Спомени - Борис Сарафов | ||||||||
Не уапсија одеднаш сите: мене, Ковачев, Давидов, благајникот Ѓорги Петров, кого го сметале за Ѓорче Петров (и тој беше замешан по делото). Благајникот го пуштија по 3-4 дена. Со Комитетот остана да управува Ѓорги Минков, а за помошници ги назначиле покојниот Славе Мерџанов, покојниот Соколов и други блиски другари. На 8. април се одржа конгресот. Цончев и компанија уште на станицата ги пречекуваат делегатите, растураа пак клевети за големи злоупотреби и агитираа за своја кандидатура. Со ретки исклучоци кај нас не ги пуштаа делегатите. Цончев и др., откако видоа дека нивната кандидатура нема да може да мине, ја издигнаа кандидатурата на Владимир Димитров (од Костур?), Стојан Михајловски, Кепов, д-р Владов, Георги Минков. Во новиот Комитет Михајловски и д-р Владов беа на страната на Цончев, а Кепов и Вл. Димитров - на страната на Делчев; Минков и Георги Петров, избран за благајник - беа на наша страна. Истовремено од конгресот беше избрана една тричлена комисија, да дојде во затворот за да искаже благодарност за нашата активност. Во таа делегација беа избрани Цончев, Михајловски и д-р Владов. Дојдоа. Михајловски одржа официјален говор. Со тоа јавно ја покажаа својата доверба во нас. Дури и Михајловски, кога видел какво е расположението на конгресот, имал намера да ме предложи мене за почесен претседател. Во одговор на нивната реч, јас им се заблагодарив за искажаните незаслужени заблагодарувања. Искажав надеж дека тие ќе развијат поголема активност, особено му се обрнав на генералот, на кого му напоменав дека најдобро би сторил ако остане најобичен регрут во Организацијата, за да бидат избегнати сите сомневања спрема него. Кога вториот Комитет стапи на должност, во наследство од нас доби околу 40-50 илјади франка во готово во касата на Комитетот и уште толку пари недособрани од друштвото; 1.000 пушки манлихерки складирани во складови по границата, и уште многу пушки берданки, а освен тоа добро организирани друштва - околу 250 низ цела Бугарија. Овој Комитет, во ваков состав, не покажа сложна активност. Секоја страна гледаше да протежира свои луѓе, па затоа изостана тековната работа. Општеството го пречека студено новиот Комитет. Друштвата престанаа или внесуваа сосем малу пари, исчекувајќи што ќе стане понатаму. Цончев почна лично да ги прибира парите од друштвата. Од некаде тој добивал и други пари, па со тие средства испраќаше делегати по друштвата, за да агитираат друштвата и управите да се преформируваат во негова полза. На тој начин се подготвуваше теренот за редовниот конгрес во почетокот на август. Интригите за злоупотреби продолжуваа да се шират насекаде. Во затворот дојдоа различни кореспонденти од странство, а народот – Македонците јавно ги искажуваа своите симпатии, собирајќи се пред затворот. Сите разбираа дека започнатото дело не оди добро. Во меѓувреме беше затворен и Ѓорче Петров, го држеа во затвор 2-3 месеци, и потем го пуштија. Делчев беше тука. За да му дадам последен доказ дека не сум му наклонет на Цончев, иако сме биле другари по служба, јас му предложив да ги земе илјадата манлихерки за внатрешноста, затоа што инаку ќе ги земат цончевци. Му предлагав да ми даде признаница за нив, за да можам да ги правдам при предавањето.Туку Делчев, не знам поради какви причини, не посака да го стори тоа. Истовремено Делчев се заокружи повеќе со социјалисти тука, што ја поттикнуваа омразата спрема нас, па кога ќе дојдат да се борат против Цончев, гледаа пак ние да не стапиме на сцената. А токму со таа тактика тие сторија Цончев да добие 53 гласа, а Минков 52! Цончев се покажа поголем мајстор во фракциските борби, - си обезбеди мнозинство на конгресот. На конгресот имаше 10-15 мина социјалисти. Истовремено конгресот започна со своите седници, а нас не изведоа на судење. Конгресот уште се одржуваше, кога нас не ослободија, и ние успеавме да се јавиме на конгресот, претпоследниот ден. Кога дојдовме таму, побарав Саракинов, што не беше обвинил дека пред апсењето сме зеле 100.000 франци, да го каже тоа јавно пред сите. Саракинов кажа дека тој знаел за тоа, а дека за тоа знае и Цончев. Овој стана и одрече дека знае за таква некаква работа. Интригата беше смислена така дека божем ние, членовите на Комитетот, сме си ги поделиле подеднакво парите. Откако Цончев го одрече тоа, Саракинов се збрка, и не можеше ништо да рече. Конгресот прифати да се внесе во записникот дека го осудува однесувањето на Саракинов и други, што растураат такви клевети против нас. На прашањата што ни ги поставија за сметките, дадовме одговори и побаравме да се избере една комисија што ќе ги прегледа сметките. Во таа комисија беа тројца, меѓу нив и Габровски. Таа комисија никогаш не нe повика да ги прегледаме сметките, ниту пак самата ги прегледа. Сето тоа претставуваше само долен фракциски маневар, бидејќи не можеше да се докаже ништо. Конгресот усвои резолуција, предложена од Габровски и напишана во согласност со Делчев. Со таа резолуција од една страна се осудуваше теророт, и од друга страна пред Комитетот во Бугарија се поставуваше нова директива, според која му се ускратуваше правото да ја проширува дејноста надвор од границата на Бугарија. Воглавно таа резолуција претставуваше предупредување на Цончев во иднина. Заправо ние не се мешавме во работите внатре во Македонија. Јас се смешав само во Цариград, кај бевме испратиле луѓе да ја потопат Отоманската банка таму (ги испратив Мерџанов, Соколов и Манџуков: тие беа стасале до темелите на банката, туку работата се разоткри; Турците ги уапсија и тројцата, но ги пуштија по барање на нашата влада, само за да не стаса работата до судење). По повод на таа резолуција јас станав и им реков дека со резолуцијата се нафрлуваат на нас и од двете страни, сиреч и од страна на Делчев (Габровски зборуваше со зборови на Делчев), но иднината ќе покаже кој е во право. По конгресот се собравме јас, Ѓорче и Делчев. Јас им реков дека Комитетот на Цончев ќе направи што сака, затоа што го прифати нашиот систем - теророт, додека ние се откажавме од него. Затоа, реков, на ним треба да им се спротивстави пак само со терор, за да се заземе наново изгубената позиција. Делчев беше разочаран оти го избраа Цончев. Јас в лице им реков дека тие, Делчев и Ѓорче, се виновни за тоа, бидејќи ги обединија со него листите против мене, што сепак му бев поприврзан на Делчев. Делчев призна дека згрешил. Ѓорче се извинуваше што не зел учество во тие работи. Делчев беше на мислење дека треба да се започне легална борба против Цончев, да се бориме преку весници, а пак за тоа нема средства. Јас им реков дека не можам да стојам тука, и да гледам како луѓето на Цончев ќе се гаврат со нас, и ќе не тероризираат, а пак јас како баба да се борам само преку пишување во весници. Делчев и Ѓорче се согласија да заминам во странство, и да се потрудам, ако може да се набават средства. Тоа беше во крајот на септември 1901 година. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||