Спомени - Пандо Кљашев | ||||||||
Кога ние на 23 јули се биевме во Клисура, Поп Трајков се смирил со Коте, без наша согласност. Отишол кај него со 4 знамиња и со околу 600 души, свечено му простил, братски се прегрнале, зашто во текот на востанието не требала да има делби. Поп Трајков пратил чети во помашкото село Жервени, за да ги натера селаните-помаци да го предадат. оружјето. Тие не го предале, а четите отвориле оган и го изгореле цело село, отепале неколку мажи, а другите избегале. Од истото село беа фатени и убиени 50-тина селани, како што ви раскажал Попов. Нема да ви кажувам подробности за востанието, кое се прогласи на Илинден, 20 јули 1903 година - тие ви ги раскажал Попов. На 26 јули, аскерот од Костур дојде во Шестеово, за да ги прифати семејствата од Жервени. Тогаш Турците запалија едно маало во Шестеово и 4 куќи во Црновишта. Кога бевме на Шестеовскиот врв, започна борба помеѓу четата на Козничев (Дреновската и Поздивската чета). Само еден четник од страв се повреди и умре. Откако на 27 август се разделивме со Попов, останавме јас и Чакаларов со околу 450 души. Одморавме во Орманчето. блиску до Брезница. Нe виде аскерот и ние се оддалечивме. На 29 слеговме во Брезница, ја изгоревме куќата на Стојан Жојков и ги казнивме татко му и брат му. Тие го убија Лавро Гацов, еден од најдобрите работници од Брезница, а друг дел од Котевата чета, го отепа Дине Јанев, под влијание на грчкиот владика. При палењето на куќата, го обесивме селскиот кмет Георги Карола и селскиот падар Доно Јутов, кој беше еден од убијците на Лавро. Продолживме над Апоскеп, во месноста Дулите (дуло - вдлабнато место, цилиндрична дупка во земјата). Овде другиот ден. на 30 август, имаше 9-часовна битка. Околу 200 војници уште во мугрите го опколија Апоскеп барајќи од селаните да го предадат оружјето. Околу пладне стотина војници однесоа во Костур петмина старци. Другите војници се упатија кон планината да најдат место за правење логор. Кога ни се доближија, ние брзо се разместивме и отворивме оган, па нив 100-тина војници успеавме да ги избркаме. Пукотниците се слушнале и во Костур и тргнала 4 илјадна војска да нe нападне. И една група од 200 турски војници од селото Тиолишта, која беше тргнала да ги брка нашите другари Розов и Кузничев, кои ги запалија оние 4 куќи на предавниците, тргна од левата страна, за да нe нападне в грб. Еден час пред стемнување бевме нападнати од три страни. Во текот на битката нашите момчиња ја напуштија првата позиција, зашто не можеа да издржат и со големи маки можевме да ги задржиме на новата позиција, кај чешмата Ковачо. Турците окуражени, со големи напори се обидуваа да ги заземат позициите, но залудно. Чакаларов на долната позиција кај Ковачо успеа да ги задржи и од задната позиција. Тука употребивме 4 бомби кои многу ја исплашија војската. Се стемни, но истрелите продолжија уште еден час. Се разделивме со Чакаларов. Во битката паднаа многу Турци - велат дека загинале 200, но всушност загинаа околу 81, а од нашите двајца. Ние бевме вкопани во позициите и тие во групи трчаа да ги заземат. Разгневени од исходот од битката, другиот ден целосно го изгореа селото Апоскеп, околу 120 куќи и убија 14 селани, меѓу кои и поп Мишо, егзархиски свештеник и Лазо Лукаров. Ги одраа на мстото на битката и ги оставија да се мачат. Тие тоа го направија за да не се каже дека иие сме немале жртви. Чакаларов со 120 души отиде во Нестрамско, за да го одвлече вниманието на аскерот, а јас со 220 души останав во Кономладско. По два дена аскерот ме заобиколи од сите страни, но го избегнав судирот. Исплашени од тешката положба, востаниците почнаа да ме напуштаат и да си одат во селата. Тоа беше во почетокот на септември. Беа објавени два прогласа од Турците - се повикуваа сите да се предадат со ветување дека нема да бидат казнувани. Грчкиот владика со 600 души војска одеше низ Пополе и во Олицкиот манастир за да ги убедува семејствата да ги викнат востаниците да се предадат, а тој ќе ги заштител - ако станат гркомани. Неколку села се излажаа - Апоскеп, Габреш, Загорачани, Олишта ја прифатија патријаршијата. Подоцна, кон крајот на септември сите кои сакаа да одат во туѓина, требаше од грчкиот владика да добијат дозвола за пасош. Инаку, не им се издаваа пасоши. Откако се извлеков од аскерот ја разделив четата на помали делови, за да се скриеме полесно во шумата. Јас со 80 души отидов во Косинец, кај што останав 4 дена, од кои два гладувавме - леб немаше, жито немаше, водениците беа изгорени. Жените беа принудени на грб да носат по два шиника жито на 2-3 часа растојание за да го сомелат, а потоа и нам да ни дадат леб, да се прехраниме. Во тоа време аскерот се беше сместил во: Клисура, Врбица, Блаца, Черешница, на планината Вич во Бапчорско, во месностите Дулите, Ковачо (над изворот Габрецки, во камењата), на планината Лисец, во Рула {околу ливадите), во Бесвиња (кај чешмата Крајков) и во Д'мбени. Имаше околу 25.000 - 30.000 војници. Ги претресоа сите планини, дрво по дрво: отепаа над 50 овци од едно стадо во месноста Црна Гора. Ги бркаа семејствата од Кономлади, Дреновени, Поздивишта и Габреш, ги раселуваа и обесчестуваа, меѓу кои и 14-годишното девојче Дочка Никова Постолева од Жупаништа, која ја силуваа 40 Турци. Девојчето не можеше да стане. Како последица од ваквата, неподнослива состојба, селаните почнаа да се враќаат по селата и да подигаат крпи, наместо бели знамиња во знак на потчинетост (по препорака на пашите кои ја водеа војската). Тогаш и почна масовното предавање на оружјето. Тоа беше итрина на Турците: да се предаваат пушките масовно, од целото село, за да не падне одговорноста врз одделни лица, со што полесно ќе се дадат. Така и се случи. Дури некои селани почнаа да се договараат со Турците како да се казнат оние кои уште се колебаа да се предадат. Така се случи во Д'мбени учителот Христо Цеманов со двајца соселани, по сугестија од јузбашијата, на 7 септември вечерта го пресретнале учителот Кирјако Трповски и го стрелале, божем зборувал против оние кои се помируваа и го предаваа оружјето. Околу 1 септември Чакаларов во Нестрам изгорел три куќи на вжештени гркомани и противници на Комитетот. Војска со 200 души го сретнала во Нестрам, почнала борба, но војската срамно се повлекла. На 3 септември отишол во селото Тухли, мешано со Турци и Грци. Турците избегале в планина, откај што почнале да пукаат во востаниците. Овие разгневени го запалиле селото -15 турски куќи. Фатиле една баба и едно детенце и му ги дале на коџабашијата, Грк, да ги чува. Со Грци-курири, отишле во турското село Ливаѓа. Во него живеат богати бегови и јатаци на арнаутите, разбојници по хрисгијанските села. И селаните од Ливаѓа избегале в планина и исто почнале да пукаат по четниците, но овие ги протерале и им го запалиле и селото. Уште истиот ден 6тргнале востаниците конарнаутското село Ленотеј (арнаутски: Загар - св. Захарија). И селаните од ова село, заедно со селаните од двете претходни, од една височинка пукале во четниците. Тогаш Чакаларов одвоил едно одделение под водство на Коста Здролјов и му наредил да го нападне селото Вртеник (исто арнаутско). Арнаутите залудно се спротиставувале - и двете биле изгорени. Повторно обединети, востаниците се упатиле кон арнаутското село Фуша, го запалиле и него и вечерта се прибрале во Вртеник. Од таму - се упатиле кон селото Грамос, а патем запалиле една пилана со околу 15.000 штици. Под Грамос останале до 5 септември и кога испраќале едно одделение да им донесе храна од селото, ги нападнале околу 150 разбеснети Арнаути. Почнала борба и арнаутите биле избркани, се прибрале во селото Грамос, а таму нашите четници ги опколиле. Во тоа време од едно блиско арнаутско село доаѓала сила од 400-500 души Арнаути, собрани од другите арнаутски села за да ги ослободи опколените. Кога виделе дека Арнаутите се побројни, нашите се повлекле кон планината. Турците ги бркале. Чакаларов формирал две крила, кои ги опколиле Арнаутите и ги нападнале од грб. Арнаутите изненадени почнале да бегаат, влегле во селото и заедно со чорбаџиите кои ги фатиле по патот, се затвориле во црквата. Нашите ги стигнале и ја опколиле црквата со намера да ја нападнат со бомби и со динамит. Паднале десетина Арнаути, а од нашите еден. Не се решиле да ја бомбардираат црквата, зашто внатре биле и повидните чорбаџии (Грамос е влашко село). Вечерта нашите се повлекле и на 6 септември отишле во влашкото село Денско. Од Денско се префрлиле во турското село Мирославица и го запалиле. Потоа минале низ грчкото село Котелци и Пчелско. Чакаларов отишол да го нападне кајмакамакот „Бурбоцко". Извидникот на враќање не можел да каже ништо друго освен дека нема аскер, но подоцна навистина дошле околу 200 души аскер, а потоа и повеќе - па Чакаларов се вратил назад во Костенаријата и се сместил зад Жупаништа. Почнаа да нe гонат. Од 17 септември до 17 октомври, Турците немилосрдно нe прогонуваа. Следуваа провали, предавање на пушките, складирање на пушките. Во една пештера во В'мбелската планина се скриле 18 души од в'мбелската чета. меѓу кои неколкумина без пушки. Турците ги откриле, а тие сите внатре се самоубиле. Само едно момче скокнало од пештерата, паднало рането од еден истрел и се преправало дека е мртво. Му отсекле едно уво; Турците на секој убиен му сечеа по едно уво. По ова, момчето се лекуваше во Битола заедно со мајка си, која исто беше ранета. Тогаш јас пратив околу 800 жени од битолските села да протестираат кај конзулите. Не ги примиле во Битола, туку останале на Крстофор, кај што англискиот конзул двапати ги фотографирал. На 17 октомври со Чакаларов, сестра му и со 20 души ја минавме грчката граница десно од селото Велемиш. Чакаларов беше облечен во влашки алишта. Минавме низ Трикала. Момчињата ги фатија, ги затворија и по две недели ги пуштија, па преку Варна дојдоа во Софија. Јас и Чакаларов поминавме низ Арта-Левкос-Крф-Трст-Фиуме и стигнавме во Белград. На 8 октомври јас дојдов во Софија, а два дена подоцна стаса и Чакаларов. Брат ми отиде во Дијарбекир. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||