Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Христо Куслев

II

Куслев во Сер. - Аферата на Наумов. - Делчев со чета во Серско и Драмско. - Куслев ги организира селаните, купувајќи оружје. - Гонения съ турски бегови.

Кога завршив VII клас, без матура (1900 год.), за време на распустот отидов во Дојран за св. Илија на панаѓур. Се сретнав со серскиот раководител Стефан Константинов (од с. Хотово, Мелничко). Ми рече, дека во Сер нема човек да ги раководи работите, бидејќи се случил атентатот против Наумов па се разбегале, а Нико Ников беше затворен. Атентатор беше Михал Попето, родум од Радомирско. После го убија во Кукушко и тоа поминатата година, кога тргнал со една чета да зароби една калугерка - игуменката католикиња во Кукуш. Католиците таму имаат нешто како манастир. Потерата ги открива, тој паѓа убиен во с. Чугунци пред да успеат да го приметат планот. Со Попето учество во атентатот против Наумов зедоа уште Ангел Спанчовалијата (од Мелничко), попосле исто така убиен, затоа што премина кон врховистите и Андон Ќосето. Тогаш јас заминав во Сер, следев што зборува ранетата Наумовица. Преку Димитар поп Томов, учител во Сер (род. од Гевгелија), дознавав се што зборува таа и реферирав во Дојран. Таа се заканвала дека ќе разоткрие се за организацијата, но кога дошол турскиот иследник, по три денови, веќе не можела да зборува. По нејзината смрт на Нумов му се напиша едно писмо од Солун да се крене од Сер, затоа што во спротивен случај ќе биде убиен. Ми напишаа да видам дали ќе се закрен и тој по 2-3 дена се закрена. После тоа добивав писма од Делчев, кој беше дојден со чета од Софија со цел да зароби еден конзул - мислам дека австрискиот конзул во Сер. Тој се вртеше во блиската планина Боздаг. Атентатот врз Наумов го осуети тој план. Имаше гонење, а и немаше луѓе. После тоа кроевме да заробиме еден турчин по име Халјаз бег, многу богат во Драмско. Стојо војвода едно време сакал да го заробува и таму беше убиен. Ми напишаа од Драмско, дека на извесна дата тој бег ќе помине покрај една мандра па да го дочекаат. Но самиот калауз, еден гркоман, кој водел преговори со Делчев за да го заврбува бегот да помине од таму, одејќи на мандрата му се јавил на бегот дека го чекаат комити и тој се вратил назад. Муструкот тогаш беше со Делчев и тогаш избега од Делчевата чета со 7 души за да прават арамилак. И навистина наскоро после тоа Муструкот го зароби калугерот од серскиот манастир, од кого што зедоа до 300 лири. И Бозуков беше со Делчев и тој се оддели со своја чета за во Кукушко, за да го заробат дојранскиот бег но не успеа. Делчев успеа наскоро да зароби еден грк од серско, но тој им избега пред да се земат парите. Делчев го држеше 15-20 дена.

Јас тогаш заминав за Солун. Во Сер говорев со секретарот на бугарското агентство Самаров (род. од Пештера во Бугарија) за ослободувањето на Ников, кој беше затворен по аферата со Наумов. Ников беше советник во раководителното тело и беше под сомнеж. Самаров ми кажа, дека со 10 лири би се издејствувало ослободувањето на Ников. Во Солун му го соопштија тоа на Татарчев и се испратија 10-те лири, но Ников не можеше да се ослободи. Во почетокот на учеб. год. 1900/1901 год. заминав во Кукуш и бев назначен за главен учител во првокласното училиште во Долни Порој. Бев назначен од серската општина.

Во Порој поминав до распустот. Тука бев раководител во Поројско. Речиси во сите села се организираа комитети со исклучок на селата Липуш и Тодорич. Рамна е влашко село. Веќе имаше правилници и устави, кои се испратија по сите села. Во секое село се назначија раководители и советници. Се собираа членски влогови. Имаше и курири. Слободните помошти се определуваа од раководителното тело. Јас го распрашував раководителот во секое село, кој колку може да даде, па според тоа им се налагаше. Имаше специјални лица терористи. Имав двајца во Долни Порој, еден од нив беше Алеско Поројлијата. Ги испраќав во други села, често пати заедно. Немаше случај да се прибегнува насилство, обично си ја даваа помошта. Само во Долни Порој собрав до 120 лири. Од Шугово се зедоа до 30 лири, од Матници 10 лири, од Горни Порој до 150 лири и др. Уште не се бараше помош од сите села за да не се огорчат луѓето од самиот почеток, туку се земаа од сите само членски влогови и тоа само од посветените.

Јас го најдов веќе со чета Мих. Попето, кој одеше само во некои села со 6 - 7 души. Таа беше организациона чета. Попето беше дојден со Делчев и во Серско се оддели со одделна чета во Порој за да казни двајца турци, зулумџии, од с. Шугово и од Г. Порој. Беше казнет и еден шпион, влав, од Г. Порој. После тоа по заповед од Ц. К. четата беше повикана да отиде во Кумановско, каде што имаше борба со српската пропаганда. Во текот на пролетта дојде друга чета, кукушката чета, само со четири души. Таа служеше да ги собира паричните влогови коишто се испраќаа во Сер. Со комитски пари јас купував пушки и револвери само од арнаутите. Пушките, повеќето систем “Гра", им ги продавав на селаните према дадената вредност. Купив 26 пушки. Од Сер и од Централниот комитет не дозволуваа да се купуваат пушки, затоа што божем од Бугарија требало да дојдат поевтини. Јас плаќав до 2 1/4 до 2 1/2 лири за пушка. Се правеше обука само со нишан. Беше дојден Илија Орлов (бивш јункер во Софија) за главен учител во Долни Порој па со негова помош се увежбуваа членовите на Д. и Г. Порој; ги собиравме во црквата и таму се увежбуваа во нишанење, стрелање простум, на колена и лежечки. Во таа година беше убиен  еден арнаутин, Реџо, контролор на тутунот, затоа што криеше арнаути разбојници. Го уби Алексо како терорист. После тоа неколку пати му се постави заседа на Салимбег од Долни Порој, каде што има многу лоши турци и на Емер-ага - и двајца членови на турскиот комитет во Д. Порој, во кој влегувал и мудуринот. Тие од своја страна многу сакаа да ме убијат, а исто така и Алексо но не успеаја да ме начекаат некаде. Еднаш сакаа да ме убијат дома, но пак не успеаја. Турците веќе знаеја што правиме. Секоја недела доаѓаа наши луѓе во црквата, каде што ги крштевавме новите. Се обидовме да го отруеме Емер-ага, бидејќи тој нигде не излегуваше, но осети. Требаше да испие отров во чајот во кафеаната на советникот Вељо Калајџиев, кој беше идеален момок. Другиот советник Георги Неделков, наречен “Мајка му стара", (ја читал „Под ропството") исто така беше редок работник, идеален човек. Турчинот поосетил дека нешто штипе во грлото, се посомневал и му ја дал чашата на кафеџијата да пие. Турчинот извадил и револвер и го терал да пие. И овој голтнал две-три голтки и плукнал, кажувајќи дека навистина нешто нагорчува - и му направил друг чај. Турчинот се посомневал затоа што и турците започнале да употребуваат отров и се обидоа и мене да ме отрујат. Бев ојден во Солун по еден шпион влав, за да го посочам таму, па да го спастрат, бидејќи во Порој тоа не можеше да се направи затоа што се пазеше. Врајќајќи се од Солун отидов во еден ан на ручек кај еден бугарин, Динко (Динката) во Долни Порој. Тој беше заедно со турците - крадеа луѓето. Го повикал самиот мудурин и му говорел да не убие. Јас побарав вино, голтнав еднаш-два пати, ми стана лошо и зедов да повраќам - многу ми беше лошо. Добро што не голтнав повеќе.

Заседите против речените двајца бегови не успеаја, бидејќи турците не поминаа. Му поставивме заседа на еден доктор, грк од Долна Џумаја, турски шпион, но и тој не помина преку истото место. Луѓе на турскиот комитет три пати пукаа врз Михал од Горни Порој, но не можеа да го убијат. После тоа едно турче, член на турскиот комитет, поткупено од власите во Горни Порој (во тоа село има власи), уби еден богат бугарин од истото село, Клифов Иванчо, член на организацијата.

Такви крвави гонења имаше тогаш.

За време на распустот отидов во Кукуш. И таму училиштето стана цел хуќумат. И во Порој веќе беше воведено да ги судиме луѓето, да им разгледуваме судски дела. Тоа се воведе во Поројско во таа година, а во кукушкиот реон судењето започнало порано. Луѓето престанаа да одат по турските судови. И на нечленови на организацијата им се забрануваше преку терористите да одат по турските судови. По распустот се вратив пак во Д. Порој, но едно писмо од Сер дојде и јас требаше да заминам во Сер, каде што ми соопштија дека во Петричко немало ништо наредено, имало потреба од искусен човек во делото па требало да заминам во с. Цапарево. Тука станав учител и ја поминав цела учебна година - 1900-1901.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik