Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Христо Куслев

IV

Последиците од солунската афера. - Преку Дончо војвода врховистите се загнездуваат во Петричко. - Организационата дејност на Куслев во Каршияка. - Куслев непрекинато дејствува во разни реони до есента 1903 год.

Во тоа време се случи солунската афера и Делчев се најде во мојот реон. Беше дојден од Игуменско а се враќаше од Битолско. Го пресретнав во Рибница и после дојдовме во Цапарево. Делчев започна да им проповедва на селаните. Јас го замолив да им позборува нешто на селаните; тој и покрсти неколкумина. Сите селани знаеја за делото, но покрстениот се сметаше за работник, војник на организацијата, должен да изврши што ќе му се довери. Делчев за востание не говореше, туку само да работат, да се подготвуваат, затоа што не се знае кога ќе притрба да се крене народот со оружје. Тој замина во Гореме и таму пристигна писмото од Централниот комитет, во кое што се соопштуваше дека Татарчев, Матов и Пере Тошев и др. се заробени и дека станала офера. На другото утро Делчев со двајца курири преку Балканот замина кон Сушица за Бугарија. Пред тоа имаше намера да ги изоди Џумајско, Мелничко, Неврокопско, Демирхисарско и Разлошко. Лошата новина го натера да побрза во Бугарија. Тогаш започнаа да поминуваат преку Каршијака бегалци од Кукушко, Солунско, Битолско, Гевгелиско, четници од Чернопеевата чета по неговата борба кај Бајалци. Помина и Чернопеев со Дели-Иванов. Герџиков помина со 20-30 души од струмичката чета од Гевгелија. Помина и Аргир самиот, како учител. Ванчо Карасулијата помина со својата чета и др.

Јас поседов уште некое време во Цапарево, а по испитот отидов во Сер и после во Кукуш. И четата на Каршијака премина на велигден во Бугарија. Савов се плашеше од своите другари и посака да премине и тој во Бугарија. Тогаш ммногу чети преминаа и организацијата беше потполно разнишана.

Има едно момче, учител во Шуменско, се вика Бакалов. Тој беше учител во с. Чуричене. Беше злоупотребило суми, до 12 лири од организацијата. Му се бараа сметки, тој не сакаше да ги предава - лисица момче. Затоа беше осудено на смрт. Со едно писмо од Сер се заповедваше да ја испратам четата во с. Чуричене да го казнат. Му напишав на четата, а таа најде за нуждно да го повика во с. Палат, порачувајќи му да дојде сам, без курир. Тој се посомневал, затоа што порано му оставиле опомена. Затоа не отишол. Му заповедал на некои селани да вардат, да не дојде четата и да го фати. Четата, кога виде дека не доаѓа, праќа четворица да го фатат. Но неговите луѓе го известиле и тој избегал во гр. Петрич. Се јавува пред раководителите таму и бара објаснување зошто сакаат да го казнат. Тие му објасниле и најпосле му ги простиле парите и му кажале за во иднина да работи чесно и покорно. Но тој веќе оладил кон организацијата и намислил тука да го втера Врховниот комитет, бидејќи дознал од еден весник, дека меѓу Врховниот и Централниот комитет има раздор. Тоа тој го дознал и од едно окружно испратено од Ѓорче и Делчев. Испратил еден селанец да оди во Пирин да го најде Дончо, кој до тогаш си беше прост ајдук, прогонуван од нашите „народните" чети. Дончо слегува во Каршијака и зема да агитира меѓу населението да се сврти кон Врховниот комитет, од него да бара поткрепа. Тоа беше во текот на распустот, кога јас бев заминат од Цапарево. Самиот Бакалов сега ми ја раскажа работата така. Дончо им проповедвал да не му даваат пари на Ц. К., дека В. К. сакал да даде пушки бесплатно и др. Населението со недоверба погледна на таа агитација, не сакаше да се отцепи од Ц. К. Тогаш Бакалов и Дончо се обраќаат кон селските раководители во с. Палат, кон поп Трендафил и му соопштиле дека сакаат да се отцепат од Ц. К. и да се присоединат кон В. К. Поп Трендафил најпосле кажал дека би се согласил ако се согласи и Горенскиот учител Цоне. Тие отишле кај посочениот и овој наспосле се согласил штом поп Трендафил се согласил, со него да му напишат на В. К. да им соопшти, што треба да работат и како да ја започнат работата. В. К. стапил во контакт со нив и тие тајно започнале да дејствуваат. Дончо остана таму, се собираат со Алексо и решаваат да не пуштаат никаква централна чета во Петричко. После В. К. испраќа чети, а Ц. К. од своја страна контра-чети и се започнува борба.

Да додадам уште за мојата дејност во Каршијака. Делевме правосудство - четата ме викаше, често и без четата јас самиот. Распоредував да не одат да се жалат пред турските власти и судови. Во с. Гореме на пр. повикав еден десетар, тој си ги повика своите вооружени членови и ги испратив да го доведат селанецот против кого што се пожалил друг селанец, дека му отсекол еден орев на нивата. Го распрашавме, тој призна и му пресудив казна да му се удрат 10 железни прачки (со стап за набивање на барут) и да даде 1/4 лира глоба за оревот и 1/4 за комитетот. Тепањето му се прости, глобата му се зеде. После тоа друг еден, овчар, ги пуштил овците во лозјата; за тоа му забележиле раководителите во Гореме, но и покрај тоа тој пак го направил истото. На истиот начин го повикавме навечер, му удривме 10 тојаги и плати 1/2 лири глоба за комитетот. Кражбата беше забранета. Се случија кражби, но бидејќи се даваше наредба по сите села, се фаќаа. Се казнуваа со глоба, ќотек, а за трет пат со смрт, но немаше таков случај.

Бев назначен по желба на комитетот од Сер во с. Крушево (Демирхисарско). То беше во есента 1901 год. Таму затекнав веќе наредени раководители по селата, членски влогови и др. Таму поминал Делчев, кој ја постави основата. Имаше и тука пушки кримки - во Крушево 20, во Крчево до 80, но општо земено немаше многу оружје. Јас и таму бев пак реонски раководител. Му дадов наредба на четата да агитира по селата, којашто ја водеше дедо Илија Крчовски. Тој беше на 43 години, род. од Крчово, порано бил разбојник, но кога се сретнал со Делчев, овој му влијаел па стапил во служба на организацијата. Иван Грчето беше секретар во таа чета.

Во Крушево ги повикав сите селски раководители да испратат во неделен ден по едно-две од подобрите момчиња, за да се увежбуваат со пушка. Увежбувањата се случуваа во мојот дом. Орлов во Порој ме поднаучи на нишанење. И во Кукуш за време на распустот така и во неделен ден и спроти недела момчињата вежбаа со грчки пушки. Таму момчињата беа распределени на десетици и секоја десетка се увежбуваше одделно во некоја куќа. Тоа продолжуваше до 8 ноември. Тогаш се собра општината во училишната зграда за некои општински работи и истовремено да го смени епитропот во кого што се сомневаа дека е шпион. Сакавме да сме слободни во црквата, да се увежбуваат момчињата во црквата секогаш кога сакаме. Епитропот не беше член, покрстен, а требаше да се стави таков на неговото место. На заседанието му се кажа на епитропот да го даде клучот. Тој одби, не ја признавал општината; беше поттикнуван од шура му па настана караница со него. Му се заканив. Случајно дојдоа двајца курири од четата за да им дадам оружје. Епитропот се скара со мене и ми се закани. Го извадив револверот и го застрелав. Јас избегав. Имаше некои заптии во селото и почнаа да пукаат против мене откако бев избеган на 300-400 чекори од селото. После тоа отидов во с. Крчово, му ги дадов на учителот сметките за селото Крушево, а тој ми даде еден курир па заминав во Каракој. Истовремено му кажав да соопшти за настанатото со мене во Сер, да се распоредат од таму да влезат во некоја чета. Имаше за тоа нешто печатено во „Вечерна пошта".

После тоа отидов во с. Каракој, оттаму во с. Ловча па во Долјане (Неврокопско). По 12 денови ми се одговори да заминам во Каршијака против Дончо, кој го растроил реонот, без да ми кажат дека всушност Дончо успеал да го достигне врвот и дека врховистите тука се загнездиле. Дојдов по многу заобиколки во с. Елешница, се сретнав со демирхисарската чета на дедо Илија и со кукушката чета, предводена од Глигор. Ни се напиша од Петрич да ги чекаме Попето и Чернопеев, кои идеа со 40 момчиња од Џумајско па заедно да настапиме - ние Дончо да го удриме откај југ. Чекајќи го Попето, дојде неврокопската чета со 30 души доброволци (селани), водена од Атанас Тешовалијата. Заминавме во Рибница и од таму за Робово (Игуменско). Му напишав на Бакалов да дојде да се разбереме за тие прашања. Тој одговори дека се плаши, затоа што му излегла пресудата. Ме покани мене да одам, но без оружје. Разменивме уште две писма со кои го повикував да содејствува како учител, да се отстрани тој расцеп, затоа што ние, учителите, му ја вдахнавме на народот таа идеја и не треба да му даваме таков лош пример. Но средбата не се случи. Баба Кутрулевица, којашто порано служеше како курирка кога бев во Цапарево, ми јави дека ќе дојде аскер па да се преместиме од тоа село, но не поверував. Навистина другиот ден видовме дека од селаните и од самиот Бакалов сме предадени. Почна борбата, која што ви ја опишал Иван Грчето. На 17 јануари 1902 г. во Рупел се разделивме на чети а јас како секретар заминав во неврокопската чета и целото време го поминав во Неврокопско во агитација и организирање. Војвода беше Атанас Тешовалијата. Одевме по сите села. Страшно се уморував со агитацијата: ќе дојдат 5-6 души - гговори, говори, покрстувај; пак ќе дојдат други, пак истото: сметки прегледувај, кореспондирај – се остануваше на мене, немав помошник. Така траеше до летото, до 10 август. До Ѓурѓовден бев во Неврокопско, после заминавме во Разлошко за да се присоединиме кон разлошката чета и со Сандански да одиме во Кресна против четите на Капетан Стојанов и да го разубедиме населението да не се лаже по врховистите.

Во Неврокопско до 23 април имаше убиства, се убија двајца бегликчии. Алексо беше дојден со 5-6 момчиња како врховист во Демирхисарско. Со дедо Илија требаше да го нападнеме. Тргнавме по неговите траги. Најпосле се сретнавме со негови двајца другари, кои тој ги испрати. Едниот беше Никола Јорданов, резервен унтерофицер, кој пред нас божем се разубеди. После тоа се вративме пак во Неврокопско, каде што во Каракој селаните ни изнесоа храна и ни кажаа дека бегликчиите биле блиску па не било чудно да дојдат да бараат во селото. Ние останавме надвор од селото. Раководителот ни испрати еден да ни каже дека не можеле да ни пратат храна поради бегликчиите. Тие не забележаа во пештерата каде што бевме и се приближија мислејќи дека таму има скриени овци; му свирнаа на нивните другари. Ние стрелавме по нив, ги испофаќавме ранети, живи, ги испотепавме и избегавме. Стана афера. Најдоја чаури од манлихерки и се уверија дека напаѓачите се комити а не селани.

По 3-4 дена дојде писмо да одиме во с. Скребатно и таму ќе ни кажат што е. Таму требаше да уништиме една турска разбојничка чета. На еден воденичар му наложиле да даде пет лири. После тоа уредивме така што разбојниците дојдоа во воденицата, четворица души и ги испотепавме кога си ја пиеја ракијата. Тие беа двајца помаци и двајца арнаути. Најдовме пасоши кај посочените дека се божем луѓе трговци, тргнати од арнаутлукот по трговија, а пак всушност дошле да разбојникуваат.

После тоа се разделив јас со четата и отидов во с. Ковачевица. Истата вечер, кога Чернопеев имал борба кај Железница, ние ги испотепавме разбојниците. После тоа отидовме во Разлог против врховистите. Одевме во Кресна, но нашата мисија беше безуспепшна. Пак се вративме во Неврокопско и стоевме таму до 6 август. Ги разделивме мчетите на две, половината замина во Голешово, затоа што се појавиле врховисти. После тоа заминав во Бугарија преку Ковачевица и Лџане, Пловдив, во Софија. Останав во Софија до 6 јануари. Со Делчев тргнав преку Самоков во Разлог - во Обидим, Кремен, Баничени, Ловча, Каракој, Крушево. Тами кај една пештера се фотографиравме сите и се разделивме. Таа фотографија ја има кај Карастојанов. Тогаш останав со своја чета со 10 души. Удривме на позиции, се разбегаа момчињата во Поројско. Најпосле стигнавме во Струмичко.

Почеток | <<Назад | Содржина

granicnik