Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Борис Сарафов

II

Вратен во Софија, Сарафов се среќава со Делчев. - Првенствено треба да се најдат пари. - Сарафов преку Цариград доаѓа во Св. Гора. - Пречек на српскиот крал во Хилендарскиот манастир. - Преку Солун Сарафов се враќа во Софија. - Основањето на офицерските „братства“. Немирен Сирафов прави смели планови и заминува пак во Петербург.

Во Софија затеков расцеп во Комитетот. Од една страна генералот Љапчев, Карајовев, Јосиф Ковачев, Димитар Матов, Радев и др., а од друга страна Тјуфекчиев со офицерите востаници. Главна девиза на последниве беше: не ни е потребна дипломатија, да се организира движење и сл. Другарите веднаш ме прибраа со себеси. Продолживме заедно. Прва задача ни беше да стапиме во врска со луѓето однатре. Делчев беше дојден тука (тоа беше пролетта 1896 год.). Ми кажа дека се мачеле да стокмат нешто како комитет внатре, дека идејата е прифатена од сета интелигенција, но дека немаат оружје, а немаат ни средства. Тој ми предложи да отидеме да станеме „горски царови“. На сцената се постави прашањето за средства. Од кај да најдеме? - Со грабежи. Некои не наведоа на идејата дека пари можело да се најде во Зографскиот манастир. Јас ќе отидам таму. Зедов руски пасош, како Бугарин од Бесарабија, а имено пасошот на еден млад јункер од Бесарабија, Александар Иванович - Фурунџи Славов, род. Од Ташбунар (пасошот беше издаден во Кишињев).

Отидов право во Цариград. Пред да тргнам од Софија се јавив во нашето воено министерство, кај полковникот Ковачев: „Вам ви се потребни податоци за Македонија; дајте ми пари за да можам да пропатувам низ Македонија“. Ми дадоа 300 лева. Заминав за Цариград сам. Таму го најдов Љапов, претседател на месниот комитет, кој беше поврзан со Солунскиот комитет. Љапов ме сокри, разгледавме да видиме каде што може да се стори еден ден. Тоа беше во месец март. Токму тогаш во Цариград дојде и кнезот. Средивме таму емиграцијата да поднесе до кнезот една молба со остра содржина, - да се заземе за правата на поробеното население во Македонија. Имаше многу народ. Кокарев (што потем го убија во Преспа) ја предаде молбата. Потем го бараа за да го уапсат. Истовремено еден руски полковник, некојси Бешков, обиколуваше низ Македонија, и се искажуваше многу неповолно за нас Бугарите во Македонија, правејќи не Срби, што не се достојни за слобода и сл.. По тој повод му напишав едно писмо до гроф Игнатиев, со кого се имав запознаено во Петербург. Му се оплакав на руските конзули, што отворено и даваат поддршка на српската пропаганда во Македонија. Подоцна Игнатиев, кога во 1901 год. отидов пак во Петербург, ми рече дека со тоа писмо отишол кај императорот, за да му обрне внимание на тоа прашање, и му го прочитал писмото (тоа беше напишано на руски). Во Цариград се задржав една недела. Егзархот знаеше дека се наоѓам таму; испратил многу поздрав, рекол дека го познавал татко ми, но рекол уште ако е кабил да се држам понастрана од него. Од Љапов се научив подобро за Комитетот во Солун. Се запознав со Кокарев и некои други дејци. А најважно беше што се запознав со ерменските револуционери, токму со оној што во месец август таа година ја нападна турската банка, што го викаа Бапкин. Тогаш Ерменците дејствуваа сложно со нашите. Таму беа и Симон Радев и Робев во училиштето, но не се сретнав со нив.

Од Цариград по море заминав на Св. Гора како на поклонение. Еден ден се задржав во Пантелејмонскиот манастир, а утредента пристигнав во Зографскиот манастир. Се претставив како дојден од Русија на поклонение. Меѓу калуѓерите најинтелигентен беше отец Калистрат од Струга, помошник на игуменот. Ги предбрав младите калуѓерчиња, па ги распрашував што имаат, колку имаат. Токму тогаш се градеше едно ново крило и узнав дека од Одеската банка, каде имале вкупно 1.000 лири, постепено подигале износи колку што им требало. Значи, се виде дека немаат пари, а не дека можело да се земе до 20.000 лири, како што ми велеа. Отидов во Хилендарскиот манастир, каде повеќето од калуѓерите беа Бугари од Македонија. Тие негодуваа оти тука ќе дојде српскиот крал - токму тогаш големците меѓу калуѓерите дале согласност манастирот да се смета за српски, само за да им се избришат долговите. Дојде кралот. И јас излегов на пречекот застанав во редицата, и кралот се ракува и со мене. Ми дојде на ум колку би било убаво да можеме да го грабнеме од таму - каков богат откуп!

Ми завршија парите. Во Солун отидов само со еден черек во џебот, право во хотелот „Колумбо“. Гладував два дена, додека успеав да ги најдам другарите Пере Тошев, Ѓорче Петров, Делчев и Хаџи Николов. Тие токму тогаш се собирале на нешто како конгресче. Им изнесов план: да ме киднапираат како руски поданик така што рускиот пратеник да даде откуп. Тие не го прифатија мојот план, затоа што тогаш и немаа уште чети. Ме посветија во своите активности. Се фалеа дека нивната идеја е прифатена, дека нашле дури и самоформирани организации. Се преместив во хотелот „Партенон“, претставувајќи се за руски драмски артист. Прмстигна една италијаска трупа, и тие се запознаа со мене како со колега, ми даваат билети, јадење, пијам со нив, и слободно си одам насекаде. Истата трупа потем беше дојдена во Софија; како колеги си имавме разбирање. Од Солун преку Скопје заминав пак право во Софија. Ми дадоа пари на заем од Комитетот, што потем да им ги дадам на браќата Иванови - на кои им должеле. Во Софија требаше да ги оправдам парите што ги бев зел од министерството. Напишав рапорт, дадов некои податоци за турската војска, што ги имав прибрано од другарите во Солун; и им ги опишав месностите низ кои имав поминато како востаник во 1895 год. Тогаш воен министер беше Рачо Петров. За својот распоред добив уште 25 наполеони. На Рачо му ја опишав потребата од оружје во Македонија. Скоро потоа од Македонија пристигна Груев, и јас му го претставив на Рачо Петров. Груев имаше одено во Белгија заради проучување на експлозиви (во 1896 г. во јуни-јули) и се врати во Македонија. Се среди работата со пушките, и во септември дојде Ѓорче Петров, и по него и Делчев. Уште тогаш, кога Делчев ми велеше да станеме горски царови, ние имавме собрано пари, купивме револвери, бомби и др., и тој имаше платено само делумно за нив, а пак делумо ги набави бесплатно. Почнавме да работиме заедно - со нив. Во тоа време јас на нашите им предлагав да заминам внатре во Македонија, туку тие беа на мислење да се остави тивко да се организира таму Организацијата. Тука спрема ослободителното дело во општеството владееше апатија. Котилото, - офицерите околу Тјуфекчиев, се растури, сите стапија во служба. Генералот Николаев, на чело на Комитетот, не правеше ништо. Останав последен јас, без средства за живеење. Решив да стапам во служба. Во 1896 година се имав запознаено со Цончев, што тука беше командант на 6.Трновски полк. Меѓу моите другари офицери, пред да се разотидеме, се јави идејата да се основаат дружини меѓу офицерите, колку да се соберат средства за прва потреба. За ова прашање зборувавме и со Цончев. Бозуков беше офицер во неговиот полк. Цончев се беше заинтересирал преку Бозукова, на кого порано му имал платено 1.000 лева - половината од сумата што Бозуков ја подигнал како полковски благајник. Цончев се имаше запознаено и со други офицери, што имаа учество во мелничката афера. Дојдовме до заклучок, секој да се потруди во полкот во кој ќе се најде, да формира офицерско братство. Цончев ја одобри таа идеја, и како најстар, со влијание, се стави на чело на таа идеја. Тој со писма им се обрати до оние полкови - кај имаше свои пријатели. Се основаа братства, се собираа пари и се испраќаа тука, чинам до капетанот Димитар Венедиков, што им беа предадени на Ѓорче и на Делчев за потребите на ослободителното дело. Во крајот на август 1896 г. јас бев заминал за Русе, вклучен во составот на 5. Дунавски полк. Формиравме братство. Ги бодревме востаниците Македонци, што ги имаше во градот; сите се обраќаа до мене и колку што ќе имав пари им давав. Ѓорче постојано ми ја подвлекуваше потребата од средства. Една моја идеја беше ваква: не бива ли да го поставиме нашето дело под протекција на некој кнез? За најпогоден таков кнез чиневме дека е Јосиф Батемберг; тогаш тој беше во Петербург на гости кај Лајхтенбергскиот принц. Отидов во Петербург самиот, зедов отсуство. Туку се разминавме, - тој си беше заминал за Италија. Тука се сретнав со гроф Игнатиев. Тоа беше во 1897 г. Треба да споменам дека и во јули 1896 г. бев пак во Петербург, напросто кај брата си, и откако се вратив, влегов во служба. Положбата беше тешка, тегаш не знаев што да правам - тој плаќаше за трошоците.

Во 1897 година, ми се чини во мес. февруари - март, отидов, како што реков во Петербург. Не бидна ништо. Игнатиев ме советуваше да мируваме: Австрија може да не окупира; додека кај нас е кнез Фердинанд ништо не може да биде, иако си го покрстил сина си и слично.

Брат ми велеше дека пари можеле да се најдат во Белград. Го доведовме Ѓорче во Русе, го испративме во Белград, но не се собраа многу пари, слаба работа. Заедно со Ѓорче отидовме и во Букурешт, па таму ги организиравме Македонците.

Во 1897 година дојде до Виничката афера. Делчев ми јави по телефон од Софија да соберам, ако можам, една чета, за да заминеме внатре во Македонија, и да им стави крај на турските ѕверства и сл.. Зедов да собирам чета, туку ми напишаа дека работата стивнала, па престанав. Избувна Шпанско-американската војна. Јас сакав да ја манифестираме нашата симпатија спрема Кубанците, и барав 500-600 мина да стапат во американската војска, а пак тие за надомест да ни дадат пари, да можеме ние да се вооружиме. Токму тогаш за таа работа одев и во Петербург и за Франц Јосиф Батемберг. Американскиот конзул во Петербург ми одговори дека немаат потреба од луѓе. Ме сослуша љубезно и ме испрати. Јас му се кажав кој сум.

И 1898 година помина исто така. Кога воен министер стана ген. Иванов, се прекинаа врските со него. Од продадените пушки на браќа Иванови се дадоа 5.000 со изричен услов да му се предадат на Ѓорче. Овие пушки ги дадоа без муниција. Тие беа пренесени и потем ги открија во Штипско, во Виничката афера.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik