Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Тодор Александров

Роден е на 4 март 1881 година во Ново Село, Штип. Завршил Педагошко училиште во Скопје 1897-1898 година, каде 15-годишниот Т.Александров е покрстен во ВМОРО од Х.Матов во 1896 година. По завршувањето учителствувал во Виница, Кратово и Кочани, каде во исто време бил и еден од дејците на ВМОРО.

Во почетокот на 1903 година бил назначен за околиски раководител во Кочанскиот реон. Како резултат на предавство, на 3 март 1903 година е осуден на 5 години затвор и казната ја издржува во скопскиот затвор Куршумли ан. По 13 месеци, во април 1904 година бил амнестиран. Истата година бил назначен за главен учител во Ново Село, Штипско, а истовремено бил и член на околиското раководство на ВМОРО во Штип. На 10 јануари 1905 година стапува во четата на Мише Развигоров како секретар на четата.

По убиството на Развигоров, станал секретар на кочанскиот околиски војвода Симеон Георгиев Клинчарски. На Третиот конгрес на Скопскиот револуционерен округ во ноември 1907 година, е избран за еден од окружните војводи на овој округ. За време на Хуриетот не го предал оружјето и се повлекол во илегала.

Во почетокот на 1911 година., заедно со Х.Чернопеев и П.Чаулев  бил избран за член на ЦК на обновената ВМРО.

Со своја чета учествувал во Првата балканска војна. Во 1915 година бил мобилизиран и учествува во Првата светска војна.

По завршувањето на војната во декември 1919 година, заедно со А.Протогеров, П.Чаулев и К.Ципушев ја возобновуваат ВМРО. Т.Александров ги враќа старите структури на организацијата и се здобива со голем авторитет сред бегалците во Бугарија и населението во Македонија. Главна цел на организацијата е обединување на Македонија во една автономна, а покасно и независна држава.

ВМРО и Т.Александров се на страната на реакцијата во военофашисткиот преврат на 9 јуни 1923 година и во задушувањето на Септемвриското антифашистичко востание од истата година.

Сакајќи да постигне единство во Организацијата и да ги помири левите и десните струења, во 1924 година во Виена го потпишува Мајскиот манифест. После негативната реакцијата на целата јавност, Т.Александров го повлекува својот потпис. Напуштен од своите дотогашни пријатели и предаден, бил убиен на 31 август 1924 година кај с.Лопово, Мелничко, на пат да присуствува на Конгресот на Серскиот револуционерен округ.

<< Претходна | Следна>> | Именик

granicnik