Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Славејко Арсов

X

Конгресот во Смилево. Учесници. Дамјан Груев претседател. Одлука да се дигне востание. Избор на Главен штаб и реонски началници. Ресенско се дели на два реона. Битката со турската војска во Цапари. Колеж во Битола

16.12.

Конгресот во Смилево почна на 20 април и траеше 7-8 дена. Делегати од Окружното раководно тело беа - Лозанчев, Поп Христов, Пешков. Дамјан Груев беше претставник на Централниот комитет. Сарафов фигурираше како инспектор на четите (така да се каже).

Од Костурско дојдоа Чакаларов и Кљашев.

Од Ресенско - јас, како реонски раководител, Кокарев исто така, Александар Панајотов (потпоручник на бугарската армија, родум од Велико Трново, убиен по востанието во село Перово, Ресенско), Велјан Илиев (псевдоним Пенчо).

Од Леринско — Папанчев, реонски раководител (од Сливен, убиен во Баница-Леринско) и Михаил Чеков (од Екшису, Леринско); „беше централен раководител" (3-4-5 села се потчинуваа на едно раководно тело во еден центар; нивните раководители се викале центрови).

Од Битола - Ѓорѓн Сугарев (раководител на чета); Цветков (родум од Плевен, северна Бугарија) и Никола Петров (од Џумајско).

Од Демирхасар - Пиперков (Пиперката) и Димитар Матлиев (роден во Охрид).

Од Крушевско - Никола Карев и уште еден, Иванчо.

Од Охридско - Групчев, Христо Узунов (охриѓани).

Од Кичевско - Арсо, Јанаки, Ванчо Мицков (родум од Вранештица, Кичевско).

Од Прилепско - Петар Ацев, Иван Трајков и Павел Христов.

Со Сарафов беше Никола Дечев (родум од Кнежевстото) и Стојков (поручник, фатен во Битола, сега во Цариград). Имаше уште двајца централни војводи од Охридско - Дејан и Тасе - вкупно 32 души.

Во текот на конгресот во Смилево имаше над 100 четници од селото, како и вооружени смилевци. Тие стражареа околу селото на растојание од 1 - 1,5 час во планината Бигла. Сите села од Битола до Смилево имаа наредба да внимаваат и веднаш да јават доколку има некакво движење.

Во Ресенско, по селата кои граничат со Смилево (Сопотско, Златари, Кривени, Лева Река, Круше) беа оставени по 3-4 четници со по неколку вооружени селани кои внимаваа деноноќно по сите патишта надвор од селото. Исто беше распоредено и во Демирхисар.

Претседател на Конгресот беше Д. Груев. Секретари: Поп Христов и Цветков.

Првото прашање на дневниот ред беше: од реонските раководители да се изложи состојбата во секој реон. Детално да се објасни за - оружјето, духот, храната, борбената подготвеност и сл.

За својата работа јас соопштив дека има доволно пушки: во целиот реон, заедно со Преспа имаше 960 пушки. Недостасуваа патрони - имаше само по 30-35 патрони на пушка. Четири/ петини од пушките беа гра, другите разни руски (кримки беа малку, со по 5-10 патрони). Имаше и турски „таклит". произведени не од државата, од типот мартини. Соопштив дека населението не е обучено како што би требало. Други работи - барут, резерва, куршуми... немаше. Духот на населението беше разбуден, но се сомневав дека долго ќе издржат. Што се однесува до храната, во многу семејства дури и насушниот леб го немаше.

Слични оценки изнесоа сите реонски началници. Се покажа дека најдобро подготвени со оружје и воопшто се во - Ресенско, потоа во Костурско, Демирхисарско, неколку села од Битолскиот реон (Смилево, Ѓавато, Цапари) и Охридско (1400 пушки). Слаби беа Кичевско, а најслаб прилепскиот реон - таму дури и пушки немаше за четниците, а тие што имаа не беа добри. Другиот дел од Битолско, слаб – Крушевско, со исклучок на селата Пуста Река, Дивјаците и самото Крушево - слабо. Сметавме дека сe на сe треба да има 8.000 пушки. Прашањето за денот на востанието не беше решено. Костурчани беа најгласни за востание. Тие беа наклонети за востание, а многу влијаел и Сарафов, кој минал оттаму. Причината беше во многуте туѓинци (дојдените од Цариград и др.), потоа честите судири на четите и вовлекувањето на населението, честите афери случени порано во Костурско. И Јанков кога поминал низ Костурско ги подгреал духовите за востание. По сето тоа костурчани беа воинствени, иако со храна беа во најтешка положба. Чакаларов дури сакаше востанието да почне во мај. Веднаш штом се вратиме назад, требало, според него, востанието да го објавиме. Велеше: „населението не трпи, населението ќе востане" и сл. Точно е дека населението мислеше дека лесно ќе ја добие слободата и дека, штом ќе стане, некакви странски војски ќе дојдат на помош. Народот беше вовлечен.

Решението од Солун за востание се осудуваше, но бидејќи се убедуваше дека другите вилаети се подготвени и дека во Солун се наложило востание и за нашиот вилает, немаше што да се прави, требаше да се покориме. Груев беше нов, штотуку беше излезен од затвор и не ги знаеше работите. Прилепчани и крушевчани беа против востанието. Мариовско (долниот дел од Битолскиот вилает) исто така. За да се согласат и тие за востанието, им беше ветено оружје, главно на крушевчани, и тоа патрони, нив малку ги имаа. На прилепчани им ветија пушки а чаури со барут, да си направат сами. Чаури купувавме од гра, собирани од грчко-турската војна, на ока. Чаурите се бакарни и луѓето ги собирале заради бакарот. Се продаваа гилзи и од турски пушки. И покрај сe, мнозинството од делегатите на востанието гледаше недоверливо. Не можеа да предвидат што ќе се случи и затоа се колебаа при донесувањето на одлуката. Голем притисок за востание имаше од Охридско, зашто по убивањето на Давидов, имаше голема потера. Поради неа сите, особено од Дебарца, избегаа в планина. Многумина беа затворени.

На крајот се заклучи дека не може да се одложи востанието за идната година. Лозанчев зборуваше дека треба востание. Единствено се наложи да не се дига востанието порано од крајот на јуни, за да се подготвиме подобро и да има доволно храна, а освен тоа штабот да може да се поврзе со другите вилаети и да ги убеди и тие да востанат. На конгресот се избра штаб - како раководител на целиот вилает. Штабот се состоеше од три рамноправни лица, чии решенија беа безпоговорни. На конгресот се подготви и востанички дисциплински устав, направен по урнек на воените устави со некои измени, а според проектот на Дечев, Сарафов и др. Штабот го сочинуваа: Дамјан Груев, Лозанчев и Сарафов. Се донесе решение, без да се нагласи во протоколот дека ако дојдат Пере Тошев, Ѓорче Петров или Матов автоматски да влезат во штабот.

Определивме и тројца заменици: Петар Ацев (заменик на Сарафов), Лазар Трајков (заменик на Лозанчев) и Георги Поп Христов (за Дамјан Груев).

Многу се зборуваше за тактиката на востанието - да биде ли тоа масовно или партизанско. Се одлучи да биде партизанско, како подобро за населението и за да може да трае подолго.

За жал, последното не се примени. Се реши четите да не бидат помали од 30 и поголеми од 50 души. Се разгледуваше и односот кон Турците. Се договоривме да нема насилство, особено врз жените и децата. Се забрани да се палат турските села, особено во почетокот, односно тоа да се прави само доколку Турците ги палат нашите села. Раководните тела требаше да бидат подвижни, заедно со четите, а во градовите да има помошни раководни тела, кои да работат по наредба на подвижните, наречени „реонско началство". Се одлучи да има центрови војводи, потчинети на реонското началство, и селски војводи, потчинети на центровите војводи. Во Штабот и тројцата се рамноправни. Немаше никаков претседател. На Сарафов, доколку не влезеше во Штабот, требаше да му се даде реон. Но реонските раководители беа самостојни и затоа не му доверивме реон, додека во Штабот можеше да биде контролиран од другарите. Мислевме дека како воено лице ќе има некое фајде од него.

На конгресот се избраа и реонските началства, а ним им се наложи во реоните да ги изберат нужните центрови војводи и сe друго, по свое наоѓање.

Ресенско се подели на два реона: ресенски и преспански. Јас останав во Ресенско со Панајотов, а во Преспа отидоа Кокарев, Пенчо и Наум, од селското раководно тело (инаку од Герман). Во тоа време, околу Ѓурѓовден, селаните од Цапари се судрија со војската, при што паднаа 10-11 селани. Истиот ден околу пладне Турците во Битола предизвикаа колеж. Потепаа со стапови, ножеви и ками 40-50 души. Турци убиени немаше. Нашите од градот сакаа да удрат, но не им се дозволи. Турците отепале повеќе Власи и Грци, кои се нашле на улиците. Од нашите отепани беа само 7-8 души. Во Цапари паднаа 3-4 заптии. Турците нешто откриле, но селаните немале можност да ги земат пушките.

Кога излегле да убиваат во Битола, Турците биле облечени во некаква турско-востаничка униформа, од што се виде дека работата била однапред подготвена.

Немирот во Цапари принуди некои од војводите кои беа на Конгресот да тргнат на помош. Сугарев на пример, но доцна, битката беше завршена.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik