Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Ѓорче Петров

IX.

Градење сопствена тајна фабрика за леење бомби. — Мајсторите и материјалите за бомби. — Разни видови бомби. — Обиди со загушлив гас. — Фабриката, откриена од бугарската влада, престанува да работи. — Оскудните средства кај внатрешните дејци — Обид да се набават средства преку обири.

6 јуни

Реков, оти доведовме мајстор за бомби. Решивме да ги фабрикуваме во голема количина тука во Бугарија. Уредивме фабрика во Ќустендилско, близу до границата, во село Сабљар (3 колиби) совршено тајно. Сакавме да криеме од владата, а не сме знаеле, дека што материјали и да криеме тука полицијата знаела. Кога се откри работата, полицијата кога разбра, се помачивме да ја заблудиме, дека материјалите се купуваат, но дека се фабрикуваат внатре. Тоа траеше една и пол година и полицијата долго време не знаеше. Фабриката малу-помалу се сврти во шумски клуб, таму се прибираа бегалци и илегални работници од Македонија. Од таму почна препраќањето во внатрешноста во ситни пратки со оружје и др. Мајсторот, ерменец, правеше бомби, раководеше а вештината ја изучивме јас, Делчев, Такиџиев, Мурџев и др. (ги леевме). Таа беше полна фабрика — околу 1000 парчиња се излеаја. Праќавме долови внатре. Средстватаа ни беа крајно ограничени, напати се губеше многу време поради некакви двесте лева. Пеќката се беше расипала, а за да е направиме, со 200 лева., загубивме два месеци! Ерменецот ни беше предаден на начела како работник на наше располагање без плата. Тој ги поднесуваше сите незгоди, се хранеше како и момчињата, што се вртеа таму, со грав, па и само со леб кој што си го месеа сами. Ретко некој работник одвнатре ќе донесе некоја коза...

Изработивме неколку вида бомби — некои и многу големи, до 35 кила, — со боцки, со капсоли, јаести (елипсовидни), ваљачести, се` со стакла внатре, кои што треба да се скршат при фрлањето, што беше опасно. Правевме и четвртасти, со фитили. Сите врсти форми ги правевме — од мали рачни до 35 килограма тешки.

После година и неколку месеци и турските шпиуни и бугарскаа влада ја надушија фабриката. Владата испрати еден куп стражари, кои што ги претресоа момчињата и ги конфискуваа калапите. Стоилов беше малку плашлив. Средствата, што ги праќаа од Солун, како што реков, не стигаа. Од Колчаков зедовме на вересија бертолетова сол (после му плативме); 84% берт. сол и 16% шеќер — иситнети добро и размешани, штом фати капсата. Со тоа ги полневме бомбите.

Бомбите ги правевме од чист чугун, остер, од 1 лев и 60 до 2 лева килото, и фурда од чугунот, клинци и др., така да една бомба од 2 кила излегуваше до 2 лева.

Дојде да ја ппегледа и фабриката и прочуениот ерменец Леон, за да даде и нови упатства, што ги беше изучил. Го разведовме низ фабриката. Леевме бомби составени и од цинк, олово и друго нешто. Леевме за да обидиме бидејќи овој материјал се најдува на секаде во Македонија. Правевме и калапи, за да ги праќаме внатре та да можат да ги леат насекаде, дури во едно мангалче во стаја. Имавме и манијаштва. Бевме ја изучиле фабрикацијата на бомба со загушлив гас, со примеси, од кои што се образува загушлив гас. Така што ако се фрли во некое здание, тој гас, чад, беше во сила да ги задави сите луѓе во една стаја. Со страшно восхитение бевме се повлекле по оваа работа, — многу илузии се раѓаа во нас за анархистични дејствија со овој род на бомби. Ерменците ги измислија овие бомби.

Откако се затвори фабриката, веќе не се обидовме повторно да отвораме нова фабрика. После веќе во Сарафово време, кога се збогативме, бомбите станаа евтини и можевме и готови да си ги купуваме. Уште во Солун, не паметвам од кого, бевме научиле едсн смес од фосфор и др. нешта, кој што кога ќе вивни и се фрли на зграда, сигурно ја запалуваше. Ние купувавме тука фосфор и др. марифети и ги праќавме во Македонија, за да се служат со него за потпалување на згради, но не влезе ми се чини во употреба, па и во востанието не се служевме со него. Додека ја имавме фабриката, ни паѓаше на ум за ова средство и го усовршенствувавме. Во фабриката правевме и боксови, ками, ножови.

Од големо мистериозничење ние не можевме да најдеме железари, кои што би го научиле леењето на бомби. После дознавме, оти имало многу железари, што можеле да ни бидат полезни, но ние претерувавме со криењето така да учевме сосем неискусни момчиња, со кое што се губеше многу време. Работевме со кокс, поарчивме 2-3 тона англиски кокс. Фабриката имаше коџамити оџачиште. Местото е горе в шума, близу до граница, оџакот над куќа стрчи малу така да не се познава. Исхранувањето се провлекуваше та чудне е, како толку долго време не бевме откриени.

Средствата ни беа оскудни. Предвидено беше, кога не водеа од Солун тука да ни плаќаат по 150 лева месечно на човек, но тогашните наши поими за морал беа такви, така што да не примаме од општи пари, ами живеевме од приватни, оскудни средства, галвно од пријатели.

7. јуни

Пред да пристигнам јас, Делчев преку офицерчињата, дејци од 1895 година, и преку лични пријатели во Софија, Дупница и др. од офицери пријатели збирал скромни пожртвувања. Тоа средство не се разви и брзо овој извор се пресуши. Кога дојдов, уште го затеков, но навалуваше кон упадок: на другарски начела построено од пријатели, сами несостојателни. Бидејќи В.К. не ни помогна со никакви сретства, остануваше да бараме прватни пожртвувања од единечни лица во Софија. Бев ја завртил на просење од пријатели и познати, кои што ми даваа, како што сакаа. Кога — тогаш ме се праќаа слаби сретства од Ц.К. Во првата половина на нашата дејност со општа заблуда се се` чекаше од Ц.К. — од началството. Жртвите и таму внатре беа слаби. После се разви тоа — членски внесувања и др. Недостатокот на пари секогаш не тиштил и ни смеќавал во работата. Под натисок на тие нужди кога-тогаш се јавуваа идеи кај наши другари да се набават потребните сретства преку оберувачка. Пред да пристигнам, во Ќустендил поштенскиот чиновник Златарев, охриѓанец заедно со две-три други момчиња — социјалисти, наши работници, украдија 20 илјади лева. Златарев се насели во Воден, легален како учител, со псевдоним, а после отиде четник и беше убиен. Парите не паднаа во нашата каса; допуштавме, оти се паднати во социјалистичката каса.

Златарев беше чесно момче; тој ги дигна парите, ги предаде за делото и пребегна. Под влијанието на истата нужда Делчев во 1898 год. тргна од Софија со една чета од 10-12 души и низ Струмица го фати синот на еден бег, кого го држале врзан, но по заповед на Делчев, кој рекол: „Ако сме јунаци, ќе треба да пазиме, ќе стоиме будни в колиба“, го одврзале. Но будниот задремал и беговиот син избегува. Делчев се врати отепан, столчен од овај неуспех. Го окураживме да не се очајва. Отворено искуство за пари немавме, но бевме многу склони со афери по потаен плачкачки начин да набавиме сретства. Друг излез немаше. Нуждата стануваше се поголема, зошто одвнатре од нас бараа се повеќе и повеќс да им испраќаме единечни луѓе и на групи за работници внатре, да купуваме материјали и се` со тукашни сретства, Борис дружеше со мене, тој правеше разни обиди за пари. Делчев и Борис доста не се слагаа. Делчев, како бивши јункер доста не ги сакаше воените лица; макар да дружеше со многу офицери, водушевен не беше. Јас го прикривав Бориса пред другите офицери. Беше многу активен многу жив и наполно беше одан да ни служи, а на изглед немаше во него никаки намеренија на материјални облаги. Такви беа и другите офицери од годината 1895; без лични цели трчаа да услужуваат.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik