Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Славејко Арсов

IV.

Агитациони собранија во Леринско, Кајларско и Воденско. Делчев ги дава последните упатства. Арсов и Марко војвода. Арсов се враќа во Битолско; неговата организациска работа по селата; се наложуваат измени во облекувањето и обичаите. Клетвата. Војводата Јордан Пиперката. Арнаутски разбојнички чети

Влеговме во леринскиот реон. Додека бевме во Загоричани дојдоа легалните од Битола и Лерин - Георги Поп Христов и Кожухаров Андреј, за да се посоветуваме за оружјето. Тогаш се организира канал преку Грција. Во Леринско еден ден седевме во селото Зелениче. Тука на селаните Делчев им даде некои објаснувања и заминавме кон селото Ракита (Кајларско). Тука останавме два дена и ги собравме селаните. Оттаму - во Екшису, цела недела. Таму организиравме неколку собранија; селото беше големо, 300-400 куќи, не ги собираше сите одеднаш. Тука се формира централното раководење, под него беа потчинети 5-6 села. Поминавме многу убаво. Но, пак заврши со предавство: не предал некој непознат човек во Лерин, од каде јавиле во Битола, па дојде многу војска. кавалерија и потера. Одвај излеговме, а потерата ги опколи Екшису. Ние стигнавме во селото Пателе. Тука трагата не ни ја најдоа. Останавме еден ден. Разбравме дека потерата ќе дојде и во Пателе. Штом се стемни тргнавме по железничкиот пат во селото Острово (Воденско), каде што организиравме општи собранија. Тука покрај егзархисти имаше и гркомани. Ги викнавме сите, освен за делото им говоревме и за штетите кои произлегуваат од нивните несогласувања, од раздорот; се поставивме на ненационалистичка почва. Успеавме да ги привлечеме и да ги смириме. Искажаа жалење за дотогашната заблуда, при што заборавиле на заедничкиот непријател, предавајќи се на заедиичките караници. Продолживме кон селото Гугово (Воденско). Тука го направивме последното општо собрание заедно со Делчев. По завршувањето на собранието, Делчев одделно мене и на Марко ни даде упатства за идните дејства - како да се постапува при агитирањето, особено во мешаните села, каде што имаше и гркомани; да се говори дека целта на четите не е луѓето да ги прават Бугари или Грци, туку да се ослободат од Турците, а потоа кој што сака нека биде. Во чисто егзархиските села се објаснуваа лошите страни на животот, се правеше кус историски поглед на турското ропство и сл. Се објаснуваше колку било силно некое време бугарското царство, кои биле причините да падне под Турците, т.е. неслогата. Се даваа предлози што да се направи. Главно беше сe да се објаснува низ примери од животот на селаните. На крајот се препорачуваше да се избројат должностите - односно да се пристапи кон организирање на делото. Делчев кажуваше и како да се однесува војводата кон четата, кон момчињата. Потоа Делчев отиде во Воден, а јас со Марко заминав кон селото Жервени (Воденско). Тоа ми беше последното гледање со Делчев.

Со Марко одевме две недели по селата: Чеган (Леринско), Горничево, Баница, Росен, Борешница, Крушоради, Сетино, Пападија, Соич. Во Соич се разделивме со Марко. Пред тоа нешто се случи со него. Марко тие села ги обиколувал пред една година, зашто потоа се префрлил на западната страна, го обиколувал Вич. Во тој период духот на населението ослабнал, се јавила непослушност спрема легалните раководители и злоупотреби. И шпиони се јавиле. Ни јавија од Лерин за тоа и ни ги посочија лицата, а ние се погриживме да фатиме тројца (двајца од селото Борешница), меѓу кои и еден учител по име Петар, еден воденичар и еден ќаја на турски чифлиг (ќајата беше шпион, другиот убиец на еден добар работник). Ги однесовме на планината Ниџе, во Попадиските Трла. Таму им судевме и се покажа дека обвинетиот како шпион е невин, а другите се покажаа како самоволни злосторници и убијци. Тие признаа, пресудата им се прочита пред 20-на селани од селото Попадија и беа казнети кај месноста - Маркови Кули. Третиот беше ослободен. Учителот беше раководител на 2-3 села (Неокози, Борешница и Арменово); тој беше учител во селото Борешница. Некој работник му пречел во самоволијата и тој со воденичарот решил да го отстрани. Организацијата со соодветни казни докажуваше дека нема да ги штеди и своите луѓе кога ќе бидат докажани нивните грешки. Секогаш имаше испитување, проверка на информациите и по сe се донесуваше и се извршуваше пресудата.

Се разделив со Марко во Соич некаде меѓу 1-3 февруари. Марко остана во својот реон, Леринскиот, а јас со две момчиња, по препораката на окружното раководно тело, кое беше во Битола и кое се состоеше од Лозанчев, Дорев и Георги Поп Христов, заминав во Битолско. Бев назначен за војвода во Битолскиот реон. Тука ги обиколив селата - Брод, Логоради, Могила, Трн, Кукуречани, Кочишча, Рамна, Лера, Цапари, Ѓавато и Смилево. На 9 март бев во Смилево. Овие села порано ги обиколувале и други - четата на Донски, кој пред да дојдам со 20-тина души го напуштил Битолско и се префрлил во Ресен поради аферата во Егрит. Организацијата тука ја најдов организирана според стариот систем: во секое село имаше десетари, на 10-15 куќи кои се грижеа да соберат членски влогови, да го собираат народот на собрание кога ќе дојде четата и да испраќаат писма преку курири. Во тие села требаше да се воведе новиот ред во организирањето кој се состоеше во тоа што во секое село имаше раководно тело од 4-5 души; на секои 10-12 души по еден десетар со поширока дејност. Старите десетари имаа право да го следат однесувањето на секој работник посебно и сл. На новото „раководно тело" му се даваше можност - власт да определува кој може да купи со свои пари оружје (пушка, ремен, патрони), да ги определува членските влогови, да разрешува поситни расправии меѓу работниците, во улога на „мало судилиште". Се забранија непотребните накити на облеката, како на пример, големите женски волнени појаси (тешки до 15 оки), потоа скапите вратници, гердани со алтани, монистра, скапи везови на кошулите - сe со цел.да се намалат трошоците во секое семејство. Им се наложи на организациските тела тоа да го следат. Целта беше да се соберат пари за пушки. Се намали и откупот што момчето го дава на таткото на момата од 15-25 лири, на - најмногу 2 до 5 лири. Се намали и свадбата - наместо три, да трае еден ден. Се намалија и службите кои во секоја куќа се правеа по еднаш или двапати, од три на еден ден. Се забрани пијанството, за да не се кажуваат тајните во пијана состојба, како и да не се трошат непотребно пари. Раководните тела беа задолжени да внимаваат да нема кражби, потпалувања, блуд, тепачки.

Со тоа се одликуваше новиот систем на управување на Организацијата. На десетарите им се нареди да бдеат за сe во своите делови (маала) и да го информираат за сe раководното тело, кое пак, од своја страна, беше должно да ја информира четата, за поважни и итни работи писмено, а инаку усно, кога ќе дојде четата. Секој работник посебно, откако ќе се заколне, беше должен да му се покорува на раководното тело со посредство на десетарот. Раководното тело се избираше на општо селско собрание на кое беа должни да присуствуваат сите, од 20 до 70-годишна возраст. Од накитот прво се отфрли среброто - гердани, гривни, пари - зашиени на облеката и сл. Кога ќе им се речеше дека секој треба да си купи пушка, обично велеа: „добро, ама немаме". Тогаш им се објаснуваше дека се троши за непотребен накит. И многу од тој накит се продаде.

11.12.

Открив дека селаните во повеќето случаи ги чуваат закопани, а не знаеја ни да ги чистат. Им се забрани да ги закопуваат и дури им се наложи да ги чистат. Кога во селото ќе дојдеше четата сите кои имаа пушки или некое друго оружје беа должни со него да се јават пред четата. Тука се правеше еден вид смотра, се кажуваше начинот како да се чисти и како да се чува оружјето. Целта на ваквите собири со оружјето беше да се разбуди желбата кај оние кои немаа оружје да купат и да се охрабрат да го носат оружјето. Дотогаш се стеснуваа да чуваат оружје, особено пред домашните. Но штом се разбрало дека пред четата треба да се покаже со оружје, резервите од страна на домашните и на оние кои немаа оружје, исчезнаа. Тоа е првата фаза во реформирањето на животот и користа од Организацијата. Во Костурско таа фаза беше завршена. Во Смилево веќе имаа околу 60 пушки (од системот гра и мартинки) и знаеја да ги употребуваат, дури имаа научено - и со задоволство го ползуваа - да ги држат пушките пред себе „за почест".

Во Смилево дотогаш општо собрание немаше. Покрстувањето на работниците било поединечно и било тајна – еден од друг криеле, така што членовите не се знаеле мегу себе. Јас им предложив на селаните да се соберат и тие по многу колебања се согласија: не можеа да се спротистават на силата на четата. Сакав да им кажам да престанат да се кријат едни од други, дека треба јавно да се соберат и дека ќе биде тоа што ќе биде. Селските раководители се согласија и собраа 150 души во црквата. Дојдоа сите кои имаа оружје. Свештениците, облечени во одежди, го отворија олтарот. Кога влегов јас во црквата, работниците беа наредени во шпалир и еден викна - „мирно, за почест!" и сите -60 пушки - ги ставија пред себе. Тоа ми остави силен впечаток. И сега не знам кој ги научил тогаш да поздравуваат „за почест". Во црквата одржав говор, зборував повеќе од 4 часа. Првпат беа собрани в црква. „Досега сите чувствувавме еден товар - болките, но не смеевме да ги искажеме јавно." Им објаснив дека пресвртот е неопходен за да се подобри состојбата. Ме прашаа дали ќе можеме пресвртот да го направиме сами. Им одговорив дека можеби сами нема да можеме, ама и на готово да чекаме нема да се случи, а ние треба да предизвикаме туѓа помош. Треба да ги засегнеме интересите на другите држави, за да го свртат вниманието кон нас и сл. Треба, пред сe, да веруваме во себеси.

Потоа им беше предложено да се изјаснат дали се согласни дека треба нешто да се направи за да се подобри состојбата. Одговорија дека се согласни да живеат меѓу себе братски, сложно и сл. Се заколнаа сите кои дотогаш не беа заколнати. Тие се одделија на страна. Момчињата се наредија во шпалир, со пушките. Се симнуваат фесовите. Клетва: војводата излегува напред и стои, свртеи кон исток, прави крст од две пушки, или сабји, а друг до него држи причесна или евангелие; во шпалирот стои еден дел од оние кои ќе дадат клетва. Едно од момчињата командува „за почест", и војводата ја кажува клетвата, а тие повторуваат: „Се колнеме во името на Бога, верата и честа, дека отсега ќе служиме колку што можеме за слобода на нашата татковина Македонија и Одринско; ќе ги слушаме наредбите на нашите главатари; нема никому да ги кажеме скришните народни работи. Ако не ги слушаме наредбите на нашите главатари и ако некому, свесно или несвесно, кажеме за она што сега го гледаме, што го слушаме и што ќе го работиме да бидеме убиени од браќата со оружјето што сега го целиваме". По клетвата им се честиташе: „честито!" Мнозина во текот на клетвата трепереа, се уплашија од церемонијата и махинално повторуваа. По клетвата ним им се објаснуваше подетално за значењето на заклетвата, им се објасни кои се главатари, што значи „верата, честа и Бога", зошто даваме таква можност „кој колку може" и сл. Им се објаснуваше што означува „татковина наша Македонија и Одринско", дека, имено говориме еден јазик, дека сме една вера, дека треба заедно да работиме, а не посебно; што е повелба и сл.

Откако се објасни клетвата, се пристапи кон избирање раководно тело. Им се објасни и потребата од него. Им се препорача сами да ги изберат членовите на раководното тело, но да гледаат да не изберат само богати или само сиромашни, туку повеќето да бидат чесни и сл. и да не се постари од 45-50 години, да не се срамежливи или плашливи. Изборот се случи веднаш во собранието, по мала агитација. Понекогаш од војводата се посочуваше да влезат било учителот, било свештеникот. Раководното тело се состоеше од 3-6, ретко само двајца. Сите членови се рамни меѓу себе. Касиер бираа меѓу себе, а сметките ги предаваа само на четата. Селаните немаа право да ги гледаат сметките, но пред нив може да се гледа сметката од четата, за да им се влее доверба. Раководното тело имаше право да избере десетари кои му беа потчинети.

Раководното тело кон четата ги имаше следните задолженија: четата на раководното тело му соопштува тоа што треба од некое друго село; бара курир; бара стража за пречек на четата или кога четата само минува покрај селото. На раководното тело му се порачува да одбере соби и храна за четата; раководното тело се грижи за свикување општо собрание. Сметките раководното тело й ги доставува на четата и соопштува за сe што се случило во селото. Во тоа се состоеше мојата агитација по селата во Битолско до крајот на март и април 1902 година.

Оттаму ме задолжија да одам во Демирхисарско со цел да го уништиме Пиперката. Мотивот беше: пијанство, навреди, физички пресметки со одделни личности, нешто како непослушност кон окружното раководно тело. Јордан Пиперката, родум од селото Козница (Кичевско) беше војвода на Демирхисарската чета. Човекот неграмотен, на околу 30 години, бивш ајдутин, во Организацијата влегол прво како терорист со мала чета, која подоцна се оформи во агитациона чета.

Во мисија бев пратен со писмена заповед од окружното раководно тело од Битола. Тргнав со четата која броеше 12 души, меѓу кои беше и Ѓорѓи Сугарев, подоцна раководител во Битолскиот реон. Стигнав во селото Боиште (Демирхисарско) и таму се распрашав за однесувањето на четата, Пиперката и за вкупните состојби со движењето. Од распрашувањето се покажа дека обвиненијата не се сосема основани: ги поддржа само учителот Драган Петков, ресенчанец, учител во истото село Боиште и личен непријател на Пиперката. Пиперката му удрил шамар. Имено, тој учител донел приговор во окружното раководно тело против него. Дадов некои упатства на селското раководно тело во Боиште и отидов до Бабино (Демирхисарско). Таму го сретнав Пиперката со 5-мина; тука го распрашав селското раководно тело и се покажа дека не се основани сите обвиненија против Пиперката. И неговите другари го потврдија истото. Тоа се соопшти на окружното раководно тело со мислење работата да се испита посистематично откако ќе се обиколи целиот реон. Тоа беше прифатено и јас тргнав заедио со Пиперката во обиколка. (Тој имаше 5 души). Најпосле се потврди првото мислење, дека има неосновани клевети, дека не е сe вистина.

За да не останат назад работите во Битолско во тоа време, Сугарев со 6 души се оддели од четата и се врати назад, во Битолско. Но, само што стасал во Смилево, се случи несреќата со Патчев и неговата чета. За да се закрепи духот на населението во Прилепско и да им се докаже на Турците дека не можат да не истребат иако беше загубена цела чета, окружното раководно тело нареди Сугарев веднаш да замине во Прилепско, откако пред тоа се обезбедија неколку четници. Сугарев замина и Битолско остана пак без чета, така што јас требаше таму да се вратам. Но, набрзо беше нужно да одам во Кичевско, каде што имаше расправии меѓу четниците и војводата Јанаки (од село Лавчани). Јанаки не беше доволно навлегол во суштината на делото и во неговата градба. Тој се немаше сретнувано со чети, а беше прост, од старите ајдути.

Во Кичевско отидов во селото Вранештица. Претходното лето во Кичевско била четата на Никола Петров, која само по еднаш ги обиколила овие села. Затоа населението малку беше упатено во делото, само одделни личности во селата знаеја. Требаше да се засили агитацијата, во секое село требаше да се организираат собранија и да се организираат според новиот систем. И со оружје беа многу слаби. Во таа работа поминаа две недели; го обиколив целиот Рабетин-кол (селата Орланци, Светораче, Козичино, Дупени и др.). Јас како војвода првпат ги посетував. Ни посакаа добредојде, но се плашеа да не ги предаде некој меѓу нив. Селата ги обиколив со четата која броеше 7 души, а во Орланци се сретнав со Јанаки, чија чета броеше 9 души. Таму му објаснив како треба да ја води агитацијата во иднина и проверив што работел во мое отсуство. Тргнавме кон Вранештица на голема сабота. Имаше полна месечина, не забележаа турски овчари - таму имаше помашки села (Челопеци. Лисичани, Србјани, Пласница). Забележавме оган. Ја прегазивме реката над Лисичани и си заминавме. Во Вранештица застанавме колку да се исушиме и уште в зори излеговме во шумата. Околу пладне фативме едно Турче на околу 14 години. Мислевме дека е пратено од Турците да нe следи. Го врзавме за да не избега и да нe предаде. Мина еден друг Турчин малку подалеку, не виде, им кажал на Турците во Лисичани и веднаш не напaднаа. Беше нe фатила дремка, па потерата се доближи на 40-50 чекори. Се доближивме до една скала и забележавме оган. Еден сонлив четник ја грабна пушката и ја нападна потерата, отепа двајца и си проби пат меѓу нив. Турците, сепак, имаа еден мртов и двајца ранети. Ги зедоа и се повлекоа. Оттука се упативме кон Белица. Турската потера влегла во Вранештица, го тепала народот. Свештеникот Никола избега кај нас. Го криевме; сега е тука, во Бугарија.

Пред да се формираат нашите чети, таму имаше арнаутски разбојнички чети (на пр. Биљал од село Баланза, Харамдук, Таир-Толо, Исљам Онбаши, Тафо и др.). Тие чети имаа обичај во својот реон да доаѓаат секоја година пролетта. На пример: Тафо беше во Поречието-Кичевско, Исљам Онбашија по целото Кичевско, Таир-Толо во Струшко, Бижал ги држеше селата во Бигла итн. Тие земаа по неколку селани за откуп. Ги носеа дури во Дебар и Малесија. Тие имаа свои јатаци, кои беа и христијани и Турци. Турците јатаци се викаа „дерудеџии"; тие сите беа роднини на разбојниците. Во Демирхисарско и Крушевско беа на Биљал. Тројца такви Пиперката ги сретнал и веднаш, кога доаѓале од Крушево и минувале низ селото Приболци (турско село, мудурлук), Пиперката ги отепал. Од таму тргнал дома, во селото Козица. за Велигден. Се сретнавме случајно во селото Белица и заедно отидовме во неговото село, каде останавме еден ден. Дотогаш Пиперката веќе разбрал за мојата мисија во врска со него. Му дадов објаснение, тој беше задоволен. Со него се разделивме тука. Заминав во Црско (Демирхисарско) и оттаму во Битолско. Во Демирхисарско селата беа организирани пред тоа, но повеќето според стариот систем. И тука требаше да се реформира Организацијата. Но овде имаше прилично пушки, народот беше навикнат со четите на Пиперката и Н. Петров и воопшто беше поподготвен отколку во Битолско и Кичевско. Го продолжив патот за Битолско и штотуку наближив до Битола, добив писмо да одам во Крушевско за да се сретнам со Велко, крушевскиот војвода, со Петар Ацев и со Сугарев за да се договориме околу Организацијата и да испратиме неколку момчиња кои имале желба да одат во Бугарија. Тоа беа нередовни четници, кон четите се приклучиле за да не одат в затвор. Се сретнавме на 10 мај. Наредните 2 дена ги поминавме заедно, а на 12 вечерта, излегувајќи од Журче, на патот нe пречекаа Турци. Не настрада никој, зашто на време ги забележавме. Одевме сите заедно, со околу 25 души низ Крушевско (Сугарев беше во Прилепско). Се искачивме во планината, а во селата влегувавме само за леб. Во Крушевско имаше по неколку пушки, по 10-тина в село; повеќето села тука беа добро подготвени.

И многу Власи од градот беа посветени. Комитетот во градот беше прилично силен, имаше пари, имаше и работници Власи.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik