Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Солунскиот атентат и заточениците во Фезан

СОЛУНСКИОТ АТЕНТАТ

VI.

Фаќањето и на заговорниците Ѓорѓи Богданов, Милан Арсов и Митко Бошњаков. - Судот ги осудува сите на смрт. - Пресудата се заменува со доживотно заточение. – Откако осудените престојуваат три години во затворот Еди-куле, се испратени на заточение во Фезан. - Бошњаков и Арсов умираат во Фезан. - Шатев и Богданов бидуваат ослободени по амнестијата во 1908 г, и се враќаат во Македонија.

На 16 април изутрината бил фатен и Ѓорѓи Богданов, што беше фрлил бомба пред „Ноија". Тој ноќта, откако ја фрлил бомбата, си отишол дома. Домот му беше близу до кафеаната Алхамбра, каде Мил. Арсов фрли бомба, па полицијата, кога правела претрес меѓу Бугарите, одеднаш влегува во неговата одаја, и во неговиот куфер наоѓа два мелинитови патрона, без да бидат стегнати со прачки, туку само со мелинит. Заедно со куферот ги однеле во полицијата патроните и го уапсуваат Богданов. Го изведуваат пред воениот суд. Пред да го изведат на судење, бидејќи бил изолиран во одделна просторија, измачуван од помислата што ќе последува, троа се беше побркал. Кога нe изведоа на соочување со мене, зборуваше сосем противречно. Го прашаа „Зошто фрли бомба во Алхамбра?" Мислеа дека тој ја фрлил бомбата. Тој им одговара: „Милан ја фрли бомбата во Алхамбра", - „Ами ти каде фрли?" - „Јас во Ноија". Полицијата веднаш разбра дека има и некој „Милан". Бидејќи Богданов им рекол оти Милан е од Велес, сите „Милановци", што се наоѓаа во Велес и во Солун, ги доведоа на судот. Комесарот Панајот, велешанец, во служба на Турците, им кажал дека Милан Арсов другарувал со Орцета и со мене, сите други ги пуштаат. Милана Арсов го наоѓаат на 26 април во Солун и го уапсуваат. За да се уверат дали сме во контакт со ЦК (бидејќи полицијата знаеше оти Гарванов е замешан, но немаше факти), го запрашаа Богданова: ,.Го познаваш ли Гарванов" - „Не го познавам Гарванов, но знам еден Гарванов што ние сакавме да го убиеме". Еднаш, поради оние 1000 килограми динамит, ние - Кирков, Орцето и Мечев и јас, се препиравме; тие сакаа да му се одмаздиме на Гарванов. Јас бев против тоа, и најпосле и тие се откажаа од таа мисла. Богданов го слушал и го изломотил ова. Богданов рекол уште дека од тој истиот Гарванов сме добиле 36 лири. Вистина е дека 20 дена пред атентатот, за наше издржување, ги добивме од Гарванов тие пари, и од нив пред атентатот и се кулија поубави облеки. Милан Арсов, кога му ги поставуваа овие прашања, и кога му рекле оти Богданов рекол дека сме добиле од Гарванов 36 лири, и го запрашале дали е тоа точно, одговорил „точно". Меѓутоа, Гарванов беше уапсен заедно со сите други Бугари. Споменатата индиција беше многу силна и прилично го товареше. По настојување на конзулите, воениот суд ги судеше само замешаните во атентатот, а Гарванова и неговите другари ги суди друг суд. Гарванова го осудија на 101 година затвор. Дека Богданов уште тогаш, кога ги давал тие искази, бил веќе троа побркан, се гледа и од тоа, што подоцна по Св. Кирил и Методија, тој сакал да излезе низ дупката од ќелијата (тоа е малечка дупка), па стражарот го боднал со штитот и го ранил, па сосем се побркал, полудел. Му ставија вериги, а тој неврзано постојано зборуваше дека поради него ќе загинат татко му и мајка му, и слично. Очевидно таа мисла го измачувала најмногу.

На судот јас признав дека го запалив со динамит паробродот, туку не им расправав подробности. На прашањето: „Зашто го стори тоа?", им реков дека е одвишно да одговорам на тоа прашање. Ме запрашаа, бидејќи тој ден имало и италијански пароброд, поубав и слично, зошто не сум причинил пожар на него. Одговорив дека не сакам да дадам одговор на тоа прашање. Во затворот ни иајмалу не ме измачуваа. Марко Бошњаков, што ја држеше бакалницата, утредената (ушт на 16.) се сокрил во куќата на еден охриѓанец, сe до 6 мај. Тој ден, според поткажувањето на еден шпион, охриѓанец, го најдоа и него дома. Тој се појави пред судот. Призна дека држел бакалница, и сe друго. Марко Бошњаков е еден од групата то го уби Михаиљану; тој бил стражар тогаш во улицата, и вардел кога стана убиството на Михаиљану. И него го осудија на смрт. И Богданова го осудија иа смрт. На 24 мај се прочита пресудата на воениот суд. Беа присутни конзулите, видни трговци од Солун, дописници, воени чиновници, високи офицери. Ние, јас. Милан Арсов и Бошњаков, бевме изведени пред судот, а за Ѓорѓи Богданов се достави медицинско уверение дека е умопобркан. Се прочита пресудата. Се споменуваа убиените и сите други. Врз основа на чл. 54, 56 и 58 од турскиот кривичен закон бевме осудени на смрт со бесење. Се покажав ладнокрвен. Потоа, откако и по 24 часа не дојде потврда на пресудата од Цариград, нe пренесоа во централниот затвор во Еди-куле. Тоа беше на 25 мај 1903 г. Си помисливме дека пресудата е укината. Во централниот затвор не држеа три години. По два месеца Богданов умствено се подоправи, дојде на себеси. Во 1904 година во мес. април беше дадена општа амнестија, па пуштија 600 мина Бугари. Останавме само ние четиримината и други петмина, обвинети како соучесници на Делчев при атентатот на мостот кај Ангиста. Тоа беа свештеникот Атанас Иванов, па Кочов, Митов, Арабов, Коце Шатров, Паскал Ризов и Аврам Николов, - сите селани од село Скрижево (Серско). Останавме само ние, затворот се испразни, стана глуво. Ни беше ужасно, не обзеде јад и ни беше тешко, бидејќи останавме со злосторници, катили Турци и Бугари, а немаше надеж наскоро да има пак некаков повод за амнестија.

Не држеа уште во центр. затвор, сe до 23 април 1906 г.. Тешко го почувстеувавме тој затвор. Тогаш со султанско ираде, оние што беа осудени за големи престапи, од 10 години нагоре, се испраќаа на заточение во различни места: до 10 години во Подрум, до 15 г. во Сирија и во Триполи; скрижевчаните ги испратија во Пајас-кале (во Аданскиот вилает), а осудените на вечен затвор и на смрт - во Фезан (во Африка), 950 километри во внатрешноста, во градот Мурзук, што се наоѓа на 600 метри височина над морското рамниште. Две групи осудени на 10 години, ги испратија на Родос и во Подрум.

Во Фезан ние поминавме тежок живот. Се ослободивме сега, на 2 август годинава (1908). Таму умреа Марко Бошњаков, на 15.02.1908 од мочуришна треска (fievre paludikue) и Милан Арсов, од туберкулозна ангина (anguine toubercouleuse), на 8 јуни 1908 г..

Во Фезан бевме до 50 мина Бугари - од битолско, скопско и солунско, сите политички заточеници.

Пред атентатот ние размислувавме вака:

Ние немаме орган, за да ја пропагираме својата терористичка акција, па затоа сметав, дека би било полезно за делото, ако можеме да се запазиме и по атентатот- за да можеме да го продолжиме делото. На тоа мислење бевме јас, Милан Арсов и Бошњаков. Мечев, Кирков и Орце беа на спротивно мислење, со тоа бездруго да заврши и нашиот живот. Ние предлагавме да не извршиме сe одеднаш, туку постепено, едно по едно, а банката најпосле, затоа што цел ни беше да ги направиме несигурни европските капитали. Мечев и другите одговараа дека ние немаме никаквн гаранции оти по првиот обид нема да бидеме фатени, и дека немаме динамит и слично. Затоа тие беа на мислење дека не треба да преземаме никакви мерки за да побегнеме, затоа што заедно со атентатот треба да завршиме и ние. И така сторија. Јас не се согласував со тоа - да завршиме со нас. Тие сакаа да се постигне колку што е можно поголем ефект. Не можев да ги преубедам. Орце направи осигурување во заводот New Jork 6 месеци пред атентатот, за 10,000 лева. Страхувавме дека од страна на Организацијата ќе ни се навира на нос, ако не успееме, па во таков случај на Сарафов требаше да му се вратат 10.000 лева, што ни ги даде. Полисата за осигурување беше на име на Љапов и на едно друго лице - за Сарзфов, за тоа му беше напишано и нему. И Сарафов ги доби тие пари. Од нив тој му даде 150 наполеони на татко му на Орце - по милост.

Откако солунскиот суд ни пресуди, од воениот суд Џамил бег замина за Велес, за да направи анкета, бидејќи имаше сомневање, оти и во Велес има некоја група. Тој ги уапсил сите роднини на моите загинати другари, и ужасно ги измачувал. По таен канал Тодор Органџиев избега во Бугарија. Како резултат на истрагата, во Солун ги доведоа околу 23 мина блиски и далечни роднини и самиот татко на Орце, чичко му и други. Нив ги судеше и воеи суд и ги осуди на 3 до 5 и до 15 години затвор. Татко му на Орце, Гоше, - на 3 години, чичко му Петар - на 3 години, неговите братучеди Иван поп Орданов – на З години, а брат му на Ивана – Илија поп Орданов, што навистина беше во групата, - го осудија на 10 години. Ги пуштија во 1904 г., само Илија го задржаа; тој беше испратен во Подрум, и одвај сега се ослободи.

Милан Арсов во Фезан боледуваше повеќе од два месеца; имаше болки во грлото, многу премале и почна веќе да стинее. Му реков дека наскоро му доаѓа крајот, и го запрашав, дали му е жал. Ми одговори дека му е жал.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik