Спомени - Борис Сарафов | ||||||||
Заминав за Виена. Таму беше брат ми со својата госпоѓа. Таму грофот Јозеф, сопственик на “Information”, ме покани да отидам кај него за да му дадам податоци. Отидов да му раскажам. Направо му реков да ми каже дали може да ми посочи некаде некој извор на средства. Најпосле тој ми рече дека во Министерството за надворешни работи има некој влијателен функционер, што би сакал да поразговара со мене. Веднаш си помислив дека тој човек ќе сака да ми понуди пари. Реков дека сум согласен да се најдеме со него. Еден ден, во договорен претходно час, во куќата на грофот Јозеф дојде господин фон Милер (Von Muller) сегашниот цивилен агент во Македонија. Тој раководеше со информационото биро за балканските работи. Милер го искажа своето восхитување од мене лично и од чудесиите: „Вие, ми рече тој, го подигнавте на дневен ред прашањето: не остана весннк што не да пишува за тоа. Вис играте на голема карта и слично“... А јас направо - потребни се пари! Тој ми одговори дека таа работа не е лесна, ние сме конзервативна држава, императорот не би се согласил и слично и слично. ,,Ами, како им давате пари на Албанците?“ - „Да, за католичка пропаганда“, - ми одговори тој. Му реков дека им даваат и на беговите и слично, дека ние сме соседи на Албанците и добро ги знаеме тие работи. Фон Милер почна да вртка, дека што се однесува за средства за мое лично издржување и на моите другари, тој би можел лично да ни даде извесна сума пари, бидејќи ме знаел, дека ќе имам некаква ролја итн. Јас категорички одбив да примам пари за лично издржување, затоа ште не сакам морално да се обврзувам и слично. Би можел да примам средства за каузата, а не за себеси лично а и дека ќе му ги претставам и другите пријатели (мислев Ѓорче и Делчев). „Да ме варди господ“, - одговори Ф. Милер, - не би се осмелиле да даваме пари на една таква личност како што сте Вие, а не уште да им дадеме на други двајца-тројца такви“. Ми вети дека можам да живеам во Австрија, ќе сум се наоѓал под негова заштита, но под услов да не го носам своето име, па да не се помисли нешто, па и Русија да не се посомнева. Се разделивме со Ф. Милер, што ми ја искажа својата готовност да ми дава совети. Подоцна грофот Јозеф ме претстави и на водачите на младочешката партија, пратеници во парламентот. Тоа стана во кафеаната „Плауер“. Не зборувавме ништо особено. Јас им побарав поддршка за нашата кауза, особено да не нe забораваат во парламентот (тоа беше во почетокот на септември). Во втората половина на септември од Виена заминав во Париз. Го повикав Симеон Радев од Женева, за да ме запознае со круговите, што имаат симпатии за нашето дело. Ме запозна со Пресансе, Клемансо, Виктор Берар и Кијар. Зборувавме за нашето ослободително дело. “L`Effort” беше престанал да излегува, и јас постојано мислев како да се најдат средства за да обнови излегувањето на весникот, бидејќи и тие фанцуски пријатели се искажаа, дека треба да се печати весникот. Мис Стон беше веќе одграбната кога тргнав од Софија, и целиот печат ми го припишуваше тоа на мене. Пресансе ме посоветува да дадам деманти за тоа, и јас го дадов тој демант во в. “Temps”. За да не покрене Романија барање да ме предадат, по совет на Пресансе веднаш по објавувањето на демантите во “Temps” заминав за Лиеж. Таму беше Никола Тјуфекчиев, што студираше инжењерство. Таму се задржав цел месец. Ги разгледав фабриките за револвери и друго, за жал само ги гледав, не можев да купам ништо. Се кренав од тука и ја оправив во Женева, каде се наоѓаше Симеон Радев. Тука се сместив во хотелот „Белви“ под името Владимир Николас (Nicolas) со пасошот на Робев. Се зафатив посериозно да го учам францускиот јазик. Чекав да заврши аферата со Мис Стон, за да се здобијат со пари. Му пишував на Давидов, на Ковачев, па и на Ѓорче и Делчев. Од Делчева добив во одговор неколку писма. Во Женева се задржав до февруари. Се наоѓав на пансион во хотелот, каде се запознав со некои Американци и Англичани. Почнав да водам разговори со нив, и им се кажав кој сум, за да видам дали може да се набават средства. Со еден од нив, прилично богат човек, се спријателивме, почнавме да се рашетуваме заедно. Кога во Софија пиштеа за пари, Јаворов го издаваше в.„Дело“, па и тоа веќе не можеле да го тераат, јас му се оплакав на Англичанецот на нашата положба, и тој на двапати извади по 8.000 л., откако ме обврза никогаш да не го кажувам неговото име. Од тие пари јас им испратив 8.000 лева на Давидов и на Ковачев. И со тие пари излегуваше в. „Дело“, што го пцуваше Цончева, но не нe забораваше и нас (таков си е светот). Во Женева се сретнав со Балукчиќ; тој отиде во Минхен. Ме замоли да дојдам во Минхен, и јас отидов таму каде што се наоѓаше и семејството на Балукчиќ. Балукчиќ ми кажа дека води кореспонденција со Симиќ. Балукчиќ беше сметан како за нешто социјалист! Во потполност го одобруваше нашиот принцип: Македонија на Македонците! Тој ќе имал средба со Симиќ во Будимпешта, па ме покани да отидам заедно со него, затоа што и Симиќ сакал да се види со мене. Отидовме во Будимпешта, дојде и Симиќ. Тоа беше на 26.1.1902 г.. Се сретнавме во ресторанот„Панонија“ (Narepes utcza). Тука за првпат се запознав со Симиќ. Со него поразговаравме најљубезно. И тој ја одобрувал паролата „Македонија на Македонците!“, туку само страхувал од бугарско завојување. Му реков дека Цончев работи со Бугарија, а пак јас сум прогонуван од бугарската влада. „Ајде и вие Србите дадете ни малку средства на Македонците, за да можат Македонците да ги поделат своите симпатии спрема Србите и Бугарите. До сега има помагано само Бугарија и сл..“ Симиќ отворено пред Балукчиќ зборуваше против кралот Александар, и Балукчиќ му одобруваше. Симиќ призна дека и Србија треба исто така да даде средства, сиреч пушки и пари. Јас им побарав мартинки, бидејќи во склад во Ниш тие имаат 14 илјади мартинки, та малу по малу да извлечеме некое количество од нив. Симиќ рече дека треба првин да зборува со кралот, па затоа јас да слезам во Нови Сад, за да чекам на одговор. Така и стана. Но бидејќи работата беше сериозна, јас му напишав за сe на Ѓорче, за да дојде заедно да ги водиме преговорите. Ѓорче ми одговори дека нема пари. Му испратив телеграфски 200 лева во Трново, каде се наоѓаше. Наместо него дојде покојниот Давидов. Седевме во Нови Сад за да чекаме. Поминаа четири дена, па го испратив Давидов во Белград, каде се нашол со Симиќ. Давидов се врати во Нови Сад. Најпосле Симиќ ме повика, и ние отидовме во Белград, се сместивме во хотелот „Париз“ - јас под името Богдан Петров. Тие ни платија за сe. Се зафатија преговори. Симиќ ми рече да се видиме со претседателот на владата и со министерот за надворешни работи Вуиќ. Отидов кај Вуиќа. - Истата песна, како и Симиќ, имено: наклонети се да ја поддржат автономна Македонија, „Македонија Македонцима!“. Ги натерав уште додека сум кај нив да напишат едно циркуларно упатство до своите агитатори воМакедонија. Го умножија, потпишано од Симиќ и Вуиќ. Во него пишуваше да имаат доверба во мене и моите луѓе, и да се држат настрана од луѓето на Цончев, бидејќи внатрешната организација искрено работи за идејата „Македонија на Македонците“. Се чинеше дека Симиќ делува искрено. Јас им реков да бидат уверени дека кога ќе се воспостави автономна Македонија, веднаш ќе се формира најсилна партија, која ќе биде против анексијата (со Бугарија), од која страхуваат Србите. Им реков уште дека таа плејада борци за слободата на Македонија нема да плука врз своите принципи, оти Србија тогаш ќе излезе на море, бидејќи меѓу нас нема да има царински граници и сл. и сл. Тие ми поверуваа. Кога во Белград стасав јас, таму се докутуркаа и грофот Јозеф па и Вајсман. Симиќ ми рече дека кралот е наклонет да даде средства, Јозеф имаше аудиенција кај кралот, а ми се чини и Вајсман, - и се расипа работата. Не зедовме ниту пара, ниту ниедна пушка. Симиќ ми рече дека му е жал што неговите идеи не можеле да се пробијат; имале крал што секогаш се плаши час од Виена, час од Петербург и сл.. Сожалувам. Главен резултат беше циркуларното упатство. Се осети промена во однесувањето на српските агитатори во Македонија спрема Организацијата во 1902 и делумно во 1903 г.. Ме огорчи тоа што не дојдоа ниту Ѓорче, ниту Делчев. Од Давидова разбрав дека весниците на Внатрешната организација ме пцуваат. Разбрав дека главно се плашат од моето име. Се вратив во Женева, да го побарам мојот Англичанец. Меѓутоа тој си беше заминал за Англија, и рекол оти има богат братучед, па ќе се потрудел да земел уште пари. Тој се врати во половината на март 1902 год. Тогаш од него добив 50.000 франка. Се чинеше дека човекот не е политичко лице, и е мошне богат. Кога ги зедов тие пари во кафеаната имаше група студенти - Симеон Радев и други - и ги истресов пред нив педесет банкноти по 1.000 франка. Веднаш реков во Париз да се започне со издавањето на “Mouvement Macedonien”. На Давидов му испратив чек на 10.000 франка. И се прилепив јас и на ќерка му на богатиот, стара мома (таа многу го симпатизираше нашето дело). Истовремено го повикав од Солун Јордан поп Јорданов (Орцето), и му дадов 10.000 франка, за да продолжат со работата. Уште кога бев во Комитетот, со согласност на Делчев се започна со поткопување на банката во Солун. Таа идеја беше на Славко Мерџанов, што ја имаше применето во Цариград, а пак Орцето и Диме Мечето беа негов огранок во Солун. Оние од Цариград, заедно со Мерџанов, ја намислиле таа работа. Орцето беше поработел некое време во Цариград, па таму научил како треба да се поткопува и сл.. Тогаш тие побараа од Делчев уште средства, но Делчев немаше да им даде. Таа работа запре по нашето апсење. Тогаш и Мерџанов, што беше во Софија, прекина со тоа, и заедно со Ерменскиот комитет Мерџанов, со една чета, презедоа една акција во Родосто, но тоа не им беше успешно. Потем удрија во Одрин, го фатија бекчето, но при сето тоа се разгоре борба, - ги фатија и ги обесија. И Делчев после од парите за Мис Стон му даде на Диме Мечето 5.000 лева за истата цел. А пак целта, и моја и на Делчев беше да се суреди нешто страшно во Солун, ако дојде до репресалии од турска страна, ако не можеме да подигнеме востание, или пак во самиот час на востанието. Истовремено со тоа му се јавив на Тјуфекчиев и побарав тој да им набави динамит. Барав и купив 1000 кгр. динамит, така што да експлодира со страшна сила во Солун. Го купивме во Париз. Бидејќи тоа беше мелинит и не прилегаше на обичниот динамит, што Турците го познаваа (ова беше жолт прав во 1000 пакла по 1 кгр.) си мислевме дека ќе може да помине преку турските царинарници небаре е „антифилоксерин“). Најпрвин испративме две качиња вистински антифилоксерин. Првин повикав да дојде од Солун еден Грк, кој ни укажа на друг Грк во Деде Агач, па до овој испративме две качиња од вистинскиот антифилоксерин, - овој сосем прилега и лесно поминал, без тешкотии, преку турската царина. Туку кога го испративме вистинскиот мелинит, случајот сакаше така, таму да се смени лекарот во Деде Агач, па направиле ново испитување, - го праќаат во Цариград за испитување - и узнаваат дека е динамит. Динамитот го фрлија во морето, а Гркот побегна во Атина. Тогаш купивме друг динамит, но го префрливме преку Бугарија - околу 150 кгр., и освен нив од Цариград поминаа уште околу 50 кгр., та со вкупно 200 килограми динамит ги извршија експлозиите. Сите тие работи стануваа тогаш. Меѓутоа, во Софија ги зеле парите за мис Стон. Давидов ми прати писмо, дека откако ги зеле тие пари луѓето од внатрешноста на Македонија, почнале напернато да се однесуваат. Затоа и јас самостојно се распоредив со тие 50 илјади франка. Во Париз почна да излегува весникот. Отидов таму и јас, инкогнито, туку сепак се сретнав со множество луѓе (во мај 1902 год.) Во Софија се подготвуваше конгрес. Се водеше интензивна агитација за да се кутне Цончев. Овој пак правеше интриги против внатрешните во врска со аферата мис Стон, а пак против мене дека се рашетувам и си правам ќеиф низ Европа. А пак за себеси правеше реклама дека еве штотуку ќе дојдат Русите и ние (Цончев) ќе кренеме востание. Јас требаше да дојдам на конгресот (во последниот ден на јули). Дојдов и јас да се потрудам да им го одземеме Комитетот. Меѓутоа, тие толку несмасно буричкале тука, што Цончев успеал да си збере свои делегати. Имавме наши делегати, - половината од нив беа мои лични пријатели, половината му беа пријатели на Делчев, - туку не можевме да собереме мнозинство. Уште во почетокот на конгресот Цончев не го допушти пристапот на конгресот на делегатите од исклучените друштва. Ако ги беа пуштиле делегатите од овие последниве, секако ќе успеевме. Јас предложив да се наметнеме - да си пробиеме пат со ками и револвери в раце. Ѓорче не сакаше, туку велеше да организирам тајфа. Јас не го прифатив тоа, и сe си остана така. Побарав да кажат што направила комисијата во однос на моите сметки. Ми одговорија дека не комисијата, туку Комитетот, самиот Цончев, ги прегледал моите сметки, и се нашло дека недостигаат 6.000 лева. Им реков тоа да биде запишано во записникот. Туку сепак не се искажаа категорички за сметките, туку ќе се формирала пак комисија - и избраа таква комисија. И таа комисија не стори ништо ни до ден денеска. Останаа само со приказните. Туку пред тоа ние демонстративно го напуштивме конгресот. Се одделивме, - отидовме да одржиме седница во „Д'лбок зимник“, на која донесовме осуда на Цончева поради неизвршената директива. Сите солидарно избравме нов комитет, на чело со инженер Станишев. Ако бев поставен јас на чело, прилично ќе им попречев на луѓето на Цончев за она востание што потем го крена тој. |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||