Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Сава Михајлов

III

Михајлов заминува со чета во Гевгелиско да земе учество во востанието. - Солунскиот атентат попречува да се доставува оружје. – Се преземаат атентати по железницата. - Фрлање во воздухот на мостот кај Гевгелија - Две борби со војската. – Неуспешен втор атентат по железницата. - Крај на востанието.

Од тука заминав на 10 јануари преку Ќустендил со Сарафов и со Андон Ќосето. Границата ја поминавме на 24 јануари. Сарафов ги понуди своите услуги и се одржа собрание од дејците тука, кога претходно се зеде мислењето и на Централниот комитет. Сарафов се прими како поединец да работи како секој работник. Сарафов се сложи да врши, каква било работа внатре што ќе му ја определи Централниот комитет. Кога Сарафов тргна, беше определен како реонски началник со чета (35 души, кои му ги даде организацијата) во Малешевско и Петричко. Јас се разделив со Сарафов на плинината Готен (на границата меѓу Струмичко, Малешевско и Разлог). Заминав за Гевгелиско. Таму веќе беше Аргир. Отидов со 9 души. Материјалот кој го носевме се состоеше од динамит и пушки - српски маузерки и берданки, купени по за 28-30 лева. Одев повеќе со намера да се организираат само терористички акции. Јас по однос на востанието се држев во резерва и кажував, дека ќе одам таму и ќе видам, ако има почва за востание ќе востанувам, ако не, ќе се задоволам само со терористички атентати. Кај 20 февруари стигнавме во с. Смоквица. Тука се сретнавме со Аргир. Ги најдовме Аргировата чета доста намалена (5-6 души) и уште една генералска чета на Иван Карасулијата (тамошен). Тие две чети се гонеа една со друга. Последниот, како постар деец тука, беше и посилен. Организацијата не беше задоволна од него поради неговите разбојнички инстинкти. Заробиле еден бег, уште во Сарафово време, зеле 1200 лири и само 200 лири му дадоа на комитетот. После Централниот комитет ги испрати во Бугарија, но Сарафов ги зеде во закрила, во касарната, се разгалија тие луѓе, се научија на пари и преминаа кон Цончев.

Јас гледав да се постигне едно помирување. Во реонот речиси немаше никакво оружје, но се кажуваше дека ќе дојдат пушки за Гевгелииско. По еден месец не известија дека дошле пушки од Грција и дека се отворил канал од Солун па да ги прибереме. Беа до 75 пушки. Ние ги прифативме од Езерото. Имаше надеж од Грција да се втераат уште и други пушки, до 300. одевме по сите села заедно со Аргир. Четата беше до 20 души. Сите бугарски и влашки села беа верни на организацијата. Се организираа заеднички собранија. Дела се разгледуваа дури и за разводи. Каде што имаше пушки ги вежбавме за пукање. Општо земено во Гевгелиско не забележав спремност да одат да се борат. Инаку четата се примаше добро, предавство немаше. Солунскиот атентат не изненади и покрај тоа што се очекуваше во случај да се открие. Солунскиот атентат го пресече патот на доставката на оружје од Грција. После тоа веќе не можевме од никаде да дотераме оружје. Останавме вкупно со 100-тина пушки во реонот. Четите зедоа да се зголемуваат. Карасулијата божем се помири со Аргир, ама пак си ја тераше како што си знаеше. Двете чети, мојата и Аргировата се зголемуваа до 80 души. Беа избегани до 10 души од Гевгелија, многу момчиња од Солун по атентатот дојдоа во четата, така што сите пушки во четите беа ангажирани. И Карасулијата имаше до 20 души. По селата немаше ниту една пушка. На 28 јуни соопштија, дека на 6 јули ќе се дига востание, кога се кажа дека ќе се чека втора заповед. После се одложи за 20 јули. Датата ми се соопшти две недели пред востанието. Кога ми се соопшти, се собравме со Аргир да се посоветуваме што да се прави, дека луѓето ќе креваат востание. Решивме, дека друго ние не може да правиме освен по линијата да им направиме по некоја пакост на турците. До тогаш четата немаше средба со турци па немше никаква борба. На денот на востанието со Аргир поодделно добивме извештаи. Бев сосем крај Гевгелија. Јас се подготвував да кренам еден мост на железницата, мислејќи дека истото тоа ќе го направи и Аргир. Дојде курирот од него, во кое што ми соопшти, дека за сега ништо не може да направи, но ќе треба да се подготвиме па со здружени сили нешто посериозно да направиме. Одложив и јас додека се сретнеме. Тоа се случи на 25 јуни кај с. Хума. Тука донесовме решение да го разрушиме мостот кај Гевгелија. На 28 тоа се направи ноќе кај 10 ч. вечерта. Имаше во близина стража, ние наближивме со целата чета за да пази таа на патот откај Гевгелија, во случај да се јави стражата и отидовме неколкумина, ставивме динамит под мостот и под шините на 900 метри. Експлозијата се случи откако се оддалечивме. Фитилите беа запалени истовремено, но тресокот на 20-тина места следуваше не истовремено, така да тресокот беше страшен. Целиот мост (до 20 метри) отиде на воздухот. Турците брзо го поправија, т.е. ставија греди. Имавме желба да крениме еден воз но тие се вртеа само дење па не можеше ништо да се случи. Сакавме да го разрушиме мостот кај Демир-капија, но еден ден пред тоа не предадоа од селото Клисура (Тиквешко). Порачавме леб, но аскер донесоа. Еден влав, крчмар, е главно виновен. Се боревме до 3 часа попладнето (24 август). Изгубивме 6 момчиња. Лошо не предадоа. Имавме и бомби, повеќето сопствена изработка - во шишето од пиво, опковани со тенекија или стегани со јаже. Борбата се случи во шумата. Бевме двете чети до 55 души. Едно момче, рането, после умре. Си пробивме пат. Дојде кукушка чета во Гевгелиско и тргнавме, околу 180 души заедно. Кај с. Ошин пак се сретнавме со аскер. Тогаш ба 25 септември. Меѓу клисурската борба и оваа измина речиси месец, преку кое време силни потери крстосуваа на толпа по 1000-1500 души. Тие потери го измачуваа и тепаа населението да ги каже комитите. Потерата не гонеше. Борбата на 25 септември испадна успешно за нас, не загубивме ни едно момче а доста турци паднаа. Не ги оставивме да наближат повеќе од 300-400 метри па паднаа многу. после тоа јас со неколку момчиња заминав да го кренам поштенскиот возё и тоа кога со него помине војска, но немаше кој да ни каже кога ќе помине војска. Најпосле рековме, каков и да е воз. Ги ставивме петардите, ето го возот кај с. Смоквица, помина и ништо - фалшливи петарди. Се обидовме со електричен експлозив. Во м. октомври чекавме и токму крајниот вагон додека да помине, експлодира; крајниот вагон се распарчи и возот и помина. Вагонот бил полн со жито. Помина без жртви и ние бевме задоволни, затоа што ефектот се постигна. Почнаа возовите пак да циркулираат само дење. Тоа беше нашиот последен атентат.

Со истите 7-8 души требаше да преминеме преку Вардар за да земеме алишта. Беше 7 ч. (на крајот на октомври). Токму требало да помине еден воз со единици и затоа турците поставиле заседа на 1/2 час подалеку од линијата по патиштата. Налетавме на една таква заседа, бевме сосем блиску, со раце да не фатат. Запукаа многу, но не удрија никого и ние се извлековме без загуби. Се вративме назад кај другите. Се прими веста да се прекинат непријателските дејствија и ние прекинавме. Аскерот почна да ги полни сите села по 150-120 души. Падна снег. Рековме да се намалат четите. Тргнавме за Бугарија. Јас пристигнав тука со 6 души, а Аргир попосле со 40 души. Карасулијата пак исто така со чета - уште пред мене.

Почеток | <<Назад | Содржина

granicnik