Спомени - Анастас Лозанчев | ||||||||
На 1 или 2 јануари 1903 г. отидов на конгрес во Солун. Заседанијата на конгресот се водеа во машката гимназија. Во тоа време Пере Тошов беше во Бугарија. Тука беа и Иван Гарванов, Спас Мартинов, Лазар Димитров, Иван Ингилизов и други. (имињата на присутните можат да бидат најдени на многу места, меѓутоа најточниот опис на солунскиот конгрес го даде Христо Попкоцев во списанието "Македонски преглед". Тој е најверодостојниот опис.). На конгресот во Солун се собравме многумина. Но за чудење беше тоа, што јас не знаев зошто Централниот комитет повикал некои од дејците во Солун. Од битолскиот округ бев повикан само јас, додека од другите окрузи имаше делегати од околиите. Такви имаше и од Цариград. Малку од делегатите беа против востание. Еден од нив беше Лазар Димитра. Христо Попкоцев и Тодор Лазаров присуствуваа на конгресот како набљудувачи затоа што скоро беа излегле од Призренскиот затвор. На Солунскиот конгрес ги искажав моите лични сваќања. Претходно не бев известен за неговиот дневен ред, за да можам да го заземам мислењето и на моите другари од ќелијата. Многумина пишуваат различно за Солунскиот конгрес и некои упатуваат обвинувања против мене. Но треба да подвлечам и да истакнам, дека на Солунскиот конгрес бев поканет лично, без да бидам однапред известен за прашањата кои што ќе бидат дискутирани. Треба да истакнам исто така, дека не знаев за што одам во Солун. Поканата, упатена до мене, беше лична, а сите останати покани беа упатени до револуционерните окрузи. 1) Движењето на врховистите во 1902 г. Тоа се главните причини за избувнување на Илинденското востание. Можеби има и други, но не можам да си ги спомнам. Кога се јави полковникот Јанков во Македонија, ние просто го запиравме населението да не востани. А тој се појави точно во тие места, каде што желбата за брзо кревање на востание беше голема и ние требваше да обеќаваме дека наскоро ќе има востание. Кога Гоце Делчев во 1902 г. ја премина Македонија, паролата беше "брза подготовка". По борбата кај село Арбино, Охридско, (борба со четата на Тома Давидов) излегоја 50-60 души нелегални. Долготрајната подготовка започна да му тежи на народот. Тоа е, што можам да кажам за Солунскиот конгрес. Се разотидовме и почнавме да дејствуваме поактивно за подготовката на востанието. Плановите за востанието се створија со пристигањето на полковник Јанков, кој доаѓаше, за да крене востание во Леринско и Костурско. Зошто Јанков доаѓаше со таква цел? Што целеа со тоа оние, кои што го испратиле? Тој не беше човек со голем ум. И дали сето тоа тој не го правеше од слепа амбиција да не биде засенет од ген. Цончев? Стапив во врска со полковникот Јанков и го поздравив со "добро дошол". Од неговиот одговор се забележа, дека е човек со посебен манталитет. Тој мислеше, дека ќе може да не заплаши и да дејствува мимо нас. Му напишав, дека таа работа нема да се случи во Битолскиот округ и го потсетив да побрза да се договори со нас, затоа што ќе направиме се, за да го отстраниме. Започнавме да дејствуваме, за да му попречиме да не преземе нешто. И стварно, на крај на краиштата ние успеавме во таа насока. Тој се компромитира. Меѓутоа населението, што од неговата агитација, што од други причини, беше речиси готово да дејствува. Па кажувам, тогаш ние бевме принудени да даваме ветување, дека во текот на идната година "нешто ќе преземеме". Централниот комитет ни нареди да го убиеме полковник Јанков и можам да истакнам дека моја е заслугата, што не беше извршено тоа убиство. Ако ги послушавме Гарвановци и другите од Солун, ќе беше голем срам за организацијата. Започнавме да се подготвуваме уште позабрзано за востание. По доаѓањето на Делчев во нашиот крај се даде уште поголем импулс во таа насока. Пишуваа да се враќаат гурбетчиите, а ние од наша страна не го запиравме нивното враќање. На конгресот во Смилево беа представени со по 2-3 души, а дури и со повеќе сите околии. Од Битола бевме јас, Георги Сугарев и Георги Попхристов. Имаше претставници од Костурската, Преспанската и Дебарската околија. Во тоа време од Подрумкале пристигна и Даме Груев и, колку што се сеќавам, за Смилево заминавме заедно. Јас бев сеуште легален. Во Солун Гоце Делчев се сретнал со Даме Груев, пред кого настојувал да не се крева востание. Меѓутоа по долготрајни спорови Гоце Делчев ја дал својата согласност и обеќал, макар и не присрце, да дејствува организирајќи напади на тунели, железници... Во Смилево за претседател на конгресот беше избран Дамјан Груев. Почнаа дискусии. Имаше противници за востанието и тоа главно од оние реони кои не беа подготвени. Еден од нив беше Прилепскиот реон со претставникот Петар Ацев. Против мене зборуваше Георги Сугарев, кој побара да дознае зошто пред да заминам за Солун, не сум го зел мислењето на другарите. Му одговорив, дека во Солун бев повикан лично од Централниот комитет и дека таму сум искажувал лични мои гледишта. Георги Сугарев се сврти кон мене со дрзок тон и побара да дадам објаснувања пред Дамјан Груев и Борис Сарафов. Кога заврши Сугарев, удрив силно со тупаница на масата и кажав: "Тоа што сум го направил, не сум го сторил од лична амбиција, туку како што кажав порано, повторувам и сега, дека во Солун бев повикан лично и поради тоа нема да давам тука никакви објаснувања. Не сте ли согласни - готов сум сега да се повлечам." Откако конгресот ја ислуша мојата декларација, се пристапи кон суштинска работа. Дискусиите на конгресот продолжија неколку денови. За време на заседанијата пристигна вест за настанатите атентати во Солун, како и новината за убиството на српскиот крал Александар Карагеоргевич. Тие настани извршија големо влијание за заземените решенија од конгресот. Фактот, што јас, Даме Груев и Борис Сарафов бевме едногласно избрани, докажува дека сите беа согласни со идејата за востание. На Петар Ацев му се ветија пушки, кои после се испратија со Пере Тошев. На конгресот во Смилево имаше непријатности со војводи. Еден ден Борис Сарафов ми кажа, дека сакал да го убие Јордан Пиперката. Се свртив кон Сарафов и му реков: "Многу добро знам што човек е Јордан Пиперката, со кого што често сме имале непријатности, но знај, дека откако ќе го застрелаш Пиперката, јас тебе ќе застрелам." Тогаш бев малку налудничав... По Смилевскиот конгрес, поп Тома беше задолжен да достави во Софија препис од протоколите на конгресот (тогаш направив снимка на учесниците на Смилевскиот конгрес, но еден од четниците го осветли стаклото). За време на конгресот во Смилево се случи колежот во Битола и убиствата во Цапари. Конгресот ја прекина својата работа и сите чети се упатија кон селата Ѓавато и Цапари. Но уште по патот не настигнаа курири и соопштија што се случило во Битола и Цапари и ние се вративме назад во Смилево, каде што ја продолживме својата работа. Насекаде беа назначени шумски раководства. Назначени беа и помошници. И така сите се разотидовме, за да се подготвиме за востание. Денот на востанието не беше определен, но беше заземено решение тој да се определи од нас тројцата. Откако конгресот ја заврши својата работа, требаше да заминам за Битола, за да средам некои работи. На 15 мај - Спасовден - пристигнав во Битола, каде што се движев ноќно време или рано наутро. За чудење беше, што при такво раздвижување на чети, како што имаше во Смилево за време на конгресот, не беше забележано никакво предавство. И тој факт ми даде посебен кураж да се вратам во Битола, каде што останав уште еден месец. По конгресот се формираа многу чети. Кога се случи убиството на Парашкев Цветков во с. Могила, бев во Битола. Во тоа време јас се подготвував да излезам нелегален. На денот на моето излегување во шумата му кажав на својата жена, дека довечер нема да бидам дома. Моите деца Цветан и Пенка спиеја и посакав да ги бакнам. Се вртев околу нив, но жена ми беше околу мене и така заминав, без да ги бакнам моите деца. Тоа ми причини голема болка. После, во месец октомври, кога ја видов одново својата жена, таа ми рече: "Се ти простувам..., но каде беше тоа срце, што не ги бакна децата...!" Тука е трагедијата на нашата борба во Македонија. Ние требаше да жртвуваме се. Борис Сарафов пристигна со голема чета. Јас отидов во село Паралово (или Могила), за да се сретнам со него. Кога поминав низ село Карамани на пат за таа средба, ми направи впечаток, што од истото село беше излезен еден од чорбаџиите, кој порано испраќаше селани за средба со други чети. По нашата средба, Борис Сарафов замина за Костурско и Леринско. За пристигањето на Сарафов и Димитар Дечев му напишав на Тома Давидов нешто, што многу го јадосало, наспроти својот тивок карактер. Тоа стана причина за време на борбата кај село Арбино, Тома Давидов да не преземе никакви претпазливи мерки и турски куршум да го погоди во челото. До него тогаш бил поп Тома, кој ми ја раскажа таа случка. Ако не му го напишев тоа писмо, можеби Давидов немаше да настрада. Во таква состојба се случи цело востание. Турската влада се грижеше да го прибира оружјето, но наидуваше на голем отпор. Селаните наспроти тешките мачења не ги предаваа своите пушки. Во Охридско имаше и вакви случаи: власта дознала, дека кај некој селанец има пушка; турците го фаќаат селанецот и му кажуваат да ја предаде пушката. Селанецот не одрекол дека има пушка, но одбил да ја предаде, кажувајќи: "За неа клетва сум дал, не можам да ја дадам." И за изненадување турците го ослободиле селанецот. Такви случаи имаше многу. Во с. Цапари, Битолско, започнале да прибират оружјето и многумина селани избегаа. Тогаш Мице Бељов, селски началник, извршил предавство. Еден од предавниците ние успеавме да го фатиме. Предавството било извршено поради лошиот однос кон Георги Сугарев. Тогаш го поканив Сугарев да оди во Цапари и да дознае што се случува таму, но тој ми откажа и јас, придружуван од двајца четници отидов во селото. Предавникот, кога ме виде, се збуни. Се сеќавам на него - тој остана притаен до ламбата на еден оџак и ме гледаше криво. За предавството дознавме подоцна, откако тој беше заробен од патролите. Откако го фативме Мице Вељов, тој кажа, дека сега не ни останувало ништо друго освен да бегаме кон боровите. Но височините таму беа зафатени од турци, кои со еден плотун можеа да не турнат во реката. Уморот беше голем. Тогаш бев многу слаб, таков си бев не само во текот на востанието, туку и порано. Тргнавме кон шумата, но јас не можев да одам, паѓав почесто како сноп и заспивав. Можеби тоа беше претчувство. Ме напуштија силите. Кога видов, дека не можам да одам, му кажав на војводата Аце Коларчето, кого што со неколку души го најдовме во селото, да одат нагоре и да ме остават да се скријам во шумаците. Меѓутоа другарите не се согласија и побараа да се упатиме наместо кон боровите кон Василев - камен. Подзапревме и оние од нас, кои отидоа во правец кон боровите, со исклучок на двајца луѓе, беа испотепани. Кога стигнав на Василев - камен, паднав, но по едно време другарите ме разбудија и соопштија, дека пукаат со пушки и дека Аце Коларчето бил заробен жив. Веднаш скокнав и моите другари покажаа каде бил Аце. Ние тргнавме, но некои со четниците откажаа да одат. Тогаш го извадив револверот и ги заплашив: "Кој нема да тргне со нас, ќе го застрелам." Поголемиот дел од цапарци, кои веќе беа на местото, тргнаа во правец кон боровите, каде што ги водеше предавникот. Со нас водевме еден од предавниците, кој при создадениот неред успеа да избега. Од другарите, кои се упатија кон боровите, успеа да се спаси само едно момче од Демирхисарско, кое што се скрило под еден камен. На друго момче му се расипала пушката и турците го заробиле жив. Паднатите четници сите беа добри борци. Ние, останатите, се окопавме на Василев - камен и во наредните осум часа ги одбивавме нападите на аскерот. Ако турците заземеа подобри позиции, а тоа тие можеа да го сторат, можеа да не отепаат до еден. Кога видовме, дека положбата е незадржлива и дека над нас започнаа да се тркалаат трупови на турци, фрливме неколку бомби и удривме во долот, кое нешто не беше тактично. Меѓутоа Турците, кои се наоѓаа таму, побегнаа и ние ја зафативме височината, кога за поголема сигурност се разделивме на две групи.. На Василев - камен ја оставив чантата со печатот, некои документи и пари, кои ги скрив под еден камен, затоа што не верував, дека ќе се спасиме. По неколку денови еден селанец ја најде чантата, којашто ја добив заедно со документите и парите. Воопшто треба да кажам, дека момчињата се држеа херојски, со исклучок на еден, кој подоцна загина исто така херојски. Таа борба за мене беше прва и не знаев каков впечаток ќе ми направи. Тука ранија 6 души, а од другата група - од 13 души успеаја да се спасат само двајца. Таму загина и четникот, кој го уби Таки Чона. Можам да кажам, дека мојот умор и слабост, којашто ме тераше на сон, спаси голем дел од другарите. Таа борба во село Цапари се случи на 2 јули 1903 г. Заминавме за Преспа и по дводневно гладување одново се сретнав со моите другари, кои донесоа конечно решение за денот на востанието. Ние уште од порано се запревме на денот, но конечно не го определивме. Другарите во мое отсуство го определиле денот на востанието и јас ја дадов мојата согласност. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||