Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Сава Михајлов

I

Биографски податоци. - С. Михајлов, како учител во с. Кавадарци, влегува во организацијата. - Во Гевгелија Михајлов го раководи раковиодното тело. - Доаѓајќи привремено во Софија, ја сваќа опасноста за организацијата од страна на врховистите и се зарекува да се бори со нив. - Михајов во Џумајско се среќава со Сандански и Чернопеев -Фаќањето на Мис Стон.

Mоето име е Сава Михајлов. Роден сум вo декември 1877 г., вo с. Мачуково, Гевгелиско. Основно образование добив во своето родно село, а од I заклучно до IV клас учев во Цариград, во класното училиште во 1889-1892 год. Своето образование го продолжив во солунската гимназија од V-VII клас во 1892/3-1895 год. Во учебната 1895/6 година бев назначен за учител во с. Кавадарци, после бев една година учител во с. Ракита (Кајларско), од таму во Тиквеш и во Неготин во 1897 година, кога стана Виничката афера, после во с. Богданци (Гевгелиско) 1898/9, а во градот Гевгелија во 1899/1900 и во Џумаја 1900/1901 г. до божик. Тогаш прејдов во четата на Чернопеев и на Сандански, до добивањето на парите за Мис Стон - после престојував во Софија до 24. јануари 1902 г. заедно со Крсто Асенов и Сандански. Назад за Македонија заминав со Сандански на Пирин на 6 април, каде што останав до крајот на мај и пак во Софија до 10 јануари, кога заминав заедно со Сарафов преку Ќустендил-Кочанско со своја чета од 10 души за Гевгелиско. Таму стигнав успешно на 20 февруари; во Малешевско се сретнав со Крсто Асенов и заминав заедно со него; однесовме матерјиал, 10-12 товари динамит и оружје во Гевгелиско. Од таму во март со Крсто заминавме во Кукушко и во Солун. Се вратив назад во Гевгелиско и таму останав и за време на Илинденското востание како реонски началник.

Уште како ученик во Цариград, кога ја прочитав „Под ропството" во Министерската збирка, веќе нејасно започна кај мене да се создава идејата за независност од турците, но посуштински - во седмиот клас во Солун, каде што имавме ученички кружок и знаевме дека нешто се работи. Знаевме на пр., дека Дамјан Груев, кој тогаш беше во Штип, работи нешто против турците, но дека има некаква организација, ништо не знаевме. Во VII. кл. имав другар Дочков Страшимир, родум од Цариград (сега живеат во Сливен; Дочков сега заврши медицина во Берлин). Тој ми влијаеше, имаше слободољубиви идеи општо против тиранијата. Се добиваа тајно весниците Глас Македонски, Право, Автономија, Другар, Социјалист. Кога заминав за Кавадарци како учител, уште не бев посветен за делото. И мојот учител Димитар Мирчев ми влијаеше, ми даваше книги со револуционерна содржина, на пр. Белешките на Захарија Стојанов, Ботев и весници. Во Кавадарци веќе имаше организиран комитет уште во 1894 год. Дамјан, одејќи за Штип, поминал преку Кавадарци и основал нешто како комитет. Затекнав петмина учители и две учителки. Од нив само еден беше посветен и беше член на комитетот, а другите членови беа еден трговец, Иванчо Мишев Велков и еден тенеќеџија, Глигор. Месниот комитет беше од три члена. Имаше уште двајца учители во Варош - Пане Иванов и Иванчо Минчев, тамошни родени, коишто беа посветени. Јас во разговорите со нив осетив дека тие се посветени, можев лека-полека да ги препознам, силно сакав да се заработи во тој правец и многу ми беше тешко дека кријат од мене, дека си шепотат. Тогаш доаѓаше вестникот „Бунтовник", хектографирано издаван во Солун од Централниот комитет, каде што беше и Груев како инспектор на солунските училишта. Еден од другарите, Иванчо Мишев беше како претседател на комитетот. Тој најпосле ми соопшти, ми откри се, бидејќи се уверил во мене. Ми го прочита и правилникот, а формална клетва дури и не ми побараа. Од тогаш сум член на организацијата, т.е. од крајот на 1895 година.

Бидејќи главниот учител во Кавадарци беше егзархиско орудие, осети кој сум и што сум и за тоа поднесе извештај. Кнчев тогаш беше училишен инспектор. Како за казна ме преместија во с. Ракита. Тука немаше уште ништо - во цело Кајларско идејата беше сосем туѓа. Во Ракита имаше уште само една учителка. Тука за прв пат организиравме еден заеднички комитет за целата каза, во кој влегуваа момчиња и од селата Палеор, Емборе и Конкој – сите тамошни учители. Влегуваа и уште неколку души работници од Ракита и од споменатите села. Се организираше по правилникот да се даваат членски влогови. Грчко-турската војна малку му попречи на организирањето, се положи само основата. Се основаа комитети и во селата Дебрец и Налбаткој (Биралци). Емборе е тука центар на црковно-училишното дело. Селото Кајлари е чисто турско. Комитетите ги основаа учители; се запознав со нив и тие прифатија. Само учителите во Емборе не се подадоа. После еден од учителите и едно друго момче, селанче, прифатија. Бев во контакт со Пере Тошев во Битола. Кореспондиравме шифровано со хемиско мастило. Шифрата ми ја даде тој. Тошев беше во контакт со Централниот комитет во Солун.

Не ми се сакаше да седам долго во Ракита, сакав да бидам во класно училиште, во градот, за да можам повеќе да работам. Си дадов оставка. Ме назначија за главен учител во Неготин во второкласното училиште по настојувањето на општината во Кавадарци. Тука имаше комитет. Дејноста се состоеше во организирање и зголемување на членовите на организацијата.

Минав во второкласното училиште во големото село Богданци (Гевгелиско). И тука веќе имаше основан комитет од еден мој бивши другар од солунскиот педагошки курс, кој пред мене тука две години учителствтвал и тоа кога јас бев во Кавадарци. Членовите почнаа да си набавуваат пушки а веќе имаше кримки, пренесени од Бугарија. На бедните добри работници им се даваа пушки, доставени од Централниот комитет. Наши луѓе од Гевгелиско по канал ги преземаа од комитетски луѓе во Струмичко. Поимотните  си доставуваа турски пушки, повеќе систем Гра.

Кога минав во градот Гевгелија, бев член на реонското раководително тело. Претседателот Андон Костов, од Дојран, беше главен учител. Член уште беше и Аргир Манасиев од с. Сехово (Гевгелиско) - учител. Тогаш се случи Валандовската афера. Ние тогаш во Гевгелиско (1898-99.) веќе имавме чета; - таа е една од првите чети. Солунски, компромитирани работници, прости луѓе, терористи, извршиле некои работи во Солун и избегаа во Гевгелиско. Четата се движеше по селата и служеше како извршна власт на раководителното тело. Кон четата се присоединија и момчиња од Гевгелиско - едни компромитирани, а други од желба да водат независен шумски живот. Четата порасна на 12 души, после се раздели на две и на три чети, па една замина во Ениџенско. Покасно во Гевгелиско дојде Михал Попето од четата на Делчев (Во 1898 г. Делчев со чета бил заедно со Бозуков во Пирин). И тој дојде со мала чета, 5-6 души, и почна да дејствува во духот на организацијата. По селата четата вршеше агитација, се разбира, отпрвин со вардење - само во куќите на посветените. Минав во Џумаја веќе како реонски раководител по барањето на Централниот комитет.

Тогаш Внатрешната организација беше во својата најголема сила. Сарафов беше на чело на Врховниот комитет. По Божик дојдов во Софија и тука со Ѓорче Петров во еден разговор разбрав, дека Сарафов се токми да посегне по Внатрешната организација. Разбрав, дека Сарафов од чисто славољубие сака да ја круниса својата активност со прогрес, затоа што веќе беше неговата втора година на комитетствување и клонеше кон паѓање па природно кај него се развивала желба “славно" да заврши. Тоа го сфативме како многу опасна игра, зло за организацијата и воопшто лошо па јас прифатив да стапам во спогодба со соседните реонски началници (во Малешевско и Разлог) на Џумајско за да се спротивставиме на едно евентуално посегнување од Сарафов. Имаше мрежа. Го предупредив, но се случи солунската афера, падна Сарафов и дојде мешовитиот комитет Михаиловски, Кепов и Цончев. Кога се избираше Цончевиот комитет, јас за време на ваканцијата бев дојден во Софија; тука беа Гоце и Ѓорче. Со Делчев добро се запознав во Џумаја, таму тој дојде со ревизиона чета, дојде и дома. Се сретнавме во едно село со неговата чета, а тој, преоблечен селски, дојде и во мојата куќа. Уште тогаш бев убеден во согласност со Делчев и Ѓорче, дека не треба да му се доверуваме на Цончев, предвидувајќи дека ќе сакаат пак како Сарафов да ја завладеат Внатрешната организација. И уште тогаш си ставивме начело да ја браниме самостојноста на Внатрешната организација, секако, да се спротивставиме да не се примаат никакви чети во Џумајско без знаењето и согласноста на делегатите на организацијата. После тоа во септември се вратив во Џумаја. Уште немаше никакви Цончеви чети, имаше само една организациона чета во Џумајско на чело со Чернопеев. Јас се вратив во Џумаја на 17 август.

Мислевме, уште попорано - на Петровден, како да најдиме пари. Имавме план за еден бег во Џумаја, Сулејман бег, но тогаш и после во јули месец не успеавме да го фатиме. Кога на 17 минав јас, Чернопеев веќе се наоѓаше кај Банско, планот за фаќањето на Мис Стон веќе бил приготвен и само уште преку мене се допрашуваа Делчев и Ѓорче што ќе кажат, дали се фати Мис Стон. Делчев и Ѓорче не веруваа, дека ќе се земат големи суми за Мис Стон и затоа Ѓорче не беше согласен да се фаќа. Јаас заминав на 17 со Крсто Асенов и со неколку момчиња, отидовме во Банско и им соопштивме, дека Делчев се колеба. При сето тоа на своја одговорност се изврши фаќањето. Крсто Асенов (род. од Сливен, братов син на Хаџи Димитар) отиде со четата и со Мис Стон, јас се вратив во Џумаја. До тогаш Дончо го сметавме како разбојник. Ние собравме доста пари внатре за пушки па требаше да го доставиме оружјето. А пак кога се ангажиравме со Мис Стон, требаше да ги употребиме тие пари за да ја истераме до крај аферата Мис Стон. Имаше големи трошкови. Целата чета требаше да се издржува на свој трошок - беа 10-12 души. Селаните не знаеја, со исклучок на два-тројца, кои ги заробиле и др. Поради тоа што закасни доставката на обеќаното оружје, се појавија незадоволство и недоверба и Дончо го употреби случајот да интригува заедно со агенти на Цончевиот комитет во пограничните места. Се сееја интриги против Внатрешната организација. Јас бев уште во Џумаја, доаѓа во с. Логодаш (Џумајско) една генералска чета под водството на Мијал Лазаров (род. од Бугарија, резервен унтерофицер). Дојдоа селани и ни кажаа дека дошла една чета којашто не ја познаваат. Крсто, преоблечен во селски алишта, се сретнал со таа чета и разбрал, дека дошла од името на Цончевиот комитет без согласноста и знаењето на нашиот комитет.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik