Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Анастас Лозанчев

II

Софија, 1930 год.

Во Ресен се собраа многумина од посетнешните дејци. Пред тоа Дамјан Груев ми зборуваше за револуционерни комитети. Во Ресен не се одржа никаков конгрес. Илија Шилигаров пишува, дека таму бил и Пере Тошов. Тоа не е точно. Во Ресен бевме на 15 август 1893 г. А со Пере се запознав во м. ноември. Таму беа д-р Христо Татарчев, Дамјан Груев, Глигор Попев, Георги Пешков, Александар Панов, Трајче Доревски и др. Даме Груев заедно со Алексо Панов и Глигор Попев откако престојуваа неколку денови во Ресен, заминаа за Охрид.

Со Даме се познавав уште како дете и татко ми издејствува тој да биде прифатен за стипендист. Подоцна Даме заедно со Димитар Мирчев отидоа како стипендисти во Србија, но таму не останаа долго. Во Ресен не имаше никаков конгрес, затоа што дотогаш немаше организација, туку независно организирани лица и може да се каже, дека таа започна оттогаш. Тоа се однесува за Битолско. Може да се водени разговори меѓу Пере и Даме, ама организација немало; поточно е да кажам, дека во Ресен се одржа собир, но не конгрес. Организацијата во Битола започна по доаѓањето на Пере, во ноември 1903 г. Со него се запознав на свршувачката на Глигор Попев. Тогаш Пере беше назначен за учител во гимназијата во Битола.

Даме, за да ме засегне, соопштува во своите спомени, дека едни од првите членови на организацијата во Битола биле Никола Алтипармаков и Неделко Дамјанов. А истите беа посветени во делото не од Даме, туку од мене. Со Неделко Дамјанов учителствавме во село Смилево, а со Никола Алтипармаков не поврзуваше ловот. Тогаш започна покрстувањето со револвер и евангелие. Редот на покрстените лица во Битола е следниот: јас, Пере, Георги Пешков и Глигор Попев. Подоцна веќе влезе во организацијата и Ѓорче Петров. Пере, иако близок со Ѓорче, не сакаше тој да биде прифатен во организацијата. Тогаш тие двајцата живееле во пансионот. Ѓорче влезе во организацијата две години подоцна.

Даме тврди, дека со неговото доаѓање во Битола се поставил почетокот на организацијата. А тој дојде доста доцна... Во тоа време ние во Битола веќе дејствувавме на широка нога. Воопшто, може да се каже, дека има многу неточни податоци во спомените, предадени од проф. Милетич.

Во Битола организираната борба започна малку покасно, но затоа пак изненадивме многу други организации. Во нашата организација имаше голема цврстина и поголема желба за работа.

Пере Тошов не беше силен како организатор и тој можеше да влијае само на тесен круг луѓе. Штом погледнеше психолошки на некого и установеше, дека е способен за работа, тој го привлекуваше кон себеси и му даваше насока, додека другите го правеа обратното. Пере Тошев беше многу издигната личност во организацијата. Грешката на Пере беше во неговиот карактер.
Со Даме беше обратното: тој не ја бараше личноста, туку се служеше со луѓе како Георги Попхристов, Аце Дорев, Александар Ефтимов – се само осредни личности. Повеќето од дејците на организацијата, како Лечо, Манол Розов, Лазар Поптрајков, Пенчо, кој дејствуваше во Преспата, се воспитаници на Пере. Оние, кои работеа со Пере, се сплотуваа со организацијата.
Револуционерната борба не започна со Даме, туку со Пере Тошов. Револуционерните идеи кај Пере беа пооформени, отколку кај Даме Груев.

Пере и Даме се познаваа од Прилеп, каде што учителствале. Пере Тошов беше потемпераментен бунтовник. Даме можеше да влијае, како да кажам, со својот  говор врз масата, а Пере тоа не го можеше. Тој влијаеше само на одделната личност, додека дар за говор не поседуваше. Борис Сарафов како оратор исто така беше подобар од него. Пере не можеше дури ни да пишува добро. Исто и Даме не можеше да пишува, а пак Ѓорче Петров можеше да пишува во продолжение на 48 часа без умор, и не само да пишува, туку и да твори. Пере Тошов беше до краен степен молчелив но и многу избувлив, не давајќи пет пари за никого. Седи, седи и одеднаш ја вади обувката и ја фрла некаде, јаболко, круша, што ќе му попадне.

И покрај тие избувнувања ние помладите бевме восхитени од него. Во почетокот не можев да поднесувам никаква слобода, а претераните слободи на Даме воопшто никој не можеше да ги поднесува. Слободите на Пере – ги поднесувавме сите.

Пере Тошов во некои односи не можеше да го поднесува Даме. Истото беше и со Ѓорче - и тој не можеше да го поднесува Даме. Оние, кои работеа со Пере, се сплотуваа со организацијата. Можам да кажам, дека во организацијата почитував две личности - Гоце Делчев и Пере Тошев. Само пред нив јас се наклонувам.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik