II
Прв судир со врховистичка чета. - Агитација по селата против врховистите?. - Михајлов, принуден да стане нелегален, пристапува во четата на Чернопеев. - Арчењето на парите, земени за Мис Стон. - Михајлов привремено се враќа во Бугарија.
Тоа беше на крајот од октомври 1901 год. Крсто ми го соопшти тоа со писмо и ме прашуваше, како да постапиме. Се погоди пазарен ден. Јас им порачав на работниците од трите села (Селиште, Покровник, Крџево) да си ги земат пушките и да се соберат во Селиште на едно место. Отидов јас со еден работник од Џумаја и со 30 души вооружени во с. Логодаш, каде што во една куќа се запрела врховистичката чета. Не пречека Крсто и заедно отидовме во куќата каде што беа тие. Уште кога не видоа, истрпнаа. Ги прашавме зошто дошле и кој ги испратил. Им го напоменавме редот на Внатрешната организација, дека не може да се трпи внатре чета којашто не работи во духот на организацијата и од името на Централниот комитет. Им предложивме да си го предадат оружјето и да се вратат назад. Оружјето се предаде доброволно. Им оставивме на некои, коишто имаа револвери и со наши момчиња ги испративме до границата назад.
Од друга страна Дончо беше загнезден во Петричко и притискаше на секој начин да си пробие пат и во Џумајско. Испраќаше заканувачки писма до селаните и до мене во градот, дека сите ќе не изгорел и испотепал ако не ги вратиме пушките, земени од четата којашто ја обезоруживме во с. Логодаш итн. По моето заминување во август и Делчев беше заминат преку Малеш во Струмичко и од таму во Битолско. Тогаш по Делчев замина и Халјо со чета од страна на Цончев. Со Халјо беше и Иванчо Карасулијата. Тие отишле до Струмичко и брзо се вратија назад. Внатрешната организација им правела пречки, одбиле внатрешните да им содејствуваат и затоа брзо се вратија назад. Имаше гласови дека имале намера да го стигнат и Делчев и да го заробат. Од заканите на Дончо, од друга страна и тоа што не можевме да достоиме на зборот да доставиме пушки на време, се забележа едно колебање меѓу селаните. Тогаш посилно се проговори и за Централниот комитет од една страна и за Врховниот комитет на Цончев од друга. Бидејќи четата беше зафатена со жените и не можеше да обиколува по селата, јас бев принуден да го напуштам градот и да обиколам некои села. Дури свикав општо собрание на сите селски раководители во с. Лешко, каде што им објаснив каква цел има Внатрешната организација и за што се стреми Врховниот комитет. Им ја претставив работата така што ако им се подадеме на Врховниот комитет, можат неговите луѓе, било поттурнати од владата на Бугарија и главно од кнезот (како во 1895 година, кога нашите луѓе беа играчка на кнезот) или пак по свои лични побуди да направат некое движење внатре и со тоа да осуетат па да не може да стане нешто сериозно за слободата на Македонците, за којашто Внатрешната организација се подготвува. И одново се убедија раководителите и ветија да не им се подаваат на врховистите. Тоа беше во ноември м. 1901 година. На тоа собрание еден од селските раководители, Смилјан Димитров, раководител во с. Падеж, кој бил во тајна спогодба со Врховниот комитет, најмногу настојуваше против Врховниот комитет, зборувајќи дека кој ќе се оддели од Ватрешната организација треба да биде убиен итн. но по една недела, кога онаа обезоружена чета во с. Логодаш, повторно испратена од Цончев, ја преминала границата и истиот Смилјан ја примил кај себеи и и укажал поддршка. По малку време истиот со едно писмо ми изјавува, дека тие веќе се откажуваат од Централниот и се присоединуваат кон Врховниот комитет, а парите собрани за пушки предадени од нив на мене, да им се вратат. Јас му напишав, напоменувајќи му што говореше на собранието и го заплашив да се освести, затоа што инаку ќе биде убиен. Наближи Божик. Веќе и во градот се јавија незадоволни од Внатрешната организација, бидејќи на сила им се барале пари а всушност не беа согласни да се работи, беа луѓе трговци па се огласија против нас и во полза на В. К. Се укажа уште, дека голем дел од селските раководители во Џумајско ги злоупотребиле парите, собирани за оружје и од страв да не им се побара сметка, укажуваа дека ќе се префрлат кон страната на В. К. И посочениот Смилјан - исто. И во с. Тросково, каде што Дончо ја нападна четата со жените и таму раководителот се подал од истите причини: тој дури не внесол никакви пари на Ц. К.
На Божик јас бев предаден. Подметнале едно писмо кај ливадата на 24. XII. и еден турски офицер го наоѓа и му го дава на едно бугарче, симитчија, да го прочита. Тоа содржело: „Ако сакате да знаете каде се жените и ако сакате да знаете кој е тука комитетски човек, фатете го главниот учител Сава Михајлов и уште Петар Китанов (трговец), Никола Чевејата (меанџија) и Лазо Покровнички (земјоделец)". Двајцата работници - Лазо и Никола, зедоа учество при фаќањето на жените. Се случи тоа што симитчичето било наш човек па рекло дека не може да го прочита писмото и брзо му јавува на Чевејата за тоа. Јас, штом разбрав за тоа, избегав во четата на Чернопеев и Сандански. Час и половина од Џумаја ги држевме жените во населбата и Покровник. Тоа беше на Божик, а на 18 јануари ги добивме парите и ги пуштивме жените. Кога избегав во четата, тие беа со Чернопеев, а јас со Сандански, Крсто и неколкумина момчиња се грижевме да ги земеме парите. Парите ги донесовме тука со Сандански и Крсто. Делчев не беше дојден па му напишавме да дојде. Донесовме решение да не ги држиме парите кај нас, туку да се свика едно собрание од внатрешни дејци и да се реши кому да се доверат парите. Најголема доверба имавме кај Делчев. Сумата беше 14,500 турски лири, тежеа до 80 оки. Поминавме во Бугарија од Разлог преку Доспат, преку Аврамов проход на Белјово. Одевме со момчиња до 15 души со пушки; ни помагаа курири од организацијата, наоѓавме вооружени и во Бугарија. Ги оставивме во Белјовската шума со Сандански, а јас и Крсто денски тргнавме за Пловдив, купивме алишта и чанти за сите, се преоблековме и се вративме во Белјово. Кога се враќавме за Белјово, куриерите веќе ги вратиле да си одат за Разлог, полицијата ги фатила но ништо не искажаа. Стигнавме како трговци во Софија и го чекавме Делчев. Делчев ја добил веста во Воденско, дека се добиени парите и дојде дури по еден месец. Се одржува собрание. Се определи една комисија, којашто ги трошеше. Се испратија пари и во Разлог, во Џумајско, во Солун и во Битола. Тука требаше да се вооружуваат момчиња и да се испраќаат внатре, во пограничните реони главно и да се борат против врховистите. Благодарение на тие пари ние можевме да противдејствуваме и да се закрепиме, затоа што тогаш бевме останати сосем без пари.
Стоев тука до крајот на март, кога се донесе решение да заминат сите внатре, а да останат тука само делегатите. Се избраа нови делегати: Стефанов Димитар (од кнежеството), Дели-Иванов (од Кукуш) и Делчев. На жалост целото лето се изгуби во борба со врховистите.
Јас заминав со четата на Сандански. Додека ние тука имавме собрание и се расправавме со парите, врховистите успеале да се провлечат во Џумаја. Нашето собрание се состоеше од дејци од внатрешноста кои се наоѓаа во Софија: Чернопеев, Сандански, Ѓорче, Малешевски, Аргир, Чучков, Стефанов, Дели-Иванов. Целата сума се остави на располагање на комисијата, а на момчињата од четата им се купи само по еден револвер. Општо земено многу малку се потроши.
Се донесе решение, голем дел од парите да се употреби за оружје, но борбата со врховистите не оодвлече и по неа отидоа многу пари па не се достави толку оружје колку што мислевме.
Со Сандански отидов во Џумајско, а Чернопеев и Крсто беа пак таму, од десната страна на Струма, а ние од левата. Требаше да се бориме да ги одвратиме нашите од врските со Цончев. Дејствувавме само со убедување. Веќе најдовме чети на Врховниот комитет, четата на капетан Стојанов во Џумајско, од левата страна, а од другата беше Пашалијата. Баравме средба со нив, но не се согласуваа таа да биди пред селаните. Ги избегнуваа средбите. Имаше обиди да не предаваат. Одевме по селата во Џумајско, Разлог, Мелничко. Во Софија се вратив самиот во почетокот на јуни. Делчев беше тука. Останав тука до 10 јануари (1902 година). Врховистите беа на врвот. Јас бев еден од четиричлената комисија, избрана како контрола над арчењето на парите. И Крсто беше тука до септември, беше ранет преминувајќи некои момчиња прку границата и тука се лечеше.