Спомени - Христо Куслев | ||||||||
Во Петричко дејствував во Каршијака, од Игуменско нагоре, западно од Струма. Во селото Гореме го затекнав учителот Цоне, родум од истото село, како раководител со десетина души истомисленици. Во Рибница попот со неколкумина беше раководител, а во с. Палат поп Трандафил со двајца-тројца. Организацијата тука датира 2-3 години, од времето на Георги Костадинов (од с. Хотово), учител во Петрич и Димитар Штанов од с. Крушево (од Демир-хисар, Серско). Тие биле реонски раководители. По другите села немаше никакви раководители. И целата организација се состоеше само во тоа што за делото знаеја само раководителите и повремено давале некакви услуги, а друго ништо - немало ниту собирање на пари, ниту чета. Не ме сакаа за учител во Цапарево па два месеци не го отворив училиштето, додека не покрстив неколкумина кои ме наложија на општината. Немаше училиште – и тоа се направи по заповед на комитетот. После тоа го повикав даскалот од Гореме и му доверив да покрстува. И јас отидов во повеќето села и покрстував поединечни лица и поставував раководители. Речиси во сите села, кои се во Каршијака, се формираа комитети: во Гореме, Рибница, Цапарево, Раздол, Киспал, Добри-лаки, Никудин, Игралиште, Кранџилица, Занога, Драгуш, Палат, Махалата, Седелец, Велушец, Крушица. Кога дознаа дека ќе ја раководам четата во Каршијака, којашто дојде од Бугарија, организирана од Малешевски и проведена од Гоце Делчев, дојдоа од село Никудин да ме замолат да ја испатам четата во нивното село, затоа што како чифлигари-робје тие разбираат што е ропство и сакаат да работат за делото. Во четата беа Иван Грчето, Алексо Поројлијата, Христо Џигов (од Г. Порој) и Мијал Јанков (од Г. Порој). Така наскоро со голема готовност сите ја прифатија идејата на организацијата па целиот Каршијак беше придобиен. Пред да дојде нашата чета тука во Игуменско и Каршијака беснееше со чета војводата, наречен Зелникот со петмина души. Тој се однесуваше како разбојник, одеше нагоре надолу, јадаше, пиеше, се пијанчеше итн. Луѓето се жалеа од него. Јас му порачав да дојде, да разговараме, но тој не дојде. Се плашеше. Тогаш заповедав по сите села да не му даваат храна и каде што се јави веднаш да ми јават. Најпосле тројца од неговите другари се одделуваат и една вечер дојдоа да разговараат со мене. Јас се посиомневав, да не сакаат да ми напакостат. И покрај тоа отидов. Од нив дознав дека тие го оставиле и дека тој со внукот отишол во Малешевско. Им зборував дека треба да го остават арамилакот и да му помагаат на народот кој има потреба од чесни луѓе; им предложив, ако се согласуваат да живеат според правилниците како четници, да влезат да и служат на организацијата. Им опишав каков ќе биде нивниот животво иднина кога ќе работаат меѓу народот, дека нема да има арамилак. Тие се согласија и јас ги испратив во село Белушец. Четата со Грчето замина за Игуменско. По малку дојде и друга чета од 7 души, наменета за Каршијака, на чело со Иван Савов. Него го убија во Кратовско, каде што наскоро после тоа ја отепаа цела чета. Тој беше родум од Бугарија; секретар му беше Коста Мазнејков, род. од Радовиш, убиен минатото лето заедно со целата чета, околу 15 души, во Радовиш. Кога дојде четата, зеде да обиколува по селата и организацијата оживеа. Се наредија раководителни тела, се собираа членски влогови и слободна помош. Турско население во Каришјака немаше па слободно се движеа, без грижа. За Каршијака и Игуменско ни се испратија околу 494 пушки, кримки, кои се разделија по сите села - по 30, по 40, по 10, според селото. Патроните беа малку, по 10-100 на пушка. Собраните пари од реонот ги испраќавме во Петрич, а од таму во Сер и во Солун. Се случија убиства. Еден бегликчија, турчин, беше сосечен од четата во с. Игралиште заедно со една жена Бугарка (имаше маж), со којашто развратувал. И жени и моми таму во Каршијака и Игуменско по традиција се предадени на разврат, особено со турци. И нејзиниот маж беше казнет како шпион. Неговиот син, ќерка му и снаа ги испративме да се населат во Бугарија. Четата просто ги украде и ги екстернира, за да не дознаат турците и да не ги измачуваат па да искажат. Жената беше казнета заради контактите со турци, што беше строго забрането со смртна казна. Момите сами одеа по турските села да развратничат, одеа и на панаѓур во Мелничко да си пазарат и да развратничат. Сето тоа се спречи. Дури 14 такви моми на сила ги омаживме, само да престанат да развратничат. Имаше еден турчин, кој знаеше се што се прави за делото во Каршијака. Се викаше Јашар Чауш. Знаеше се од жените. Ги знаеше имињата на момчињата во четата, знаеше дека и пушки сме донеле, знаеше и за убивањето на жената и на Турчинот, знаеше како дошла четата, како ме викале - се. Сега тој е изваден од служба, тој беше булукбаша (воен), водеше аскер. Трупот на убиениот турчин заедно со трупот на жената властите ги најдоа, но се поверува дека тоа го направиле нејзините роднини. Еден гркоман од Петрич, поткупен со пари од владата, беше шпион и еден бугарин од Крстилица, тие шпионираа. Кајмакамот од Петрич им дал по 10 лири да дојдат во Каршијака да дознаат каде е четата. Таа ми јави дека дошле такви луѓе и јас заповедав да ги фатат, да ги принудат да кажат кој ги испратил и да ги екзекутираат. Бугаринот кажал, откако му обеќале дека ќе го пуштат, а гркот не. Дедо Никола Кутрулја, од с. Игралиште, зел учество при фаќањето на шпионите и при нивното погребување. Турските власти се сетија дека шпионите се испотепани. Дојде војска, 60-70 души во селата, пребарува, беа многумина, ги раскопаа и гробиштата но ништо не најдоа. Се најде во една куќа крв - некој дерел зајак - и се вознемирија мажите од таа куќа во с. Махалата. Кога тепале едно момче, се расклоцале коњите во коњушницата и удриле толку силно во едни даски, што им се присторило дека е плотун и турците се разбегале од куќата, дури и јузбашијата се уплашил. Голема паника. После разбрале дека не било ништо и од срам уште во темно отидоа во Петрич без да откријат нешто. Општо земено турците многу се плашеа од бугарите во Каршијака. Нашите веќе не им даваа конак на турците. Порано ќе дојдат в село, ќе се задржат в куќи, особено каде што има моми, ќе ги викнат момите да играат оро, ќе ги чепкаат итн. Тоа се забрани. Едно момче, Христо, кое што имаше две сестри - едната мома, другата вдовица – пуштило на конак турци и покрај тоа што му е забрането. Кога се разбра за тоа, пратив курир да му каже, да отиде во една колиба, каде што беше четата, во спротивен случај ќе биде убиен. Тоа се уплашило, дојдоа жена му, којашто беше чесна и неговите сестри кои беа развратнички, па ме молеа итн. Јас му простив и после тоа куќата му беше затворена. Кога ќе дојдеше турчин во селото, се затвораа куќите и момите бегаа, така што турците требаше да се задржуваат во определена соба – конак за тоа, кој се определуваше по заповед. Најразвратното село е Цапарево, другите не се во таков размер. Кога дојдоа бегликчиите во Цапарево, еден од безите (беговите), кој беше како секретар на бегликчиите (кјатипин), се задржа во истата куќа на Христо. Јас испратив едно момиченце да му јави на момата (вдовицата ја немаше) да се тргне од дома. Таа веднаш се тргна и не се врати. Тој чека, чека и излезе; ме виде и знаеше дека не одобрувам да им се дава конак на турците. После тоа ги собрав селаните и им кажував строго, да не примаат ни еден од бегликчиите на конак каде што има жени. Кјатипинот излезе од бакалницата и разбра што зборувам, па ми вели: „Даскал ефенди, што си ти тука па забрануваш да се задржуваат луѓето? Што одиш по мене? Јас си барам конак." Му одговорив: „Таму нема конак за тебе, еве конак определен за гости." Тој приговори: „Што ме мислиш мене, развратник ли ме мислиш, хаирсизин ли?!" Јас му кажувам, дека не го мислам за таков, но не бидува во таа куќа, затоа што има моми тука. Тој ми кажува дека е царски човек. Одговорив, дека и јас сум. Ме нарече комита, се налути и зеде да пцуе. Тоа ме натера да постапам како што се кажа погоре, со братот на таа мома. Од тогаш им кажував на секој татко или брат, каде што имаше таква мома, да им бараат маж. Многумина тоа го направија, но некои не сакаа да се мажат па ја праќав четата, ја земаа и ја дававме на некое момче, со кое што порано момата се сакала. Еднаш пред 8 души турци кренавме една мома и тие си отидоа. Грабањето на момите како обичај сеуште суштествува и ние се послуживме само со тој обичај. Ја венчавме таа мома, макар што беа големи пости (мислам, тоа беше во март 1901 г.). |
||||||||
Подготвува: Цане Ѓорѓиевски |
||||||||