Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!



 


Природни ресурси


Шумски ресурси

Значаен дел од Општината (околу 40%) е под шума. Најголемите континуирани шумски комплекси од бука и ела се протегаат во атарите на селата Држилово и Патишка река, меѓу ридските и високопланинските пасишта. Овие шуми имаат економско значење и интензивно се експлоатираат во атарот на Држилово и источниот дел на долината на Патишка река, со кои стопанисува ЈП “Македонски шуми”. Останатиот простор, западно од потегот Караџица-Кула е под контрола на шумскиот резерват “Јасен” и во него сечата е минимална. Општината е разместена на ниско - брдовит терен, со големи пасишта и шума. Шумскиот резерват “Јасен” е многу добро заштитен. Овој резерват е само во функција за заштита на природата, но нема и рекреативна, туристичка или едукативна намена. Влегувањето е многу ограничено.



Другиот поголем појас на дабова и букова шума ги опфаќа источните падини на Венец и Ивански Осој, каде истите брзо се шират во соседните пасишта поради нивното напуштање. Изолирани фрагменти на благунова и плоскачева шума можат да се најдат на највисоките врвови или на северните експозиции во басенот на Маркова река. Такви се: врвот Црвена прст над с. Ракотинци, локалитетите Горни Забел и Два Даба, стрмните падини на Брзовец, доловите на потоците Преод и Умиште. Во близина на овие локалитети се изградени голем број викенд куќи.

На најнискиот дел од просторот-езерските тераси на басенот на Маркова Река денес е застапена културната вегетација или деградираните површини. За ова подрачје се претпоставува дека во минатото постоеле пространи површини под термофилна шума, но со нејзино расчистување за сметка на културната вегетација и пасиштата, започнал процесот на ерозија на терасите поради растреситиот земјишен супстрат. Денес на овој простор е присутна интересна појава на ширење на старите шумски заедници во ридските пасишта, напуштените полјоделски површини и голините. Шумите од плоскачот денес се јавуваат мозаично, во вид на шикари. На граничните површини можат да се сретнат благун-белгаберови шуми, во различни физиономски форми. Термофилната вегетација е застапена некаде до 900 м. н.в. по што е широко распространет шумскиот горски појас. Во него најпрво широко се развил горуновиот комплекс кај с. Држилово. Иако Нова Брезница лежи во обезшумен карстен простор, во нејзина непосредна близина се наоѓа значајна заедница на мечја леска и црн јасен. Непристапните падини на кањонот на Треска се обраснати со реликтни шуми од црн бор и македонска саса. Над горуновиот појас на падините на Караџица се протегаат добро сочувани букови и буково-елови шуми. Интерсно е дека покрај ретките видови растенија и животни во оваа општина регистрирани се и неколку ендемични вида на инсекти во Пештерата Бозгуни, како и припадници на видот на лилјаци, глувци, псеудо скорпии, полжави, ракови, стоногалки. Во оваа зона има една населба - Патишка Река, каде се наоѓаат најквалитетните состоини од ваков вид. Шумската вегетација завршува на н.в. од 1900 метри, по што до највисоките врвови се распространети високопланинските пасишта и рудини.

Разновидноста на природните услови овозможува и одгледување на различни културни растенија: житни, градинарски и овоштарски култури. Слична е и состојбата со природната фауна и домашните животни.

Водни ресурси


Површинската хидрографска мрежа на подрачјето на Општината Сопиште е слабо развиена, најмногу поради интензивниот процес на карстификација кој ги зафатил гребените на Караџица, Сува Планина и Венец. Општината е мошне сиромашна со водени ресурси. Во 90% местата се без поток или река. Како многу атрактивен природен феномен и потенцијален извор на вода за пиење за поширокиот регион, мора да се спомене понорницата Патишка Река. Две села се опфатени со понорницата, која засега не се користи за водоснабдување поради оскудноста и нејзината природа. Во пределот има поток кој во сушниот период на лето има минимална количина на вода и поминува управно на патот. Водата не може да се користи за наводнување летно време.

 




Општина Сопиште
тел/факс: (02) 274 3032
(02) 274 3031
~~~~~~~~~~~~~~~~
Советодавно Биро на Општина Сопиште
тел/факс:(02) 274 2292
~~~~~~~~~~~~~~~~
Еколошки Информативен Центар во Сопиште
тел/факс:

 

^ top ^

© 2003 Општина Сопиште, сите права задржани