Роден е во Штип, на 28 октомври 1873 година. Се школувал во педагошкото училиште во Ќустендил, но поради учество во ученички бунт бил исклучен од училиштето и образованието го продолжил во Педагошкото училиште во Казанлак. Во 1895 година се враќа во родниот град и работи како учител. Истата година се вклучува во редовите на ВМОРО. За време на Виничката афера кон крајот на 1897 година паднал во затвор. Бил осуден на доживотен затвор и испратен во Подрум Кале, Мала Азија, од каде бил пуштен со амнестија во август 1902 година. По излегувањето од затвор оди за малку на одмор во Бугарија и потоа, во 1903 година се враќа како војвода на чета и дејствува во Штипската околија.
Од 1904 година е штипски околиски војвода. Во септември 1904 година со четата ги казнува осумте предавници во кумановското с.Кокошиње, кои ја предале четата на С.Арсов на турските власти.
Во 1905 година е делегат на Рилскиот конгрес на ВМОРО, а во 1906 година станал член на Окружниот комитет на Скопскиот револуционерен округ на ВМОРО. За извесно време како секретар во четата е идниот лидер на ВМРО Т.Александров.
На 2 април 1907 година, наоѓајќи се во Хисарското Маало во Штип, во куќата на Петар Брашнаров, бил предаден од Марко Секулички (според Е.Чучков) и сардисан од турскиот аскер. По повеќечасовна борба, кога целото маало било во пламен, несакајќи жив да им падне во рацете на Турците, заедно со уште двајца соборци (Петар Жабата и Милан Крстев) се самоубил. |