Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Петар Николов Васков

Роден е на 18 мај 1875 година во Велес. Брат е на македонскиот револуционер и лекар Панчо Васков. Основно образование завршува во родниот град а потоа учи во Солунската егзархиска гимназија. Таму станува член на Тајниот ученички револуционерен кружок. По завршувањето во 1893 година се запишува на Вишото училиште во Софија, каде во 1896 година дипломира физика и математика. По завршувањето учителствува во Лом, Видин и Силистра, а од 1898-1900 година во Одринската машка гимназија.

            Во Одрин станува член на Одринскиот револуционерен комитет на ВМОРО. Во 1900 година е отпуштен од гимназијата поради револуционерна дејност и станува учител во Сливен. Во 1901 и 1902 година учествува и на Деветтиот и Десеттиот македонски конгрес и е на страната на Б.Сарафов. Во 1902 година се вработува во Школата за резервни офицери во Софија.

За време на Илинденското востание е војвода во Демирхисарско и во една од борбите е ранет. Во почетокот на 1904 година, заедно со М.Секулички и Х.Настев го раководел Ќустендилскиот пограничен пункт на ВМОРО. Од 1904-1907 година е повторно учител во Одринската гимназија и претседател на Одринскиот окружен револуционерен комитет.

Загинува на 10 ноември 1907 година во борба со турскиот аскер кај тракиското с.Лаџаќој, Дедеагачко. 

<< Претходна | Следна>> | Именик

granicnik