Спомени - Славејко Арсов | ||||||||
XIII.
Во неделата, на 20 јули, Илинден, во Болно ги викнавме селаните од Царевдвор, Дрменци, Јанковец и од Болно - сите вооружени и, заедно со мојата чета - станавме околу 150 души. Панајотов имаше 170 души (пушки). Во Царевдвор и Дрмени останаа уште по 30 вооружени четници, зашто не сакавме сите одеднаш да ги извадиме. Тие села се мешани со Турците, па да не забележат. До пладнето вежбавме. По ручекот се собравме сите и им кажавме дека истата вечер ќе почне востанието. Им кажавме дека тоа ќе биде општо и за сите и какво треба да биде поведението. Имено, дека не треба да биде масовно, туку партизанско, како ќе треба да војуваме и како да се заштитуваме. Четите меѓусебно писмено да се информираат за да можат да се зачуваат и да се известуваат за сe што прават и да може да се известува и Штабот. Реонското раководио тело се прогласи за подвижно - ќе ги обиколува сите чети (т.е. јас со Панајотов). Јас раководев со сите села, освен со оние кои ги имаше Панајотов. Ние со Панајотов се сретнавме на 25 јуни и пак се разделивме. Во предвечерието дојде едно селанче од Болно и се пожали дека полјакот од селото Илино му ги зел говедата и му побарал три бели меџидии за да ги пушти. Момчето дојде кај нас да се пожали. Одвоивме 5-6 момчиња и по еден час носат еден врзан Арнаутин, со бричена глава, а еден илинчанин му ја зел пушката и се опашал со коланот. Селаните светнати, Турчинот премре, особено кога виде стотина вооружени селани. Го ставивме мегу нас, го распрашувавме од каде е, кога дошол. Пред него го беа отепале неговиот претходник, за да му ја земат пушката (с. Илино, чифликот). Најпосле му се кажа пресудата и му се предаде на момчето што се пожали, како и на илинчани, да го суредат. Планот на селаните уште не им го кажувавме, туку само им велевме дека таа ноќ ќе станеме против Турците. Ги разделивме четите на групи, средивме пушки да носат само способните, зашто земаа и луѓе кои не беа способни (старци, чорбаџии, кои не можеа да одат и др.), независно дали се сопственици на пушките. На неспособните им се доделуваше домаќинска улога. Сите беа весело расположени, како никогаш дотогаш, со голема надеж: штом сите стануваат не ни помислуваа дека може сe да заврши несреќно... Се спуштавме од планината, наредени во строј, под команда, во Болно. Тука, сред село ни донесоа вечера. Сите чети вечераа посебно. Секој стави во ранецот леб и сирење за два дена (имаше разни ранци - торбиња обесени на грб, некои имаа и кожни ранци). Јас отидов да ги оставам парите од касата. Сите селани беа на нозе - мажи, жени, деца - се рашири низ селото дека - одиме. Од секоја куќа имаше човек со нас. Излегоа сите надвор, сред село, чекаа да слушнат што ќе правиме и каде ќе одиме. Најпосле ги собрав и им реков дека според планот ќе треба да го нападнеме Ресен и, ако биде можно, и да го запалиме, а ако не биде можно ќе испукаме неколку патрони и ќе се вратиме. За таа цел, реков, потребно е да се собере газија (петролеј). Се растрчаа селаните, носеа кој по 2-3 оки, кој помалку, кој цели кошули исечени на парчнња за да се натопат во газијата. Сите се радуваа дека ќе ги запалиме сите Турци, па и чорбаџиите во Ресеи (зашто економски беа заробени од нив). Секоја чета (беа 5 чети по 30-тина души) зеде по 2-3 тенекии со газија и партали и се упативме кон главниот пат за Ресен. Месечината беше на залез и почекавме сосема да зајде. Од Болно до Ресен има 1 час (5-6 километри). Кога се доближнвме на 1 километар, секоја чета, според планот, отиде на своето место: без бој да испукаме по 2 патрона, да се обидеме да го запалиме градот и да се повлечеме, за да разберат Турците дека востануваме. Секоја чета тргна кон своето место, а двајца определивме да запалат на три места. Дрменската чета, блиску до градот, се сретнала со „деврието" (- ноќна патрола) која отворила оган. Четата се засолнила и отворила оган. Во исто време двајцата запалиле една племна и се слушнале пушки од Турците, Така се направи викотница. И царевдворската чета отвори оган. „Деврието" избега.- Предвреме припукаа и другите чети, селаните почнаа да викаат, да пцујат, да викаат „ура!" Се разлеаја викотници во градот, почнаа да бијат барабани и се слушнаа пукотници - ретки: пукаа од куќите во ветер, се слушаа околу градот и маузери. Се слушнаа викотници од жени. Паниката кај Турците беше голема. Ние седевме на пет чекори од градот, на едно ритче и гледавме. Тоа продолжуваше 3/4 од саатот. Испукавме по 2-3 патрони. Најпосле се повлековме назад. Отидовме во Болно, јанковчани во Избишката Корија, царевдворци и дрменци во Евланската и Дупенската Корија. Се засолнивме таму. Така мина вечерта. И четата на Панајотов го реализира планот целосно. Во текот на ноќта имало престрелки на избишката, кривенската и златарската чета со турските патроли по џадето. Крупенската чета водела битка со турските војници. Пред тоа ставиле отров (арсеник) во храната на турските војници во анот. Храната беше подготвена во селото Круше и донесена како подарок - баница и кисело млеко. Отруени се во текот на ручекот и поумреле пред стемнување, само анџијата-Турчин, дебранин, не јал, избегал во Ресен и кажал што се случило. Веднаш се испраќаат 50 војници, доаѓаат во анот и ги наоѓаат отруените, кои од маки се беа нафрлале во водата, во јазот. По ова Турците сакаа да го нападнат селото, но четата беше блиску, отвори оган, а Турците од страв сите се затворија во анот и оттаму пукаа. Четниците три пати се обидуваа да го запалат, но не успеаја, тој беше повеќе од камен. И така до разденување. Три дена пред востанието од Штабот добив само 2 килограма динамит во пакети, со живини капсули, но не го употребивме и го донесов со себе тука, во Бугарија. Потоа на Турците им доаѓаа засилувања, но четата се биеше, ги опколи, падна еден мулазим и четворица војници. Дојде уште поголемо засилување - до 300 души, војници и башибозук и четата беше принудена да се повлече, а војската влезе в село. Според дадената заповед, селаните продолжија да си седат дома, иако сe беше запалено на многу страни. Војската со сила ги извади селаните од куќите надвор од селото, а целото село го ограби и запали.- Тоа се случи на 21. Првото изгорено и запалено село во Ресен беше Круше. Четата се повлече во шумата, а по повлекувањето на Турците слезе со селаните да го гасне огнот. Во меѓувреме, леворечката чета брзала по еден пат да им помогне на крушенци, а од друга сграна аскерот навлегол во Лева Река, го запалил и го ограбил селото. Селаните, поучени од настанот во Круше, не седеле дома, туку сите избегале. И така и Лева Река, со исклучок на 7-8 куќи е запалена. Во Круше црквата беше само ограбена, а во Лева Река и ограбена и запалена. Турците со голема брзина прво ограбуваа и ја палеја секоја куќа посебно, а потоа со тенекија (тулумба), со газија ќе ја испрскаа и ќе ја запалеа. И по час-два го напуштаа селото и одеа во градот. Селата Кривени, Златари, Сопотско и Избишта не настрадаа првиот ден.
Четите од селата Евла и Дупени, кои заедно броеја околу 50 души, на 20 вечерта, под раководство на Стефан Мешков, нападнаа една кула на патот Ресен-Охрид, кај селото Петрино, кај што имаше 120 души аскер. Откако се доближиле доволно блиску, почнале да пукаат во нивните шатори. Аскерот пред тоа ги слушнал пукотниците во Ресен, па бил претпазлив - излегол надвор од шаторите и се скрил во планината, на Петринскиот врв. Но и во шаторите имало некои од аскерот, зашто внатре останале 4 мртви, а самите шатори биле решето. Од Турците не пукнала ниедна пушка. Момчињата, откако виделе дека никој не одговара, се вратиле назад уште истата ноќ. Во Царевдвор излегле неколку души: еден од нив, по име Георги, кога излегувал (селото е мешано, има 120 христијански и 80 турски куќи) го забележале Турците. Биле 10-тина. Георги бил вооружен и кога Турците му рекле „дур!" (стој!), тој легнал, пукнал и ранил еден Турчин. Легнале и Турците и почнала престрелка. Еден Турчин станал, сакал да го фати жив, но пред да се доближи, момчето го отепало. Престрелката продолжила и по 12 истрели, тој ранил уште еден Турчин, познатиот полјак Шафче. Му ја здробил ногата. Турците кога виделе дека тројца од нивните паднале, отстапиле. Истата вечер во Подмочани, кај што имаше 3 турски куќи, од кои 2 на дерикожи, на раководителот му беше порачано да ги фати живи, ако е можно. Кога се стемнило излегле во меаната да ги фатат, но таму имало и други Турци, од Грнчари, околу 5-6 души од Крани. Пробале сите живи да ги фатат, но Турците се сетиле и отвориле оган. Нашите еден убиле, а двајца раниле. На Турците им дошла помош од Бела Црква, 50 војници, а од Ресен тргнала уште една група која кога слушнала дека се пука од сите страни од полпат се вратила назад. Војската удрила на селото, но четниците ја одбиле и таа се повлекла. Турците имале еден ранет. Во селата Перово, Покрвеник. Волкодери, Шурленци, Прељубје - излегле сите вооружени 80 души. Од нив испратиле 20 души за четата на Јоше, која се наоѓала во западна Преспа. Овие 5 села го опколиле шурленскиот ан, на патот Битола-Корча, кај што имало 16 војници, потоа полјакот (Шурлен е чифлик) и една „анка" (анумка) со мажа си и детето. На анџијата (Бугарин) пред тоа му било кажано дека ќе има напад. Тој си зел некои свои работи од анот, а кога Турците заспале, го отворил анот и внатре влегле неколку четници. Го испрскале анот со газија и го запалиле. Надвор сите четници фатиле позиција и чекале. Анот пламнал. Половина војници - 8 души и полјакот се спасиле, избегале низ нужникот во езерото, во трската, а другите изгореле. Утрето. околу пладне излегле еден по еден и заминале во Ресен. И полјакот заминал, по гаќи, како и војниците кои биле соблечени, како што спиеле, си заминале за Ресен. Четите се повлекле и фатиле едно место, кое се вика Пиргот, до езерото, кај што оставиле едно одделение од 20 души да внимава на друмот кој минува меѓу езерото и една висока карпа. Во Дрмени и Езерани ништо не се случи. Езеранци дејствуваа заедно со подмочанци. Истата вечер со Јоше го опколиле стенскиот ан. Со момчињата од Перово и Лескоец, броеле околу 70 души, а во анот имало околу 50 души. На истиот пат понајуг, во Долно-горичкиот синор, „на Завирот", Коте порано беше ја пресретнал поштата, но не успеал да земе ништо. Оттогаш Турците постојано држат стража кога минува поштата. Почнала престрелка и нашите биле одбиени, но без жртви, а Турците се скриле внатре, откако загубиле 2 војника. Војниците останале во анот, опколени, а нашите другиот ден, 21 јули, фатиле позиции подалеку од анот, мислејќи дека поштата оттаму ќе мине, за да ја нападнат полесно. Точно тогаш по џадето минувала една турска група, на чело со некој големец и 20-тина башибозуци. Кога се доближила до позицијата, едно момче било невнимателно и пукнало, а тие избегале кон Корча. Таму ги сретнала четата од село Тушенец, ги фатила и ги отепала. На вториот ден, 22 јули, случајно минувале 3 карвани, околу 120 коњи трговска стока од Битола за Корча - Јанина, со газија, памук, катран, волна, шајак, пченка, свеќи... Четите на Перуш и Стефанов ги фатиле, ги однесле в планина и ги растовариле. Кираџиите биле Власи. Им рекле дека востанието е објавено и дека стоката се конфискува. Коњите ги пуштиле другиот ден. Тие поминувале покрај опколениот ан, војниците излегле, ги фатиле, ги натовариле со потребните работи и со сe што можеле да земат и измешани со коњите се упатиле кон Корча. Четниците во тоа време ручале, па Турците успеале да поминат. Анот подоцна бил изгорен. Горичкиот ан го запалиле четите од Горица. Накај Корча има една кула - „Шулинска кула", кај што анот го запалила шулинската чета, а заптиите избегале во Корча. Во источна Преспа дејствуваа Кокарев и Пенчо, а помошник им беше Јоше, момче од Љубојно. Тој раководеше со селата Рајца, Курбиново, Претор и Слимница*, а Брајчино и Штрбово беа раководени од Стефан Петров, помлад унтер-офицер, родум од Русе. Кога дошол од Бугарија во Битола, за раководител на чета во Охридско, бил фатен, затворен една година, а по амнестијата пуштен. Му се придружил на Сугарев, во битолската чета, потоа дојде во ресенската, кај мене. По Конгресот, кога реонот се подели, Петров му беше доделен на Кокарев, каде како воено лице вршеше обука. Со Љубојно раководеше друг. А друг раководеше и со Герман, некој си Дине, родум од истото село. Со селата надолу од Герман - Рудари, Медово и Штрково раководеше Ангел, родум од Рудари, бивш четник на Давидов. Четите од Љубојно, Брајчино, Штрбово и Дупени, на 20 вечерта го нападнале Наколец, запалиле некоја куќа, но поради недоразбирањата меѓу војводите Кокарев и Пенчо, не успеале да направат нешто посериозио, така што Наколец се спаси. Од војската во Наколец, кај што имало 100-тина души, 40-тина отишле напомош во Слимница (во прашање е Сливница) кај што селската чета се биела со неколку души башибозук, кои биле во куќата на еден бег кому целото село му било чифлик. Бегот се спасил, избегал, а 40-те души брзо се вратиле, почнале да пукаат. Секој од четата си фатил место. Првата вечер фатиле еден Турчин во Претор. А во Курбиново и Рајца немало ништо. На 21 дошло до битка меѓу аскерот од Наколец заедно со башибозукот од Крани и Наколец и четите од Љубојно и од другите села. Цели три дена се биеле и војската најпосле отстапила. Турците имале многу жртви. Оттука Кокарев со неколку четници отишол во Слимница, ги собрал четите од Слимница, Курбиново, Претор и Рајца - вкупно околу 70-80 пушки и го нападнал турското село Асамати, напуштено од Турците на 20, и го запалија, вклучувајќи и дел од селаните од Асамати кај што покрај 20-те турски, има и 4 бугарски куќи. Турците избегале од Асамати во соседното село Грнчари, а еден дел отишле во Ресен. Од сe што се случи, Турците сфатија дека навистина востанието, од кое дотогаш толку многу се плашеа, е навистина објавено и тоа со голема сила. Тоа не го очекуваа и затоа не беа во состојба да го задушат. Побараа голема помош од Битола, но не ја добија. Дење Турчин по поле веќе не се гледаше, освен големи групи, војници и башибозук, кои на 2-3 дена напаѓаа по едно село. Во текот на првите денови од Востанието, Турците редовно напаѓаа околу ручек, а малку пред ручек, се беше готово - го палеа селото. Два-три часа ќе се бијат, но секако ќе влезат во селото, ќе го ограбат, ќе го запалат и заминуваат. За да се информираат Ресен и Битола, на пример, дури и 300 војници носеа едно писмо. Соопштенијата беа сосема прекинати. И со градот Ресен соопштенијата беа прекинати. На 22 вечерта, јас заминав од Болно кон Евла за да видам како одат работите. Таму имаше една турска куќа, останата од многуте турски куќи, на некој Шефки беј, инаку добар Турчин. Беше речено првата вечер да се потепаат сите Турци по селата, меѓу кои требаше да биде и Шефки беј. Но, тој на 20 бил во Ресен, а на 21 се вратил во селото, сам дошол кај селаните и рекол дека знаел се, но не им кажал на Турците. Тој ги искажал своите симпатии. И покрај сe, бил разоружан и предаден на Спиро Олчев. Се придружив и јас за да се реши што ќе се прави со него. Бидејќи селаните го заштитуваа, јас реков дека ние не сме против добрите Турци, а ако тој бил добар, нека се ослободи. Му ја вратив пушката и тој можеше слободно да се движи меѓу нашите. Другиот ден, на 23, одвоив 40 души и ги разместив на џадето, до селото Петрино, со цел да го фатат или да го убијат секој што ќе мине, за да се запусти патот. Уште претпладнето се покажал карван со воени резерви од Охрид за Ресен; момчињата отвориле оган, отепале четворица, а двајца раниле. По двочасовна битка, нашите биле принудени да се повлечат, а Турците, растурени, се упатиле кон Болно. Точно тогаш турската војска го напуштила Ресен и се упатила кон Болно, стрелајќи патем во секого - мажи, жени кои работеле по нивите, жнееле и врзувале снопје. Во тоа време селаните не забораваа да си ги гледаат и полските работи. Ние намерно ги теравме побрзо да го соберат житото, да го сместат во дупките и да сомелат брашно. Двајца беа отепани в поле, додека жнееле и тоа - Наум Манчев и Тасе Маџар, од Болно. Кога војската се доближила до селото, четата отворила оган. Престрелката траела околу 20 минути. Точно тогаш се доближиле растурените војници од Петрино и удриле на Болно. Тие случајно го нападнале десното крило на четата, кое отстапило. Турците навлегле во селото, но зад нив наближиле и оние 40 наши момчиња од Петрино. Соединети со четата од Болно, успеале да ги избркаат Турците од селото. Но, во исто време имало куќи испрскани со газија и запалени (куќите ги палеа Цигани, намерно донесени). Пламна целото село. Изгореа 77 куќи, а се спасија само 13. Сe изгоре, а селаните во тоа време беа в планина. Избегале кога доаѓала војската од Ресен пукајќи врз мирните луѓе по нивите. Од нашите имаше две жени живи изгорени: Менка Митрова била фатена во крстот, болна, па не можела да излезе надвор; Ванча Тасева била луда па останала внатре. Во Болно жени не беа фатени, ниту обесчестени. Тоа што можеле да ограбат - ограбиле. Ние тргнавме на помош, но додека дојдовме сe беше готово. Мислевме дека ќе удрат на Евла и таму се вкопавме, но Турците заминаа во Ресен. Од Евла, другиот ден јас заминав за Покрвеник. Народот, на пример од Болно, воопшто не се бунеше: „Нека сме ние живи и здрави, ќе направиме поубави куќи", велеа. Дури, кога догоруваше селото, на лицата на селаните се гледаше весело расположение: "Илуминација имаше в село". велеа; - „без оган може ли да се добие нешто?" Една жена само плачеше и тоа за кошарите со мед, а не за куќата.
|
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||