколку да работат со него штом е таков како што го опиша Чакаларов. Кога завршуваше Чакаларов стасав и јас таму и видов дека Јанков воопшто не мисли да се повлече, туку напротив, се подготвува да ги подели луѓето по пунктови за да го прогласат востанието. Ние со Никола Андреев, како против-мерка му јавивме на населението да не се поведе по агитацијата на Јанков, да не се собираат на собранија со него туку само да му даваат леб, колку да биде поддржан. Чакаларов по говорот, се врати кај нас. Тогаш Јанков излезе пред момчињата и им рече: „Бе луѓе, ќе ме оставите ли сосема? Не се сеќавате ли на клетвата и ветувањето дадени на Врховниот комитет дека ќе дигнеме востание"? Ова повторно влијаело врз момчињата и тие повторно му поверувале.

27 април

Кога се стемни двете чети заедно слегоа во Трифилина ливада, до Кономлади. Без наше знаење дојдоа по неколку члена од селските раководни тела од селата по Кономладската Река кои ги викнал Јанков. Ни донесоа јадење. Го поканивме и Јанков да јаде, но тој рече: „Благодарам, благодарам јас ќе јадам со момчињата". Се плашеше да не го отруеме. На крајот почна да срка од чорбата. Јаде многу. По вечерата почна да ги распоредува момчињата по пунктови за да го подготват востанието и тоа - го определи својот аѓутант Јанаки Москов (братучед на загинатиот Москов) со 10 души да оди во Смрдеш за да ги дигне селаните од тоа село и од Косинец и Д'мбени; Петар Гајков, родум од село Жеравна (Котл. околија во Бугарија), бивш унтер-офицер со околу 12 души требаше да оди во Загоричани и да ги дигне тамошните луѓе, а Нако од Шестеово, бивш четник од нашите чети (Нако замина од Москов поради еден престап, потоа Јанков го зел со себе) го испрати во своето село, а оттаму да замине во Сетома (турско село) за да го потпали кога ќе се дигне востание. Кога заминаа Москов и Гајков, Јанков им се обрати на членовите на раководните тела што беа дојдени по негова покана, со прашањето дали се подготвени за востание, зашто кај што поминал биле подготвени, сe било организирано и по 4 дена ќе имало востание, а тој лично дошол точно за тоа. Меѓу присутните беше и Марко Пандов, селанец од Кономлади, деморализиран, осуден претходно на смрт. Кога Чакаларов виде дека присуствува и тој човек кој беше сосема расипан, му рече на Јанков: „Ти забранувам да зборуваш понатаму, зашто не ги познаваш луѓето, а зборуваш такви работи. Ти забранувам да зборуваш или да му ја мислиш." Момчињата на Чакаларов кога го видоа толку возбуден се повлекоа неколку чекори и легнаа. Јанков се исплаши и викна: "Убијте ме, господа. убијте ме!". Чакаларов одговори: „Нема да те убиеме, но нема да ти дозволиме да правиш неред и да не туркаш во востание. Слободата ние ќе си ја извојуваме, не ја сакаме од тебе. Немој да мислиш дека ако си полковник и со еполети, дека ќе дозволам да го повлечеш народот и заради тебе да изгори!". Потоа Чакаларов се сврте кон членовите на раководните тела: "Кој ве викна тука? Ние ве избравме, нас само треба да не слушате и сега ви наредувам да се разотидете!" И сите заминаа. Во тоа време едно од момчињата, Атанас поп Николов (заврши петти клас во Битола) дојде кај Јанков и му рече: „Ние, господине Јанков, си имаме свои началници кои досега раководеа со нас и го подготвуваа народот и Вас нема да ве слушаме. Тие еполети и таа униформа ние не можеме да ги почитуваме" - и почна да му ги кине еполетите.

Јанков: „Ве молам господине, не ми ги уништувајте еполетите!" - „Вие не сте работеле тука и сега доаѓате само да го уништите народот..." Почнаа и други да вреват, па и јас и Хр. Силјанов. Му се префрли дека не молчел, дека не чекал одговор од Битола и сл. Се зафати долга расправија. Јанков се тргна на страна и седна до Митре Влашето, кој мирно молчеше. Му рече: „Митре, овие луѓе викаат против мене и велат дека не сакаат слобода од Бугарија, а Делчев праќа луѓе да ме убијат". Тој преку Грција испратил неколку души, но Господ е со мене, тие се издавија, а тие ќе ме убиеја". Митре му одговори: „Жалам, госп. Јанков, вие сте полковник, а јас прост овчар, па не знам што да ви кажам кога му благодарите на Бога што оние луѓе се удавиле. И да знаевте сигурно дека, доаѓаат да ве убијат пак не требаше да му заблагодарите на Бога што се удавија". По ова Јанко се тргна на страна. Дојде време да одиме. Некои од леринските четници го викнаа на страна Силјанов да го прашаат дали не е подобро, доколку се дига востание на 7 септември, да одат во својот реон. Силјанов ги разубедуваше. Во тоа време Јанков го викна на страна Чакаларов и му рече: „Василе, бе, Коте ме викна на разговор, што викаш, да одам ли?" Чакаларов се насмевна и му рече: „Ништо не можам да ви кажам, јас ви го опишав Коте и ако почнете да работите со него, ние ќе ви бидеме непомирливи непријатели, а тој ќе ве искомпромитира пред целото население." Јанков додаде: „Ама не, јас мислам бе, да појдам, а утревечер пак да се сретнеме." Чакаларов му рече: „Правете како сакате, но помнете ги моите зборови". Откако се разделивме, Јанков отиде да се види со Коте.

Тоа се случуваше на 3 септември 1902 година. Ние се вративме во планината кај што добивме одговор од Битола според кого - нигде и ништо не е подготвено за востание. Од нас се бараше да го принудиме Јанков да не вреви наоколу.

Јанко и Коте се зближија и станаа најдобри пријатели - откако Коте нас нe оцрнил со најцрни бои, а Јанков му се пожалил употребувајќи ја вообичаената фраза „коцкари". Тогаш Јанков испратил 10 момчиња од својата чета, под водство на Димитар Дебарлијата (бивш обичен мајстор од Варна) преку Преспа во Ресенско, за да одат секој во своето родно место - Охридско или Дебарско, зашто многу негодувале - сакале кога ќе биде востанието да бидат во своите краишта и, во исто време, да агитирале за востание.

Тие разгласиле низ Преспа дека Јанков дошол да дига востание и, според зборовите на учителот од Бесвиње, Башев, роден во Ресенско, некои селани, меѓу кои и тој, излегле да го „пречекаат востанието". Тие почнале да се простуваат и се скриле во папратите 2-3 дена, кога им застудело, се вратиле назад.

Ние се преместивме околу селото Статица, од каде што му испративме писмо на Јанков дека добивме одговор од Битола,. според кого за никакво востание ништо не е подготвено и дека не треба ништо да преземаме. Баравме да одреди место за средба, за да поразговараме околу тоа прашање. Тоа беше на 5 септември.

Јанков одговори дека тргнал за Смрдеш и дека можеме таму да се сретнеме. Вечерта во Статица направивме собрание на кое на селаните им ги објаснивме последиците од Јанковата агитација и ги замоливме да не се поведуваат по него. Истиот ден и по другите села имаше возбудувања. Лазар Бицанов, зеленички фирар и бивш работник на Организацијата, заедно со Петар Погончев, кој дојде уште на Велигден како агент на Врховниот комитет и десна рака на Јанков - на коњи трчаа како луди по селата од Пополе кон Рула, кај што беше Јанков, секаде зборувајќи дека Лефтеров дошол во Леринско со 130 души и дека таму огнот е веќе пламнат, а дека останало само Костурско, кое уште молчи: „зашто вашите раководители не сакаат востание, туку само да јадат и да грабаат". Возбудените селани се собираа во групи, доаѓаа кај нас и бараа објаснување. Прашуваа дали да дигаат востание штом „Леринско веќе пламнало". Со долги разговори ние ги разубедувавме и ги праќавме да ги разубедат селаните.

Лазар Бицанов должеше 80 лири кои ги имаше добиено од битолското раководство за пушки. За нив требаше да приложи сметки. Кога слушнал дека востанието наближува се израдувал мислејќи дека со него ќе ги израмни сметките. Се рашири и друг глас - дека Саракинов дошол во Воденско и дека таму било прогласено востание. Голема заслуга што селаните од Кономладска Река тогаш не тргнаа по Јанков има Циљо Котев Кономладски, член на раководното тело од Кономлади. Тој одеше по селата понекогаш ги убедуваше, понекогаш ги заплашуваше селаните. Имаше големо влијание во тие села. Циљо беше голем патриот, беше човек на Касим-бег, но кога влезе во Организацијата стана најдоверливиот и нејзиниот најсилен столб. Во селото беше најзафатен. Заедно со син му влегоа во четите и заедно дејствуваа. Циљо в затвор лежеше од јули до јануари 1901 година, а син му по Иванчовата афера беше осуден во отсуство на 101 година и имаше порака да се убие. Во текот на востанието Циљо беше убиен на 8 октомври 1903 година. Во весникот „Ден", од ноември или декември 1903 година, Силјанов, во статијата под наслов: „Жртви на востанието" пишува за истиот Циљо Котев Кономладски.

Јанков собра луѓе од Рула, Оштима, Желево и Трново кои заедно со неговите 25 момчиња направија околу 70-мина вооружени со разни пушки, некои со само 4-5 патрони, а 20-тина со лопати и дикли - и со таа армада тргна кон Лерин, да го запали. Тоа беше на 7 септември. Се доближил до Лерин и бидејќи не можел уште првата вечер да влезе во него, останал на 8-ми, недела, во месноста Калуѓерица, Трсјанско. Дента им напишал писмо на познаниците на Коте да излезат, да го пречекаат и да му донесат газија. Уште им порачал да им јават на сите христијани, дека вечерта Лерин ќе биде запален. Пред да тргне во Лерин, му напишал на Гркот, д-р Киро Карабина: „Госп. д-ре, поддржете го духот на граѓаните додека влезам во градот. Погответе храна за кога ќе дојдам". Му кажува како стојат работите, каде дејствува Цончев, каде Саракинов итн. Писмото требало да го однесе некој си Ламбро Порјазов, опинчар во Костур, во чија куќа го читала учителката Ана Николова. Писмото не му го однесле на докторот, зашто нашите потписи не били исти, па почекале да видат што ќе се случи, Подоцна, при еден претрес писмото го уништиле.

Грчкиот владика во Лерин, кога дознал за намерите на Јанков, й кажал на власта, која пак, по телеграф побарала кавалерија од Битола. Таа стасала уште вечерта и го опколила градот.

Кај Јанков дошле луѓе од Организацијата од градот и му ветиле помош. Но, точно кога се одморал во неделата, на 8 септември, ја видел војската која дошла и видел колку е слаб. Од Битола му напишале строго писмо во кое се вели: ,Или ќе застанеш, или ќе бидеш одговорен за последиците" Јанков збеснал, му се развикал на курирот, но немало што да прави. Исплашен од писмото и од аскерот, вечерта тргнал назад во Желево.

Ние во тоа време од Статица минавме во Смрдеш, кај што саботата вечерта, на 7 септември, направивме собрание со луѓето од околните села. Селаните од Смрдеш толку се повлекле по Јанков што му дале барут, му ветиле дека ќе прават востание и почнале да се подготвуваат. Жените почнале да пискаат, да ги кријат алиштата, да се подготвуваат за утрешниот ден. Ние го отепавме предавникот Лазо Кирчев (на 27 јули), гркоман, душевно нестабилен човек. Тој нe предал на владиката во Костур и тоа кога дојде Папанчев. Тогаш Папанчев првпат изврши убиство. И јас пукнав двапати во него, а Чакаларов го доврши.

Поради ова убиство, роднините на убиениот почнаа да зборуваат против нас, па селаните почнаа да се однесуваат постудено. Затоа се доближиле до Јанков. Вечерта го направивме собранието со цел да ги смириме духовите и да ги разубедиме селаните дека нема да има востание. Имаше викање и спротиставување од селаните: „Како може Јанков, еден полковник да биде поткупен и да ни мисли лошо...?" Ние одговаравме: „Од каде да знаеме дека Јанков не е поткупен од Турците, штом внесува таков раздор во Организацијата..." На крајот селаните се убедија, првпат формиравме селска чета и по ова тргнавме за Д'мбени, кај што беа свикани на заедничко собрание по два члена од раководните тела од околните села и сите д'мбенци. Истата вечер Јанаки Москов се врати во Смрдешка Планина. Тука го нападнале 32 души од жандармеријата, кои се разбегале. Имало еден наш мртов, а кај Турците тројца.

На собранието зборував прво јас, потоа Чакаларов. Им кажавме сe за Јанков. Се одлучи да не се слуша Јанков и уште се избра една четиричлена делегација, да оди кај Јанков и да му каже или тој да престане, или народот ќе го запре, дури и со оружје. На 9 септември делегацијата тргна кај него. Од името на четворицата, учителот Кирјако Тарповски од Д'мбени решението му го предал во Рула, кај што го нашол Јанков. Овој пак му се пожалил дека сме биле коцкари, социјалисти, анархисти итн. Учителот му одговорил. Кога станало збор за неуспехот во Лерин, Јанков рекол дека погрешил кога датата им ја кажал на „коцкарите" - Чакаларов и другите, зашто божем тие ја кажале на бугарската агентура во Битола и дека агентот телеграфирал во Софија, кај што веднаш во Бугарија биле поапсени неговите другари Цончев, Саракинов. Поради тоа востанието било осуетено, и тој почнал да се оддалечува од планот. Се пожалил дека не можел да го запали Лерин, зашто повторно, намерно испратени луѓе од нас, коцкарите, му ги скриле двете канти со газија кои ги добил од Лерин и со кои сакал да го запали градот.

Учителот се врати. Во Д'мбени со нас се соединија момчињата на Јанков кои беа во четата на Јанаки Москов оти беа разбиени од жандармеријата. Докрај разочарани што никој не им се приклучил за востание, станаа наши луѓе. Тие ни кажаа дека Јанков уште на првата средба имал намера да не разоружа.

Турците го зеле трупот на загинатиот Јанков четник на Смрдешката Планина, Васил Пашов од Д'мбени и го сликале. Потоа пратиле потера која во Смрдеш измачувала 12 чорбаџии кои се ослободиле со поткуп. На тој начин селаните од Смрдеш први ги почувствуваа последиците од лудориите на Јанков.

Од Битола дојде известување дека е уапсен Поп Трајков кој бил испратен од Софија да ни помогне против Јанков. Тој доаѓал преку Србија, но во Скопје го затвориле. В затвор остана до амнестијата -16 февруари 1903 година.

И Јанаки Москов, аѓутантот на Јанков се предомисли и се обиде да го предомисли својот дотогашен претпоставен. Но Јанаков му одговори дека тој продолжува до крај.

Кога Јанков дојде во Смрдеш селаните не сакаа да го примат велејќи му да се смири со нас. На 13 септември вечерта, се сретнавме во месноста Арамиски Падини. Бидејќи не му верувавме, презедовме мерки на претпазливост и го викнавме преку Силјанов. Јанков дојде: „Е, господа, треба да се смириме! Народот вика, со камења ќе не истепа"! -„Убаво, му одговоривме Госп. Јанков, каде ви е востанието?" - „Ех, оставете го тоа, џанам, грешки има на двете страни. Но, треба да се смириме! Ќе се разберам со битолското раководство". Сакал да ги остави момчињата кај нас и со 10 души и со Силјанов (зашто не можел на стари години да учи шифри) сакал да оди во Битола. На битолскиот комитет, Јанков сакал да му го изложи својот нов план: заедно со Коте да одат во Грција, да купуваат пушки и да ни ги испраќаат нам. - „Само ве молам, господа, пушките да ги плаќате, да не ги оставате на наш грб, зашто ние немаме средства". Сите се согласивме со овој план. Требаше да се определи кои момчиња ќе одат со него, а кои ќе останат со нас. Другиот ден, на 14 септември, кога ги почнавме подготовките, Јанков го смени планот велејќи дека не можел да ги дели момчињата. Немал доверба во нас. Предложи друго: „А-бе, јас, Чакаларов и Силјанов да одиме во Бугарија, да ги убедиме Цончев, Сарафов и Делчев, да се смириме. Чакаларов да го убеди Сарафов, а Силјанов Делчева". Му одговорија дека така не може. Јанков рече: „Ако не успееме да ги смириме, тогаш јас ви велам дека мајк...(ата) ќе одам низ цела Бугарија и сегде кај што има комитет ќе зборувам против нив, а мојот збор се слуша во Бугарија".

Јанаки Москов рече дека ќе си оди дома, во Д'мбени. Јанков го тргна на страна и му рече: „Биди подтотвен за 20 септември, ќе го нападнеме Костур; Русите од Шипка ќе дојдат и тогаш ќе биде што ќе биде". И Москов веќе виде дека си има работа со мавнат човек.

Истиот ден стигна известување дека од четата на Јанков водена од Гајков до Загоричани, во една битка загинале шестмина. Кога со помош на Петар Погончев отишол во Загоричани, Гајков ги собрал селаните в планина - ќе се дигало востание, мажи, жени, се причестувале, се проштевале, се бакнувале. Кога излегувале од селото отепале двајца спахии и 1-2 Турци кои продавале пиперки - луѓето го објавиле востанието. Кон нив се приклучил и нашиот човек, Михаил Николов кој на селаните, кога го прашале им одговорил дека востание и има и нема, но за него востанието веќе било прогласено. Но, на 10 - 11 септември, војската го изненадила Гајков и му отепала 6 души. Селаните се скриле во селото, а Гајков со 2-3-ца се упатил кон Прекопана. Оваа вест го потресе Јанков и затоа, без да не извести, ја собра својата чета и тргна низ Дреновени за Пополе.

Во тоа време, околу 28 септември, дел од војската отишла кон Бапчор да бара комити. Го фатиле бугарскиот учител Јане Карајанев, родум од Велес (сега е во Плевенско). Тој, без многу мачење ги предал најдобрите работници, а тие, по мачењето предале околу 14 пушки, а 18-20 селани од Бапчор беа отерани во Костур. Учителот, исплашен дека ќе биде убиен од Комитетот заради предавството, го замолил аскерот да го земе со себе и да го испрати до родното место. Аскерот се префрли во Кономлади, друг аскер од Костур дојде на местото кај што претпоставуваше дека ќе нe најде нас и Јанков. Патем фатиле две момчиња од Турија кои носеле писмо за Циљо Кономладски во кое пишувало дека Јане е предавник, та да се внимава. Во Кономлади ѕверски биле измачувани четворица селани и двајца поранешни болни четници од Марковата чета. Тие ништо не кажале, велејќи дека се питачи. Заедно со нив аскерот фатил 12 души кономладчани (Циљо не бил во селото). Одејќи од Биглишта кон Кономлади, аскерот сретнал едно овчарче (Влавче), кое предало неколкумина од Црновишта кои имале пушки. Ги затворија Поп Танас, коџабашијата и др. Влавчето живееше во Брезница, па од Црновишта го донесоа во неговото село да покаже каде се скриени пушките. Ги однесло во црквата. Турците копале, но не нашле ништо. Селаните се пожалија во Битола, дојде до испитувања, дојде и рускиот конзул Ростковски. Конзулот отиде и во Костур и им порача на селаните да дојдат и тие и да дадат изјава пред власта. Отидоа Поп Крсто, егзархиски свештеник и коџабашијата Карола. Во Костур гркоманскиот чорбаџија Жапко ги убедил прво да одат кај грчкиот владика и со него да се посоветуваат. Отишле. Грчкиот владика ги убедил да не кажуваат дека црквата ја раскопале Турците, туку дека тоа сами го направиле, зашто во спротивно лошо ќе биде за селото. И тие дале таква изјава. И точно кога рускиот конзул се расправал во меџлисот за направеното сквернавење на црквата, ја прочитале изјавата во која се кажувало спротивното. Тогаш конзулот се налутил, ги прашал зошто му направиле така и си отишол. Во иднина не примал Бугари во конзулатот, дури и ги бркал.

Од Д'мбени отидовме во Жупаништа, од каде што ги испративме Папанчев, Кољо Андреев и Митре Влашето во Желине (во селото има и Турци). Тие требаше да го казнат предавникот, гркоманот Васил како и гркоманскиот поп, кој набеден од владиката, со негови пари поткупил двајца Турци да го убијат бугарскиот свештеник Динко во ова село. Го убиле поп Динко на најѕверски начин - му го расекле стомакот и цревата му ги завиткале околу вратот. Затоа ние сакавме да им се одмаздиме на попот и на неговиот пријател Васил. Тоа се случуваше околу 1-2 октомври. Нашите отидоа, влегаа во куќата на Васила кој не сакал да излезе надвор, па го отепале внатре. При пукањето загинал и неговиот внук, а ќерка му била ранета и набрзо умрела. Потоа се вратија, но не се докажа ништо, иако се знаеше дека тоа го направи Комитетот.

Силјанов замина од нас - преку Грција отиде во Софија, а ние, вознемирени од аферата во Бапчор и Црновшта, одлучивме да ги собереме пушките од селаните и да ги складираме в планина, на посигурно. Со таа работа четата се занимаваше цела есен.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik