Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Сава Михајлов

Предговор

Сава Михајлов, родум од Гевгелиско, кој ја завршил солунската гимназија, се наоѓа во Џумајско како народен учител токму во разгорот на борбите меѓу Внатрешната организација и Врховниот комитет. Под влијание од Делчев, Михајлов, како што самиот кажува, си поставил за цел да ја брани самостојноста на Внатрешната организација. И тој докрај е упорен во тој правец, работејќи во согласност со Сандански, Чернопеев, Крсто Асенов и др, со коишто подеднакво ги споделува и грижите да се набават по секоја цена потребните парични средства на организацијата, поради што учествува и во аферата со Мис Стон. Сава Михајлов се сметаше за многу чесен деец и голем идеалист, високо ценет и од Делчев. Не може да има сомнеж, дека и во својата борба со врховистите тој се водел само од чисто принципиелни побуди според тогашното општо сфаќање на револуционерните работи во средината на внатрешните дејци. За историјата на фаталната меѓусебна борба меѓу двете револуционерни крила, личната оцена на Михајлов е важна, што се однесува до поврзаните настани со неа.

И како внатрешен организатор Михајлов се истакнува со голема смелост и решителност во своите манири и дејствија. За подготовката на општото востание во 1903 г. тој неуморливо се грижи и покрај неблагопријатните услови, кои особено се засилиле по солунскиот атентат. За време на востанието Михајлов е еден од последните, кој се прибира од оваа страна на границата за да ја сподели со мнозината свои другари по оружје тешката тага за поднесените жртви. Со него се запознав при еден посебан натан, кога во зимата 1903 година по иницијативата на неколкумина благонаклоници во полза на ослободителното движење во Софија се правеа залудни обиди да се помират двете страни - врховистите и централистите. Во една средба со Делчев, кого што за прв и последен пат тогаш го видов стануваше збор по прашањето за помирувањето; го поканив да присутствува на едно собрание од повидни претставници на емиграцијата, за најпосле да се најде еден modus vivendi меѓу надворешните и внатрешните дејци. Делчев ги споделуваше нашите добри желби но и не го криеше сомнежот во успехот на помирливата иницијатива. Најпосле вети дека ќе земе учество на собранието, кажувајќи  дека ако не дојде лично, ќе испрати да го замени едно лице, во кое што може да имаме полна доверба како во него самиот. На собранието наместо Делчев се јави Сава Михајлов. Не познавајќи ги подробно претходните настани, кои тој ги преживеал во судирите со луѓе на Врховниот комитет, не можев тогаш добро да ги оценам мотивите поради коишто Михајлов крајно недоверливо се однесуваше спрема претставниците на спротивната страна, меѓу коишто беше и тогаш резервниот генерал Цончев. Го помнам добро спокојното, но впечатливо држење на Михајлов и големото значење, кое што присутните му го оддаваа на секој негов збор. И кога на крајот на заседанието божем се дојде до една спогодба и се состави помирлив протокол, кој остануваше да се потпише другиот ден од претставниците на двете страни, Сава Михајлов изјави, дека тој ја прифаќа постигнатата спогодба, но е уверен дека другата страна нема да го исполни. Тој излезе во право - другиот ден Цончев и неговите другари се откажаа од спогодбата и одбија да го потпишат протоколот, за што на времето се направи и едно печатено доверливо соопштение до емиграцијата.

По Илинденското востание се сретнавме со Сава Михајлов („Савата") како стари познаници и овој пат подобро се разбиравме. Михајлов беше многу елегично настроен и на кусо ги предаваше своите спомени. Тој претчувствуваше дека ќе загине, како што и се случи, бидејќи го сметаше за свој долг да продолжи да работи за ослободувањето на своите браќа од другата страна на Рила, кои тогаш станаа уште понесреќни по крвавите последици на востанието. Кај мене тој остави впечаток на карактерен маж со благородни пориви и цврсти принципи.

Л. М.

Почеток | <<Назад | Напред>>

granicnik