Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Анастас Лозанчев

IV

Софија, 1930 год.

Кај мене немаше амбиции. Ако имав такви, како на пример кај Борис Сарафов, да сакав да не попуштам докрај, но јас се повлеков од организацијата, затоа што дојдов во спротивност со моите најблиски другари. Ако не востанеше востанието, претстоеше катастрофа. Прашувам јас, зошто не избувна востание од оваа страна на Вардар? Затоа што таму беше се распаднато, а не дека не сакаа да кренат востание, не дека некој им попречи. Им попречија условите, дека не беа готови. Та нели ингилизовци во Солун на конгресот беа за востание? Противници за востанието на солунскиот конгрес беа еден - двајца луѓе.

Со Даме Груев, како што веќе спомнав, доаѓав почесто во конфликт. Ќе раскажам една случка, којашто се случи со братот на Сребрен Поппетров, кого што го убија како предавник. По тој повод имав непријатност со Даме Груев. Падна сомнеж, дека братот на Сребрен Поппетров станал предавник. Такви извештаи добивме од началникот на железничката станица Екши су. Војводата Марко Лерински на неколку пати пишуваше, дека Стефан Петров им поткажувал на турците. Тоа ние не сакавме да го дозволиме и затоа постојано одлагавме заземање на соодветни мерки. Еден ден Марко Лерински напиша остро писмо. (Кореспонденцијата ја водев јас.) По советувањето со другарите му одговорив на Марко Лерински да оди во Екши су, да повика пријатели и непријатели на Стефан и откако ќе го проучи прашањето, да ни напиши, а ние од своја страна ќе заземеме решение. По тоа прашање тој се јавил и до Даме, кој од затворот наредил да не се презема ништо. Уште на другиот ден Марко му напиша одново и прашуваме: "Што правите, каква е таа работа...?" По тој повод отидов кај Даме, се карав и изјавив да не дава наредби од затворот, затоа што во спротивен случај одново ќе се повлечам од организационите работи.

И навистина искажаните опасности на Марко се остварија - по неколку денови беа убиени Марко Лерински и Абдураман во Пателе, што беше катастрофа за организацијата, затоа што се открија многу пушки. Подоцна самите селани го убија Стефана. И денес Сребрен Поппетров ме обвинува, дека сум го извршил убиството. Но изјавувам, дека јас не се решив за убиството на Стефана, затоа што и сега за мене не е јасно дали Стефан беше стварно доушник. Но треба да кажам, дека сомнение имаше, а Марко беше наполно убеден во предавството на Стефан. Марко Лерински беше буден организатор. Но неговата организациона дејност не му помогна и турците можеа да го откријат скриеното оружје кај Лерински. Ако не востанеше востанието, слична катастрофа ќе имавме насекаде.

Марко Лерински помогна многу за издигање на добри војводи во организационен поглед. Неговата чета беше, така де се каже, школа за војводи преку којашто поминаа многумина од нив. Тој беше скромен човек, но предан на организацијата.
По мојата последна расправија со Дамјан Груев, тој повеќе не се решаваше да командува од затворот. Но не помина многу време и Даме го испратија на заточение во Подрумкале, од каде се врати малку пред востанието.

Јас водев кореспонденција со Солун и окрузите. Работев многу и бев вонредно обременет, а и по карактер сум си таков – ако се зафатам со една работа - ја терам без мера. Во текот на годината пред востанието не ми се собираше на деноноќие повеќе од 4 часа сон. Вечерав на ниска софра. Имавме малечко миндерче со нозете под софрата и така спиев во продолжение на четири часа. Потоа станував и се зафаќав со шифрованите писма, кои ги пишував на платно. Бев многу слаб и ме чуди од каде се наоѓаше таа енергија. Секогаш му порачував на мајка ми да ме разбуди во определен час, но таа никогаш не ме будеше, затоа што станував секогаш навреме.

За време на убиството на поп Ставре бев во конфликт со Даме. Тоа убиство се случи по негова наредба. Од поп Ставре беа барани пари и за исполнување на таа задача беше задолжен четникот Трифун од с. Избишта. И кога Трифун отишол кај поп Ставре, последниот, скрил турци во живеалиштето кои го заробиле Трифун. Но за пари не убивавме. Но грешката на поп Ставре беше, што изврши предавство.

Еднаш организацијата дојде во конфликт со митрополит Григориј и еден ден ние заедно со Михаил Герџиков отидовме кај владиката кој не ислуша. Пред тоа тој ни ја покажуваше вратата. Нашите луѓе не беа справедливи по однос на него. Владиката Григориј беше стварно енергичен човек и во последните години беше во услуга на организацијата. Во врска со ранувањето на Хаџи Попе, бев задржан 4-5 месеци во затворот. По него пукаа како по Срби. Во почетокот ние бевме националисти, но попосле станавме интернационалисти. По Хаџи Попе стрелавме за да ги заплашиме србите.

Секоја година правев обиколки и ги посетував Кичево, Охрид, Струга. Еден ден од Костур ме вратија во Битола со врзани раце. Турците веќе беа започнале да се сомневаат во мене. Јас бев првиот член на организацијата во Битола, кој за организациони работи попадна во затворот. Оние, кои попаднаа тогаш во затворот сметаа, дека со нив пропаѓа и земјата, но после тоа стана нешто најобично.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik