Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Исповед на еден македонски четник

ГЛАВА VI

Низ воденските планини

Јас никогаш не разбрав како го објаснувале конзулските рапорти изгорувањето на Ниси, но европските весници го опишаа со најживи бои. Француските весници, поттикнувани од грчки извори, соопштуваа дека петстотини четници, водени од офицери од бугарската армија, исклале мажи и жени. А од селаните разбравме дека луѓето на Коста оделе по улиците на Негуш и се фалеле дека не изгониле во чуновите во такво безредие, што одвај сме имале време да ги приберем нашите убиени.

Чистата вистина е: триесет куќи, околу половината во селото беа изгорени. Следното утро војниците нашле шестмина убиени. Еден од нив бил Албанец, управник на имотот на бегот, којшто, мислејќи дека селото е нападнато од башибозук, се стрчал и викал дека е муслиман. Некој од луѓето на Апостол и помислил дека Албанецот сакал да ги заблуди и го убил. Другиот убиен бил шестнаесетгодишен младич, удрен од случаен куршум, а третиот бил убиен со умисла, затоа што луѓето на Лука познале во него стар шпион, избеган од сланичките села. Тие тројца ни беа познати на нас, другите беа луѓе на Коста, кои останалe неприбрани во темницата.

Нашите луѓе им помагааа на селаните да си го истераат добитокот и да си ја извлечат покуќнината. Врз мирните селани никој не кревал рака и сите успеале да се отстранат од огнот и пукањето. Само една млада жена, многу напредната во својата бременост, останала назад заедно со мажот й. Лука ги задржал додека престојувал во селото, а кога ги напуштил, им оставил едно писмо до селаните. Тој му напишал на грчкото население дека ги опожарил нивните куќи не од племенска омраза, туку како заштитна мерка против наездите на Коста во селата, кои го помагат револуционерното движење. Ги предупредил истовремено дека, ако не им даваат засолниште на наемниците на грчката црква, никогаш нема да посегнува врз нив и нивните имоти [25].

Тоа предупредување ја постигна својата цел. Оттогаш Коста се смири. Бугарски села не беа потпалувани веќе таа година. Подоцна селани, кои оделе или се враќале од пазарот, беа пречекувани по патиштата и убивани, но секогаш далеку од селата. Дури и тие напади не беа вршени од андарти, туку од маскирани луѓе, кои очигледно беа жители на Негуш, тврдината на грчките терористи.

По неколку месеци, за време на Олимписките игри, читав во весниците дека на една вечера, дадена во чест на странците кои ја посетиле Грција, држел говори Константин Акритас, капетан на грчката редовна армија, „кој тукушто се вратил од обиколка низ Македонија“...

Неколку недели по ред турската војска правеше обиди да не испофаќа низ мочуриштата. Покрај водните патишта и пристаништа беа поставени заседи, но тоа непринуди само да држиме, јадејќи само леб и сирење, откако го изедовме добитокот од „чифликот“ на Апостол. Други незгоди немаше.

Пролетта ги топеше снеговите, луди потоци се спуштаа низ полето и го полнеа блатото. Еден ден Апостол со повеќето од своите луѓе тргна кон планините. Ние исто така си ги прегледавме раниците и чевлите и, кога водите поспаднаа малку, една ноќ черинаесет души од четата, во тој број Тодор и Александар, ги зедовме чуновите и слеговме до Сланишко. Пред нашите очи се отвори широко поле, а во далечината се оцртуваа темните сини планини.

Времето не оживуваше, ние со задоволство ја газевме повторно тврдата земја. Високата фигура на Лука се лулееше напред, другите врвевме брзо со бесшумни стапки, потскокнувавме со одморените нозе.

Патролата, која беше пред нас, даде сигнал за опасност. Ние клекнавме на колена и ги наполнавме пушките. По малку време момчињата што беа напред, дојдоа со еден многу исплашен Турчин, селанец, кој тргнал да си го бара изгубениот коњ. Ме налегна тешко чувство, дека тој Турчин ќе биде жртвуван заради нашата сигурност. Селата низ кои минувавме беа полни со војници. Но, Лука му одржа една лекција за неговата неразумност да оди по полето така доцна. После го праша:

– Да речеме дека ќе те пуштам да си одиш, ќе дојде ли аскерот по нас по еден час?

– Не, жими бога, не – се заколна Турчинот на расипан бугарски јазик. Забите му тракаа од страв.

– Ти ми се гледаш чесен човек – рече Лука, – јас ќе му поверувам на твоите зборови. Оди и најди си го коњот. Но, пази се за понатаму. Понекогаш ние стреламе без да предупредуваме.

Си помислив дека Турчинот ќе му ја бакне раката на Лука, но еден од четниците го отстрани. Ние си тргнавме.

– Нема ли да не издаде? – прашав јас.

– До една недела не – одговори Лука. – Ако не го фатевме, да. Сега тој е наш пријател засекогаш. Турскиот темперамент не се подава лесно на шпионирање, за тоа се потребни ѓаури. Тој ќе проговори, кога ќе се увери дека сме веќе далеку. Тогаш тој ќе стане херојот на една лична средба со педесет страшни, долгобради комити, кои го надвиле, затоа што биле повеќемина, но му го поштедиле животот, восхитени од неговата смелост. Секој пат, кога ќе ја раскажува таа приказна, тој ќе ја преувеличува должината на нашите бради, очите на неговите прости слушатели ќе блештат; ќе нишаат глави и ќе викаат: „Машала! Машала! Страшни луѓе се тие комити, жално што не се од вистинската вера!“

Целата ноќ одевме кон планините. Во мугрите започнавме да се качуваме нагоре, а кога настапи денот, веќе се влечевме низ една длабока клисура, кон рамото на еден висок, шумовит гребен. Но, кога погледнав нагоре, ми изгледаше дека сме останалe уште кај подножјето на тие огромни, назабени купишта од карпи. Кај една ретка борова шума запревме да логоруваме. Кога погледнав надолу, видов дека се наоѓаме на голема височина. Шеесетте километри од полето, што ги бевме изминале преку ноќта, ми изгледаа понижувачки куси. Под зраците на утринското сонце се гледаа водите на езерото Ениџе. На неговиот брег лежеше Ниси. Уште понадалеку се гледаа јасно сивите ѕидови и куполи на Солун кај самите води на Егејско Море.

Горе, на височината беше студено. Дрвјата во клисурата беа уште голи, но низ дебелата покривка на боровите игли врз која спиевме тоа попладне, веќе се покажуваше шафранот и кокичето.

Веднаш попладнето ние тргнавме по патеката одново. Неколкучасовно бавно одење не изведе на едно малечко плато, каде што имаше една колибка, скриена во дабова грмушка. Тука најдовме петмина, тројца јагленари и двајца свињари, чиишто свињи ровеа за желади меѓу дрвјата. Селаните дојдоа кај нас без страв и не поздравија срдечно. Тие беа власи и пријатели, затоа што романската црква [26] беше создадена неодамна во Македонија како протест против тиранијата на грчките црковници. Затоа андартите им отплаќаа на Власите со пожари и убиства. Петмината селани се втренчија, кога им раскажавме за горењето на Ниси.

– Треба да дојдете во нашето село, чичко Лука – рече еден од нив. – Нашите луѓе имаат смел дух, но тие треба да ја видат за малку време четата.

– Сакате некоја нова „афера“ во вашето село – ги задре весело Лука. – Не ви стигна ли минатогодишниот Месимер.

– Ќе си одите пред зори, само толку – предложи селанецот.

Тие продолжија да зборуваат за тоа.

Јас го слушнав името Месимер и преку умот ми помина најубавата и најсакана народна песна. Многумина од момчињата во Воден лежеле во затвор, затоа што ја свиреле со уста по улиците.

Месимер е блиско село до Воден, лежи зад касарните. Партизанството е многу силно таму, затоа што, како и во Воден, дел од населенисто е гркоманско, т.е. Бугари, останати уште верни на грчката црква, а следствено верни и на султанот. Но, имаше и отцепници, и тука одамна беше образуван и револуционерен комитет. Одвреме навреме четата идела да агитира, да ги прегледа сметките на благајникот и да основа суд.

Пред една година Лука отишол во Бугарија по муниција. Една ноќ Тодор отишол во Месимер со четиринаесет души и ја имал таа неразумност да остане во селото и следниот ден. Еден гркоман ги забележал и ги предал на војската. Селото било опколено. Четата се утврдила во една камена куќа. Оттаму таа се бранела целиот ден, следната ноќ и дел од новиот ден. Приквечер паднала густа магла во долината и седум преживеани четници се обиделе да си пробијат пат низ турските редици. Тодор и четворица четници избегале, но двајца, заблудени во маглата, отишле кон касарните и таму биле убиени [27]. Оттогаш Лука им забранил на четите да влегуваат во Месимер.

Таа случка е опеана од народот. Има особено една песна во која се раскажуваат сите подробности на битката. Како секој првобитен народ, Македонците ги запишуваат големите настани на својот живот во народни песни, кои понекогаш остануваат низ вековите. Никој не го знае составувачот на тие песни, веројатно некој непознат селски учител. Децата ги пеат заедно кога поминува кајмакамот, тие можат да бидат само искарани или удрени, во најлошиот случај, но господ да му е на помош на возрасниот, кој ќе биде слушнат дури само да ги потсвиркува...

Лука и петмината овчари се спогодија. Еден отиде да го подготви нашиот прием во Месимер. Останатите накладоа оган и испечија едно мало прасенце врз жарта.

Беше веќе стемнето, кога тргнавме. Патот не водеше надолу низ густа шума. Поминавме една месност, која беше историска за Тодор. Минатата година тој попаднал тука и се борел со претходникот на капетан Коста, капетан Теодосиј. Двете страни пукале една врз друга, прикриени зад карпите, но кога пристигнал аскерот од Воден, битката почнала од три страни. Еден ранет Грк се слизнал во еден амбис и се закачил за една капинова грмушка. Кога го поминавме тоа место, Тодор и оние кои биле со него, најдоа на една гранка парче ткаенина, изгниена од времето. Тие се возбудија и рекоа дека парчето е сигурно од фустанелата на Гркот.

– Фустанелата прилега на здолниште на балерина - ми објасни Лука, – таа точно одговара и на луѓето кои ја носат.

Стана сосема темно, но наскоро изгреа месечината. Ние излеговме од шумата и пред нас се откри вистински амфитеатар од светлините на околните населби. Тука не очекуваа двајца селани.

– Овој пат нема да стапиме право во капанот – рече Лука. – Само петмина од нас ќе слезат долу. Другите ќе останат тука и ќе не чуваат од изненадување.

Лука, Тодор, Александар, еден четник и јас почнавме да слегуваме, помагајќи си со раце. Двајцата селани нe водеа. Требаше да вниваваме да не падне ни најмалечко камче, затоа што во ноќта и најслабиот звук можеше да се чуе. Најпосле се провлековме меѓу дрвјата на една градина, ја преминавме и се вовлековме во некаква куќа.

Собата беше преполна со мажи и жени, кои не поздравија од сесрце, но очигледно се обеспокоија. Повеќето од мажите беа возрасни, груби луѓе, сите со дебело препашани широки појаси од подмишките до долу под бедрата. Сите беа избричени, затоа што брадата во Македонија, надвор од градовите, се смета од власта како за знак на бунт. Се мислеше дека само комитите се брадати луѓе. Исклучок е само селскиот свештеник.

Сите ја ислушаа внимателно кратката, но пламена реч на Лука. По неа почнаа слободни разговори. Им се протолкуваа новите закони на Организацијата, затоа што одвај пред шест месеци првиот конгрес од претставници на револуционерните маси беше составил еден статут, кој даваше право на сеопшто гласање на селаните во работите на комитетот. [28] Потоа, барем на теорија, никој не можеше да крева востание без согласност на оние, кои требаше да се бијат и во случај на неуспех да пострадаат најмногу. Дотогаш месните комитети биле назначувани од реонски војводи, а одсега требаше веќе да ги избира. За такови избори сега немаше време, но Лука даде упатство како да се извршат изборите, по што листата на новите членови да се испрати до реонскиот комитет во Воден.

Беше поминала полноќ, кога ја напуштивме куќата и се присоединивме кон нашите другари, што не чекаа. Двајцата водачи-селани се качија со нас до карпата горе.

Кога пишувам за овие селани, да додадам, што разбравме од едно писмо, што ни беше испратено од Воден, една недела подоцна. Макар што престојувавме во Месимер помалку од четири часа, влеговме и излеговме оттаму сосема тајно, на другиот ден Грците дознале дека сме биле во селото. Следната вечер двајцата наши водачи биле најдени заљклани во шумата. На едниот од нив била закачена белешка со печатот на воената рака на грчката црква. Белешката гласела:

„Ваква е судбата на сите, кои ја предаваат црквата на шизматикот – разбојник Лука. Свестете се, селани. Кога разбојниците влегоа во вашата куќа мината та ноќ, окото на светата црква бдееше врз вас.“

Немаше потреба од Шерлок Холмс, за да се пронајдат убијците. Григораки од Воден можеше да каже кои се.

Откако го напуштивме Месимер, поминавме два дена меѓу надвиснатите карпи, но третата вечер поминавме нагоре и се искачивме на поспокојно место. Најголемото село од реонот на Лука не поддржуваше со храна три дена. Во шумата не најде една чета – полиција од седумдесет души. Таа не преведе кон своето село, може да се каже, со развеано знаме среде бел ден. Главатарот на полицијата беше еден белобрад свештеник. Како и на сите шизматици-попови, рацете му беа загрубени од работа; тој беше дрводелец и пчелар. На другиот ден отидов во неговиот дом и со задоволство го посматрав додека тој режеше еден трупец, облечен во црно, закрпено расо, а врз неговите раменици му се развеваа белите парчиња коса.

Во селото бевме сигурни. На секоја височина околу него стоеше по еден дрвар, којшто божем сечеше дрва, а всушност ги набљудуваше луѓето кои идеа кон селото. Тука живееа само две муслимански семејства. Мажите беа ковачи, еден занает, од кој христијаните одбегнуваат. Тие муслимани беа верни како и сите жители. Кога Лука и јас сретнавме еден од нив, тој рече:

– Добро дошол, чичко Лука. Кога ти ќе влезеш во селото, господ ме прави слеп и глув.

– Тоа покажува дека господ те чува – му одговори Лука. – Тој сака да живееш многу години.

Го посетивме училиштето и јас се чувствував како училишен инспектор во обиколка. Децата ја испеаја Месимерската песна и други слични песни. Учителката, едно младо девојче, облечено по европски, зборуваше литературен јазик. Таа повика една од повозрасните ученички, на околу 13 години. Детето застана пред нас, издекламира поздравна реч и ми подаде китка планински цвеќина. Потоа разбрав од Александар дека Тодор и учителката ми ја приредиле таа церемонија. Тодор како да го бидуваше за такви работи, но тој всушност не беше таков.

Доста подоцна попладнето, седнав до прозорецот на мојот стан и се загледав кон ниските ѕидови од плитар на една недовршена куќа, сместена врз едно ритче. Група деца се беа собрале таму. Се заинтересирав за нивната игра.

Десетина повозрасни момчиња се беа качиле на ѕидовите и креваа заглушувачка врева против триесетина момчиња, налегнати во подножјето на ритчето. Ненадејно момчињата од поголемата група, меѓу коиу и некои со не повеќе од 4 години, јурнаа дружно со грутки земја кон ритчето со извици: „Алах! Алах!“, одозгора ги пречекаа со облак од глинени грутки земја и извици „Ура!“. Започна вистинска битка, но беше јасно уште од почеток дека напаѓачите треба да бидат разбиени. Тие почнаа да се тркалаат по своите грбови надолу, а опсадените трчаа по нив и ги подбуцнуваа со тојаги.

Кога беа истуркани сите напаѓачи од ритчето, битката престана. Тогаш „умрените“ станаа и се собраа со другите на нешто, што јас мислев дека е мировна конференција, додека не бев поучен од еден писклив глас:

– Јас не сакам да бидам аскер.

Тоа беше омилената игра на македонските деца. Често сум гледал да ја играат по улиците на Битола пред очите на Турци и војници, коишто се забавуваа од глетката како и јас. И навистина, што и да стануваше во време на колежите, Турците беа необично толерантни кон децата.

Го продолживме одново нашиот пат кон север, агитиравме по селата, слушавме отчети, спроведувавме избори и разрешувавме месни спорови, затоа што новата тактика на револуционерниот комитет беше бојкотирање на турските судови. Повеќето од судењата беа за граници на имоти и секогаш го нарушуваа трпението на Лука. По нивното разрешување Лука им велеше на луѓето:

– Нека се знае дека овие решенија се во сила додека Македонија добие слобода. Потоа вие можете да се обрнете со своите расправии пред редовен суд: вие, Бугарите, сакате да се судите, но подобро е ако ги посветите своите сили за поважни работи, што ни претстојат.

Јас ја разбрав саркастичната нотка во неговите зборови, бидејќи бев веќе живеел во Бугарија, каде што секој амбициозниот младич со практичен дух студираше право.

Една ноќ влеговме во некакво село до брегот на езерото и во основата на голема карпа, на чиј што врв видов живописно издигната зграда.

– На кој феудалец му припаѓа овој замок? – го прашав Лука, сакајќи да бидам духовит.

– На кого, ако не на феудалниот господар – одговори Лука.

Јас го погледнав прашално.

Лука продолжи:

– Ти уште не си свикнат со нашите услови. Во дваесеттиот век селанецот се експлоатира од посредници и берзијанци, а овде феудалците од петнаесетиот век уште не изчезнале. Нив овде ги нарекуваме бегови. Тие ја земаат само половината од производите на селанецот. Тоа, верувам, ќе го прифатиш дека е почесно. Но, пострпи се малку, оваа ноќ ќе учествуваш во една сцена, земена од романите на Скот.

Не беше изминат ни половина час откако седевме во кругот на зборлестите селани, кога пред нас гордо се појави една живописна личност со огненоцрвен фес, чијшто пискул висеше како коса на жена, до рамениците. Човекот беше облечен во злато-ткаен елек, што ги оставаше ракавите слободни до лактите, широки и здиплени како крилја. Неговите потури, многу надуени, се губеа кај колениците во дебели бели објала. Беше препашан со колан, од кој висеа кама и други страшни оружја, пред кои нашите бледнееја. Неговите мустаќи беа големи и тврди; врапчињата можеа да застанат врз нив.

Тој му се поклони на Лука, доближувајќи си ја раката до срцето, после до усните и најпосле до челото. По тој ориенталски поздрав, тој му ја зграпчи раката на Лука и го праша со најобично селско наречје:

– Како си? – На ист начин нe поздрави Тодор и мене.

Колку што разбрав, тој беше управник на чифликот на бегот и беше дошол да не покани докај својот господар на вечера.

По еден час Лука, Тодор и јас се искачивме по камените скали на убавата куќа врз карпата. Двојната врата на дворецот беше отворена и низ неа се гледаше долг ходник при чиешто дно, низ други врати влеговме во салонот, осветлен со ламба. Не пресретнаа мнозина вооружени прислужници, сите во убави албански костуми. Само бегот стоеше во осветлениот салон. Тој ги имаше истенчените црти на млад кнез, облечен не толку убаво, по побогато од своите луѓе. Беше вооружен со оружје, украсено со скапоцености и филигран. Тој не пречека сите со бакнежи. Потоа не поведе по широките скали до едно претсобје каде го оставивме своето оружје. Оттука поминавме низ другата врата, бегот се сврти, направи лесен селам и не воведе во голем салон. Во него немаше мебел, туку само убави разнобојни черги на подот, богато везени перници и по средината една софра. Бегот повторно го допре со рака своето срце, усните и челото и ние седнавме на чергите. Јас успеав да му шепнам на германски на Лука:

– Не е ли опасно да останеме обезоружени во куќата на овој човек?

– Тој е Албанец – одговори Лука – и ние сме во неговиот дом. И друг пат сме му биле гости. Некој ден може да ми ја отсече главата, но сега тој е роб на своите племенски традиции. Ако дојде аскер и не нападне, тој прв ќе пука против него.

Бегот беше важен, сериозен млад човек. Тој зборуваше, макар и расипано, на бугарски, затоа што ниту Лука, ниту јас знаевме турски. Во почетокот разговорот беше неповрзан. Тој ни кажа дека дошол за една недела на лов и дека во градот не бил многу добро со здравјето. Подоцна зборувавме за Грците, за изгорувањето на Ниси и за месната администрација, којашто јас не ја познавав. Од држењето на домаќинот разбрав дека во мене го позна Американецот, којшто кревал толку врева во Воден, но не зададе никакви прашања за тоа. Не сметаше дека е негова работа што барам јас меѓу бугарските комити. Не нe облеа ни со ориенталското ласкање, ниту ја осуди, ниту пофали нашата работа. Направи алузија за младотурската партија [29], давајќи ни да разбереме дека тој й е симпатизер.

Вечерата ја ставија двајца прислужници, кои беа го симнале своето оружје. Имаше едно цело печено јагне, неколку варени пилиња, чорба и чудесно сирење. Управителот на чифликот седна кај нас на трапезата, сите бевме пет души. Бегот и управителот на чифликот доста вешто го раскинаа со раце месото и ни го поднесоа. Немаше ножеви и виљушки. Подоцна се стави вино. Двајцата муслимани пиеја, макар што Коранот го забранува тоа.

Беше полноќ, кога се разделивме со разменување на бакнежи како порано. Еден од прислужниците беше испратен да ја извести четата дека доаѓаме; ја најдовме да не чека на отворено. Веднаш тргнавме кон планините, затоа што близу до селото минуваше железница.

Подоцна јас сретнав и други бегови. Во интерес на мнозина од нив беше да се пријатели со четите, затоа што објавениот бојкот од револуционерниот комитет сосипал многу турски земјовладетели. Комитетот, од своја страна, сметаше дека е корисно да го укинува бојкотот во однос на пријателски настроените бегови, затоа што не само што селаните страдаа од него, бидејќи требаше да работат полоша земја, туку и затоа што во присуството на земјовладелецот во селото, аскерот и андартите не можеа да го гибаат народот. Справедливо е да се додаде дека имаше и нешто повеќе од личен интерес во пријателството на некои од тие муслимански земјовладетели. Некои беа искрени приврзаници на младотурците, а имаше дури и многумина порадикални со отворени социјалистички тенденции.

Настапи и последниот мој ден со Лука. Бевме запреле да логоруваме во планината, северната граница на неговиот реон. Тука кај нас дојдоа двајца четници, испратени од војводата на соседниот реон за да ме одведат до Леринско. Александар требаше исто така да ме придружува како постојан другар во моите скитања. Макар што преживеав со Лука и Тодор само два месеци, не ми беше пријатна разделбата. Момчињата исто така се натажија. Антон, кого не го сакав, затоа што ги екзекутира двајцата шпиони во блатото, зборуваше нешто како наивно дете.

Кога тргнавме, ја погледнав четата во шумичката. Сите мафтаа со раце и шамии. По неколку месеци јас пак се видов со нив или поправо со останатите живи од нив.


25. Покрај писмото од 1 март 1906 година што го споменува Сониксен, војводата Лука испртатил писмо и до кајмакамот на Бер, во кое му ја објаснил причината за запалувањето на Ниси.
26. Романската државна пропаганда во Македонија се засилува по Илинденското востание. Барањето на романската црква и училиште, грчката пропаганда го дочека со големо непријателство. Грчката вооружена пропаганда со сите сили настојуваше да го спречи отворањето на цркви за потребите на Власите во Македонија. Меѓутоа, со султанскиот акт (ираде) од 23 мај 1905 година Турција официјално го призна постоењето на романската народност и нејзиното право да има свои црковно-училишни општини.
27. Борбата се случила на 22 фебруари 1905 год. Четата се состоела од 11 души и отседнала во две гркомански куќи. Од едната група, 6 на број, петмина се извлекуваат и еден загинува, а од другата, четворица се убиени, а се извлекува само еден - писарот на четата Сотир Николов од с. Месимер.
28. Се работи за Рилскиот конгрес на ВМОРО од октомври 1905 год.
29. Младотурска партија – комитет „Обединување и напредок“ е основан при крајот на ХIХ век., како тајна организација, што ги обединуваше противниците на феодално-апсолутистичкиот режим на султанот Абдул Хамид. Во комитетот членувале претставници на буржоазијата, либерално настроени офицери, чиновници и луѓе со слободни професии. Главниот центар на младотурското движење се наоѓал во Париз, но постепено се создаваат организации и во самата Турција. Во јули 1908 год. комитетот ја изврши Младотурската револуција и го принуди Султанот да го обнови уставот од 1876 г. За извесно време се установуваат демократски права и слободи, но по кратко време, младотурските државници го обновуваат теророт и прогонот против нетурските народности. Тоа доведува до ново засилување на револуционерната борба и го забрзува избувнувањето на Балканската војна во 1912 г.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik