Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Борис Сарафов

VII

Сарафов попусто предлага решителни мерки против Цончев. - Сарафов во странство. – Се враќа во Софија поради доаѓањето на гроф Ламсдорф. - Значајни разгледувања по прашањето поставено од Солун, дали да се крене востиние. - Сарафов заминува со чета во Македонија. - Борбата кај село Владимирово.

Во тоа време владата размислуваше вака: кнезот му е наклонет на Цончев, па затоа да не го задеваме, за да не испаднеме во немилост, Паприков лично му беше најмалу наклонет на Цончев, пак по инструкции од кнезот. Но Цончев наидуваше на поддршка кај подолните функционери - офицери во военото министерство, затоа што тие си беа мислеле оти Цончев има поддршка од кнезот.

Усеќав дека овие луѓе ќе кренат востание. На конгресот отворено му кажав на Цончев, оти знам дека сака да крене востание. Туку Делчев и Ѓорче никако не можеа да поверуваат дека тие ќе се решат да сторат такво нешто. Јас им велев: пријатели; ако не сакате да дојде до востание, дојдете да ги претепаме Цончев и некои негови другари, па со тоа да се избегне една голема катастрофа. Но тие не се согласија, затоа што владата ќе го искористи тоа, за да ја растури Организацијата и да ги разбрка оттука, па ќе си ја изгубеле базата и слично, дека кнезот токму тоа и го бара, и слично. - Глупаци, кнезот воопшто не ни помислил на такво нешто, и би било добро да се изврши ударот! - Јас тогаш пак заминав за Европа, не можев да стојам тука и да гледам - како луѓето прават востание, и тој срам не сакав да го поднесам. - Штом не се согласувате, им реков, јас ќе си заминам. И пак со нивна согласност отидов со задача, што ми ја порачаа, да видам, кај можеме да најдеме соодветно оружје за нас. Се покажа дека такво оружје има во Берлин, кај некој си фабрикант Grodstuck. Му јавив на Делчев, дека овој има оружје по поднослива цена, и дека можеме да купиме. Им порачав да пратат некој човек. Јас заминав (беше во почетокот на септември 1902 год.) две недели пред востанието на Цончев.

Во време на востанието бев во Париз, и се преправав дека ова востание не претставува ништо сериозно, - се покажував безгрижен и рамнодушен, така што дури и кнезот тука беше се иритирал, па му рекол на Ризова дека додека луѓето креваат востание, Сарафов со четири кокони се забавува во Париз. Накај ноември во Берлин дојде Карајовев. Фативме да пазаруваме. Имаше пушки од типот Мартини и Гра. Се покажа дека нашите бараат околу 1.000 пушки, а пак човеков не продавал помалу од 4.000 пушки.

И така со купувањето оружје не стана ништо. Се вратив назад во Париз, а Карајовев замина во Виена. Во тоа време, во почетокот на декември, грофот Ламсдорф беше започнал со својот поход. Дојдов во Виена, за да се најдам во близина, па и се прикажуваше дека тој првата посета ќе ја направи во Виена. Разбрав дека Ламсдорф доаѓа повеќе да прави прекори и да смирува. По него јас во Србија, и оттаму во еден ист ден со него стасав во Софија, на 13 декември. Кога тука ме запрашаа зошто доаѓа овој, - имаше интервју во „Вечерна пошта“ - беше објавено што сум рекол, а имено дека Ламсдорф во едната рака носи падарски реформи, напишани на хартија, а во другата рака држи камшик за бугарските револуционери и за бугарскиот кнез (види „Веч.Пошта“, бр. 13 или 14 дек.1902).

Во Софија се собравме со внатрешните - со Делчева и др.. Им раскажав каков одраз имаше надвор востанието на Цончев. Нашите односи со Делчева сега, по ударот што им го нанесе Цончев, станаа посрдечни. Имавме едно важно собрание пред Божиќ, и на Божиќ (во улицата Цар Симеон, спроти куќата на Цуцев, таму беше сместен и Комитетот на Станишев). На состанокот беа Сава Михајлов, Герџиков, Татарчев, Матов, Прличев, Хр. Силјанов, В`лчо Антонов, Ѓорче Петров и др. Се разгледуваше писмото на Гарванов од Солун, дека по востанието од Цончев многу е зголемен теророт од страна на Турците, дека положбата во Битолско е неподнеслива, дека наскоро таму ќе вивне востание и сл.. Гарванов бараше од тука мислење за нивниот претстоен конгрес, што требало наскоро да се оддржи во Солун. Имаше две мислења. Едното: Хр. Матов и компанија сметаа дека треба да се крене востание, штом веќе е таква положбата. Поинаку мислеа: Делчев јас, Ѓорче, и воопшто мнозинството беа против масовно раздвижување, туку само на четите да им се дадат инструкции за поактивни герилски акции, и тоа така што првенствено да се дејствува со динамит по пруги, мостови и сл.. Имаше борба меѓу двете мислења. Имаше и друго мислење, застапувано од В'лчо Антонов, терорист, според кое не треба да се продолжи со неоружена активност, да се казни Цончев и сл... И Герџиков беше за тоа Цончев да биде казнет. Треба да споменам дека тогаш се зборуваше и за преговори со Цончев, па се донесе решение да се прекинат секакви преговори со него. Собранието најпосле реши на Гарванов да му се јави дека собранието не е за кревање востание, барем така да не се наречува, бидејќи тоа би значело да се фрли попусто последниот куршум, туку да се зајакнат герилските акции. Со ова се согласија и Матов и компанија, бидејќи според негово мислење, и да се рече „герилски акции“, сепак е востание. Беше уште решено, бидејќи ќе биде преземена активна дејност, сите дејци што беа погодни да влезат внатре во Македонија. Не поминаа многу денови од ова собрание, а тука во Софија веќе се докутуркаа Гарванов и Думев, носејќи ги решенијата од конгресот. Тие дојдоа во половината на јануари 1903 год., а Делчев беше заминат на 7 јануари. Гарванов го соопшти решението како дефинитивно, затоа што во Битолско не можеле веќе уште да чекаат, така што најдоцна во април или во почетокот на мај ќе биде прогласено сеопшто востание.

Се договоривме дека ќе заминам и јас. Зборувавме за тоа посебно со Делчев и со Гарванов. Најнапред беше решено да заминам во Малешевско, Струмичко, Радовишко, Кочанско, за да видам што може да се стори во тој реон. Затоа почнав да се подготвувам за пат. Тргнав веднаш, бидејќи владата беше узнала оти ќе заминам. Тука не можев да се договорам какви пушки и друго ќе ми бидат дадени, ми рекоа дека сето тоа ќе ме чека на границата. Васил Попов од Стара Загора, кој делувал порано во Малешевско, ја зеде на себе грижата за собирање на момчињата. Константин Бараков (учител) родум од с. Скребатно, Хаџи Димов (социјалист), фелдфебелот Дачо Иванов од Књажево, мојот братучед поручникот Стојков (родум од Гајтаниново), поручникот Панајотов, родум од Трново, резервниот портопеј јункер Димитар Дечев (што беше заминал со Давидова и преку Грција се беше вратил), - тоа беа од пописмените во мојата чета, сe на сe околу 40-мина.

Наскоро тргнавме од Ќустендил. Ни дадоа некакви негодни пушки, само дваесет манлихерки, другите беа мартинки, српски пушки, во кои не пасираа патроните, та потем си имавме со нив големи маки. Со мене тргнаа Сава Михајлов н Андон Ќосето со уште 25-мина. Тоа стана на 23 јануари 1903 год., на 26 вечерта ја поминавме границата кај с. Сажденик. Времето беше многу студено, така што никој не нe вознемири. Преноќевавме во колибите кај с. Сас`т; турската стражарница беше во близина на едно 2 километра, нашиот стражар со бинокл го набљудуваше аскерот, дали ќе заоди на некоја страна. Вечерта на 27 тргнавме за с. Луково (Кочанско). На 28 јануари горе над Луково беше страшно голем студ, носевме 10 товари материјал, носевме пушки. Сава носеше пушки за Гевгелиско; тие беа српски, ги викаа кокенки, по името на Кока Милановиќ, којшто имаше преправено еден вид маузерки. Носевме и околу 300 килограми динамит, машинки и слично. Цел карван! Патувавме само ноќе. На 29. се бевме искачиле на врвот на Голак, во едни бачила. Од Голак навлеговме во Малешевско, накај с. Разловци; најпрвин запревме во колибите, горе во планината, а вечерта отидовме во селото. Ги собравме селаните. Видов дека тука луѓето се заразенн од фракциските борби: четите на Цончев се прогонуваа со нашите. Разбрав дека тука ќе си имаме повеќе работа, да го лекуваме населението од фракциски судири, па дури потем да го подготвуваме за востание. Потем отидовме во бачилата нас. Митрашинци (Малешевско). Од разговорите со селаните узнав дека тука се крајно деморализирани, - ѓаволести, итри, од секој збор прават две лаги, го земаат оружјето и го кријат. Видов дека овие луѓе нема да се кренат на востанне, или пак би востанале ако ние станеме полоши од Турците, па земеме да ги колеме. Тука најдов една чета од Цончев, што тука вршалеше, предводувана од некојси Карабиберов, подофицер од војската, родум од Кнежевството, вистински разбојник, бивш коцкар. Вилнеше низ селата: неговата проповед му беше тупаницата, ги тепа селаните на време да му донесуваат храна, да го вардат од Турците. Штом узнал за нас, им се заканувал на селаните дека ќе ги изгори ако не прифатат. Овој „орман војвода“ не седнувал на трпеза без јагне и слично, а кутрите селани јадат леб полн со сламки. Му пратив порака да се најдеме. Го испратив Делчев да го кандардисува да дојде, дека Сарафов нема намера да презема ништо лошо против него, дека се подготвува востание, нема веќе што да не разделува и слично. Тој дојде со голема претпазливост, си ја беше построил четата во верига (околу 25-мина месни разбојници и коцкари, собрани од тука, и еден писар). Отидов кај него: беа нахранети, убаво облечени, изнакитени со ќостеци, си ги носат ерифите и една гајда да се веселат. Јас се трудев да го наговорам да престане да се инспирира од Цончев, туку да започне со поинаква активност. Сакав да му оставам некои од моите пописмени момчиња во неговата чета. Тој добро ме познава, па и јас него. Се престори дека е восхитен од сето тоа што го чул, и отиде боже, да доведе уште некои свои луѓе, и веќе никаде не се виде. Веднаш почнал да им зборува на селаните против мене и да прави интриги.

Отидовме и по други села: Русиново и Будинарци. Тука го сретнавме и покојниот Крсте Асенов, во бачилата на с. Спасе (Сава се беше одделил за с. Нивичани). Со него поминавме и низ уште неколку села. Забележав дека и тој, иако самиот беше од школата на префинети идеалисти, честопати се служи со насилство спрема селаните, затоа што според негови зборови инаку не можело да се преживее ни два дена, и дека и други постапуваат така. Не знам каков впечаток му направи тоа на Хаџи Димов, што беше со мене, и на кого Крсте Асенов по идеите му беше поблизок. Откако ќе завршеше со тепаници и нагрубувања, Асенов брзо преминуваше на пријателски тон со селаните, на шеги и слично. Неколкупати им пишував на селаните од Владимирово, да излезат надвор од селото, затоа што внатре во селото имаше аскер, па селото беше деморализирано. Најпосле излезе коџабашијата, некој итер човек, шпион, подведувач и другар на јузбашијата. Нам ни се прикажуваше како ангел: негодува против чорбаџиите во селото и сл. Ни предлагаше да убиеме некои кои божем му пречеле на делото, а всушност биле негови лични непријатели. Меѓутоа, некои малешевци ни кажаа што човек е, и тој требаше да биде убиен, но Васил Попов го зеде во заштита, дека ќе се поправел, ако го прибереме на своја страна, а пак тој имал големо влијание и слично. Го пуштивме и тој веднаш не предаде.

Потоа, на 12 февруари, имавме борба со аскерот - околу 150-мина, близу до с. Владимирово, во месноста Касапли. Ние можевме да ја избегнеме оваа борба, туку не сакав, затоа што сакав да им покажам на тие расипани малешевци, дека ние сме дојдени тука за да се биеме со Турците, а пак тука никогаш немало вистинска борба. Ги запрашав момчињата, дали сте готовни за борба, и тие се искажаа како готовни, иако можевме да ја избегнеме борбата. Местото не беше којзнае колку погодно. Зафативме борбени позиции. Ние бевме до 45-мина; Ќосето беше веќе се одделил. Крсте со двајца другари беше со нас. Борбата започна околу 2 часот попладне, и траеше до вечерта. Сите се одржаа на своите позиции. Турците се втурнуваа блиску и по име ме повикуваа мене. Знаеја, дека ако ме убијат мене, ќе бидат пофалени. Загинаа 8 момчиња: Константин Бараков, кој штотуку со Хаџи Димов ја пеел „Прости ми народе мој несреќен“, Дачо Иванов, фелдфебел, добро момче и др. Имаше тројца ранети. На левото крило беа убиените. Пушките не им чинеа. Јас испратив од центарот други момчиња со манлихерки и ги одбивме Турците. Од Турците загинаа околу 50-мина. Штом се стемни, откако ги потеравме Турците, и тие си ги напуштија позициите, ние веднаш исто така остапивме. Беше рането едно момче, бивш курир во претставништвото. Куршумот му беше поминал низ двете раце. Крсто Асенов предлагаше да го убиеме. Јас не се согласив, и така заедно со други го качивме на коњ. Се оддалечивме на едно 6 часа отстојание, ги преврзавме и ги испративме со уште тројца во Бугарија. Тие стасале среќно во Софија, и во Александровската болница ги фотографирал францускиот кореспондент Лудвиг Нодо. Потоа се разделивме со Крсте Асенов. Околу нас почнаа да тарашат со цели колони дојдените потери. Крсто отиде кај Сава.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik