Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Анастас Лозанчев

III

Софија, 1930 год.

Со Гоце Делчев сум бил само во текот на неколку денови. Тој правеше впечаток со својата дејност. Гоце можеше да ја преброди цела Македонија во едно тешко време. Тој ги имаше манирите на Пере, но беше и подобар организатор.
По преместувањето на Пере во Битола дојде и Даме и за кусо време меѓу нас се појавија конфликти. Една од причините за тоа беше следната: заземеме ли решение по дадено прашање, Даме не се стеснуваше после да го застапува спротивното становиште заземено од нас. А мене такви работи не ми се бендисуваа. Секогаш би се согласил со измена на заземеното решение, но ако тоа, се разбира, се случува не по вољата на еден човек, туку по заедничко решение, по решение на сите нас, по решение на целото раководство. Еднаш му реков на Даме, дека тој начин на работа нема да оди во иднина и се повлеков за извесно време од активното учество во работите на организацијата. Сепак продолжував да помагам во организационите работи. Кога Гоце Делчев дојде во Битола, Даме Груев беше во затворот. Тогаш Делчев ми гостуваше 4 денови и водевме долготрајни разговори. Тој сакаше од мене лично да ги дознае причините за моето повлекување од организацијата и на крајот ме покани одново да земам учество во организацијата. Дадов согласност за тоа, но под договор, дека мојот глас ќе се слуша толку, колку гласот на другите. Тогаш еден од моите услови за повторното влегување во организацијата беше Георги Пешков да престане да се занимава со парични прашања. Последниот беше загадочна личност и со него никогаш не сум бил во дружељубиви односи (од браќата Пешкови, Кољо беше подобар).

Гоце посака да се види со Даме, кој се наоѓаше во битолскиот затвор. Тогаш син ми Цветан беше на една година. Ми падна на ум план, со кој би  можеле да го оствариме тоа видување. Планот беше следниот: Гоце да го земе детето в раце и со мајка ми да се упатат  кон затворот. Гоце Делчев ја прифати таа моја идеја и на два пати го посети Даме Груев во затворот. Вториот пат тој отиде сам. Гоце и Даме воделе разговор и за моите барања.

Од Битола Гоце Делчев замина за село Буф, Леринско, а оттаму се упатил за Бугарија. Целта, за којашто Делчев беше пристигнал кај нас, беше да ги ревизира четите и да го покрене духот на населението. Една од големите грешки на организацијата беше и Гоцева грешка. Тој сакаше да се брза со доставката на оружје. А тоа носеше ризици. Подоцна Гоце кажуваше, дека "не треба да се дејствува..." Но во тој случај зошто беше неопходна таа подготовка? Тоа беше негова грешка. Затоа што, кога човек располага со оружје, започнува да мисли попоинаку. Во својата голема обиколка низ Македонија советите кои Гоце ги даваше, беа да се брза колку што се може повеќе со доставките.

Гоце пристигна во Битола од Прилеп, но тоа со сигурност не можам да го тврдам. Или пак пристигнал од Мориово? Но се сеќавам, дека од Битола тој замина во Буфкол, Костурско, Ресенско, од каде се врати назад. Тој беше придружуван од еден младич, на кого не можам да се сетам за името. Гоце Делчев не беше од раскошливите, не водеше голема чета, не правеше глупости, како на пример Борис Сарафов, кој се оградуваше со "ураџии". Гоце беше чуден човек. Негова грешка беше брзината. Штом не сакаше да се крева востание, зошто беше таа подготовка? Тогаш ние го принудувавме секое лице да си купи, да се снабди со оружје. Брзината во вооружувањето - тоа беше грешката на Гоце. Други грешки кај него јас не наоѓам. Подоцна Гоце кажуваше, дека не треба да се крева востание. А востанието ни се наложи. Една од причините, да ни се наложи, имено беа и проповедувањата од Гоце Делчев "брза подготовка".

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik