|
Роден е во Прилеп во 1880 година. Се школувал во Прилеп, Битола и Ќустендил а завршил Педагошко училиште во Загреб. По завршувањето на образованието се вратил во Македонија, за да учествува во револуционерната дејност на ВМОРО, каде што бил член од 1898 година. Додека учитествувал во Прилеп, во учебната 1898-1899 година, бил раководител на Околискиот револуционерен комитет. Во следната учебна 1899-1900 година работел во Куманово, а од 1900-1902 година бил учител во Крива Планка, каде е претсдател на околискиот комитет на ВМОРО и учествува во создавањето на канали за пренесување на оружје од Бугарија.
Во март 1903 година е осуден на 6 години и испратен во Битолскиот затвор, од каде, успеал да избега во март 1904 година. Станал војвода на чета и инструктор-ревизор на чети во Прилепско. Учествува на Прилепскиот конгрес во 1904 година.
На 28 јули 1904 година, неговата чета и четата на П.Ацев се откриени од Турците во околината на с. Селце, Прилепско, во месноста „Црвена Стена“. Се развила повеќечасовна нерамна борба во која Н.Каранџулов е тешко ранет и по негово барење, застрелан е од четникот Коце од Велмевци. |