Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Христо Куслев

I

Биографски податоци. - Првата организациона дејност на Куслев во Џумајско. - Куслев се враќа во Солун да го доврши гимназиското образование. - Приврзаници на Централниот комитет и на Братството" меѓу учениците во солунската гимназија.

18 јануари, 1904 год.

Се викам Куслев Христо, роден сум во Кукуш на 18 март 1877 г. Родителите ми се кукушани; татко ми беше трговец. Основното образование го добив во Кукуш вклучително до III клас, а после продолжив во Солун, каде што во 1896/7 учебна год. завршив VI клас. Дојдов во Софија да станам јункер. Положив испит, но се раскајав, не сакав да станувам “машина" па отидов за учител во с. Лешко (Горно Џумајско) во есента 1808 г.

Уште во Солун, во петти клас, разбрав дека има револуционерна организација. Случајно се запознав со еден работник по делото од надвор; тој ми соопшти подробности и тогаш дознав дека и во Солун има таен комитет, во кој за членови се примале и по возрасни ученици. Поп Стамат (род. од солунските села) беше како советник и тој крштеваше новите членови, ги водеа кај него. Тој ме покрсти и ме запиша за член. Одев само кај него, тој ми даваше весници. Во шестиот клас пред Божик се запознав со Дамјан Груев, кој таму беше инспектор. Тогаш тој ми кажа да агитирам меѓу другарите во гимназијата. Во Кукуш дознав кои се работниците. Како што кажав сакав да пристапам во военото училиште за да се запознам со военото искуство. Ме разубедија некои кукушани во Софија кажувајќи ми дека човек во тоа училште станувал просто „машина" итн. и јас се откажав. Но сепак сакав од малку-малку да се запознам со военото искуство. Сакав барем малку, до пролетта, да служам војник во Бугарија, колку да знам да вртам пушка, но ми се кажа дека тоа не се дозволува. Ѓорче Петров тогаш беше задграничен претставник на организацијата, а порано учител во гимназијата во Солун кога бев во петти и шести клас, па се знаевме. Во договор со него заминав или, подобро, бев испратен за учител во Лешко. Тука имаше веќе нешто наредено, имаше курири итн. Селаните дури не сакаа учител, но се принудија да ме примат. Во Џумаја им се соопшти на посветените неколкумина да дејствуваат пред коџбашијата и поповите во Лешко да бидам назначен за учител. И така се назначив.

Во Џумаја ми ја соопштија шифрата за да можам да кореспондирам со градот. Се пазарив за 11 лири годишно и го отворив училиштето. Почнав да агитирам меѓу населението, да покрстувам некои членови, а главното беше да уредам место за примање на чета, којашто требаше да премине за Малешевско за да зароби некој бег. Но во февруари 1899 год. му зедоа само 40 глави крупен добиток на Дјустин ага од Виница. Четата беше испратена од Малешевски, кој беше во Дупница. Со говедата четата се врати во Бугарија, ги предаде, а парите, се виде, му биле дадени на Малешевски и на Ѓорче за комитетот. Четата беше од 7-8 души, водени од некој си Васе. Не се случи никаква афера. Турците помислија, дека тоа го сториле „разбојници". Наскоро, кај велигден, помина друга чета со слична цел, пак од 7-8 души, пак организирана божем од Малешевски и таа отиде во Виница и пак сакаа да заробат еден бег, но не успеаја, се распрснале така што дури и војводата, некој си Стојан, самиот поминал „без опинци" преку границата на Бугарија. Таа чета ја крена „Виничката афера". Тие четници беа убаво вооружени, со берданки. Токму кога се случи Виничката афера, од Бугарија почнаа да праќаат оружје наменето за Малешевско. Оружјето минуваше преку Лешко - само кримки. На два пати поминаа 10 товари со по 16 пушки на коњ. На третиот пат не можеа да преминат; турците ги удрија куририте и им ги зедоа дури и коњите, кои другиот ден стопаните со по една бела меџжидија си ги зедоа во Џумаја од аскерот, кажувајќи им дека коњите им биле украдени. После тоа друга чета од 7 души во мај месец 1899 год. мина за Струмичко. Во таа чета беше Ефрем Чучков, кој сега е во Лџжене на пунктот; тој беше учител во Пехчево, кога се случи Виничката афера, а родум е од Штип. Во четата имаше и едно помаче, родум од Кресненско. Јас се зачудив и ги запрашав, како мофат да водат таков човек со нив; ми одговорија, дека тој помак (на 26-27 години) бил и во 1895 година со востаниците и дека бил „добро" момче. Позборував со помакот, кога по месечина ја испраќавме четата и помнам, дека тој меѓу другото ми ги кажа зборовите: „Не се впуштајте во авантури". После разбрав дека тој истиот помак предал две момчиња од истата чета, кои турците ги затворија во Скопје. Дури и нас не предал и куриерите и се.

Се заапознав со раководителите во околните села на Лешко. Бев неуискусен, млад, многу лошо живеев, сам живеев во училиштето. Селаните беа добри луѓе, подвижни, многу добри работници по делото. Особено курирот Николај беше добар, идеален момок. И сега си е таму работник. И чорбаџијата Китан беше добар човек, чесен и за делото помагаше. Тој беше многу измачуван минатата пролет кај Ѓурѓовден, измачуван до умирање и пак по сето тоа и сега помага. Сега во Лешко тој и Николај се столбовите. Поп Стоил е безопасен, страшлив човек.

Четата, што замина заедно со помакот, ми донесе порачка од комитетот во Софија (од Малешевски) да седам преку целото лето за да им се најдам на помош како на други организацииони чети, кои ќе минуваат, така исто и на некои ранети, кои можеби ќе минуваат за Бугарија. Четата, за којашто кажав, беше вооружена со манлихерки. Седев до 20 јули и кога видов дека нема такви чети, дојдов во Софија, се најдов со Делчев, кого што сум го видел уште како ученик во Солун и Кукуш. Тој се сметаше тогаш како прв човек на организацијата. Делчев ми соопшти, дека нема да минуваат такви чети и јас наскоро преку Дупница, кадешто му однесов некои весници и револвери на Малешевски, се вратив пак во Лешко и од таму - право преку Кресна за Солун, за да си завршам седми клас во гимназијата. Завршив во 1899/1900.

Тогаш во комитетот во Солун беа Татарчев, Матов и Пере Тошев. Со последниот повеќе се среќававме. Кога бев во шести клас, се покрстија до 21 ученик кои формираа таен револуционерен кружок. Си купивме револвери, да си ги имаме; собиравме членски влогови - даваа кој колку сака, по еден-два гроша и др. Собиравме и слободна помош. Дури на едно богато момче од пансионот му украдовме 6 лири, кога му испратија пари да си плати во пансионот. И тие пари се дадоа „во касата". Во Солун имаше еден кружок од кукушани, коишто внесуваа по еден грош во неделата; беа само ученици, без да бидат посветени во делото. Парите се собираа со цел да се купуваат револуционерни книги, коишто просто ги голтавме. Ја читавме „Под ропството", што ни направи силен впечаток; фразата на Боримечката „мајку му стара!" тргна низ населението, која до тогаш не беше употребена во Македонија. Во седми клас продолжив да се вбројувам во тајниот ученички кружок. Веќе многу влијаев како искусен деец, агитирав во VI и VII клас. Учител беше и Мартинов. Тогаш веќе водевме борба со учениците од гимназијата, кои припаѓаа кон „Братството", на кое целта им беше да се противдејствува на српската пропаганда. Тоа братство посветуваше ученици, кога им се кажуваше дека братството пак проследува револуционерни цели.

Кога дојде потполковникот Јанков во Солун, уште немаше такво братство и ние слободно си работевме. Колушев, Гарванов, Тенчев, Мишев не влегуваа во тајниот револуционерен комитет. Сум слушал, дека не ги примиле. Со нив беше и Ат. Наумов. Јанков барал од Дамјан Груев да ги дознае сметките на комитетот и што е извршено од комитетот до тогаш. Груев му кажал: “Јас имам место каде да давам такви сметки; Вие не сте ополномноштен од организацијата да ви ги откривам сметките на комитетот". Јанков, разлутен, доаѓа кај Колушев и веќе се отворени картите и се зафаќаат со Колушев и горенаведените да работат против комитетот. Јанков отиде во Костурско и од таму - во Бугарија. Од тука напишал меѓу другите и едно писмо до Колушев, кое што попадна во рацете на ученичкиот кружок. Јанков го испратил во еден хотел до анџијата, а пак овој го предал на еден ученик од Костур, Стефан Кузманов, член на нашиот ученички кружок. Тој го прочита пред некои другари, меѓу кои бев и јас. Тоа содржеше многу детински работи: „Зошто не ми одговараш? Што направивте? Работите ли веќе по она итн." Од писмото се разбираше, дека се договориле со Колушев и др. да организираат нешто како контра комитет и на таа идеја се должи „Братството". Наскоро по заминувањето на Јанков се формира “Братството" и веќе се започна борба меѓу нас и него. Во едно друго писмо Јанков пишуваше дека наскоро кабинетот ќе паднел и напролет ќе имало војна, ќе имало востание во Македонија. Навистина, кабинетот во Бугарија падна. Колушев тогаш му говорел на своите другари дека востание сигурно ќе има. Копии од тие писма се наоѓаат кај Пере Тошев. Често пати доаѓаше до големи жестоки судири меѓу нас, учениците, посветени на Внатрешната организација и учениците од Братството. Тие не следеа дури и кого покрстуваме и ние не еднаш сакавме дури да ги тепаме, за што баравме дозвола од Пере, но тој ни забрануваше, за да не се крене скандал итн.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik