Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!



 


Приоритетни проекти

1. Изработка на Мастер План за управување со отпадните води со динамика на изведба на ниво на Општина Сопиште


Во Општина Сопиште организирана фекална канализација е изведена на мала површина од зафатот на источниот дел на населбата Припор со ф 300 и две со ф 250, додека атмосферска канализација воопшто не постои. Тоа значи дека само околу 30% од жителите на Општина Сопиште се поврзани на јавниот канализационен систем. Отпадните води од домаќинствата, најчесто преку технички неадекватни канали, нужници и септички јами, одат директно во водните текови, во почвата, а во некои случаи изводните канали течат на отворени бразди по улиците и дворовите.

Фекалниот одвод е решен во секоја куќа индивидуално преку индивидуални септички јами во 40% и фекални јами (кај 60% од населението). Биолошкото оптеретување изнесува 54 гр/ж/ден односно вкупно БПК5 изнесува 270 мг/л. При користење на вода 200 л/ж/ден отпадна вода изнесува 0,97 л/сек, или 84096 л/ден. Според пресметката на потрошувачката на вода во домаќинствата, месечно се испушта 10м3 вода зимно време и околу 20м3 вода летно време во отворени реципиенти. Од овие параметри се наведува заклучок дека отпадните води од домаќинствата користени повеќе од 40 години ги загадуваат водотеците, почвата и подземните води во близината, што е и причина за загадување на животната средина и природата, зголемување на ризикот по здравје на луѓето и намалување на квалитетот на живеењето. Од медицинска гледна точка појавата на отворени фекални водотеци летно време се зголемува ризикот од појава на маларија, а последниве 2 години се појавуваат роеви на комарци, што би можело да доведе во иднина и до оваа болест, доколку не се спроведат мерки.

Атмосферската канализација, како и фекалната, не е организирана воопшто. Единствено постои атмосферска канализација со должина од 700 м во почетокот на општината од кај Кисела Вода. Атмосферските води од улиците, крововите и останатите површини во населбата слободно се испуштаат по теренот, бидејќи не постои соодведна атмосферска канализација која ќе врши собирање и евакуација на овие води. Според мислењето на 81% од жителите комуналната состојба на селата е несредена, а од нив 20% сметаат дека немањето канализација е причина за тоа.



Општа цел


Предлог проектот опфаќа итно градење на одвод на отпадните води со планирана канализациона мрежа поставена по предвидените улици и прочистување на отпадната вода со можност за нејзино искористување за земјоделството и стопанството.



Конкретна цел на проектот


Конкретната цел на овој предлог е да се изработи Мастер план за управување со отпадните води што ќе биде основа за понатамошната фазна изградба на канализационата мрежа во целата општина.

Овој Мастер план треба да опфати целосна анализа на можностите на општината за изградба на канализациона мрежа, потоа да ги одреди најиздржаните и најеколошко-економските решенија за систем за собирање и прочистување на отпадните комунални води, како и да постави фазен план за градење на мрежата во делови низ целата општина. Изработката на Мастер планот треба да биде во надлежност на стручно претпријатие, кое што ќе биде ангажирано од наша страна по пат на конкурс.



Потреби


1. Поради специфична конфигурација на теренот и изместеноста на објектите, Документот и членовите на тимот на ЛЕАП сугерираат предвидената канализациона мрежа на одреден потег да содржи пумпно построение за совладвување на денивелацијата на теренот;

2. Канализацијата што ќе се предвиди треба да е од армирани бетонски цевки;

3. Каналите за фекални води ќе одат покрај сообраќајниците, а главните канали ќе се протегаат на централните делови на населеното место за да се во функција на останатата канализациона мрежа;

4. Мрежата со санитарен канализационен систем потребно е да содржи посебни одводни канали за атмосферските води. Атмосферската канализација ќе се состои од канализација по сообраќајниците и ќе ги собира водите од крововите на куќите и од улиците за да се одведат во најблиските реципиенти;

5. Поради специфичното распоредување на селата во однос на далечината и теренот, ЛЕАП и членовите на тимот на проектот налагаат во Мастер планот да се опфатат можности за прочистување на отпадната вода пред нејзино испуштање во реципиентот, со тоа што може да има повеќе решенија. Имено на потегот на селата Припор-Сопиште, канализациониот систем ќе може да се реши со приклучување на мрежата во градската канализациона мрежа на Град Скопје. На потегот на селата Добри дол, Долно солње, населба Солње и Ракотинци, водите ќе се соберат во прочистителна станица и водата ќе се користи за земјоделството или како техничка вода. На потегот на селата Горно солње, Барово, Говрлево, Чифлик и Света петка, решението ќе биде со колектор и пречистителна станица за водата да се користи во земјоделски цели. Останатите села Јаболци, Брезница, Држилово и Патишка река може да имаат решенија за секое село посебно преку сепарирани колектори со пречистување и праќање во реципиент.



Досегашни чекори


Фекалниот одвод е решен во секоја куќа индивидуално преку индивидуални септички јами во 40% од населението односно во селата Сопиште, Припор и Ракотинци, како и преку фекални јами кај 60% од населението. Сепак денес не постои мрежно собирање на отпадните води, што укажува дека во општината е потребно 100% ангажирање на расположивите сили за изведба на овој зафат.



Фази на изведбата


1. Да се оформи тим во Општината за контрола на процесот и следење на активностите на извршителите, кој што воедно ќе биде надлежен и за следењето на конкурсот за прифаќање на изведувачите на Мастер планот и на теренските зафати;

2. Втор чекор е спроведување на јавен конкурс за ангажирање на Изработувач на Мастер планот. Конкурсот ќе биде координиран во соработка со ЕСП при Министерството за животна средина и природата;

3. Изработка на Мастер планот за цела општина, заедно со сите проектни задачи и планови потребни за теренска изведба на градењето на канализационата мрежа;

4. Поделба на Мастер планот на фази, за постепено спроведување на теренските работи. Имено во прва фаза би опфатил потегот на Припор-Сопиште, во втора фаза ќе се опфатат селата на потегот Соње - Света петка и во третата фаза ќе се изведе градењето на канализацијата на потегот на Јаболци - Патишка Река.



Резултати


Очекуваме во рок од 8 месеци да се изработи Мастер план за канализациона мрежа во Сопиште, а со тоа ќе се намали ризикот по деградирање на природата, ќе се подигне квалитетот на живеењето на луѓето, општината ќе излезе од категоријата на неразвиено подрачје и ќе се анулира ризикот по здравјето на населението.


|
проект 1 | проект 2 | проект 3 | проект 4 | проект 5 | проект 6 |

 




Општина Сопиште
тел/факс: (02) 274 3032
(02) 274 3031
~~~~~~~~~~~~~~~~
Советодавно Биро на Општина Сопиште
тел/факс:(02) 274 2292
~~~~~~~~~~~~~~~~
Еколошки Информативен Центар во Сопиште
тел/факс:

 

^ top ^

© 2003 Општина Сопиште, сите права задржани