Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Христо Чернопеев

I

Биографски податоци. - Чернопеев под влијание на Б. Сарафов и Ѓорче Петров се привлекува во македонското дело и заминува во Македонија, каде што отпрвин дејствува во Гевгелиско и Ениџевардарско, а после тоа и во Кукушко. - Борби со турците. – Кога се врати во Бугарија, Чернопеев ги затекнува односите со врховистите многу заострени. – Делчев го испраќа Чернопеев во Џумајско.

По право моето име е  Черно Пеев, но луѓето навикнале да ме викаат Чернопеев. Роден сум во 1868 година во месец јули, во с. Дерманци (Плевенски окр.). Учев во плевенското трикласно училиште. Служев во плевенскиот полк, после во ломскиот полк. Стапив на служба во 1889 година и со прекин служев до 1899 год. За време на прекинот писарував во општината во с. Луковит. Се откажав како фелдфебел, пешадинец. Востанието во 1895 год. влијаеше врз мене, сакав да дадам отказ и да земам учество во тоа движење, но доцна се случи, движењето беше запрено. Порано само сум читал по весниците за македонското дело. Борис Сарафов служеше во ломскиот полк во 1895 год. Кога се врати Сарафов, малку стоеше во полкот и од таму отиде во Русчук, во русчушкиот полк. Тогаш, пред да одам во Русчук, поблиску се запознав со Сарафов и дознав повеќе подробности по македонското прашање па тогаш веќе вистински се заинтересирав. Почнав со согласноста на Сарафов тајно да организирам и една дружинка во полкот со членови војници и унтерофицери. Се собраа влогови, наложени според платата. Член можеше да биде којшто сака, но само ако е испитан и сигурен. Целта беше да се собираат оружје и резерви. Кореспондирав со Сарафов во Русчук. Собраните суми - до 150 лева – му ги испратив на Сарафов. После, кога дадов отказ, во август 1899 год., предадов револвери, ками, пушки и патрони на офицерското братство во Лом и тоа ги препрати во Софија, во комитетот на Сарафов. Имено откако Сарафов беше избран во комитетот, кога од него дознав дека има потреба да се дејствува и внатре во Македонија, тогаш ја напуштив воената служба и дојдов во Софија, каде што бев околу еден месец.

Тука се среќавав главно со Сарафова и со Ѓорче Петров. Разбрав, дека внатре има потреба да се организира револуцијата, откако за тоа ќе се подготво народот, пред се духот на народот. Знаев, дека има организиран комитет - Централен комитет, разбрав, дека Ѓорче Петров е делегат на Централниот комитет, и од Ѓорче главно дознав за Внатрешната организација.

Тогаш од Солун беше дојден и Хаџи Николово, со кого што  се запознав преку Ѓорче, и препорачан на него, дека ќе заминам, немаше потреба да носам писмено препорачиливо. Сарафов ми кажа, дека ќе ја извршувам должноста на терорист под заповедите на Ц. К., а Ѓорче, кому му оддавав поголемо значење, ми кажа дека ќе извршувам се што ќе ми каже комитетот. Јас заминав со пасош со железницата преку Србија во Солун заедно со едно момче од Ресен, по име Никола Кокаров, кое што беше дошло во Бугарија, престојувало тука две години и си одеше пак за Ресен со инструкции од комитетот да дејствува во своето родно место.

Во Солун до 4 1/2 месеци стоев без работа и се среќавав со главатарите Пере Тошев, Татарчев и Матов и разменував мисли само со нив. Минував како учител, се движев слободно по градот и по кафеаните. Отпрвин само се подготвував да заминам во некој реон, но се подзабави работата, затоа што сеуште се правеа подготовките. Тогаш тајно обучував со пушка во својата соба момчиња од Солун - кондураџичиња, писари кај трговци, занаетчии - околу 10 души. Сето тоа беше во есента 1899 година. На 14 февруари 1900 год. најпосле заминав во реонската чета на Гевгелиско и Ениџевардарско, предводена од Михал Апостолов („Попето"). Мојата прва средба со четата стана во с. Оризари. Патував со едно момче од четата, кое дошло да се лекува во Солун. Во селото стигнав преку денот и момчето ме одведе кај раководителот. Тој ми јави, дека четата е во друго село. Бев облечен како работник, кукушка носија, како да одам на работа по афионите. Се преоблеков во друга носија - во аскерски алишта и ми дадоа пушка систем „Гра". Вечерта тргнав со истото момче да ја најдам четата во другото село, и штом излегов од селото, кај гробиштата, се слушна посебен знак и момчето го позна, дека е знакот од четата, којашто се состоеше од 15 души, облечени во разни алишта, едни со куртки, како во нашата војска, други со турски чепкени, некои во аскерски алишта.

Се вративме во Оризари; Попето ме запозна со другите. До половината на април т.е. два месеци одев со четата по реонот, се занимававме со агитација. Навечер ќе се викаа некои селани и се убедуваа да го поткрепуваат делото и ги заколнувавме пред четата. Се криевме по цел ден во извесна куќа. Се случи на петтиот ден во с. Дабово, случајно еден турски падар да влезе во куќата, каде што се криеше четата, ја отвора вратата и ги гледа четниците. Го фаќаат и го фрлаат во Вардар. Обучувавме со пушки и селани. Јас ги обучував и четниците. По два месеци останаа 8 души; се оддели една четичка од 7 души под водството на Апостол, од 8-те души 4 души останаа со Попето, а со другите 4-ца тргнав за Кожув планина. Таму стоев до мај. Се занимававме со организирање по селата. Имаше еден зулуџија субаша, арнаутин, кој сакал да потурчува две моми од с. Серменин. Селаните се пожалија на четата. Таткото на момите, чорбаџија, откако четата го уби Турчинот, од благодарност ја даруваше четата и го испрати својот син, 17-годишен момок, Тодор Иванов, ученик во серското училиште. Тогаш беше откриена Гевгелиската афера, па турските власти веќе насетиле дека има чети.

После тоа преминав преку Вардар во Кукушко. Во Кукуш раководител беше Туше Дели-Иванов. Со него се среќавав во гр. Кукуш за да се договараме. По кукушките села одев до следниот март 1900 год. Во август случајно, вечерно време, патувајќи запревме кај една чешма, јас се наведнав да пијам, а турците, кои ја надушиле четата, од заседа пукаат врз мене и ме рануваат во слабините. Четата одзади отвори оган по турците. Момчињата ме одведоа до едно блиско село, Казаново и тука поради загуба на многу крв, бабички ми ја преврзуваа раната, ја запреа крвта па можев уште истата ноќ да заминам со другарите на Арџанското езеро, каде што направивме колиба и таму лежев околу еден месец. Момчињата се вртеа повеќе во колибата. Уште не оздравен, излегов со четата по околијата. Бев многу слаб, раната уште незаздравена па одев на коњ. Еднаш паднав и уште повеќе се повредив, па заминав за Солун да се доизлекувам. Тука престојував околу три недели и тргнав кај четата со други четири момчиња. На тргнување полицијата надуши дека ќе излегуваме. Ние наседнавме кај еден турски стражар, пиевме ракија и така се извлековме и стигнавме кај четата. По малку време мојата чета порасна до 16 души, повеќето терористи. Михаил Герџиков, за прв пат испратен од Ц. К., пристапи во мојата чета во Кукушко за да се извежба. Од Бугарија пристигнаа уште 3 момчиња (од Карлово 2 и едно од Кукуш). Четата успеа преку зимата да ги организира речиси сите села. Пари се собираа од селата и се внесуваа во градот, за да послужат за купување на оружје. Во јануари 1901 г. Герџиков и уште едно момче, Петар Јуруков и други 8 души заминаа за Битолско, самостојно да водат чети. Пред тоа некој си Милан од друга чета, од Гевгелиската, им се предал на турците заедно со Кочо Карловалијата од мојата чета. И двајцата отишле во Солун да се лекуваат и таму, заробени, искажале некои работи. Имаше опасност, дека турците ќе почнат да бараат оружје и др. Во тоа време се откри солунската афера и неколку момчиња избегаа во мојата чета, којашто премина во Гевгелиско. Четата ми стана до 30 души. После се вратија некои по селата па четата остана пак со 13 души. Пак се вративме во с. Бајалци (на границата меѓу Гевгелиско и Кукушко). На другиот ден осамнавме опколени - целото село беше заобиколено од турска војска, не осетил падарот. Тоа беше на 4 февруари 1901 г. Тогаш четата излезе на отворено. При излегувањето удривме на напад, им ја разбивме засадата и преминавме преку нивните редови. Се отпочна борба, престрелка на отворено поле. Имаше снег; залегнавме во лозјата и престрелката траеше 14 часа. Од 13 момчиња беа убиени 7, а ранети двајца. Седумте паднаа уште утрото при атаката. Од ранените еден, Стефан Стојчев, го оставивме во бесвесност, отѕкако малку го повлековме, а другиот го зедовме со нас. Се повлековме во кукушките села и отидовме во с. Калиново. Таму изутрината пак потерата ни потера. По снегот се познаваа нашите траги. Од тука избегавме во друго село па дури третиот ден се изгубија нашите траги.

После тоа заминав за Бугарија, затоа што турците силно не прогонуваа, а и немаше доволно оружје. Четата остана таму само со тројца души. Јас дојдов во Софија заедно со Дели-Иванов, главно да се погрижам за оружје. Тоа беше кон крајот на март 1901 год.

Во Софија ги најдов Делчев и Ѓорче, но нивните односи со Сарафов беа расипани. Со Сарафов и јас повеќе не одржував никакви врски, туку само со Делчев. Се убедив, дека тогаш оружје не може да се однесе до Кукуш, па и Делчев најде за добро, јас да останам во Џумајско па во текот на април заминав заедно со Попето, кој тргна за Кукушко. Јас останав во Џумајско и тоа во с. Лагодаш. Останатите тројца од четата ми се присоединија кон четата, којашто Попето ја одведе од тука во Кукушко. Таа се состоеше од 15-тина души. Заминав за Џумајско со 8 души: Никола Дечев од Стара Загора и едно момче, Александар Дрводелов од Враца; другите шестмина беа македонци. Тогаш беше започната борбата од страна на Сарафов против Внатрешната организација: да се наложи Сарафов како врховен началник на внатрешните. Сава Михајлов тогаш беше учител во Џумаја. Целта на Делчев, кога ме испрати во Џумајско, беше да го подготвувам отпорот против сарафовистите и да го подготвувам населението да не им се доверува на други луѓе освен на внатрешните и на Делчев. Во с. Лешко тогаш беше учител Крсто Асенов (тој неодамна беше убиен во Ениџевардарско). Кога се сретнав со Савата и со Асенов, им ја истакнав нуждата од пари, дека треба да се помачиме да се најдат пари. Савата смисли, дека би било добро да се фати еден бег, и тоа „пашата" од Џумаја, кој бил богат. И Сандански во тоа време беше дојден со чета, пак од Софија, определен за Мелничко. Како појде од рака планот со бегот, решивме на друг начин да се бара чаре.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik