Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Славејко Арсов

V.

Разместување на војводите. Влашка разбојничка чета. Упатства за четниците. Труењето на турската разбојничка чета. Арсов во Ресенско. Положбата на селата. Разбојникот Неџиб. Совладување на Турците-полјаци. Турски комитети. Поткупениот мудурин

Тука се реши да се разместат војводите: Петар Ацев (родум од селото Ореовец, Прилепско) отиде во Прилепско, Сугарев во Битолско, а јас во Ресенско; Велко остана во Крушевско. Заедно со Ацев ги спроведовме момчињата кои сакаа да одат во Бугарија преку Прилепско (од таму беше каналот). Со Сугарев и Велко тргнавме во Битолско. Во Ресенско имаше чета што ја предводеше Стојан Донски. Поради некои недоразбирања со градското раководно тело. Стојан ја напуштил четата и со 2 момчиња отишол во Кичевско, во родното село на еден од другарите. Таму останува некое време, отепува 2-3 Турци и, по дигањето на аферата, бега во Србија. Од неговата чета беа останале 7-8 души кон кои се присоединиле и други, така што јас затекнав 10 души. Кога одев од селото Цапари ме ранија во левата нога, под коленото. Од Цапари тргнав сам, со еден курир, по разделбата со Сугарев. На патот имало заседа и меѓу двете маала на селото Лери скокнаа 7-8 Турци, викнаа, грмнаа сите и ме ранија во ногата. И јас грмнав во нив, тие се исплашија и избегаа во селото. И курирот избега. Потоа пак се најдовме и продолживме низ планината. Имаше роса па тешко се движевме. Курирот одеше во Смилево да ја извести четата која ме чекаше. Вечерта сретнав едни ќумурџии, ми дадоа коњ и уште истата вечер стигнав во Смилево, кај што останав цел месец, додека ми зарасна раната. За тоа време се занимавав со агитација во самото село. Стаса известување дека веќе 2-3 разбојнички турски чети шетаат низ Ресенско и дека отепале тројца, а ограбиле мнозина. Немаше време да чекам да оздрави раната, зашто морав да одам во Ресенско. Во тоа време моите четници го обиколувале Ресенско. Една од трите разбојнички чети беше влашка (беа четворица), преправени во Турци (под името „Неџиб деребеј"). Мојата чета (6 души) ја нападна влашката чета и отепа двајца, а еден рани. Водачот на Власите се викаше Пано (од Куцовласите овчари од Корчанско). Четворица од четата на Стојан Донски (пред да дојдам јас и пред да ме ранат) одат во Преспанско, кај што казниле еден калуѓер од Слимничкиот манастир, предавник, осуден на смрт. Мојата чета дојде во Смилево и тргнавме во Ресенско. Пред да тргнеме ги распрашав четниците за нивното минато, да ги запознам поблиску. Јас ги запознав со вистинската улога на четата, бидејќи не го разбираа сите тоа, им ги кажав нејзините правила: дека треба да се почитуваат меѓу себе, односот кон селаните да биде братски, да се чуваат од кражби, блуд, лажење меѓу себе и од фалби и укори за свои другари пред селаните; да не бараат храна по куќите, а да се задоволат со сe што ќе им биде принесено; за собите, за облеката, за оружјето и за другите потреби на домашните се грижи водачот; за сите потреби и нередовности, забележани од нив и во четата и во селата, должни се да го известат војводата; точно да ја извршуваат стражарската должност, било на „бивак" в планина, или в село, ако бидат поставени. Потоа им ги кажав правилата како да се движат, во каков ред кога се во поход. За секое отстапување има казна: критикување (посебно), критикување јавно пред целата чета; разоружување пред целата чета (по некое време оружјето пак му се враќа назад); преместување во друга чета и смртна казна.

Стасавме во селото Златари (две недели по Петровден). Уште в зори ми јавија дека дошла една разбојничка чета над селото Кривени и побарала леб и други работи (шеќер, ориз, маст и др. и 25 лири пари). Веднаш тргнав во Кривени да дознаам сe за разбојниците за да ги растераме. По неколку дни се уверив дека не ќе можеме долго да останеме во оваа планина, а тука имаше и три одделенија потера. Видов дека со оружје не можеме да направиме ништо, затоа наумив да ги надитрам. Им реков на селаните да ми јават штом ќе посакаат пак храна од нив. Организирав да ми пратат отров од градот. Кога стасав во селото Круше, од Кривени ми соопштија дека разбојниците дошле, зеле две деца (9 и 14 години) за да ги принудат селаните да избројат 25 лири, фатиле и друг, пак за 25 лири, барале леб и сл. Јас им дадов од отровот и им реков да го стават во киселото млеко. Селаните немале храброст тоа да го направат, но една жена успеала да стави од отровот, без да ја видат. Дојдов над село, а во тоа време во Кривени доаѓа потера со 100-тина души и дознава дека разбојниците зеле две момчиња, храна и сл. Потерата ги натера селаните да одат напред и да им ја однесат храната на разбојниците. Селаните така направија, но разбојниците се скрија, а војската отиде в планина и се врати. Тогаш разбојниците се покажаа над село и ја зедоа храната. Отровот делуваше, се отруја 11 души, остана само еден од нив. Котлето со малку млеко го оставиле на едно патче. Заробените деца, влечени од нив, биле гладни. Едното сркнало една-две лажици (отровот беше мишомор, арсеник). Децата се спасија. Водачот-разбојник се викаше Асан Секирја, чирак на Исљам Онбашија. Брат му на Асана, кој се спасил од отровот, ги пуштил децата кога видел дека им е лошо. И двајца од аскерот кои сркнале од котлето се отруле. Разбојничката чета всушност беше формирана со знаење на турската власт да ги предупредува востаниците, да го плаши народот, да не смее слободно да оди по планина. Сите полјаци-Турци тајно, па дури и јавно ги помагаа разбојниците. Дури и сите Турци јавно ги поддржуваа тие чети. Турците на селаните им зборуваа да се чуваат, да не влегуваат во лоши односи со таа турска чета, зашто била опасна.

Откако четата се отру, Турците некое време мислеа дека е негде скриена (труповите ги скриле тие кои им ги собрале парите), а други мислеа дека заминала за Албанија. Дека четата е отруена се разбра по еден и пол месец. Населението беше презадоволно од резултатот, што толку лесно се ослободи од разбојниците, па уште подобро не пречекуваше.

Кога дојдов во реонот, народот беше малку поколебан, зашто Донски ја напуштил четата и таа долго време беше без началник. Најдов многу малку оружје, по неколку пушки во селата и тие најчесто 'рѓосани. Редот во Организацијата беше стариот, сите селани не беа посветени на делото, а посветените делуваа по стариот тертип. Народот беше многу потиснат од разбојниците, од полјаците и од другите искористувачи од градот и околијата. Згора на тоа и постојни потери ги измачуваа. Економски селаните беа заробени од градските чорбаџии. Целото население тргна со надеж во туѓина - најмногу во Цариград - и тоа главно со градинарство, од секое село по стотина мажи. Во селата, во тоа време имаше само старци, деца и случајно дојдени од туѓина. Во секое село имаше по 20-30, до 100 души мажи, главно или многу млади или стари, а цветот на населението беше во Цариград. Првите три месеци ги употребив во пресретнување разбојници и лоши полјаци. Бев нов во реонот. Во исто време ги местев потребните раководители во секое село. Правевме собранија. Четата од почетокот се однесуваше меко и братски. Ја обиколував Бигла (селата Златари, Кривени, Лева Река и Круше). Населението ја помагаше четата кога таа ги бркаше разбојниците. Се префрливме во Болно кај што уште првата вечер направивме собрание. Ми донесоа две ливчиња со кои разбојникот Неџиб бара од тоа село и од селото Евла по 14 турски лири. Такви ливчиња растурил и по другите села. Се распрашав за Неџиб и дознав дека имал 9 души, дека 1-2 дена порано 7-мина го напуштиле и дека останал со двајца. Меѓутоа, чекал други другари, граѓани од градот Ресен. Му тргнав по дирата - прво во селото Петрино, потоа во Дупени. Другиот ден дојде известување дека Неџиб е веќе во Шуленска Планина. Дојдов во селото Покрвеник. Им дадов отров на Шуленци, но тие не успеале да го отрујат. По долго чекање најпосле четворица од моите луѓе го начекаа Неџиб и го убија; другар му Хасан, ранет, се биел со четворицата, еден отепал и еден ранил. Стигнавме на помош. Го убивме. Нашиот убиен другар се викаше Сотир Ц. Секов. На Турците им ги пресековме главите, а труповите ги оставивме.

Турците го нашле трупот на нашиот другар и го однесле во Ресен, кај што бил погребан со големи почести. Овој случај влијаеше врз населението тоа да се окуражи, да се ослободи од стравот од разбојниците и во четата виде свој заштитник, кој не го жали и својот живот за доброто на народот. По ова, положбата на четата во Ресенско се засили, доби авторитет и внесе страв кај Турците. Агитацијата течеше успешно по целиот реон.

Точно тогаш (во средината на август 1902) во Ресенско стаса прокламацијата на полковникот Јанков од Костурско. Го прашав реонското раководно тело во Ресен дали поканата е добиена директно од Јанков, или преку окружното раководно тело. Ми одговорија дека е директно. Се разбира, поканата тогаш за нас не можеше да важи и не й се посвети внимание. Ги советував другарите да не ги информираат соседните реони како што се предлага во поканата, туку поканата да се испрати директно во окружното раководно тело. Дотогаш за Јанков знаев само толку дека во Македонија, во униформа, на отсуство доаѓал некој полковник Јанков. Додека, пак, за борбите меѓу врховистите, во кои се броеше и Јанков, и внатрешните, немав ни поим. Дотогаш исто така не знаев дека Јанков до август се наоѓал во Костурско. Јас продолжив со агитацијата. Додека се организираше делото, особено внимание се посвети на оружјето: сите кои немаат оружје да си купат и тоа да се чува исправно, да се чисти, да биде заштитено. Се купуваа пушки гра, од Турците. Обично пушката гра чинеше 2,5 лири, 10 патрони - 13 гроша, а пред востанието достигнаа цена од 22 гроша. Пред мене 10 патрони се продаваа по 3-4 гроша.

Откако се мавнаа разбојниците, требаше да се мавнат и полјаците. По убивањето на разбојниците, на 15 август, бев во Круше; ми јавија дека во Охрид е Али ага, претседател на турскиот комитет во Ресен (турските комитети беа основани порано) и дека би било добро да ги мавнеме. Се распрашувавме за да го пресретнеме, но распрашувањето се покажа неполезно; по два дена се обидовме да пресретнеме и други. Се сместивме во селото Кривени. Тука имаше полјаци - Турци, татко и син: Смаиљ, 40 годинн полјак во тоа село, син му Зениљ, помошник. Тие беа јатаци на турскиот комитет - на четата што ја отрувме и на слични терористички групи. Селаните сакаа да ги отепаме. Ние штотуку пристигнавме во селото, исцрпени од замор. Ги убедив селаните да појдат да ги фатат живи, за да ги казниме без врева. Селаните отидоа, но не смееле да ги фатат. Еден предложи тоа да го направат во неговата куќа. Со измама ги доведовме во таа куќа и во текот на ноќта ги врзавме, ги изнесовме надвор од селото и на една ливада ги казнивме. По ова дојде потера во селото. Ужасно ги мачеа селаните, ги тепаа, но не можеа ништо да дознаат. Селаните се окуражија, видоа дека можат да ги отстранат лошите Турци, а тоа да остане тајна. Синот на полјакот беше страшен крвопиец; тој имаше отепано до 15 души Бугари, замешан бил во сите убиства. По оваа случка сите Турци-полјаци по селата од страв сами заминуваа. Веќе беа разбрале дека селаните ги трујат или живи ги фаќаат. Остана само братучедот на Неџиб во село Лескоец, како похрабар, се мислеше невин. Другите полјаци беа само на име.

Турскиот комитет од градот, откако дозна за убиството на полјаците, веднаш се одмазди. Двајца наши убија, а еден ранија. Селаните не беа навикнати да се жалат на измачувањата на кои ги подложуваа Турците. Кога ги измачуваа во Кривени, јас два дена подоцна отидов во селото, ги собрав селаните и ги убедив да се соберат 150 души, мажи, жени и деца и да одат да се жалат кај валијата и кај конзулите, дека ги мачат ни криви ни должни. Такви измачувања имаше и во Круше, поради еден неуспешен обид да го ликвидирам Демир-ага од Буково. Демир собра една банда и отепа еден крушевчанец и фати четворица и ги однесе во Дебар за 50 лири откуп. Тие избегаа. Најпосле се случи жалбата и од селото Круше, за измачувањата од аскерот и башибозукот и за однесените од Демира. Отидоа да се жалат околу 120-130. Четата ги испраќаше и кривенци и тоа ноќно време, 3-4 часа преку планина, за да не ги забележат Турците од Ресен. Колективната жалба на селаните, дотогаш невидена, силно дејствуваше: дојдоа наредби Турците да се воздржуваат од насилството над населението. Особено рускиот конзул Ростковски се застапуваше за народот. Слична жалба, иако помала, се направи и за полјаците. На тој начин се исчистија полјаците, освен оној од Лескоец. Еден ден, близу селото Шуменци, го средивме и него.

Имаше еден мудур кој можеше да се поткупи. Калија Татарчев, со извесна сума го придоби на наша страна, па се назначија полјаци „рисјани". Тој ги убеди селаните дека дошол од царот мемур за полјаци да се назначуваат рисјани. Самите Турци гледаа дека Турците се убиваат, дека турските чети гинат, дека бугарското население почна поодважно да се однесува, така што сите тоа го толкуваа како опасна промена и помислија дека главна причина за тоа се зулумите на спахиите и полјаците на одделни деребејовци. Затоа самите Турци ги советуваа и ги заплашуваа потерниците да се смират и да се однесуваат почовечки кои христијаните, зашто гледаат дека работите се одвиваат лошо за Турците. Веќе имаа разбрано дека има комитски чети кои се хранат по селата и раководат со селаните. Не можеа само да си објаснат од каде произлегува таа нова сила која е и видлива и невидлива. И војската малку се созеде, не одеше веќе по селата. Се рашири глас дека трујат. Во такви работи мина есента. Вооружувањето во тоа време течеше прилично добро, се забрза, се разви желбата кај самото население да знае да ракува со пушка. Обучувањето се одвиваше навечер, по куќите. Нишанеа без да пукаат, немаше пукање, сe беше теорија. Прво се обучуваа момчињата од четата, потоа почнаа и другите кои имаа оружје. Штом ќе дојдеше четата в село, сето оружје се вадеше надвор, луѓето да бидат под оружје, како и стражата која внимаваше надвор од селото. Селската стража, по 2-3 и повеќемина секогаш стоеше на повисоко место; „ноќната стража" секогаш беше поблиску до патот, нејзе и беше забрането пушење, кашлање, зборување, спиење и треба за сe да соопштува. Имаше дневна стража. Во почетокот беа само мажи, но подоцна се ставаа и жени.

Кога има чета во селото, има редовна стража и дење и ноќе, а кога нема задолжени се да јавуваат сите: говедари, овчари, дрвари. Тие треба да му кажуваат на селското раководно тело за сe што забележиле (движење на војска, потери и сл.) Нешто од едно село ведаш се соопштува на другото село, така што често пати кога тргнуваше војска од Битола, на пример, веднаш им се соопштуваше на сите села, како и правецот на движењето.

Стража се става и пред село кога е извадено оружјето, за да се чисти или да се обучуваат. Подоцна обучувањето беше и дење; одевме и в планина, по 150 души.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik