Спомени - Пандо Кљашев | ||||||||
Лаки Поповски, кој беше убиен во битката кај Локвата, беше нашиот леар на бомби. Тој прво ги лееше во Смрдеш, и тоа некои од гугуч, а некои од туч (од камбаните кои се собраа од цело Костурско). Бомбите се полнеа со динамит, што го донесовме од Грција, а еден дел го донесе Сарафов. Лаки сам ги полнеше. Бомбите со динамитот од Сарафов беа подобри. Се лееја во Смрдеш, до неговото опожарување, а потоа во Д'мбени. Имавме стотина бомби, Искористивме дваесетина. По оваа битка, војската, откако се насели по главните села почна одново да ги измачува селаните за пушките, сега во Пополе. Во Загоричани јузбашијата премногу ги измачи селаните, па некои ги предадоа пушките, а некои избегаа. Имаше едно момче од четата на Андреев кое ја предало пушката. Чакаларов и Розов го казнија - го обесија блиску до Загоричани, а на грбот му ставија една белешка на која пишуваше дека истото ќе го снајде секого кој ќе ја даде пушката. Мајката на обесеното момче го обвини јузбашијата за смртта на нејзиниот син. Се отвори процес во Костур, јузбашијата се исплаши од одговорноста, ги запре измачувањата и избеганите селани се вратија во селото. Ентузијазмот - исчезна. Многумина ја загубија вербата дека ќе има востание. Состојбата беше неподнослива - имаше и глад. Оние кои не можеа да го платат данокот не знаеја што да направат - ако избегаат требаше да дојдат во четите, ако останеа во селото - ги чекаше ќотек, поради кого можеше и пушките да ги предадат, а ако се случеше тоа можеше да бидат казнети од комитите. Навистина - неподносливо. Печалбарите исто се бунеа, сакаа да се вратат во туѓина. Така течеше јуни. Кон крајот на јуни во В'мбелска Планина дојдоа Груев и Сарафов. Оттаму се гледа Смрдеш. Со нив се сретнавме – јас, Чакаларов, Поп Трајков и Розов. Груев имаше недоверба кон костурчани така што меѓу нас се случи едно мало недоразбирање. Груев и на конгресот во Смилево рече дека нема доверба во костурчани. Овде Груев тврдеше дека Коте не бил толку лош човек, дека тој не е агент на грчкиот владика и бараше писмени докази дека е предавник. Јас се налутив и дојде до кавга, поради која на Груев не му ја објаснивме состојбата во реонот, а одделно сe му кажавме на Сарафов. Сарафов потврди дека Коте и него го предавал и дека Груев не треба да инсистира. Се спречкаа и Сарафов и Груев. Груев рече: „Коте е светост, но вие го расипавте со клевети. Но, бидејќи инсистирате да се убие, се согласувам, нека се убие." Тоа беше смртна навреда за нас, кои се боревме со Коте, знаевме каков е тој, а сега еден началник така да се изрази за него. Груев и Сарафов заминаа, а ние со Чакаларов и Попов отидовме кон Костенерија. Тие денови Кршаков го отепа коџабашијата од Косинец, кој нe беше предал на 31, а во Желево запали три куќи на предавниците кои нe предадоа на 21. Кршаков на 8 јули беше пречекан од луѓето на Коте и беше тешко ранет во половината. Во текот на целото востание беше болен во Смрдеш, жените го лекуваа. Сакаше да умре, но којзнае како оздраве. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||