Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Борис Сарафов

III

Сарафов застанува на чело на Македонскиот комитет во Софија. - Неговите односи со Ѓорче Петров и со Гоце Делчев. – Првото мешање во работите на Внатрешната организација. - Прекин на врските со Ѓорче. - Бурна активност на Софискиот комитет. - Парични средства и купување на оружје.

Во почетокот на 1899 година постојано се допишувавме со Ѓорче, загрижени какво е ова мртвило во Организацијата тука. Комитетот беше сосем пасивен; беа удриле само на пишување писма, а немаа пари ни за марки. Почна да се агитира Комитетот да се смени, во него да влезат поактивни луѓе. Цончев агитираше меѓу офицерите, а Ѓорче, Делчев, Венедиков, Гаруфалов, Бозуков и др. - меѓу граѓаните.

Се размислувавме кои луѓе треба да бидат поставени на чело на тукашниот Комитет. Бевме на мислење на чело на Комитетот да го избереме Цончев. И Ѓорче и Делчев и јас и други мислевме така. Цончев велеше дека ако тој биде поставен на чело на Комитетот, до кревањето на востанието треба да дојде најмалку за 5 месеци, инаку тој не може да стои така долго - ќе се избламира. Затоа тој беше на мислење првин да дојде до јавување на помлади луѓе, што ќе го подготват теренот, што ќе вршат организирање, да се соберат средства, и потем, кога ќе дојде часот за движењето, тогаш и тој ќе земе учество во него. Се согласивме со тоа. Решивме да агитираме за оние кандидати, што потем и беа застанати на чело. На конгресот помина нашата листа. И јас застанав на чело на Комитетот. Паприков му беше испратил писмо на Драндаревски во Русе, никако да не си дава оставка. Цончев помогна и новиот Комитет, на чие чело застанав јас, се конституира на 16 јуни. Покојниот Давидов беше во служба заедно со мене; заедно и живеевме во една иста куќа и во потполност се согласувавме.

Комитетот почна да дејствува во споменатата насока. Најпрвин се зафативме со исплаќање на долговите. Ги активиравме друштвата. Најпрвин почнавме со Софија. Не можеше толку лесно да се соберат луѓето и тие да го почувствуваат авторитетот на Комитетот, додека не сфатат дека сме решени да одиме докрај. Малу по малу почнавме да ги наметнуваме своите барања. Од 30 друштва станаа 250 друштва, градски и селски. Не врвеше така лесно ни со заемот. За да не доаѓа до завист, почна обложувањето со облигации според имашноста на луѓето. Однатре постојано бараа средства, и затоа мораше да се грижиме енергично за собирањето пари преку обложување со облигации.

Со Ѓорче и Делчев работевме сложно. Тие заседаваа заедно со нас, ги потпишуваа записниците во Комитетот. Прашањето за востанието кога да се крене, не се поставуваше на дневен ред. Идејата да се формираат внатрешни чети се појави тука. Тука беше напишан и правилникот за четите внатре. Ѓорче и капетан Венедиков го напишаа. Јас бев на стоиштето таму да се испратат апостоли, што ќе обиколуваат насекаде, затоа што само Делчев дејствуваше како таков. Јас го испратив Герџиков. Сe што се испраќаше (материјално) на внатрешната организација, беше на сметка на Комитетот. Дури и Делчев замина заедно со Бозукова внатре во 1899 год., во јуни. Целта беше да извршат еден подвиг. И двајцата честољубиви, наскоро се разделиле, и Делчев им беше напишал на пријателите да не се однесуваат спрема Бозуков со доверба. Бозуков ни се оплака поради тоа, но ние не сакавме да ги расипуваме односите во Внатрешната организација поради Бозукова. Тој потем замина за Трансилванија - во март 1900 г.. Се даде писмена оставка. Потоа во 1900 год. во февруари Делчев замина во Одринско. Ние го снабдивме со сe, литографии и сл. - потрошивме околу 3.000-4.000 франка. Го подготвивме да замине со 4-5 мина другари, меѓу кои беше и Стојан Лазов, што учеше во Висока школа. Тука останавме со Ѓорче. Кога се постави прашањето да ни се усвои од Егзархијата листата на учителите (списокот ни го дадоа однатре), ние испративме со свои потписи човек до егзархот, - тоа беше поручникот Љубомир Стојанчев, родум од Трново, сега цончевист). Токму во тоа време накај месец септември, кога се конституира составот на нашиот Комитет, многу се изострија односите меѓу „Братството“ во Солун и Централниот комитет. Не многу потем дојде до атентатот врз Наумов. Централистите беа решиле со терор да се справат со Гарванова и др.. Тоа нам ни штетеше многу тука, на делото. Ѓорче аплаудираше на акцијата против Наумов. Беше на мислење дека треба да се испоколат сите од „Братството“, - никакво разбирање, никакво помирување. Ние во Комитетот усвоивме решение да посредуваме да се сложат. Против тоа решение беше Ѓорче. Ние им испративме писмо, но немаше резултат. Избравме човек, што специјално од наша страна да отиде во Солун за да се постигне спогодба меѓу Братството и Централниот комитет. Во тоа испраќање на специјален човек од наша страна Ѓорче гледаше нарушување на самостојноста на ЦК, па според неговото сфаќање, ние навистина се појавувавме нешто како „врховен комитет“. А пак ние единствено сакавме да се избегнат несогласувањата и крвопролевањето внатре, за да не ни пречи тоа и нам тука во собирањето пари од заемот и сл.. Отиде нашиот човек, Иван Камбуров, потпоручник, родум од Елена. Ѓорче, за да попречи, им напишал писмо да не го прифаќаат. Камбуров, откако пристигнал таму, веднаш се воврел како клин меѓу нив, и по 5-6 дена разговори, убедувања, дојде до спогодба писмена, потпишана и од Камбуров. „Братството“ престана да постои, а Гарванов стана претседател на Месниот комитет во Солун.

По ова Ѓорче веќе сосем се дистанцира, иако таму дојде до спогодба. Според Ѓорче таа постапка била принципиелно неправилна, затоа што на некој начин излегува дека Комитетот тука се грижи да им излегува во пресрет на одделни амбициозни групи, отпадници, за да ги придобива на своја страна, и да ги вовлекува во Внатрешната организација како надворешен елемент. Според мислењето на Ѓорче, утре ќе се појават други незадоволници внатре, кои пак ќе треба да се постават за големци, за да бидат задоволени нивните амбиции. Поради тоа остана незадоволен. А пак ние, кога го видовме убавиот резултат од нашето прво помирувачко мешање во работите на Внатрешната организација, и кога видовме како луѓето однатре послушуваат совет, за избегнување на неслоги, рековме оти Ѓорче е единствениот што толку се спротивставува. Тогаш Делчев беше внатре во Македонија со Бозуков. Тоа стана во август 1899 г.

Ја изгубивме веќе довербата од Ѓорче. Навистини, работевме пак заедно, но веќе ја немаше поранешната искреност. Ни беше вообичаено до ЦК да се пишуваат писма по решение од Комитетот, а не приватни писма. Обично се пишуваше: „од браќата во Височка до браќата во Св. Гора“. И тие ја пишуваа адресата обратно. Туку Ѓорче оттогаш почна да праќа и приватни писма. Пред нас на седница Ѓорче искажува согласност за нешто, и ние пишуваме за тоа, туку не се извршува. Се посомневавме во Ѓорче, и се уверивме, - фативме едно негово писмо, што го фотографиравме во 20 примероци, видовме дека тој приватно им пишува да не го извршуваат она што ќе го има во нашето официјално писмо. На седница го распрашавме Ѓорче за тоа, туку тој одби. Тогаш му рековме на Ковачев, секретарот, да го прочита неговото писмо. Ѓорче побледе. Немаше каде - призна. По ова му предложивме да се мавне оттука, и тој отиде интерниран во Трново. Тоа стана зимата 1900 год. или пак во почетокот на 1901 год.

Во текот на јули 1900 г. пред откривањето на писмото, имавме конгрес на кој се појавивме сe уште заедно со Ѓорче и Делчев, сосем солидарни, сите како членови на Комитетот, еднакво одговорни. Ами до заладување во односите дојде полека - полека, поради амбициозноста на Ѓорче, што бараше да го слушаме, и кој не можел така лесно да поднесе јас толку да се истакнувам.

И после случката со Ѓорче ние ги продолживме нашите односи со Централниот комитет, откако им ги објаснивме причините поради кои беше отстранет Ѓорче. Делчев, што одвреме навреме час одеше, час се враќаше внатре, слушаше главно за она што му кажувал Ѓорче. Како што се гледа, и на Делчева не му се свидело многу нашата многу гласна активност тука, која небаре ја засенуваше активноста нивна внатре, иако и тие и ние уште го прикривавме постоењето на Внатрешната организација.

Офицерските „братства“ се размножија. Во речиси секој гарнизон имаше братства, од кои редовно доаѓаше до прилив на пари во Комитетот. Офицерите почнаа да се дружат многу блиску со нас. Доаѓаа кај нас, прикажуваа. Ѓорче почна да гледа со сомневање и на тие наши блискости и чести контакти со офицерството, па си помислил можеби, дека нешто друго имаме на ум. Во текот на нашите спорови со Ѓорче и Делчев, кој искажуваше солидарност со Ѓорче, ги повикавме на седница два пати и Цончев и оние другари, што беа присутни на собранието, кога се решаваше ние да застанеме на чело на Комитетот (Цончев, Николов, Јаков, Гаруфалов, капетанот Дим. Венедиков). Уточнувавме и се усогласувавме и потоа привремено работата пак одеше напред. Сето тоа стануваше така пред да дојде до запленувањето на Ѓорчевото писмо.

Во текот на тоа време ние им испративме голем број дејци, да ги воспитаат, на пр. Чернопеев, што служеше во 15. Ломски полк, во мојата чета; ги испративме Ѓорги Херојот (Марко), Крстју Б'лгаријата, Атанас Бабата. Ним ние им ги испраќавме луѓето на располагање, без да им даваме некакви инструкции да се изделуваат од Внатрешната организација, или да ни бидат послушни нам. Од сето тоа можеа да разберат дека ние никогаш не сме сакале да им ја преземеме Организацијата.

Кога Братството во Солун капитулира, тука Кочо Аврамов и Александар Чакаров, што со својот весник „Автономија“ служеа на братството, и продолжуваа да бидат во опозиција, иако и однатре им пишуваа да запрат. Чакаров попрв се свести и замолче. Кочо Аврамов продолжуваше да прави интриги, па дури требаше да се пука во него, но остана жив. Тој се среќаваше и со Молохадис...

Шумните постапки од нашиот Комитет во тоа време се правеа од три побуди. 1-во, се правеше јуриш за собирање пари, репресивни мерки; 2-ро, репресивни мерки против шпиони, на кои ќе ни се укажеше и однатре и 3-то, требење на тукашни шпиони, што беа откривани од нас и во странство. Сите казни беа извршувани со согласност на Делчев и на Ѓорче - во нив вклучително и атентатот врз Михаљану, што во печатот го поткажуваше постоењето на Организацијата. Дојде Фитовски со предлог да ни купи пушки од Романија. Него ни го претстави Протугеров. Јас му се заканив дека нема да мине добро ако не предаде. Тој отиде кај турскиот пратеник, и стори поткажување за сe за пари. Ги изеде и нашите пари. Ние се стремевме како да спречиме да не се поткажува постоењето на Внатрешната организација. Дури за уредннкот на Пестер Лојд, што го објави статутот на Организацијата (очевидно се добрал до него преку австрискиот конзул Бора), и откриваше како се набавува и како се пренесува оружјето, постоеше наше решение за казнување, но не беше извршено. Имаше фанатизам. Па и внатрешните луѓе беа восхитени како од тоа што имаме средства, така и од тоа што гледаа каква сила сме тука. Оние што доаѓаа во Софија, потем внатре раскажувале со големо восхитување за силата и значењето на нашиот Комитет. Со тоа се подигаше духот и внатре во Македонија.

Ние принципиелно бевме на ова стоиште: да се држиме далеку настрана од официјалните сфери, силата да ја црпиме од народот, од масата. Главно преку друштвата. Спрема официјалните сфери имавме обѕири само до толку доколку мо-жеме да земеме од нив средства без да се обврзуваме спрема нив, аодозгора уште и под услов тие да не ни пречат. Притоа, се стремевме за постигнување потполна солидарност со Внатрешната организација, главната опора за крајната цел. Друга задача ни беше да го вовлечеме офицерството, тоа да се заинтересира за ослободителното дело, па кога ќе потреба еден ден за внатре, да го имаме на располагање. Тоа ни го изјавуваа и внатрешните, дека на денот на востанието сe ќе им се даде во рацете на офицерите, и воопшто на воените луѓе, а пак дека учителите ќе останат назад, како морални сили.

Што се однесува за сметките сите другари офицери (Цончев, Јанков, Николов и други) кои учествуваа во активноста, имаа право да доаѓаат и да ги прегледуваат сметките. Приходите и расходите се правдаа со документи. На пријателите им се стори загадочно што јас најдов средства што ги внесов во Комитетот, без да кажам за нивниот извор, околу 65.000 франка, што беа заведени вака: на пр. Ив. Николов од Браила (непостоечки) дал 10.000 лева и сл.. Беше дадена расписка, колку за да фигурира во кочаните. Со записничко решение од тие пари одделивме еднаш околу 10.000 фр. што беа употребени како неповратни за издржувањето на некои пријатели околу Комитетот, што не сакаа да даваат признаници. Од нив беа давани пари и на Ѓорче, Делчев, Мурџев и др.. Извесни мали злоупотреби од наши луѓе беа покривани од тие пари. За година и половина околу 560.000 франка вкупно влегоа во касата на Комитетот. Повеќе од половината од тие пари беа дадени за бојни материјали. Купивме 1.100 пушки малихерки во Австрија, и околу 10.000 кримки со еден и половина милион патрони, околу 1.500 мартинки, берданки и др.; и имаше не помалу од илјада револвери. Заедно со комитетите внатре отидоа до 200 пушки манлихерки; а другите беа сместени во складови на границата (за манлихерки пушки беа дадени 64.000 франка а сe на сe чинеа до 70.000). И воопшто сите пушки беа сместени во складови, и се предадоа на следниот Комитет. Пушките кримки се внесуваа внатре во Македонија уште во мое време, им ги предававме на началниците на Внатрешата организација на границата, без пари, само со земање признаница. Ние им ги издржувавме крајграничните пунктови, а тие даваа само признаници. Воопшто трошоците беа основани, и поголем дел од нив отиде за целите на Внатрешната организација. Воопшто немаше разидувања по парични прашања. На конгресот беше избрана ревизиона комисија.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik