Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Славејко Арсов

XIV.

Борбата продолжува. Народот не престанува да ја собира храната. Обиди да се спаси скриената покуќнина, откако е пренесена во скривници. Турците во селата се однесуваат мирољубиво. Турската војска продолжува да ги пали селата. Духот на востанатото население почнува да паѓа

21.12.

Кога стигнав во Покрвеник видов дека луѓето веќе почнале да спасуваат што може да се спаси од покуќнината, која не ја закопале пред востанието. Имено, пред востанието, во големи дупки, во сандаци, се криеше покуќнината. Ископаните дупки беа во самите куќи, во дворовите, во племните, во бавчите и по нивите. Особено во Кривени алиштата беа закопани по нивите. Во сите села пред да почне востанието, луѓето в сандаци скрија сe што им беше повредно од покуќнината и носијата. Жените на себеси ги оставија полошите алишта и колку да се пресоблечат. Кон вакви мерки пристапивме по случајот во Избишта, кога Турците ги ограбија селаните од долно маало, кај што беа опколени нашите момчиња. Во време на востанието, кога ги изгореа првите села, Турците не најдоа нешто посебно, па почнаа да прекопуваат и да наоѓаат повредни работи. Се познаваше по пресната земја низ нивите и градините, така што на 100-те, само 10-15 останаа неоткриени. Многу сандаци беа најдени во Подмочани и Болно. Во Круше и Лева Река селаните не скриле многу од облеката, и затоа сe им ограбија. Турската војска во почетокот не одеше во планините, па народот помисли дека таму е посигурно и почна таму да пренесува сe, дури и закопаните работи. Имено, кога видоа дека Турците ги наоѓаат, почнаа да ги ископуваат и да ги пренесуваат в планина. Во Болно, 2-3 дена откако изгоре селото, дошла турска војска од 400 души; минувала низ Илинската Планина од Охрид за Ресен, низ Болно. Во тој час нашле многу алишта и други работи кои селаните ги скриле пред палењето на селото, а потоа од страв да не ги најдат Турците и имајќи потреба од алишта, слегле од планината да ги земат. Но, од турската војска селаните избегале, не можејќи да земат ништо. Турците се собрале, ги виделе дупките-скривници. Тогаш, од преостанатите 12-13, запалиле уште 5 куќи. На тој начин Турците уште од почеток научија каде и како селаните ги кријат алиштата. Кога стигнав во Покрвеник видов дека селаните ги извадиле сите скриени работи од дупките и ги носеа в планина. Почнаа да пренесуваат и сe друго што не беше скриено. Освен по разните трапчиња низ селото, малку подалеку над него беа однесени стотина ковчези, качиња сирење, масло, пиперки, дури и штици, врати од куќите, черчевиња од прозорци. Сe се влечеше со голема трескавичност во планината. Тоа се случи откако беа изгорени 4 села - Болно, Лева Река, Подмочани и Круше.

Кога ги видовме луѓето толку исплашени почнавме да ги храбриме. Им велевме дека Турците запалија неколку села само за да не исплашат. Но, ако забележат дека ние не се плашиме, нема да смеат да ги запалат сите села, зашто подоцна ќе одговараат за тоа. Им говоревме дека светот нe не заборавил, дека ќе имаме помош, само ќе треба малку да почекаме, ќе им се одмаздиме и ние на Турците и сл.

Во тоа време духот на Турците падна, што се гледаше и од нивното иселување од селата и населувањето во градот, од групирањето во едно-две села, од собирањето во неколку куќи, додека своите куќи ги оставаа празни, чекајќи да бидат запалени. Поумните и позафатените Турци (од Царевдвор, Дрмени, Лавци) се трудеа да ги убедат своите соселани христијани да се вратат во своите села, ветувајќи дека ништо нема да им направат, дека ќе ги заштитуваат, дека ќе се застапуваат за нив пред турските власти, дека сета таа работа не е добра ниту за христијаните ниту за Турците, дека слични судири никогаш не водат кон добар крај и сл. Дури предлагаа свои услуги со посредство на селаните за водачите на четите, да им помогнат со храна, да станат посредници и сл. и многу молеа да не се посега по нивните села, ветувајќи дека нема да учествуваат во палењето и ограбувањето на христијанските села.

Една случка направи да се сретнеме (христијаните) со Турците, без да си нанесеме зло едни на други. Товаривме 5-6 коњи со жито од Покрвеник за да се сомеле во евланските воденици. Патот минуваше покрај селото Лавци (турско-бугарско село). Турците го зеле житото, а на жените им рекле да се вратат назад. Една од жените се врати назад за помош и им кажа за случката на 5-6-те четници кои одеа зад нив за да видат како ќе поминат покрај турското село. Во селото брзо се дозна за настанот. Се собравме сите момчиња од Покрвеник и од околните села, 70 души, и се упативме кон Лавци за да ги заплашиме Турците и, ако се спротистават, да го запалиме селото. Но Турците што го зеле житото, штом видоа дека дојде помош, им го вратија на жените и тие тргнаа кон водениците. Ние се доближивме до селото, пративме едно момче со едно мало револверско патронче в рака, знак дека е испратено од четата, да им каже или мирно да седат кога минуваме ние покрај селото или пак и ние ќе правиме што умееме. Турците се исплашија и сите ветија дека ќе мируваат. Излегоа пред нас 10-15 вооружени Турци на растојание од 700-800 чекори и не гледаа како мечки, се чудеа. Побаравме да дојде еден кај нас, да разговараме. Пратија еден. Посакаа во името на соседството и пријателството да не се расправаме. Го оставивме слободен да се врати назад со пушката, како што дојде.

Јас потоа се упатив кон Лескоец. Пред тоа на сите раководители им се заповеда населението да го ожнее и оврши житото и да го скрие во дупките. Дури и со сила да се натераат тоа да го направат. И луѓето одеа да жнеат и да вршат. Други копаа дупки и таму го прибираа - не се гледаше кое жито чие е, зашто житото заеднички се жнееше, заеднички се пренесуваше и се складираше во дупките. Дупките беа на 100-200-1000 метри надвор од селото, на суви места, повеќе во шумата. Тоа траеше 10-тина, а во некои села, Кривени, Лева Река, Круше, Златари и 15-тина дена по 20 јули. На други места не можеа да одат да жнеат, на пр. Подмочани, зашто околните села се турски. Во некои други, како Покрвеник, Дрмени, Перово жнееја само неколку дена. Потоа пак беше невозможно да се жнее дење, зашто почнаа почесто да минуваат турски војски, па почнаа да жнеат ноќе, по месечина и по темница. Кога почна востанието некои села имаа ожнеано, некои штотуку почнале, а некои немаа ни почнато. Жените жнееја. мажите врзуваа. Во група од 50-100 жени одеа да жнеат на едно место, потоа на друго. Сопственоста не се гледаше. Вршењето се одвиваше во селото и надвор од селото. Во тоа време сите Турци од Ресен и од селата постојано пренесуваа снопови во градот и тоа главно од христијанските ниви. Се наполнија амбарите. Ѓупците (Цигани) кои никогаш ништо немаа, сега имаа илјади оки жито. Поради тоа житото во градот поевтини: 30-40 оки жито се продаваше за 5 гроша, по 3-5 пари оката. Жито продаваа и турските војници, кои добиваа дел од Турците кои крадеа од христијанските ниви додека овие чуваа стража.

Десетината (спахилакот), се разбира не може да се продаде. Пред востанието валијата ги викнал коџабашиите и азите и ги посоветувал таа година селаните да го земат спахилакот за селото. Селаните ја прашаа Организацијата и таа им одговори да не се впуштаат во таква стапица. но да им остават на Турците сами да продаваат кому сакаат, зашто тие и така нема да платат. Десетината остана непродадена. И на трговците христијани им се одговори одречно кога ја прашаа Организацијата дали и тие да се впуштат во таа работа. Тоа го забележаа и турските трговци-спахии, па и тие не се одлучуваа да купат - се плашеа од четите. Во текот на востанието спахилак немаше. Се собра само од селата кои не беа запалени, на пр. од Царевдвор, од Дрмени, Езерани, Јанковец. И затоа таму ги спречуваа да вршат, не им дозволуваа Турците соселани, одеа и војници и заптии за да ги спречат. Мешаните села се извинуваа дека комитите присилиле некои нивни луѓе да востанат. По изгорените села, откако се задуши востанието кон крајот на септември, селата почнаа да ги обиколуваат мемури кои собираа податоци за изгореното и ограбеното жито. Собираа само податоци. (Потерите го беа собрале населението по изгорените села, каде живееја на отворено, под урнатините и напикани в слама).

Од Покрвеник отидов во Лескоец. Тука селаните ги затекнав слободни, си ги работеа своите работи и се радуваа дека „слободата веќе дошла". Ме пречекаа прилично љубезно. Одев придружуван од 30 души (по 2-3 - ца од секоја чета). Го викнав Јоше со четниците, а потоа заедно отидовме во Стење. Пред да дојдеме во Стење, стенчани донесоа еден човек од Корча со писма од Битола. Стенчани внимаваа на друмот. Му ги зедовме писмата, но тие беа турски и не можевме да ги прочитаме. Беа трговски писма. Од човекот разбравме дека Битола е опколена со многу војска, дека војска има и во градот, дека и меѓу Турците и меѓу христијаните има големо неспокојство, дека рускиот конзул е убиен и дека убијците се фатени и обесени. Отидовме кон Горица кај што ги собравме сите околни чети со 100-тина момчиња. Им зборувавме за првите успеси на востанието, за ползата која се очекува, макар што е можно турските војски да дојдат и да не нападнат, но потоа ќе дојде слободата. Им рековме да внимаваат на друмот, да не минува никој, овде-онде да го разурнат за да не може да се движи единица за снабдување артилерија. Селаните ни рекоа дека во Корча Турците биле многу исплашени, дека чекале да ги нападнеме, дека ноќно време се чувале само себеси, да не бидат нападнати и дека не ни помислувале тие нас да не нападнат. Во Корча војска немало, а тоа за нас беше најважно. Ги советувавме да си потскријат по нешто од покуќнината и облеката, зашто во тие села се уште Турците немаа преземено никакви мерки. Ги советувавме да го приберат и житото и да го стават на сигурно место и да не гледаат мое-твое, личната сопственост сега да не се гледа.

Додека бев во Лескоец, Дупени било нападнато и по неколкучасовна битка изгорело целото, ја ограбиле црквата, отепале 6 стари луѓе, двајца мажи и четири жени раниле. Додека се повлекувале в планина селската чета, околу 40 души, и четата на Олчев која дошла на помош, постојано се биеле. Турците сe ограбиле - скриените работи, сите овци и говедата. Тоа се случи на 5 август. Дупени има 75 куќи. Четата заедно со населението се повлекла в планина.

Се вратив во Покрвеник. Олчев од Евла нe извести дека пред два дена било изгорено Петрино (тоа имаше 13 куќи) и сe било ограбено, живата стока отерана, од која уште патем заклале 120 брава (на 7 август). Отепале еден нем човек во селото, го викале Гошо Кипров. Потерата ги опколила жителите во селото, ги обесчестила жените. Им ги запалиле и сноповите по нивите. По сето тоа ги ослободиле селаните, освен Ристе и Васил, двајцата повидни во селото. Јузбашијата му рекол на Васила или за еден ден да го предадат оружјето или селото ќе биде запалено. Јас ги зедов момчињата и отидов во Евла да видам што се случува. Се распоредивме, фативме позиции, поставивме стража подалеку од селото - се подготвивме да ги пречекаме Турците. Дури вториот ден, околу ручек, наближија околу 130 турски војници. Најпрвин фаќаат еден Влав од колибите кој им покажува скришна патека. Наближија до самоти стража. Отворија оган, им притекнавме на помош и ги одбивме Турците. Потерата, бегајќи, среќава и убива жена со 3-месечно дете и едеи старец. Потоа помош им дојде на Турците, една-по-една дојдоа 3 потери и настапија со голема сила. Ние си стоевме на местата. Како што наближија Турците, почна битката која траеше 4 часа. Видовме дека ќе ги потрошиме патроните и се повлековме. Во меѓувреме селаните беа изнесле сe од селото и избегале в планина. Бевме 230 четници. Турците влегоа во селото, запалија многу куќи, и сеното го запалија, та целото село изгоре (60-64 куќи). Остана само една куќа цела и уште една половина. Изгоре и куќата на Турчинот Шефки. Кога заминаа Турците, се вративме во селото. Во битката не беше отепан ниеден четник, а Турците имаа околу 36 мртви. При повлекувањето многу момчиња ги оставија гуните поради горештината.

Се вративме во изгореното село. Со нас беше и Турчинот Шефки, кој зборуваше дека со право изгорела и неговата куќа, зашто била направена со некакви грешни пари. И тој ги пцуеше Турците. Селаните не беа многу загрижени за изгорените куќи. По ова тие логоруваа в планина, заедно со дупенци.

Животот во логорот беше заеднички - немаше мое-твое. Сите селани беа под командата на селскиот војвода. Четата служеше и за заштита на населението. Таа чуваше стража околу логорот, ги придружуваше жените кога одеа ноќно време да жнеат, мажите кога одеа да врзуваат и да ги пренесуваат сноповите. Тоа го работеа оние кои не беа опфатени во четите. Селскиот војвода беше главен организатор на сe. Стражата беше под негова команда. Тој определуваше кои ќе жнеат, кои ќе вршат, кои ќе копаат дупки за собирање на житото, кои ќе придружуваат и сл. Тој си избираше помошници од „неопфатените". Житото беше заедничко, заедничко беше и брашното. Имаше список на сите селани и според списокот им се даваше брашно и сол. Имавме и воденици - ги поправивме изгорените и тие работеа. Се колеа овни и се делеше месо - варено или неварено. Истиот начин се применуваше за сите селани од изгорените села собрани на едно место. Сите му се покоруваа на селскиот војвода, кој имаше право да тепа, да критикува, а за поголема недисциплина и да се обраќа до реонското началство, т.е. до мене или до Панајотов. Имаше случаи кога требаше да казнуваме. Во Дупени се случи едно момче да го рани помошникот на селскиот војвода (од невнимание пушката пукнала). Момчето се казни само со ќотек, во присуство на 5 чети и на селаните.

Така продолжуваше животот до средината на септември. Овде-онде се случуваше Турците да нападнат, така што ваквиот начин на живеење привремено се нарушуваше, а потоа пак продолжуваше. Така на пример - кога ќе се покаже потерата, логорот се растура, луѓето се растураат низ планината, а по ден-два повторно се враќаат на старото место. Се забележаа и кражби меѓу селаните, а имаше и такви кои останаа угул голи. Се даде заповед да се воздржуваат од кражби, а се најавија и казни. Се случи да казниме еден старец со јавна критика. Тој беше готвач во Евла и од некоја жена зел опинци, волна, престилка од друга жена и други работи и сакал да ги однесе дома. Беше фатен и јавно критикуван пред 200 четвици.

Со распоредите и, воопшто со грижата, потоа со информациите и новините добиени од Штабот, со кого одржувавме врска преку курири, духот на населението сe уште беше бодар, исполнет со надеж дека „Силите" нема да го остават. Дојде ред на Покрвеник. Околу 1300 Турци го нападнаа на 11 август, кога јас бев во Подмочани. Селските чети, Покрвенска и Перовска - 50-60 души пружиле отпор, но биле разбиени и по 2-3 часа битка, војската влегла во селото (30 куќи), но го нашла сосема пусто. Го запалила и заминала. Не загинал никој.

Истата војска го нападнала и чифликот Волкодери (христијански чифлик - 8 куќи). И него го нашла пуст и го запалила. Во полето ги запалиле сите стогови сено. Сноповите жито не ги гореа, освен во Петрино и Круше, зашто Турците го почитуваат и за грев го сметаат неговото уништување. Истиот ден (11 август), истата војска го продолжила патот кон Перово, но сe било испразнето и скриено во трската. Еден ред трска, па дрва, пак снопови од трска, попреку пак трска а одозгора штици и врз тоа скришно се ставаат жито, алишта и др. Од 70 куќи, 5 останаа неизгорени. Го ограбија добитокот. Приквечерта, Турците се вратиле во Ресен, откако во текот на денот ги изгореа речените три села. Сета жива стока ја прибраа. Украдените алишта и покуќнина истиот час се складираа во една џамија во Ресен, а другото се продаваше во чаршијата - по 20 пари парче облека од шајак (женско), наречено „шегун" (сукно од бел шајак). Најмногу купуваа циганите и дебарчаните, кои намерно доаѓаа од Дебар да купуваат алишта и добиток. И со цели сурии добиток и други работи, се враќаа заедно со војската, кога заминуваше за Охрид.

Од селото Маловиште (влашко село) излегоа вооружени 20-тина души. Раководител беше Стефан Барџик (Цинцар). Тој беше најактивен и најискрен работник, само сакаше да си пивне. Кога дојдов од Подмочани, ме пречека. Се сретнавме во црквата. Ми кажа дека пред некој ден дошол од Ѓавато, каде ги подготвувал селаните. Посакав и јас да зборувам и во меаната ги викнавме сите селани-Власи, меѓу нив и гркоманските Власи. Барџик и уште еден зборуваа на влашки и покажуваа кон нас, а Власите извикуваа нешто како одобрување и благодарност. Сугарев веќе им наложил 100 лири помош, од кои 80 лири веќе внесле. Јас им ја објаснив целта на востанието, зошто порано сме биле понастрана од нив и дека сега веќе нема зошто да ја криеме нашата цел. Ги поканив да ни се придружат, дека не сакаме да станат Бугари, дека со тоа не се занимаваме и сл. Уште им реков да не бегаат од селото, како што беше направиле некои нивни првенци. Организирав раководно тело, во кое влезе и Барџик, со цел да собира помош во облека. да ни доставуваат потребни работи, особено сол, ѓон за опинци, да ни мелат брашно, некои имаа по 12-13 воденици, а нашите воденици беа изгорени, да им помагаат со што можат на 200-те души од Ѓавато кое беше изгорено и од кое еден дел беше дојден во Маловиште, а друг во Смилево. Тие ветија сe. Тоа беше на 12 август.

На 13 август се вратив во Евла. Следниот ден отидов во Болно. Утринта се слушнаа топовски грмежи - Турците го опколиле Смилево. Народот од Болно беше в планина. Во селото и по нивјето слегуваа само за вршидба - вршеа на гумната.

Кога излегов надвор од Болно, на патот забележав еден карван. Пуштивме едно одделение од 10-тина момчиња да го фатат и да го донесат. Дојдоа 9 товарени коњи трговска стока - шеќер, сапун, кожи за опинци и др. Го водеа двајца турски кираџии и тројца невооружени војници. Имаше други 9 христијански патници - двајца кираџии, 2 жени и еден маж - жените и мажите доаѓаа од Србија и одеја за Охрид. Имаше - 3-4 Мијаци и 34 дебарчани. Ги однесуваме сите в планина. Христијаните по некој ден ги пуштивме заедно со стоката.

На 15 август (св. Богородица) утрото, на врвот од Болно, без да се сетиме дека пукањата се од Смилево, мислејќи дека некоја од нашите чети се бори во Златари, тргнавме на помош. Минавме покрај Избишта, ги зедовме четите од Јанковец дење и го поминавме патот. Турците избегаа кон градот. Кога го минувавме Кривени ни се придружија четите од Лева Река и Круше - 20-тина души. Наближивме до Бигла, видовме дека тука се сноваа Турци - кавалерија и пешадија во големи групи. Ние преспавме тука. Се слушаа плотуни од 5000 души (таму имаше скоро 9000 Турци). Во меѓувреме дојде едно момче од позицијата Голем Камен и разбравме дека Смилево е опколено.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik