Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Славејко Арсов

XI.

По Смилевскиот конгрес. Забрзана подготовка за големото востание: воена обука, собирање прехранбени продукти. Даноците не се плаќаат. Мерки против гладот

Заминувањето од Смилево беше тивко. Секој со своите момчиња се врати во своето место.

Кога се вратив во Ресенско, ги собрав четниците и ги распоредив по работа: неколкумина отидоа да ги обучуваат селаните, други по оружје накај Корча и кон долна западна Преспа. Јас отидов во Болно, да обучувам. Селаните беа љубопитни за решенијата од Конгресот. Ние им кажавме дека решението е донесено, дека ќе има востание, но дека треба забрзано, со последните сили да го подготвиме. Почна да се собира храна. Се одлучи на секоја пушка да се однесе в планина по 45 оки жито (1/2 кило). Житото ќе се сомеле и ќе се чува во некоја сува пештера или во јами, ископани на суви места. Со брашното требаше да се донесе и сол. Од полските села (Царевдвор, Дрмени, Езерани, Перово, Јанковец), брашното го однесовме в планина, во соседните села. Не знаевме дали во текот на востанието ќе имаме пристап до селата, па се погриживме за лебот. На секоја куќа й се препорача да подготви резерви во храна за 1,5 месец. Водениците мелеа, жито се продаваше - чудо беше на пазарите. Турците - слепи. Се препорача секој вооружен да си подготви соодветна облека {многумина јадеа и ќотек за тоа). Вооружените луѓе во секое село ги поделивме на мали групи, по 7-8 души, со по еден десетар. Во целото село, на 25 -50 души назначувавме „селски војвода". Во текот на востанието во селата беа распоредени стари четници, по еден во секое село. Секој член од групата кога одеше по работа мораше да му се јави на десетарот, а тој на селскиот војвода, да знаат каде се, за секој случај.

Им се препорача ноќно време да одат 10-15 души од едно во друго село, за да се навикнат на ноќно одење и патем да продолжат со обуката. Полските села, бидејќи беа измешани со Турци, не можеа сосем да ја исполнат оваа обврска.

На селаните им беше ветено дека за востанието ќе дознаат кога ќе дојдат четите во селата кои ќе им го соопштат денот на востанието и планот на дејствувањето.

Обуката почна послободно да се изведува. Бидејќи селаните знаеја дека востанието наближува и дека од него ги делат 2-3 недели или, можеби, месец, престанаа да се плашат и доаѓаа на обука по 100-тина и повеќе, колку што ќе посакав. Турците пак слепи, ништо не гледаа. За тоа помагаше и фактот што беа прекинати сите односи со Турците - дури претерано. Омразата беше зголемена. Веќе престанавме да го даваме и данокот на Турците.

Секоја година во март се избира нов коџабашија и ази за секое село. Таа година уште во март ние им кажавме на селаните да стават коџабашии, а на Турците да им кажат дека не сакаат коџабашии, за да не страдаат од Турците, да не бидат тепани и измачувани од нив. Тоа се реализира, па дури и по Конгресот немаше коџабашии, дури и мудурите им ги собравме. Бидејќи немаше коџабашии, немаше ази, немаше и данокот кој да го определува, а штом не беше определен, никој не можеше ни да го собира. На тој начин селаните меѓу себе се поддржуваа. По конгресот требаше да се назначат коџабашии, но данокот повторно се одбегнуваше по препорака од управното тело. Целта беше селаните колку што е можно подолго време да одложуваат, да велат дека ќе платат по жетвата и сл., а всушност воопшто да не платат. И џелепот (бечлик) на овците исто така не се плаќаше. И никој не плаќаше. Турските собирачи на данок огорчени викаа: „дајте барем еден грош, да се расипе клетвата, гледаме дека имате клетва да не давате". Тие, всушност, гледаа дека христијаните се решени да направат нешто сериозно, но не знаеја кога. Со мали исклучоци, некаде беше даден половината, до востанието бечликот не беше платен. И од другите давачки малку беше дадено. Турците, за да го заплашат населението што не плаќа бечлик, на некои селани им ги зедоа овците, ги однесоа на пазар, но не се јави ниту еден купувач, па беа принудени да ги вратат назад. Но, во тоа време гладот почна да им се заканува на многу семејства по селата. Од Цариград беа дојдени многу луѓе, а трговците од овој град веќе не даваа и не помагаа. Сето тоа го засили гладот. Бидејќи немаше кому да се пожалат, селаните и се обраќаа на четата да преземе нешто против гладот. И ние што да правиме. Откако успеавме да собереме околу 180 лири, ги викнавме раководителите од сите села и на најсиромашните семејства, околу 195, им доделивме по половина лира. Тоа прилично помогна.

Панајотов (потпоручник) дојде во Битолско со Сарафов и со неговата чета. Оттаму со поручникот Стојков и со неколку момчиња дојде во Смилево, а оттука се упати во Крушевско (назначен од Битола). Поради некакви недоразбирања со Пиперката и со четниците кои останаа во Крушево. Панајотов не сакаше да раководи, да одговара, туку како војник сакаше да извршува наредби. Се сретнавме во Смилево и тој посака да дојде и дојде во Ресенско (пред Велигден). Натаму тој се движеше постојано со мене, дури и во востанието учествувавме заедно. Кога ќе биде востанието сите знаеја, иако точниот датум се кажа два дена пред почнувањето. На народот му беше кажано дека ќе има многу жртви, дека крајот не е извесен, дека селата може да бидат запалени. Уште беа информирани дека никој ни нема ветено помош, а ако некоја од христијанските држави посака да помогне, тогаш во ред. За Бугарија велевме дека иако нема ветување, верувавме дека ќе помогне.

На тие објаснувања селаните ладнокрвно одговораа дека не можат да се враќаат назад - ако успеат добро, ако не - подобро да ги отепаат сите. Народот се повеќе се возбудуваше и стауваше нестрплив.

Стаса писмено известување од Штабот дека востанието ќе почне на 20 јули вечерта. Осум дена порано Штабот мина низ Ресенско и соопшти дека за датумот, 20 јули, размениле мислења со реоните од Солунско. На народот му соопштивме два дена порано. Им кажавме на следниот пазарен ден од пазар да си купат сe што им треба, главно сол и опинци. Селаните претпоставуваа дека востанието ќе биде неделата на 20, но не беа сигурни.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik